Антиродовите движења како илиберално граѓанско општество

30.04.2025 20:07
Анти-родовите движења како илиберално граѓанско општество

 Антиродовите движења се зародија во времето на ковид-кризата и оттогаш ги зајакнуваат своите редови и стратегии оформувајќи се како контра-движење. Антагонизмот кој го предизвикуваат, замаглен од неретко конфузни наративи, е заправо борба за освојување на општествениот авторитет за дефинирање на општествените наративи, структура и релации. Во овој текст, анти-родовите ќе ги разгледаме низ призма на нивно толкување како дел од илибералното граѓанско општество. Сметам дека ваквиот аналитички пристап придонесува кон развој на поцврсти феминистички стратегии на отпор, додека истовремено недвосмислено ја дефинира пошироко идеолошки заземената страна наспроти либералните граѓански тенденции.    

ШТО Е ИЛИБЕРАЛНО ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО?

Граѓанското општество (ГО) се дефинира како сегментот што постои како сврзувачко ткиво помеѓу владините институции и граѓаните. Тој сегмент од општеството се состои од доброволни организирања и активности на граѓаните преку кои тие политички се артикулираат, надвор од обврската на изборно гласање, а со кои ги адресираат социјалните, политичките, економските и еколошките проблеми со кои се соочуваат. Тие активности се наоѓаат помеѓу, и надвор од, државата, семејството и економското производство.(1) „Граѓанското општество често се гледа како систем составен од невладини организации, волонтерски организации и организации од приватниот сектор кои работат независно и самостојно кон општествените интереси и заедничкото добро“.(2) Базирано на западната рационалистичка традиција и политичка култура, тоа по дефиниција се поврзува со процесот на демократизација, а понатаму и со политичката отчетност, еднаквоста и еднаквите можности, уставноста, одржливоста, човековите права. Централниот елемент на ваквата, прогресивна, концепција е критиката на државната моќ, поради што ГО се сфаќа како антитеза на тоталитарните тенденции. Ова, според Бронислав Геремек, „се однесува дури и на [оној дел од граѓанското општество] што ги избегува директните политички активности, а се фокусира повеќе на образованието, размената на информации и мислења или на заштитата на основните интереси на одредена група – дури и тоа има огромен анти-тоталитарен потенцијал“.(3) 

Во литературата сепак се среќава проблемот на дефинирање што е а што не е граѓанско општество. Критериуми кои во различни анализи се користат за оваа цел се: позицијата на ГО наспроти државата; целите на ГО; опфатот на интереси, (не)користењето на насилни методи итн., и сите тие можат да бидат променливи во рамки на даден контекст и дадена единка на ГО. Во таа смисла, се јавува и проблемот на дефинирање на т.н. „неграѓанско“, односно, илиберално граѓанско општество (ИГО). Во овој сегмент спаѓа дијапазонот на здружувања кои се анти-либерални и анти-демократски, но се артикулираат во истиот јавен простор помеѓу граѓаните и државата. За границата помеѓу ГО и ИГО не постои консензус – дали едното и другото се целосно раздвоени, дали имаат преклопувања, дали едното се состои во другото. Додека некои автори одредувачката карактеристика на ГО ја гледаат во залагањето за либералните вредности „толеранцијата и пред се, препознавањето на Другиот“(4), Муде гледа теориска неконзистентност во таквиот пристап кој го дозволува исклучувањето од ГО на организациите од поинаква идеолошка провиниенција. Затоа, Кас Муде и Петр Копеки го застапуваат толкувањето на ГО во неутрални термини: „примарно (...) како хетерогена, многу флуидна сфера на здружувања и организации.“(5)

Аргумент за тоа е и дека историски, некои организации биле вбројувани во една или во друга група во зависност од променливиот општествен контекст. На пример, националистичкото движење во Словачка во 1990/92 било опишувано како „лошо“, но слични организации во 1989 биле опишувани како „добри“. Ова не се должи на промена во организацијата која континуирано се борела за национална независност, туку на промена на опонентот, во случајов различно ориентираните режими во државата.(6) Слично, женски организации кои во `90-ите се бореле за правата на жените на лева или либерална основа, честопати во денешниот контекст, во кој постојат поинакви теориски и практични разбирања за феминизмот, може да се означат како илиберални поради стереотипните и дискриминирачки ставови за квир (ЛГБТ+) популацијата. Понатаму, во рамки на истата организација може да постојат разнолики активности на спектарот на ГО до ИГО. Воедно, влијанието на ГО не може а приори да се одреди како позитивно, како што и ИГО не секогаш е негативно.

Иако најчесто идеолошки се противат на демократските постулати, ИГО сепак придонесуваат кон зголемување на граѓанската партиципативност во политичкото одлучување. Впечатливо е дека ИГО често се базира на грас-рутс мобилизирање, па така, на многу начини може да се сметаат за поавтентички претставници на граѓаните. Наспроти тоа, честа критика кон ГО е дека немаат таква широка основа со која директно го мерат пулсот на заедницата, туку функционираат како затворени единици кои „најмногу, ако не и ексклузивно, имаат контакт со своите Западни донатори“, со што стануваат повеќе дел од „нова глобална професионална средна класа, отколку од опресираните групи и прогресивните општествени движења“.(7) На крајот, овие две сфери можат и да се обединат и да соработуваат во заедничка борба кон повисока цел, за што се пример тековните студентски протести во Србија, кои се составени од групи, некои од кои идеолошки се дијаметрално различни.

Конечно, недоволно истражена тема во литературата е начинот на кој подемот на ИГО е предвесник и го трасира патот за илибералните политички режими преку постепено обликување на допустлив контекст и мобилизирање на граѓаните. Гресковиц во својата студија на улогата на стратегиите и тактиките на граѓанските организации (8) кои придонеле за изборниот успех на Орбан во 2010 година, покажува како тие преку редица општествени, културни и религиски настани го консолидирале колективниот идентитет. Таквото грас-рутс мобилизирање создава поцврста основа за кревање и одржување на илибералниот режим отколку фактори како харизмата на лидерот, изборните активности и сл.

Феноменот на илибералното граѓанско општество во овој текст ќе го разгледуваме низ примерот на анти-родовото движење во Македонија.  

ШТО СЕ АНТИРОДОВИТЕ ДВИЖЕЊА?

Анти-родовите движења се зародија во времето на ковид-кризата и оттогаш ги зајакнуваат своите редови и стратегии оформувајќи се како контра-движење. Овие организации промовираат патријархални, хетеронормативни и хомонегативни ставови, преку: дискриминаторски однос кон ЛГБТК+ (квир) заедницата залагајќи се за укинување или намалување на нивните права; традиционалистички сфаќања и политики за семејството на сметка на женските права; контрола над телесната автономија на жените и транс луѓето; регресивни сфаќања за општествената структура сфатена како нација и за позиционираноста на жените во него. Визијата на анти-родовите движења е да ја задржат патријархалната хегемонија, кој по својата дефиниција подразбира опресирање на одредени идентитетски категории. Тие тактички предизвикуваат морална паника која е привремен феномен, но е врзана за долгорочна општествена анксиозност[9], и таа надградувајќи се, креира услови за воведување се поопресивни политики за Другите, малцинствата, кои се сфатени како закана за општеството. Со други зборови, тие веруваат дека, со зборовите на крајно-десничарскиот автор Рено Ками, „Граѓанството постои само под услов да постои и неграѓанство“[10] – поента која иронично одговара на теориското разгледување на ГО/ИГО во претходната глава -  што им дава за право да се борат за максимално зголемување на разликите.

