Конго – шанса за мир

01.07.2025 00:52
Конго – шанса за мир

Додека на Блискиот Исток постојано се заканува понатамошна ескалација, еден друг конфликт можеби се наоѓа пред завршување. Претставници на Руанда и Демократска Република Конго на 18-ти јуни во Вашингтон парафираа нацрт на мировен договор што треба да обезбеди крај на неколкумесечната посредничка војна на границата помеѓу двете земји.

Конечниот мировен договор треба да биде потпишан во присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио. Уште пред неколку месеци ситуацијата на терен не му одеше во прилог на конгоанското раководство: бунтовниците од движењето М23 штотуку ги имаа заземено Гома и Букаву – главните градови на провинциите Северно и Јужно Киву, на истокот од земјата – а конгоанската војска беше во распаѓање.

Движењето М23 дејствуваше (а и сè уште дејствува) како продолжена рака на соседна Руанда, која уште од 1990-тите се обидува да го зајакне своето влијание во источно Конго. Иако властите во Кигали тоа го негираат, од крајот на 2024-тата година во Конго се присутни и единици на редовната руандска војска.

Од февруари до денес, М23 со помош на Руанда завладеа со уште некои делови од Северен и Јужен Киву. Во вакуумот што настана по распадот на конгоанските вооружени сили, борбата против бунтовниците во голема мера ја презеде лабавата коалиција на локални милиции позната како Вазалендо.

Иако Вазалендо номинално ја поддржува владата на конгоанскиот претседател Феликс Чисекеди, зајакнувањето на невладините милиции само го потврди колапсот на државните институции на истокот од оваа голема африканска земја. По неколку неуспешни обиди организирани од соседни африкански држави, првиот конкретен чекор кон мир се случи во средината на март.

Во главниот град на Катар, Доха, тогаш се сретнаа конгоанскиот претседател Феликс Чисекеди и руандскиот претседател Пол Кагаме. Еден месец подоцна, на 24-ти април, движењето М23 се согласи на примирје со конгоанската влада, а веќе следниот ден министрите за надворешни работи на Руанда и ДР Конго го потврдија формалниот почеток на мировните преговори, кои конечно беа завршени во средината на јуни.

Судирите во источно Конго траат речиси непрекинато од крајот на руандскиот геноцид во 1994-тата година. Голем број извршители – екстремисти од народот Хуту – пребегаа во ДР Конго откако беа поразени од силите на Кагаме во Руанда. Екстремистите Хуту го користеа источно Конго како база за прекугранични напади, што во 1996-тата година ја поттикна Руанда на директна воена интервенција.

Во двете големи конгоански војни што следуваа помеѓу 1996-тата и 2003-тата година загинаа околу пет милиони луѓе, а источно Конго беше трајно дестабилизирано. Милициите на Хуту сè уште не се целосно уништени и руандската влада и денес ги користи како изговор за нови воени интервенции во ДР Конго.

Втората, а веројатно и најважна причина за судирите во источно Конго се богатите рудни ресурси во регионот. Северен и Јужен Киву изобилуваат со злато и дијаманти, но и со метали како тантал, кобалт и калај, кои се неопходни за производство на современа електронска опрема. Затоа не изненадува што САД се вклучија во мировните преговори дури откако властите во Киншаса почнаа да им нудат полесен пристап до рударскиот сектор на американски компании – сектор што досега беше речиси целосно доминиран од Кина.

Антикинески ориентираната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп сосема очекувано ја прифати понудата и ја презеде улогата на посредник. Европската унија, која во 2024-тата година потпиша меморандум со Руанда за искористување на ресурсите, главно се држеше настрана – со значаен исклучок на Белгија, со која Руанда ги прекина дипломатските односи во март.

Ако сè оди според планот, најновата рунда на судири во источен Конго треба да заврши до почетокот на јули. Повеќе од десет илјади загинати и речиси еден милион раселени се трагичниот биланс на уште една војна од која на крајот ќе профитира западниот капитал.

Карикатури: Markus Grolik

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото