Необјаснивост

18.03.2011 13:14
Необјаснивост

Дождот го следеа молскавици и громови. Во тоа време, ноќни птици испилени од огнено јајце го гонеа ѓаволот над надојдениот Вардар.
Еден патник неочекувано слета со својата сребрено-сина кола од лизгав пат, за среќа, не во бездна туку во мека нива со детелина, и тогаш тресна со гради во воланот. Преживеа. Остана при свест. Додека седеше згугуравен во колата, напати погледнуваше кон стаклото пред воланот. Наеднаш му се стори дека очите се одвојуваат од него и ја истражуваат ноќта надвор од колата. Се сепна. За да знае дека не е слеп, ги вклучи фаровите. Во густината на дождот, светлоста откри човечка фигура. Се згрчи. Се препозна себе си пред колата, неподвижен, жолт како никотин на палец. Побрза да ги згасне фаровите. Остана соѕидан во мрак. Со претпазливо движење ги провери вратите – беа затворени.
Тоа само ми се стори, мислеше. Не можам да сум во колава и во исто време да сум подалеку од себе.
Не, не, не, продолжуваше со логика да и’ се спротивставува на апсурдноста, сега под дожд, згрчен, со прашање кој е оној во колата. Јас ли? се прашуваше. И пак, од колата: Јас ли сум оној надвор? Од обете страни сфати дека е на две места.
Три молскавици пред гром. Сега тој се виде себе си неподвижен под дожд и се виде уште еднаш во колата. Заспа на две места.

Славко Јаневски (1920-2000) е истакнат македонски раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Автор е на многуброjни книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија. Неговиот роман "Селото зад седумте јасени" 1952 е првиот роман објавен на македонски јазик. Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се:: Наградата АВНОЈ (1968); Наградата „11 Октомври“; потоа на СВП; 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание и Наградата Мирослав Крлежа. Добитник е на две златни арени за сценарио, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и "Македонскиот дел од пеколот" (1974) на филмскиот фестивал во Пула.

Во 1947 година Славко Јаневски, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле, го формираа во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броеше 7 члена. Потоа Јаневски беше и претседател на Друштвото.

Јаневски беше член на Македонскиот ПЕН центар, а членуваше во МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.

Расказот „Необјаснивост“ е преземен од неговата книга раскази „Зад тајната врата“ од 1993 г.

ОкоБоли главаВицФото