Притоа, важно е дека антиродовите движења се длабоко вкоренети во истрајно несигурниот општествен контект. Цветковиќ, Величковска и Димитров ова движење го толкуваат како рефлекс или дури смислен одговор кој е резултат на „живееното искуство на дислоцираност предизвикана од социо-политичката и економска криза поттикната од неолибералната рационалност, скршените политички ветувања и експлоатацијата, кои ги разорија хоризонтите на разбирливост на сопствената структурна позиција во општеството.“[11] Имено, анти-родовите и десничарските движења го инструментализираат насобраното незадоволство поради истрајната нееднаквост во национални и глобални рамки предизвикани од неолиберализмот и потфрлањето на претставничката демократија, во правец на радикална реорганизација на односите на моќ. Ова, комбинирано со фрустрирачката меѓународна позиција на Македонија во однос на ЕУ, ја прави ранлива на анти-западни и евроскептични наративи кои се централна тема на анти-родовите движења. Разните легитимни стравови колективно се подведуваат под терминот род како „празен означувач“. 

Важен фактор во овој контекст на анализа на граѓанските антиродови здружувања е влијанието што Шарената револуција го имаше врз македоскиот општествен контекст, според Цветковиќ, Величковска и Димитров.[12] Шарената револуција предизвика политичко поместување кое ги создаде основите за создавање на разни граѓански мобилизации, па и за антиродовите движења. Разочарувањето што потоа следуваше од Шарената револуција која ги изневери очекувањата создаде политичка апатија, разочараност и гнев помеѓу граѓаните, што е плодна почва за илиберални тендеции, кои од своја страна прават „жртвени јагниња“ од одредени групи.

Иако се појавија во последниве 5-6 години, ваквите настојувања имаат своја историја многу наназад, во регресивните политики за женските права. Во контекст на поновата историја, релевантен фактор се националистичките мобилизации во 80-ите и војните во 90-ите. Притоа, во Србија кога започнала националистичката мобилизација кон крајот на 80тите, првите кои реагирале биле феминистките. За феминизмот уште од `90-тите постои неповолна институционално-културна клима: „овде феминизмот во `90-ите е гледан како антидржавен (...) проект, во таа смисла феминистките се повеќе гледани како непријателки (...) отколку што се гледани како некакви луди жени кои сакаат некакви женски права.“ Политиките кои ги поддржуваат женските и ЛГБТ правата се донесени повеќе поради притисокот од ЕУ, (со снажен ангажман од феминистките) отколку што доаѓале од самиот општествен контекст т.е. тие имале функционална улога: „се работи за тактичка европеизација - фасада за надворешниот свет.[13]  

 

 

КРАТОК ПРЕГЛЕД НА АНТИРОДОВОТО ДВИЖЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА

Зачетоци на анти-родовото движење се јавуваа уште во 2019 година, кога 19 граѓански здруженија и неформални групи обединети во „Сојузот за живот“ потпишаа „Декларација за заштита на бракот и семејството“, со која изразија неприфаќање на „родовата идеологија во воспитувањето и образованието на децата“. Во 2020 година, поттикнати од реформите што ги предвидуваше новата Концепција за основно образование, тие се интензивираа, и започнаа мобилизација под фразите: „заштита на децата“, „зачувување на семејството“, „биологија/природа/нормално“. Во 2021 година и Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ширеше дезинформации за „родовата идеологија“. 

Два закони се централни теми на кои се противи ова движење - Законот за реформи во образованието кој предвидува воведување на аспектот на родово-сензитивно образование на сите нивоа и воведување на предмет сеопфатно сексуално образование за повисоките одделенија; и измените во Законот за матична евиденција кои треба да ја олеснат правната промена на родот, за кој анти-родовите движења своевремено директно влијаеја да се повлече од парламентарна процедура. Двата закони се сметаат за чекори во процесот на „општествен инженеринг“ преку идеолошко индоктринирање на децата и репресија врз граѓаните со цел „бришење на половите разлики“ и модифицирање на перцепцијата на „објективната реалност“. Важно е дека толкувањата што анти-родовите ги даваат на спорните закони се косат со човековите права и правата на малцинствата, и лажно е тврдењето дека тие го ограничуваат правото на слобода на говор, иако епископот Јаков Стобиски изјавува: „ние не сме против никого, особено не против остварувањето нечии права. Протестираме за тоа што е спорно во законите, сметаме дека сериозна реализација можеби ќе придонесе за поголемо остварување на нечии права, поединци, но тоа сериозно би ги загрозило правата на мнозинствата, или на 99 проценти од населението во Македонија.“[14] Дополнително, според едно соопштение на Платформата за родова еднаквост, Црквата, како еден од главните ентитети на АРД, шири дезинформации за статистички податоци и за фактичкиот статус на Законите, што Платформата го оценува како „мешање на Црквата во овие предлог-законски решенија [што е] директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот“.[15]   

