1009 hPa
24 %

36 °C
Скопје - Нед, 20.07.2025 14:59
Ако го отстраните Садам – Садмовиот режим – ви гарантирам дека тоа ќе има огромно позитивно влијание врз регионот – му порача во 2002-та година на американскиот Конгрес тогашниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху. Потоа, во 2003-тата година, „Коалицијата на волните“ изврши инвазија врз Ирак, користејќи ги како алиби лагите за оружјето за масовно уништување на Хусеин и бранот ентузијазам за политичка трансформација на Блискиот Исток.
Како последица на таа операција – од дистанца оценета како катастрофална – земјата потона во долготраен хаос кој однесе стотици илјади животи, ја породи џихадистичката „Исламска држава“ и ја дестабилизираше целата регија. Истражувачите од Универзитетот Браун пресметале дека американската „војна против тероризмот“, започната по 2001-та година, ширум светот – директно и индиректно – усмртила приближно четири милиони луѓе.
Ако забрзаме до сегашниот момент: Бенјамин Нетанјаху порачува дека израелските војни – кои вклучуваат масакр на десетици илјади палестински цивили – „стратешки го преобликуваат“ лицето на Блискиот Исток, и дека по победата во судирот со Иран „светот ќе биде подобро и побезбедно место“. Иако според Меѓународната агенција за атомска енергија Техеран не произведувал нуклеарна бомба, Израел со прокламирана цел да го спречи нејзиното создавање, на 13-ти јуни започна операција на масовно бомбардирање.
Во внимателно испланирана и вешто изведена акција иранската војска е обезглавена, а уништени или оштетени се низа воени, нуклеарни и цивилни цели. Но, според извештаите, меѓу стотиците убиени – повеќето се цивили. Откако Техеран возврати, Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп почнаа да зборуваат за „промена на режимот“ во Иран.
За среќа, изгледа дека од таа идеја засега нема ништо. САД на 22-ри јуни се приклучија на израелскиот напад и со 14-тонски бомби и крстосувачки ракети делумно ги разорија иранските нуклеарни постројки. Воено понижен и со уништена противвоздушна одбрана, Техеран реагираше со однапред најавено симболично ракетирање на американска база во Катар – чија цел очигледно беше да се испрати сигнал за желба за прекин на судирот, без јавна капитулација.
Потоа Трамп прогласи „вечно“ примирје меѓу Израел и Иран и предвиде дека двете земји нема да војуваат „никогаш повеќе“. Но, тоа е далеку од сигурно. За почеток, според мислењето на бројни експерти, операцијата на Тел Авив и Вашингтон е незаконска: Корнелиус Адебар од Германскиот институт за меѓународна политика (DGAP) пишува дека израелскиот напад претставува правен пресврт, а западниот „двоен морал“, кога се во прашање агресивните потези на неговите сојузници, „долгорочно повеќе придонесува за ерозија на меѓународниот поредок отколку отвореното кршење на правилата од страна на автократите“.
Натали Точи од угледниот италијански тинк-тенк Istituto Affari Internazionali вака ги сумираше настаните на социјалната мрежа Икс: „Нуклеарниот Израел/САД го напаѓаат Иран за да го спречат да направи нуклеарно оружје кое воопшто не го правел. Европејците повикуваат на дипломатија без да го осудат нападот што ја уби дипломатијата. Русија се противи на кршење на меѓународното право, додека самата прави далеку полоши нешта. Ситуацијата е сосема орвеловска.“
Поконкретните прашања се однесуваат на последиците од бомбардирањето врз иднината на иранската нуклеарна програма и врз самиот Иран. И покрај помпезните изјави на Трамп дека нападите „целосно ги уништиле“ нуклеарните постројки, Одбранбено-разузнавачката агенција на Пентагон (ДИА) проценува дека тоа не е точно и дека особено постројката Фордо – вкопана во планинскиот венец Загрос – не е разрушена.
И додека ДИА смета дека со неодамнешниот напад иранската нуклеарна програма е забавена само за неколку месеци, експертите за непролиферација предупредуваат дека Иран и понатаму располага со сите неопходни елементи: 400 килограми високообогатен ураниум, IR-6 центрифуги, како и – покрај убиствата на научници – знаење.
Џејмс М. Актон од Фондацијата Карнеги пишува дека Техеран за само неколку недели би можел да збогати ураниум до ниво потребно за изработка на оружје, а притоа тоа би барало далеку поскромна постројка од нападнатите Натанц или Фордо – постројка која би можела многу полесно да се сокрие.
Дизајнот на бомбата и изработката на компонентите за нејзино „испорачување“ би траеле, во најдобар случај, можеби една година – или неколку месеци, доколку Иран веќе има подготвена тајна постројка. Дури и ако ново бомбардирање ги уништи сите центрифуги и ураниумот, Иран, благодарение на стекнатото знаење, за неколку години би можел да ја обнови целата програма.
