1027 hPa
75 %
5 °C
Скопје - Нед, 14.12.2025 13:59

Овој текст ќе ги разгледа миграциските политики и наративи промовирани од радикално-десничарските партии, како носечка фиксација на нивната идеологија. Одбивноста и демонизирањето на Другоста е најпрепознатливата одредница на радикалната десница во Европа, но таа низ времето, со промената на општествено-политичките околности ги менувала своите пораки и таргет-групи. Наративите за исламските мигранти кои се закануваат да ја освојат Европа станува особено разорен после мигрантската криза во 2015 година. Оттаму, овде ќе се задржиме на анализа на политиките и наративите на радикално-десничарските партии во поново време, а како студија на случај ќе ја користиме партијата Национален Фронт во Франција, која од дел од истражувачите е гледана како модел за современата радикална партија.[1]
Што е радикалната десница?
Терминот крајна десница (far-right) е чадор-поим за повеќе групи на идеолошкиот спектар, кои меѓусебно се преклопуваат и преплетуваат, не само во однос на ставовите и туку во членството и следбеништвото. Крајната десница ги покрива и радикалната и екстремната десница, кои меѓусебно се разликуваат според својот однос спрема демократијата, според Кас Муде. Додека екстремистите фундаментално се противат на демократијата (демократијата дефинирана минимално како народен суверенитет и владеење на мнозинството), радикалните десничари ја прифаќаат, но се противат на вредностите на либералната демократија, особено на малцинските права и на плурализмот. Со други зборови, радикалците се противат на либералната верзија на демократијата која сметаат дека ја попречува појавата на, нивната, „вистинска демократија“.[2]
Истражувачите се согласуваат дека клучниот концепт на кој се базира идеологијата на сите радикално десни партии е концептот на нацијата. Национализмот на радикалната десница се разликува од оној на главнотековната десница по својот радикализам, по својата опсесивност со доминацијата на главната етничка група и копнежот по целосно хомогени нации и држави. Во таа смисла, нејзиниот национализам спаѓа под групата екстремна верзија на конзервативен национализам[3], според категоризацијата на Хејвуд.[4] Кас Муде нуди минимум дефиниција за групата радикално десни партии, спојувајќи ги феномените на национализмот и ксенофобијата во единствениот термин нативизам, кој го смета за поефикасен за разграничување на оваа од полибералните форми на национализам: „нативизмот е идеологија спроед која државите треба да биде населени исклучиво од членови на родната група (нацијата) и дека не-родните елементи (лица и идеи) се суштински заканувачки за хомогената нација-држава“.[5] Максималната дефиниција би ги сочинувала следниве елементи: национализам, ксенофобија, велфер шовинизам и закон и ред.[6] За радикалната десница препознатливи се манихејскиот поглед на свет (добро наспроти лошо, во кое Другиот е демонизиран); внатрешната група е дефинирана преку надворешната група, дотолку што карактеристиките на надворешната група можат да бидат многу појасно исцртани од оние на внатрешната група. Притоа, вреди да се напомене дека и внатрешната и надворешната група се општествени конструкти.
Бидејќи етничкиот национализам е централен концепт на радикалната десница без кој таа не би имала стабилна вкотвеност[7], тој е особено изразен кога е перципиран дека е под закана. Според радикалните (вклучително и пошироко, конзервативните) десничари, едно стабилно општество е „природна“ заедница втемелена во територијата, јазикот, митологизираната историја, религијата и традицијата, а секое мешање со општества од поинаква провениенција, вклучително и внатрешните малцински заедници, треба строго да се ограничи. Идеалното општество за радикалните десничари е етнократијата, во која идентитетските димензии се сфатени како монолитни и неменливи. Нејзината програма може да се набљудува како одговор на ерозијата на системот на етно-национална доминација[8] па оттаму потекнува популистичката критика кон либералните и леви партии кои со допуштањето и поттикнувањето на мултикултурализмот и интернационализмот го потиснуваат националниот идентитет – во судирот на овие две манихејски сфатени категории е идентификуван главниот конфликт. Национализмот е носечкиот концепт на радикалната десница, и останатите карактеристики како расизмот, ксенофобијата и силната држава може да се сметаат како алатки во негова поддршка. Од 1980-ите овие концепти се помеко манифестирани со цел задржување на пореспектабилен статус во јавноста.
Корисно да се спомене и концептот на пост-фашизмот на Енцо Траверсо. Тој, признавајќи ги очигледните фашистички карактеристики и наклонетости кои истрајуваат и денес кај радикалната десница, нив ги преобмислува во современиот контекст, во кој тие се изменети и прилагодени да одговорат на новите надворешни фактори и изменети потреби на граѓаните. Дополнитено, иако современата десница зазема поинаква форма во одделните земји кајшто се појавува, нема двоумење кога зборуваме за фашистичките синхроницитети. Енцо Траверсо го воспоставува поимот пост-фашизам со цел да ја покаже трансисториската поврзаност и континуитет на денешните фашистички движења со оние помеѓу двете светски војни, но кои делуваат во сосем поинаков контекст и преку поинакви методи. Постфашизмот дава глас на групите кои се чувствуваат прогонети во сопствената земја, кои не се препознаваат во светот околу нив кој се менува. Компарирајќи ги старите и новите тенденции, Траверсо увидува дека ако фашизмот трагаше да донесе нов свет, пост-фашизмот решенијата ги бара во враќањето кон минатото. Нему веќе не му е цел да освојува туку да прогонува; не мегаломански да покорува надворешни пространства туку да се бори против внатрешниот непријател, да отфрла (ова под влијание на концептот на етноплурализмот на француската „нова десница“ кој се фокусира на различноста и одвоеноста на културните заедници). Во новиот контекст, националната заедница веќе не се комуницира во расни, културни или религиски термини, туку во смисла на отпор против заканата од глобализацијата.[9] Другиот се’ уште е неопходно да постои, но кон него се дава отпор преку присвојување на реториката на човековите права. Траверсо забележува: „Бидејќи комунизмот исчезна и социјалдемократијата се приспособи на нормите на неолибералното управување, радикалната десница стекна еден вид монопол над критиката на ‘системот’, без да има потреба да се покаже како субверзивна.“[10] Постфашизмот меша разни, честопати контрадикторни политички филозофии, конфузен е и нестабилен. Дел од овие стратегии ќе бидат видливи и во анализата на случајот на францускиот Национален Фронт.
.png)
Миграциите и радикалната десница
Потребата да се заштити национализмот како клучен принцип на постоење не само на заедницата, туку и на индивидуата, го прави прашањето на имиграцијата главниот, жестоко бранет темел на десничарската идеологија. Презирот кон имиграцијата е единствениот програмски проблем кој е заеднички за сите радикално десничарски партии.[11] Фигурата на имигрантот кој влегува во земјата илегално, одбива да се интегрира и да ја почитува домицилната култура, криминално делува, одбива да работи и ги црпи ресурсите од државата на благосостојба е конструирана и промовирана независно од објективните факти и цели на чувствата на безбедност и правичност на гласачите. Заправо, анти-имиграциските сентименти во истражувањата во повеќето земји се истакнуваат како најважната причина за гласачите на радикалната десница и ова е повеќе поврзано со социо-културните отколку со социо-економските причини. Со други зборови, граѓаните се приемчиви за анти-имиграциските наративи поради повисокото вреднување на вредностите, културата и идентитетот, додека во однос на социо-економските политики нема драматични разлики помеѓу партиите на идеолошкиот спектар, што довело до нивно деполитизирање. Централноста на прашањето на имиграцијата после бегалската криза од 2015 година овозможила крајно-десничарскиот пристап кон имиграцијата да добива се` поголема поддршка низ ЕУ. Уште повеќе, и партиите што се идентификуваат како поумерено десни, увидувајќи го се` поголемиот интерес за прашањето, постепено кооптираат порестриктивен однос кон имиграцијата со цел да им се додворат на гласачите, на тој начин легитимизирајќи ги политиките на радикалната десница.
Велфер шовинизмот (шовинизам во однос на социјалните политики) е едно од важните точки на радикалната десница. Таа ја искористува и ја шири истрајната слика за мигрантите како „гребачи за социјална помош“ (имигрантите, бегалците, барачите на азил) кои претерано и дрско ги користат социјалните бенефиции без „да покажат благодарност за тоа“. Ова е проширено со верувањето дека имигрантите добиваат предност и во останатите разни аспекти на општественото живеење – работа во државен сектор, образование и тн. Оттаму, радикалната десница се залага за рестрикции или укинување на социјалната помош за имигрантите, во прилог на автохтоните граѓани. Државата на благосостојба е лесна мета за радикалната десница бидејќи токму се заснова на дистинкцијата членови/нечленови и е ранлива на меѓународните флуктуации. Наспроти таквите тврдења, повеќето истражувања покажуваат дека од макроекономски аспект мигрантската работна сила воoбичаено предизвикува позитивен нето-ефект врз економијата на земјата-домаќин.[12]
Со оглед дека еден од главните непријатели за радикалната десница е елитата (која е одредена како непријател внатре и во нацијата и во државата, според дефинирањето на Кас Муде[13]), таа се смета за главен виновник за масовната имиграција. Елитата, составена од левичарските партии, синдикатите, големите бизниси, ја форсираат имиграцијата на сметка на интересите на нацијата, со цел да ги остварат сопствените интереси. Во Европа клучен елемент на елитата е Европската Унија (ЕУ), што повлекува кон ова да се надоврзе и евроскептицизмот поради ставот дека ЕУ е премногу допустлива и дарежлива со либералните имиграциски политики кои притоа присилно им ги наметнува на националните држави. Тенденцијата на радикалната десница е да се залага за национален суверенитет во кој ќе има целосна автономија на одлучување, ослободена од тоталитарното владеење на ЕУ т.е. нејзиното инсистирање на супра-национализмот. Враќањето на националниот суверенитет на етнички чистите нации ќе го возобнови и некогашното златно минато на тие земји.