Антиродовото движење својот залет го зема во 2022 година, т.е по започнувањето на руската агресија врз Украина, по што се засили руската дезинформациска пропаганда на Балканот, од што антиродовите организации бенефитираа и се оснажија, со оглед дека дека се идеолошки блиски до Русија. Хомофобијата, трансфобијата и анти-родовите и анти-западните наративи се клучни состојки на про-руските дезинформациски кампањи. Поранешниот претседател Пендаровски во една своја изјава сподели дека Агенцијата за разузнавање и други институции откриле дека високи лица на МПЦ соработуваат со руски служби[16]; ова за жал, беше сензационалистички објавено од медиумите, а не и употребено како индикација за анализа на тогашните тековни настани поврзани со АРД. Најочигледната „руска врска“ се гледа кај партијата „Родина“, чии претставници се најистурените промотори на АРД во рамки на „Коалицијата за заштита на децата“, и кои ги поддржуваат на своите канали. Во една емисија, лидерот на партијата Родина го претставува Путин како бранител на општеството, семејството и Бог, загрозени од Западот: „И Владимир Путин го менуваше рускиот устав за да ја зацементира позицијата на мажот, жената, семејството и Бог, гледајќи каква сила доаѓа наваму, бранејќи го општеството.“[17] „Коалицијата за заштита на децата“ се воспостави после мобилизацијата против донесувањето на Законите, и во неа членуваат 38 ентитети, најголем дел граѓански организации, но и политички партии, верски групи, хуманитарни организации и неформални иницијативи. Таа потекна од четири групи кои беа активни на социјалните мрежи: „Преземи одговорност“, „Од нас за нас“, „Учебници и настава мора да има“ и „Да го зачуваме бракот и семејството“.

Анти-родовите движења во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и во регионот ги преземаат наративите едни од други. Голем дел од идеите од други земји се шират по социјалните мрежи, а потоа и по медиумите кои некритички а понекогаш и тенденциозно ги пренесуваат. Особено влијанието од анти-родовото движење во Хрватска е големо, така што кога нешто ќе се случи во Хрватска, прашање на време е кога тоа ќе се прелее во Србија или во Босна и Херцеговина и ќе се примени локално. Случаи на регионална соработка се забележливи кога граѓани патуваат во друга земја за да дадат поддршка на некој настан. Постојат и случаи на високи функционери кои присуствуваат на регионални настани со присуство на анти-родови застапници, или кои градат релации со држави познати по своите анти-родови политики. Секако, на глобално ниво, видливо е преземањето на идеите и наративите на крајната десница од Америка и од Европа. Значи, транснационалната соработка помеѓу одделните антиродови движења на национално ниво е евидентна преку преземените наративи и стратегии на делување, преку контакти на меѓународни настани, но и преку каналите на финансирање. Имено, според анализа на European Parliamentary Forum for Sexual and Reproductive Rights (EPF) во соработка со Committee on Women’s Rights and Gender Equality (FEMM) и Special Committee on Foreign Interference in all Democratic Processes in the European Union, including Disinformation (INGE), се детектира дека: Во европскиот регион биле потрошени над 702 милиони долари за антиродови активности во изминатите десет години, со три важни географски извори на ова финансирање - Европските земји (извор на 60% од финансиите), Руската Федерација и САД од приватни организации и фондации, не од нивните влади.[18]   

