1025 hPa
52 %
17 °C
Скопје - Нед, 08.03.2026 13:59

Самитот на Северноатлантската алијанса, одржан во средата во Хаг, покажа дека огромното мнозинство земји-членки, предводени од сервилниот генерален секретар на НАТО, Марк Руте, се обидуваат по секоја цена да му се допаднат на американскиот претседател Доналд Трамп, или да го придобијат и покрај очигледниот факт дека САД под сегашната администрација суштински не се заинтересирани за НАТО, односно за јакнење на оваа безбедносно-политичка организација.
Докази за игнорирањето има во изобилство, но има ли подобар од следниов: Трамп ги натера земјите членки да се обврзат дека во наредните десетина години ќе ја зголемат одбранбената потрошувачка на пет проценти од БДП на годишно ниво, но потоа изјави дека остварувањето на оваа цел не треба да се однесува на Америка. „Европа ќе плати висока цена, како што и треба, и тоа ќе биде вашата победа“, ја објави Трамп приватната порака што му ја испратил подлизуркото Руте.
Прифаќањето на обврската за петпроцентно издвојување за одбрана е плод на намерата на европските сојузнички држави да му се додворат на Трамп со цел САД да не се откажат целосно од НАТО, без оглед на тоа што станува збор за драстично зголемување на воените буџети и трошоците поврзани со одбраната: моментално просечното издвојување изнесува околу два проценти од БДП, при што Шпанија, на пример, е под 1,5 проценти.
Шпанскиот премиер Санчез, инаку, е единствениот што отворено се огради од обврската за пет проценти, иако меѓу учесниците на самитот во Хаг сигурно имаше уште некој – најблаго речено – скептичен кон стреловитиот раст на одбранбената потрошувачка. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ е еден од нив, но Милановиќ нема овластувања во креирањето на државниот буџет. „Хрватска е подготвена и има свој план како да ги достигне целните износи за одбранбени издвојувања договорени во рамки на НАТО, и во тоа гледа можност за зајакнување на својата економија“, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ.
.jpg)
Зошто Трамп инсистираше на енормно зголемување на воената потрошувачка за земјите членки на НАТО, ако всушност не го интересира тој тип сојуз? Основната причина е да се поттикнат европските земји на посериозно купување софистицирано и вртоглаво скапо американско оружје, а дополнителната корист – од перспектива на Трамп – би била евентуалното намалување на американското воено присуство на европско тло, што би значело заштеди во американскиот воен буџет.
Несомнено дека голем дел од илјадници и илјадници новооткриени милијарди евра од европските земји во наредните години ќе се прелеат на сметките на производителите на борбена опрема и системи во САД. Иако земјите од Европската унија се согласија, колку што е можно повеќе, да купуваат оружје произведено во ЕУ, јасно е дека Америка во рамки на НАТО речиси и да нема конкуренција кога станува збор за противвоздушни и противракетни системи земја-воздух, за ракетни системи со долг дострел, за балистички проектили со долги дострел, а донекаде и за борбената авијација.
Трамп нема да се воздржи од вршење притисок врз европските лидери веднаш да склучуваат договори за набавка на американски воени производи и уште повеќе да ги направи зависни од американската воена технологија. Петпроцентното трошење од БДП за одбрана е обична трговска уцена која, се разбира, ќе резултира и со тоа што армиите на земјите членки на НАТО ќе станат подобро опремени и посилни во однос на борбената техника. Проблемот со недостатокот на човечки кадар, пак, ќе биде потешко решлив, па затоа за него и се избегнува да се разговара.
Но, што е со политичкиот или доктринарниот аспект на Северноатлантскиот пакт? Од каде му се заканува опасност на НАТО, односно од каков можен напад и од кого се планира одбрана? До пред шест месеци, односно до преземањето на претседателската функција од страна на Трамп, НАТО – имајќи ја предвид агресијата на Русија врз Украина – ја најде смисолата на своето постоење во конфронтацијата со Москва и во подготвувањето за можен напад од таа насока на уште некоја земја членка на Алијансата.
.jpg)
Се смета ли Русија и понатаму за главна закана, особено во контекст на нескриените симпатии на Трамп кон Владимир Путин и неговите – засега не баш успешни – напори да воспостави дијалог со рускиот претседател за завршување на војната во Украина? Дали сега Кина е главна опасност? Или Иран? Каков, воопшто, е моменталниот став на САД кон членот 5 од Северноатлантскиот договор, членот што вели дека напад врз една членка подразбира воена вклученост на сите НАТО-држави?
Бегањето од одговор на овие основни прашања се камуфлира со молскавично вооружување и сè се сведува на обиди за додворување на Трамп со цел тој да се воздржи од понатамошно обезвреднување на НАТО, со надеж дека за три и пол години во Белата куќа ќе се всели некој со поголемо разбирање за северноатлантското сојузништво.
Дотогаш, европскиот дел на НАТО и Европската унија ќе бидат практично неспособни да артикулираат свое гледиште за новата безбедносна архитектура на светот, која нема да се заснова исклучиво на трупање оружје и слепо следење на Америка, туку и на миротворство, самобитност, соработка и политичко-дипломатско решавање на споровите помеѓу државите и народите. Очигледно, оваа генерација европски политичари нема капацитет за таков исчекор.
.jpg)
Карикатури: Andy Bunday
Извор: https://www.portalnovosti.com/