Како најстрашниот вид имигрант се кристализираше онаа на муслиманот, окарактеризиран како радикален исламист кој има за цел целата Европа да ја претвори во калифат или „Евроарабија“. Интересно е дека иако дискриминацијата на „дојденците“ воопшто секогаш била одлика на радикалната десница, анти-исламизмот не секогаш бил во нејзиниот центар туку само дел од дијапазонот на непријатели. Тој го зема својот залет особено после 9/11 во САД, но уште од 1980-ите го втемелуваат францускиот Национален Фронт и по нивен пример и Влаамс Беланг во Белгија. Отпорот кон муслиманите освен како кон културен и религиски Друг добива уште една димензија во функција на одбрана на либералната Европа, популаризирано преку трактатот на холандскиот политичар Пим Фортијн „Против исламизацијата на холандската култура“ во 1997, а теоријата за „Големата замена“ која ја развива Рено Ками во истоимената книга објавена во 2011 година чија основна теза е дека муслиманите поради нивната повисока стапка на раѓање постепено ќе ги заменат староседелните Европјани е централната теорија на заговор која ја јакне десничарската културна хегемонија. Интересно е дека токму преку исламофобијата овие партии се претставуваат себеси како бранители на либералната демократија и нејзините слободи, кои инаку биле секундарни во нивната агенда.[14]
Пред муслиманот да се мејнстримизира како олицетворението на непријателот, тој статус го имаа Евреите. Иако е ова контроверзна споредба, интересно е да се земе предвид, бидејќи и двата примера го нормализираат резултатот од векови наталожени предрасуди. Енцо Траверсо во есејот „Исламофобија: Новиот западњачки расизам“ ја споредува современата исламофобија со анти-семитизмот во Германија од крајот на 19 век: „Во овој случај, анти-семитизмот ја играл улогата на ‘културен код’ што им дозволил на Германците негативно да ја дефинираат националната свест, во една земја обременета од брзата модернизација и од концентрацијата на Евреите во големите градови, кајшто тие биле најдинамичната група. Со други зборови, Германецот пред се’ бил не-Евреин. На сличен начин, денешниот Ислам станува културен код за пронаоѓање на негативната демаркација“ на националниот идентитет под закана од глобализацијата.[15]
Силите на радикалната десница целат да ги мобилизираат масите. Тие повикуваат на национално будење и бараат покренување против корумпираните елити владеени од глобалниот капитализам и кои се одговорни за политиките кои ги отвориле европските земји за неконтролирана имиграција и „исламска инвазија“.
.jpg)
Анти-имиграциските политики на францускиот Национален Фронт
Национален Фронт (НФ) е првата радикално десничарска партија која експлицитно повлекла линија помеѓу намалените стапки на раѓање и имиграцијата.[16] „НФ е опишана како ‘прототип на Новата радикална десница’, илустрација на ‘победничка формула’ која комбинира ‘привлечност кон жесток државен авторитет и патернализам со поддршка на пазарниот капитализам во економијата’“.[17] Таа е настаната како политичка констелација на милитантното движење Ordre Nouveau (Нов Поредок) во 1972 со цел да ги обедините разединетите елементи на француската радикална десница во тоа време, под водство на Жан-Мари Ле Пен. После повеќе неуспешни изборни излегувања, постигнува напредок во 1981 година кога се обединува со умерената десница, а на европските избори во 1984 конечно се пробива помеѓу гласачите. После неколку подеми и падови, вклучително и внатрешниот раскол кој резултирал во откинување на огромна фракција од партијата, на чело застанува Марин Ле Пен која продолжува да ја води ФН во забрзан раст. Во центарот на нејзиниот пристап за ревитализација на ФН стои идејата за де-демонизација: ослободување од етикетата на расистичка, анти-семитска и екстремистичка партија. Ова, меѓутоа, главно се операционализира преку забранување на анти-семитизмот во редовите на партијата, а не и преку забранување за дискриминација на Исламот или на имиграцијата. Марин проценила дека анти-семитизмот е единствениот елемент што им е неприфатлив на гласачите, и продолжува да го стигматизира Исламот (и оној на мигрантите и оној помеѓу француските граѓани) во име на демократијата, претставувајќи го како закана за жените и за Евреите. Структурата на мотивациите на гласачите на ФН различно се перципирале низ времето: во времето на Жан Мари Ле Пен се сметале за поксенофобично придвижувани, додека во времето на Марин Ле Пен како повеќе загрижени за социјалните проблеми, иако нивните политики суштински не се сменети, туку само начинот на кој ги комуницираат/врамуваат.