„Што ни кажува фактот дека две од најсјајните воени операции во поновата историја не успеаја да ја елиминираат иранската нуклеарна програма? Тоа е доказ дека таа тактичка брилијантност можеби е ставена во служба на непромислена стратегија“, напиша на платформата Икс, Џефри Луис, уште еден угледен експерт за непролиферација. „Ако овој напад го остави актуелниот режим, или нешто слично нему, на власт и во посед на нуклеарна опција, тогаш станува збор за стратешко промашување“, додаде тој.
Обид за промена на власта однадвор, во земја со 90 милиони жители и бројни вооружени сили кои – ако се суди според историјата – веројатно би се бореле жестоко, а притоа и во земја што зафаќа 1,65 милиони квадратни километри и е енергетска суперсила, би значел незамислива регионална и глобална катастрофа.
Што се однесува до можноста за внатрешно уривање, според истражувањата, репресивната иранска власт ужива поддршка од само околу 20 проценти од населението. Вистина е и дека студиите покажуваат дека војните во раната фаза најчесто ги зацврстуваат авторитарните режими, но откако ќе се зацврстат, придонесуваат за нивно распаѓање. Сепак, аналитичарите посочуваат дека организирана политичка опозиција не постои. Иако Исламската Република во моментов е многу кревка, во Иран во оваа фаза не постои ниту расцеп помеѓу владејачките елити, ниту масовно опозициско движење.
Истражувањата покажуваат и дека колапсот на авторитарните режими во помалку од една четвртина од случаите води кон демократија, а шансата за тоа е уште помала кога е резултат на надворешни интервенции. Големи се шансите дека актуелниот режим, во случај на распад, би бил заменет со уште порепресивен, уште поантизападно и одмаздољубиво ориентиран.
Иран е земја со длабоки трауми од западниот империјализам – од британско-руските/советски окупации во Првата и Втората светска војна, преку соборувањето на демократски избраниот премиер Мохамед Мосадек во режија на ЦИА и Ми6 во 1953-тата година, па сè до американската поддршка на освојувачкиот поход на Хусеин врз Иран во 1980-тата година. Новиот режим во Техеран во 1979-тата година, заедно со власта, ја презеде и нуклеарната програма на шахот, кој доби двојна улога.
Стана симбол на националните стремежи за независност од странските сили и ограничените резерви на фосилни горива, а воедно служеше и како средство за одвраќање од напад, алатка за меѓународно маневрирање, средство преку кое може да се постигне укинување на санкциите и добивање економска помош.
Така Иран изминативе децении работеше на тоа да биде способен во најкраток рок да изработи нуклеарно оружје – без да го изработи навистина. Но, последното бомбардирање јасно ги покажа границите на таквата стратегија и може лесно да ја поттикне иранската власт – сегашна или идна – да донесе конечна одлука за изработка на бомба како единствена гаранција за безбедност и независност.
Прашање е какви адути ќе имаат САД и Израел во тој случај. Ќе го бомбардираат ли Иран секоја година – слично на „косењето трева“ во Газа, но во многу поголеми размери? За апсурдот да биде поголем, според некои проценки, Фордо може да се уништи само со тактичко нуклеарно оружје. Историчарите Вилијам Кливленд и Мартин Бантон наведуваат дека американското сериско бомбардирање на Ирак во 1990-тите било симптом на „банкротирана политика која со сила ја заменила дипломатијата“, додека инвазијата во 2003-тата година ги илустрирала границите на примената на сила за остварување надворешнополитички цели.
Слично важи и за сегашната ситуација. Споменатите експерти Актон и Луис истакнуваат дека договорот на Иран со Обама – JCPOA – дури и според неговите критичари, ја ограничувал иранската нуклеарна програма во следните десет до петнаесет години, значително повеќе од последното бомбардирање. Но тој не им одговараше на Трамп и Нетанјаху. Сè уште не е јасно што точно Трамп има намера да прави и во кој правец ќе продолжат преговорите со Иран.
Сепак, доколку Иран – тајно или јавно, бидејќи иранскиот парламент најави повлекување од Договорот за непролиферација – пристапи кон изработка на бомба, САД за најмногу неколку години ќе се најдат во ќорсокак во кој самите ќе се доведат кога Трамп непромислено ќе одлучи да го нападне Иран.
Тој не е првиот американски претседател кој Нетанјаху го придобил за погубни потези, но кај повеќето предизвикал иритација со своите уцени и ароганција. Уште Бил Клинтон во 1996-тата година, според сведоци, по средбата со Нетанјаху извикал: „Што си замислува овој? Кој е тука ебаната суперсила?“. Триесет години подоцна, изгледа дека ебаната суперсила уште еднаш жестоко промаши.
Карикатури: Ramón Díaz Yanes
Извор: https://www.portalnovosti.com/