СТРАТЕГИИ НА АНТИРОДОВИТЕ ДВИЖЕЊА

Во 2024 година коалицијата организации противници на родовата еднаквост започнаа караван настани со кој со месеци ја обиколуваа Македонија. Ова беше и е дел од нивната стратегија да го заземат јавниот простор и јавните ресурси со цел да ја пропагираат својата агенда. Оваа серија настани ја организираа често во соработка со локални организации, поединци или дури и со општините. Иако во Скопје, кајшто има силно феминистичко движење, одзивот беше мал, некои од помалите градови се истакнаа со својата поддршка. Меѓу нив, Струмица се прослави како главно жариште на анти-родовите движења и тоа беше првиот пункт на локална самоуправа кој широко ги отвори вратите за интересите на овие групи. Случајот на Струмица е случај на оформување на цел мал екосистем на лица истрајни во своето конзервативно и селективно толкување на концептот на човекови права и граѓанска еднаквост. Како резултат на склучените сојузи и интерната поддршка, општината ја смени воспоставената терминологија во општинските документи од „родова еднаквост“ во „еднакви можности меѓу мажите и жените“, а општинските службеници се зафатија и со дефинирање на поимите маж и жена. Овој пример го следеа уште 12 други општини со што анти-родовото движење почна да ги пушта своите гранки во државните структури на моќ. Преку инпутирањето во локалните единици тоа гради политички капитал со кој се приближува кон повисоките нивоа на власт. Освен активноста на социјалните мрежи, стратегиите за мобилизирање вклучуваат протести, петиции, јавни трибини, проекции на филмови и застапувачки активности. Притоа, ваквите настани имаат важна улога бидејќи претставуваат простори за социјализација.

Во борбата за хегемонија антиродовите актери ја следат една од клучните стратегии, плурализмот. Притоа, тие немаат проблем да склучуваат чисто опортунистички партнерства и соработки, без притоа да ги интересираат (фундаменталните или други) принципи, вредности и ставови на актерите кои, здружувајќи се со нив, ги легитимизираат. Во таа смисла, во релевантната теорија која се бави со анти-родовите движења, терминот род е разобличен како „симболичен лепак“[19] кој, во неговото спротивставување, го овозможува амалгамирањето на разновидни општествени групи и движења кои не секогаш биле подготвени да соработуваат меѓусебно – конзервативците, радикалните десничари, религиските лица, фундаменталистичките групи.[20] Па така, анти-родовите движења во Македонија се здружуваат со Црквата и со здруженија кои се застапуваат за религиски цели, и со (помали) радикално десничарски партии а против либерално-левите. Притоа, вреди да се забележи дека кадровската и организациска поврзаност на анти-родовите движења и со Црквата и со актери на сцената на радикалната десница е веќе идентификувана/документирана.[21]

На пример, на 5 мај 2023 година лидерите на пет верски заедници (МПЦ, ИБЗ, скопскиот бискуп, Евангелско-методиситичката црква и Еврејската заедница, а подоцна кон оваа група се приклучи и Српската православна црква во Македонија) објавија заедничко соооштение во однос на предлог-законите за матична евиденција и за родова еднаквост, во кое тврдат дека овие закони се неприфатливи и конфузни во разделувањето на термините пол, род и родов идентитет, па така „отвораат можност за дискриминација токму на најранливите – жените и децата“. Интересен е случајот што го забележува Трајановски во еден текст, дека во јуни 2023 година, периодот кога беше објавено соопштението на верските организации во кое ја напаѓаат Истанбулската конвеција, пристигна и веста дека ЕУ ја ратификуваше Конвенцијата, додека во медиумите доминираа настапите на верските лидери.[22]  Претставниците на Црквата во изминативе две-три години имаа доста видливост и беа некритички пренесувани од повеќето медиуми. Заправо, како главен актер во ова движење се истакна епископот на МПЦ Јаков Стобиски. Во 2023 Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека епископот Јаков Стобиски има извршено дискриминација врз основа на сексуална ориентација во областа на јавното информирање и медиуми, меѓутоа, тој одби да се извини, а и покрај барањето на КСЗД да се воздржи од јавни настапи, во наредните денови по бројни медиуми некритички беа објавувани негови изјави од јавни настапи и интервјуа [23] Здружувањето на невладините и неформалните антиродови движења со Црквата значително ја зголеми нивната видливост. Во Србија ситуацијата е слична – и таму СПЦ се јавува како особено моќен мобилизирачки фактор, не само поради нејзината културолошка позиционираност како есенцијална институција во се уште силно традиционалистичкото српско општество, туку и поради нејзината стратешка позиционираност во политичкиот контекст и преклопувањето со одредени општествени наративи, како национализмот. „СПЦ отсекогаш била блиска до владејачката елита и никогаш отворено не се конфронтирала со неа.“[24] 