Бидејќи идејата за „нула имиграција“ промовирана од Жан-Мари Ле Пен како и залагањето за целосна асимилација на имигрантите со текот на времето станало општествено неприфатливо, ФН започнала да се залага за процесот на интеграција на имигрантите. Според нив, недоволната контрола на имиграцијата довела до „невозможноста“ за асимилација на странците во Франција. Ставот на ФН е дека францускиот народ е во „парадоксалната ситуација“ во која му е одземен суверенитетот да решава кој може а кој не може да се населува на неговата територија, а дека тоа обликување на француската држава е целосно префрлено во рацете на имигрантите. Имигрантите, велат, ја добиваат оваа моќ преку злоупотребување на правата на азил, семејно обединување и преку „неспособноста на француските власти да ги депортираат илегалните мигранти“. ФН во категоријата илегални мигранти ги дискутира и странските малолетници без придружба, кои, бидејќи не можат да бидат депортирани, подоцна ги донесуваат и своите семејства во Франција. „Илегалната миграција е заправо охрабрувана од Владата“, стои во програмскиот документ на ФН.[18]
Едно од главните залагања на ФН, промовирано изминатите 50 години, е воведувањето на политиката на „национален приоритет“ (преформулирано од претходното, поблатантно „прво Французите“ на Жан-Мари Ле Пен). Ваквата политика подразбира пристапот до вработување и домување да претставува привилегија за француските граѓани. Оваа идеја претставниците на ФН се обидуваат да ја нормализираат објаснувајќи ја како здраворазумска, односно врамувајќи ја како рационална политичка реторика, наместо како говор на омраза. Причината зад ваквата политика Марин Ле Пен ја објаснува како одговор на „лабавата мигрантска политика“ која „ги претворила политиките за поддршка на семејствата во ‘рудник за субвенции’ за имигрантите“[19]. Суштински, оваа идеја е нативистичка бидејќи е базирана на ксенофобија, која се огледа во ограничениот концепт на солидарноста – солидарност со сличните на нас; сличноста се дефинира во национални термини, наместо солидарност на ниво на држава базирана на еднаквост.[20] Притоа, не се земаат предвид објективните потреби и услови на живеење на апликантот, туку примарно неговиот национален идентитет. ФН овој проблем го смета за „национална итност“ бидејќи според нив, Франција треба да престане да биде „магнет“ за имигранти. Соочени со законските препреки да го воведат овој критериум, десничарите настојуваат што е можно повеќе да ги заоструваат посредните бариери кои директно не го попречуваат принципот на еднаквост, како што се дали апликантот легално престојува во Франција и должината на престојот во земјата.
Случајот и со законот за имигранти предложен во декември 2023 година од страна на центристичката партија на Макрон, а поддржан и величан од ФН, го внесе ова прашање од маргините во политичкиот мејнстрим во Франција. Макрон се соочува со внатрешниот притисок од неговите внатре-партиски опоненти и со надворешниот притисок на незадоволството на граѓаните, кое се огледува во брзиот раст на поддршката за ФН до вториот круг на последните два претседателски избори како и во европските избори во 2024. Макроновата коалиција се` повеќе го поврзува прашањето на имиграцијата со јавната безбедност, а помалку зборува за потребата од работници и за странските студенти. На таа линија, тој во 2024-та за прв пат самиот го употреби зборот „имиграционистички“ за карактеризирање на политиките на левичарскиот Нов Популарен Фронт, придавка што нему му била упатувана од ФН.[21] Терминот сугерира конспирационализам по прашањето на имиграцијата.
