1018 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Чет, 19.02.2026 01:27

Под мотото „Кожуф не го даваме“, активисти, еколошки здруженија и граѓани од Гевгелија, Демир Капија, Велес и други градови од јужниот регион деновиве кампуваат на месноста Смрдлива Вода во знак на протест против изградбата на две мали хидроцентрали на реката Дошница, која тече низ недопрената природа на планината Кожуф.
Издадената дозвола од Општина Кавадарци кон крајот на минатата година предизвика сериозен еколошки аларм и отпор кај жителите на регионот. Тие предупредуваат дека со реализацијата на проектите ќе се уништи еден од највредните водни ресурси во Македонија – Дошница, како и биодиверзитетот во околината.
„Дошница е река што нѐ снабдува со вода сите нас – од Гевгелија, Кавадарци, Неготино, Росоман до Демир Капија. Ако ја ставите во цевки, ќе ја уништите не само реката туку и нашиот живот“, изјави Марина Томова од здружението Changemakers4All, повратник од Холандија која останала во татковината за, како што рече, да се бори за здрава животна средина за својот син.
Протестите се одржуваат секојдневно со блокади на пристапните патишта, а главниот собир се одржа кај Смрдлива Вода, каде активистите порачаа дека се подготвени да останат на терен сè додека багерите не се повлечат.
Градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров, е единствениот локален функционер кој јавно изрази поддршка за протестот. Тој изјави дека економската исплатливост на малите хидроцентрали не може да се спореди со штетата што ја прават врз природата и најави дека ќе поднесе официјално барање до Собранието за заштита на сливот на Дошница.
Присутните активисти остро го критикуваа законодавниот и институционалниот систем, обвинувајќи дека законите се менувале за да се погодуваат приватни интереси. Според Кире Незиров од Велес, профитот од хидроцентралите оди кај поединци, додека сметките за струја на граѓаните растат, а штетата врз реките останува трајна.
„Сакаат да го соголат Кожуф, да му ги пресечат вените и да си направат кеш набрзина – ама ние не се предаваме!“, порача еден од говорниците.
Активистите најавуваат и правна битка и веќе се во комуникација со домашни и меѓународни организации, подготвени да поднесат тужби и иницијативи за стопирање на изградбата. Бараат итно повлекување на дозволите, јавна расправа и ревизија на сите досегашни концесии за водните ресурси на Кожуф.
Дошница, која извира длабоко во пазувите на планината, веќе еднаш беше спасена од слична закана во 2017 година. Граѓаните сега се подготвени повторно да ја одбранат – со шатор, со збор и, ако треба, со правна битка.