Во однос на здружувањето со популистичката и радикалната десница како стратегија на делување, терминот род е употребуван како чадор-термин под кој се подразбираат спектар прашања кои десницата ги поврзува со потфрлањето на демократската репрезентација.[25] Анти-родовите движења и десницата/десничарскиот популизам секако не треба да се поистоветуваат бидејќи се работи за историски различни проекти.[26] Но, анти-родовите движења, кои сами по себе не се идеологија, ги помагаат десничарските идеологии со тоа што поттикнуваат поделба во општественото ткиво, настојувајќи да ги исклучат или ограничат Другите (жените, ЛГБТ, транс-лицата, мигрантите) од/во општествениот систем, предизвикуваат нестабилност и потикнуваат несигурност и емоции на страв и форми на агресија кај граѓаните. Анти-ЕУ сентиментите се многу видливи во анти-родовата реторика. Тие т.н. „родова идеологија“ ја сметаат за глобален заговор наметнат од елитите на Западот и Европската Унија кои целат да го разорат и ослабат општеството токму преку таргетирањето на неговата основна единка, семејството: „Во јавни настапи [во Босна и Херцеговина] ЕУ-скептицизмот и анти-родовите наративи често одат заедно.“[27] Притоа, влијателните десничарски лидери како Орбан, Путин и Вучиќ се сметаат за бранители на националните интереси. Еден од главните фактори за анти-родовото движење во Србија се силните националистички сентименти помеѓу населението. Националистичкиот и анти-родовиот дискурс меѓусебно се помагаат во промовирањето на традиционалните вредности и на затвореноста на заедницата, а нивните гласноговорници неретко се преклопуваат. Постои силно патријархална средина „која ни власта ни медиумите немаат желба да ја променат, туку ја интензивираат.“[28] Притоа, активистите сметаат дека просторот за јавна дискусија за важните општествени прашања во Србија е силно ограничен.[29]

Од аспект на профилирањето како движење, наспроти нивната национална и транснационална поврзаност, димензијата на грас-рут движење која ја нагласуваат анти-родовите како извор на својот граѓански легитимитет е потентна во повеќе насоки. Занимлив во таа смисла е ангажманот што го вложуваат во политичка еманципација на своите членови. На пример, преку каналите на социјалните мрежи тие споделуваат упатства и охрабрувања како родителите самите да реагираат доколку во училиштата на нивните деца се воведуват елементи на родова сензитивност. За разлика од невладини организации кои ја преземаат улогата на пунктови за застапување, оваа стратегија на анти-родовите која делумно произлегува од нивниот недостаток на човечки и финансиски капацитети, се покажува како корисна во зајакнување на капацитетите на нивното членство. Со презентацијата на ваквата „граѓанска автентичност“ во организирањето, тие се поставуваат како контрапункт на перципираните „граѓански елити“. Локалната грас-рутс поддршка беше важна во организацијата на погоре споменатите локални настани во општините, каде локалните индивидуи беа и активни учесници.

