1009 hPa
24 %

36 °C
Скопје - Нед, 20.07.2025 14:59
„Неочекувано“, Ана Мовска, „Арс Либрис“
Пет години откако групата „Полис“ го издаде својот албум Синхроницитет, Дојранското езеро пресуши. Додека Стинг пееше за длабочината на темното шкотско езеро, нешто се смени во длабочината на Дојранското Езеро. Полжавите, школките, црвите и алгите кои спокојно си живееја во езерото почнаа да изумираат. Заменските езерски соеви станаа потоксични и синџирот на исхрана се измени. Се чинеше дека Грците не се вознемирија многу од таа промена. Од авион се гледа дека тие имаат многу езера и веројатно ова е само едно малечко, незначително езерце. Тоа што во езерото до 1988 година имало 257 фитопланктонски видови веројатно ги интересира само биолозите. Четиринаесет години подоцна, со систем на цевки, езерото повторно се наполни со вода. Но, мртвите видови и натаму си останаа мртви.
Откако изумреле многу од ендемските видови, сино - зелените алги почнале да разраснуваат и да цветаат. Не се вистински алги, всушност се цијанобактерии што заличуваат на алги кога се намножуваат. Тешки метали, пестициди и отрови, содржи пресудата за изумрените видови. Но, сино - зелените се тие што преживуваат. Нешто се случувало со азотот и фосфорот околу нив и тие станале главните смрдливи жители на езерото.
Како и сите смрдливци низ еволуцијата, така и сино-зелените не биле секогаш лоши. Тие се најстарите организми на Земјата и помогнале да настане многу кислород во атмосферата. Ги споредуваат со богот Јанус – се сеќавате, оној што имаше две лица. Дволичноста е докажано добра за преживувањето.
И така, малите сино –зелени првично скромно се појавуваа во научните списанија и полека се вовлекуваа во маалските муабети. Освен смрдливоста и грдиот изглед, маалските хроничари не можеа да дадат многу дообјаснувања за нив, но беа уверени дека не се добри за здравјето и дека пливањето во езерото треба да се избегнува. И додека овде, освен повремени научни трудови, затскриени од очите на јавноста и повремени муабети со кафе, немаше јавни сознанија за алгите. Националниот здравствен систем во Шкотска издаде соопштение дека граѓаните не треба да влегуваат во езерото ако забележат премногу сино –зелени алги на површината на водата. Затоа што се отровни и за луѓето и за животните.
Со истиот став кон научните сознанија што овде се негувал со децении, а тоа е дека науката е воодушевувачка, ама неприменлива во секојдневниот живот, пливањето во Дојранското Езеро си продолжи на задоволството на гостите.
Пресушувањето на езерото си се урамнотежи со пополнувањето на езерото со вода и сите си беа задоволни. Затоа што туристите си доаѓаа и си одеа, науката си остануваше далеку, а сино - зелените и онака си постоеле од многу одамна, поединечни или заедно со седиментни карпи, и сѐ си се врати во обичноста на секојдневието.
***
„По корените на мајка ѝ“, Марија Моневска, „Ројал Арт“
Кога се најде пред амбасадорот во Американската амбасада за меѓудржавна соработка со Македонија, инсистираше:
-Ве молам, обезбедете ми детектив од Македонија, што добро го владее англискиот јазик.
Амбасадорот изненаден ја праша:
-Зошто од Македонија? Нели е подобро, детектив од Америка што го познава македонскиот јазик.
-Не е исто- кратко рече Џејн- Ве молам!
-Во ред. Ќе Ве известиме- беа завршните зборови на амбасадорот, без да ја праша, која е причината за ова барање.
Деновите споро минеа, се претвораа во вечност. На секое ѕвонење на телефонот, се тргнуваше, очекувајќи дека повикот е од амбасадата. Ќе се разочараше кога ќе видеше некој друг број. Живееше како во сон, како да не е таа. Работите ги извршуваше махинално. Во клиниката, колегите беа изненадени кога поголем дел од работата им ја препушти на нив. Досега таа ригорозно инсистираше во сѐ да е присутна. „Што се случува?“, си шепкаа меѓу себе. Во својата ординација одеше повеќе, за да најде спокој и да размислува. Понекогаш ќе прегледаше некое детенце што ѝ беше пациент уште од бебенце и не можеше да му одолее. Со пријателите и пријателките престана да излегува. На браќата не им кажа ништо.
Помина еден месец. Песимизмот сѐ повеќе ја зафаќаше но, вербата не ја губеше. Едно попладне додека беше во својата ординација, мобилниот телефон ѝ заѕвони. Таа незаинтересирано, не го ни погледна бројот, само рече:
-Ало, овде доктор Џејн, повелете!
Од другата страна слушна:
„Госпоѓо, се јавуваме од амбасадата, ќе Ве поврзам со амбасадорот.
-Да, секако, секако –испаничено викна, плашејќи се да не се прекине врската и скокна на нозе.
-Добар ден госпоѓо- до увото ѝ допре гласот на амбасадорот –да Ве известам дека најдовме детектив, мислам дека ќе ги задоволи Вашите критериуми. Таа збунета, молчеше.
-Госпоѓо Џејн, ме слушате ли?
-Да, да. Каде е човекот?
-Полека, смирете се. Тоа не оди така едноставно. Првин, ако Вие прифатете, ќе дојде во амбасадата и ќе се сретнете. Тој е во Македонија како што баравте Вие, па знаете за да дојде во Америка...
-Џејн го прекина:
-Се разбира, амбасадоре, ги покривам трошоците за престој во Њујорк и повратниот билет за авион.
Целата трепереше. Животот е чуден. Довчерашната д-р Џејн, храбра, самостојна жена на која сите се восхитуваа или завидуваа, сега трепери како сув лист на гранка.Дамарите биеја, во нив наместо проклетата „нечиста крв“, се лизгаа полноглавци, рипчиња и што ти не. И го поматуваа разумот.
Го стегна поцврсто во рака мобилниот телефон и колку можеше со смирен глас рече:
-Ве молам, резервирајте го што поскоро авионскиот билет.
-Стрпете се, сѐ што треба ќе сториме. Тоа не оди веднаш така. Ќе потрае неколку денови, па можно е и цела седмица.
Тој не знаеше што значат деновите за Џејн, па дури и часовите. Но, тоа е, што е.
-Во ред. Ве молам сторете сѐ што треба и известете ме кога ќе дојде човекот - беа завршните зборови на Џејн, дури не успеа да каже „догледање“ или „благодарам“. Не ѝ беше дојдено до куртоазното однесување.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.