Писмо од Јапонија

18.03.2011 12:57
Писмо од Јапонија

Поздрав до моето мило семејство и пријателите,

Најпрвин сакам да Ви се заблагодарам за Вашата грижа. Многу ме трогнавте. Исто така, сакам да се извинам поради тоа што на сите Ви праќам заедничко писмо, но тоа во моментов е најдобриот начин да Ви пратам порака.

Во Сендаи сега сè изгледа сосем надреално, но јас сум им благодарна на моите пријатели кои многу ми помагаат. Бидејќи мојот стан веќе не го користам, престојувам во куќата на една моја пријателка. Ги делиме намирниците, водата, храната и греалката. Спиеме заедно во една соба, јадеме при светлина од свеќи, си раскажуваме приказни едни на други. Атмосферата е топла, пријателска и прекрасна.

Во текот на денот си помагаме едни на други во чистењето на урнатините во нашите домови. Луѓето во своите автомобили гледаат вести на навигациските уреди или стојат во ред за питка вода кога таа е достапна. Доколку некој има вода во својот стан, поставува знак пред вратата за луѓето да можат да дојдат и да си наполнат во шишиња и канти.

Навистина сум зачудена, зашто овде каде што престојувам нема кражби, ниту туркање во редовите. Луѓето ги оставаат отворени влезните врати бидејќи така е побезбедно во случај на земјотрес. Тие често велат: „Еве, вака беше порано кога сите си помагавме едни на други“.

Земјторесите непрестајно се повторуваат. Минатата ноќ тресеа на секои 15 минути. Сирените постојано предупредуваат, а хеликоптерите често прелетуваат над нашите глави.

Минатата ноќ имавме вода на неколку часа, а сега почна да доаѓа и за време на денот. Струја добивме попладнево. Гасот сè уште не е регулиран. Но сето тоа се разликува од една населба до друга. Некои луѓе успеаја да спасат нешто од своите работи, други – не. Никој се нема избањато веќе неколку дена. Се чувствуваме валкано, но во моментов имаме поголеми грижи. Ми се допаѓа ова отфрлање на небитното. Живееме сосем инстинктивно, интуитивно, грижливо, бараме начин да го преживееме сево ова, не поединечно туку заеднички.

Овде се случуваат напоредни светови. Додека една куќа е целосно разурната, до неа стои друга со спрострени алишта кои се сушат на сонцето. Луѓето стојат во ред за вода и храна, додека од другата страна гледате луѓе како ги шетаат своите кучиња. И сето тоа се случува во исто време.

Овде се присутни и неочекуваните убавини, како што е тишината на ноќта. Нема коли. Никој не е на улиците. Ноќното небо е прелиено со ѕвезди. Порано ќе забележав една-две ѕвезди, а сега целото небо е исполнето со нив. Планините околу Сендаи се цврсти, па кога воздухот е чист можеме да ги видиме нивните силуети како величествено го допираат небото.

А Јапонците се толку прекрасни. Секој ден одам да ги проверам остатоците од мојот стан, од каде што ви ја праќам оваа е-порака, зашто ни ја пуштија струјата, и наоѓам храна и вода пред мојата влезна врата. Не знам кој ја ставил таму, ама таа си стои. Еден старец со зелен качкет оди од врата до врата, проверувајќи дали сите се во ред. Луѓето разговараат со странците, нудејќи им помош. Не гледам знаци на страв. Резигнација гледам, ама страв и паника – не.

Велат дека се очекуваат повратни удари во наредните месеци, па дури и уште поголеми земјотреси. Постојано чусвтвуваме тресење, дрмање, бука. За среќа, јас живеам во дел на Сендаи кој е малку поткренат, поцврст од останатите, па оваа област помина подобро од останатите. Минатата ноќ сопругот на мојата пријателка дојде од село и ни донесе храна и вода. Уште еден благослов.

Некако, во оваа ситуација и од конкретново искуство, сфаќам дека постои огромен космички еволутивен чекор кој токму сега се случува низ светот. И некако, додека ги проживувам сиве овие случувања во Јапонија, чувствувам како моето срце се отвора ширум. Брат ми ме праша дали се чувствувам малечка, безначајна поради нестаниве. Не се чувствувам. Повеќе се чувствувам како дел од нешто што е поголемо од мене. Овој начин на препород е тежок, но истовремено е и величествен.

Уште еднаш Ви благодарам за Вашата грижа и за Љубовта што ја чувствувате кон мене, и ви возвраќан исто толку Љубов на сите Вам,

Ваша Anne

Извор: protest.ba