Антиродовите движења се во отворена и агресивна борба против делот од граѓанското општество кое се залага за правата на жените и квир популацијата. Феминистичките барања за препознавање и за позитивни системски истапувања во смисла на проширување на слободите и правата се толкувани дека радикално ќе ги ограничат слободите и правата на „обичниот народ“ (дефиниран во популистички димензии) до степен на опресија. „Накратко, тоа што антиродовите движења сакаат да го направат преку портретирање на сите форми на активизам како дел од она што го нарекуваат родова идеологија, е штетно по демократските стандарди бидејќи се обидува да ги избрише елементите од феминистичката борба поврзани со учеството на жените во јавната сфера, антикапиталистичкиот потенцијал на феминизмот итн. Во тие обиди за дезинформирање, антиродовото движење ја ограничува јавната дебата во насока на анимозитет, нетрпеливост и повикува на политичко насилство кое не дозволува постоење на категориите граѓани кои според нив се надвор од стандардите на хетеронормативно општество.“[30] Целокупниот наратив на антиродовите е во правец на задржување на статус-квото и дефинирање на овие напори преку акции со негативен предзнак - одземање, негирање, забранување, ограничување. Во тој контекст неретки се и нападите и демонизирањето на претставниците на феминистичкото движење, особено врз неговите највидливи претставници – борци за човекови права.  

АНТИРОДОВОТО КАКО ИЛИБЕРАЛНО ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО

Во претставената анализа на структурата, стратегиите и наративите на антиродовото движење јасно се видливи карактеристиките кои го категоризираат како дел од илибералното граѓанско општество. Овој увид е важен да се интегрира во теорискиот и практичниот пристап на феминистичките граѓански организации со цел да развијат соодветни стратегии на отпор. Долго време од страна на феминистички теоретичарки се инсистираше на терминот „антиродови мобилизации“ наместо „антиродово движење“ со цел да се потенцира перципираниот недостаток на структурност и истрајност во здружувањето кон јасна општествена кауза која ја подразбира терминот „општествено движење“, додека антиродовите се сметаше дека се активираат само поттикнати од конкретни настани - донесувањето на некој од контроверзните закони, на пример. Овој термин се користеше (и се користи) предолго откако стана јасно дека анти-родовите не се само повремена импровизирана реакција на мала група граѓани, и одбивањето да се увиди нивната реална позиционираност не помогна во борбата против него, напротив.

Понатаму, отпорот да се прифати дека анти-родовите позиции се искрен и автентичен израз на дел од граѓаните во нашето општество, не помага во разбирањето и реагирањето на таквите тенденции. Од една страна, динамиката на ГО и ИГО го потенцира јавниот простор како арена за пребивање на различните визии за заедничкото општество. Од друга страна, контекстуализацијата во рамки на ИГО јасно го става АРД во релација со други илиберални тенденции, и придонесува кон разобличување на неговото само-идентификување преку кооптирањето на либералните категории како што е јазикот на човековите права. Со други зборови, признавањето дека постои како граѓанска тенденција придонесува кон развој на поцврсти стратегии на отпор, а истовремено недвосмислено ја дефинира пошироко идеолошки заземената страна.  





[1]

Mudde, C., Koprcky, P. Uncivil Society? Contentious Politics in Post-Communist Europe, Routledge, 15

 

[2]

Adjibolosoo, С., Developing Civil Society: Social Order and Human Factors, Ashgate, 2006, 64

 

[3]

Mudde, C., Kopеcky, P. Uncivil Society? Contentious Politics in Post-Communist Europe, Routledge, 4

[4]

Rucht цитиран во The other civil society: digital media and grassroots illiberalism in Bulgaria

[5]

Mudde, C., Kopеcky, P. Uncivil Society? Contentious Politics in Post-Communist Europe, Routledge

[6]

Mudde, C., Kopеcky, P. Uncivil Society? Contentious Politics in Post-Communist Europe, Routledge, 157

[7]

Mudde, C., Kopеcky, P. Uncivil Society? Contentious Politics in Post-Communist Europe, Routledge, 159

 

[8]

Greskovits , B. Rebuilding the Hungarian right through conquering civil society: the Civic Circles Movement, in EAST EUROPEAN POLITICS, 2020

 

[9]

Eszter Kováts, Maari Põim, Gender as symbolic glue Editors: Eszter Kováts, Maari Põim: THE POSITION AND ROLE OF CONSERVATIVE AND FAR RIGHT PARTIES IN THE ANTI-GENDER MOBILIZATIONS IN EUROPE, FEPS – Foundation for European Progressive Studies, 2015, 32

 

 

[10]

Така пишуваше Рено Ками, француски писател близок со Национален Фронт, за исламдката имиграција која според него се закануваше да ја замени француската култура, во „Le Grand Remplacement

 

[11]

Dimitrov, S.,  Velichkovska, M.,  Cvetkovic,I., The Old New: Anti-Gender Mobilizations in North Macedonia, 2025

 

[12]

Dimitrov, S.,  Velichkovska, M.,  Cvetkovic,I., The Old New: Anti-Gender Mobilizations in North Macedonia, 2025

[13]

Увид од интервју со феминистичка активистка во Србија спроведено во мај 2024

[14]

Достапно на: https://360stepeni.mk/video-mpts-oa-spornite-predlog-zakoni-ovozmozhuvaat-prava-na-odredeni-litsa-no-ke-gi-zagrozat-na-99-otsto-drugi/

[15]

Достапно на: https://meta.mk/reakcii-i-osuda-na-povikot-za-protest-na-mpc/

[16]

Достапно на: https://nezavisen.mk/pendarovski-imame-informacii-deka-lugje-od-mpc-biznis-zaednicata-i-partiite-sorabotuvaat-so-ruski-sluzhbi/

[17]

Родински разговори 30.06.2023, цитирано во Трајановски, Сарачини, Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост, Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје , 59

[18]

Миленковска, С., Како Антиродовите движења ја уназадуваат состојбата на родовата еднаквост и борбата против родово базирано насилство, Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство, 2022

[19]

Термин на Eszter Kováts i Maari Põim во Gender as symbolic glue Editors: Eszter Kováts, Maari Põim: THE POSITION AND ROLE OF CONSERVATIVE AND FAR RIGHT PARTIES IN THE ANTI-GENDER MOBILIZATIONS IN EUROPE, FEPS – Foundation for European Progressive Studies, 2015

[20]

WERONIKA GRZEBALSKA, ESZTER KOVÁTS AND ANDREA PETŐ, Gender as symbolic glue: how ‘gender’ became an umbrella term for the rejection of the (neo)liberal order, Political Critique, 2017
url: https://politicalcritique.org/long-read/2017/gender-as-symbolic-glue-how-gender-became-an-umbrella-term-for-the-rejection-of-the-neoliberal-order/

[21]

Види во: Трајановски, Сарачини, Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост, Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје ,

[22]

Трајановски, Сарачини, Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост, Институт за медиуми и аналитика ИМА Скопје ,

[23]

Цветковиќ, Величковска, Кој се плаши од родот, Коалиција Маргини, 2022

[24]

Увид од интерву со активистки од Србија спроведено во мај 2024

[25]

WERONIKA GRZEBALSKA, ESZTER KOVÁTS AND ANDREA PETŐ, Gender as symbolic glue: how ‘gender’ became an umbrella term for the rejection of the (neo)liberal order, Political Critique, 2017

[26]

Roman Kuhar, “Rodna ideologija” je prazni označitelj koji drži na okupu različite interesne skupine, interviewed by Tihana Bertek, Vox Feminae, 2017 url: https://voxfeminae.net/pravednost/rodna-ideologija-je-prazni-oznacitelj-koji-drzi-na-okupu-razlicite-interesne-skupine-2/

[27]

Увид од интервју со феминистичка активистка во БиХ спроведено во мај 2024

[28]

Увид од интервју со феминистичка активистка во Србија спроведено во мај 2024

[29]

Увид од интервју со феминистичка активистка во Србија спроведено во мај 2024

 

ОкоБоли главаВицФото