Со консензусот во предлог-законот да се додадат неговите најспорни мерки предложени од десничарските партии, текстот предвидуваше услов за 5-годишен престој во Франција за имигрантите кои не работат или барем 30 месеци професионална активност пред апликантот да го отклучи пристапот до повеќе социјални услуги поврзан со поддршката за деца, семејство и домување. Уставниот суд во Франција оцени 35 од 86-те мерки од овој предлог-закон како неуставни, врз основа на гаранциите впишани во Преамбулата на францускиот Устав, како и во Европската конвенција за човекови права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и Европскиот суд за човекови права (првата пресуда ја донел во 1970-та со која ја потврдил нелегитимноста на исклучување на странските државјани од социјална помош). Иако најнепријателските мерки во овој закон беа отстранети, застапниците за човекови права продолжуваат да го критикуваат донесениот Закон, оценувајќи го како „најрегресивниот во последниве декади“ и дека „ги заострува условите за добивање азил“.
Во програмскиот документ на ФН „Контрола на имиграцијата“ (кој, патем, изобилува со стереотипизирани фотографии на мигранти во Франција), партијата најавува планови за ревизија на Уставот доколку Ле Пен стане претседателка, особено на делот во Преамбулата кој се однесува на миграцијата и азилот. ФН силно се залага за примена на омилената алатка на популистичките десничари, референдумот, кој би имал за цел да ја овозможи заштитата на француската националност и идентитет: „Бидејќи го поседува суверенитетот, францускиот народ има право да донесува такви одлуки кои ги проценуваат за неопходни за да се задржат себеси. Ова бара преземање енергични и неповторени мерки во време кога имиграцијата е надвор од контрола, кога сепаратизмот се шири преку цели територии, и кога дел од политичките, медијските и културните ‘елити’ го негираат францускиот идентитет, постоењето на француската култура и сега се решени да ја пишуваат одново историјата.“ Референдумот заправо ќе овозможи да се заобиколат механизамите за оценување на уставноста на законите што ФН сака да ги донесе во врска со миграцијата.
Други драстични мерки предвидени во споменатиот предлог-закон, а за кои се залагаат ФН, беа предвидувањето квоти за имигранти; можноста за одземање на државјанство од имигрантите кои извршиле одредени кривични дела; ius soli - правото кое им овозможува на граѓаните кои имаат родители од странско потекло, а се родени на француска земја автоматски да добијат државјанство со наполнување полнолетство и заострување на условите за обединување на семејствата. ФН промовираат „многу строги услови“ за натурализација кои вклучуваат: гаранции за асимилација, високо познавање на францускиот јазик и почитување на француските закони и обичаи. Како што објаснуваат, тој процес ќе ја „докаже“ мотивираноста на апликантите за добивање француско државјанство.[22] ФН се залагаат за драстично намалување на бројот на имигранти во земјата, не само со намалување на бројот на процесирани легални имигранти на кои ќе им се дозволи влез во земјата (што вклучува и систематско одвраќање на мигрантските бродови), туку и со отежнување на условите за останување во земјата: повлекување на дозволата за престој на имигрантите кои нема да работат подолго од една година, прекинување на визите за обединување на семејства, систематска депортација на илегални имигранти или имигранти осудени за криминални дела, како и целосно процесирање на апликациите за азил надвор од земјата.
Зошто граѓаните гласаат за миграциските политики на Национален Фронт
Прашањето на имиграцијата е примарното што ги објаснува гласачите на ФН, па нивните политики остануваат континуирано суштински исти, од времето на таткото до времето на ќерката. Во 2022 дури 96% од гласачите на ФН сметале дека „има премногу имигранти во Франција“, без разлика на демографските варијабли[23]. Според едно истражување, на глобалната скала на етно-центризам, 87% од нив припаѓаат во горниот квартал; двојно е поверојатно да имаат високо позиционирање на скалата на анти-семитски ставови во споредба со симпатизери на други партии; и ги поддржуваат најрадикалните форми на расизам, како што е расната хиерархија, со 36%. Во 2022 имигрантите сочинувале околу 10% од населението во Франција, од кои околу една третина имале добиено француско државјанство.
Фелисиен Фаури во книгата „Обични гласачи: Испитување на нормализацијата на крајната десница“ во која ги пренесува своите резултати од интервјуа со гласачи на ФН од јужна Франција во периодот помеѓу 2019 и 2022 година, забележува дека иако расизмот е потврден како главна гласачка мотивација на оваа групација, постои зазор од централно разгледување на оваа релација. Ова избегнување тој го објаснува најмногу како обид да не се стигматизира работничката класа, која најмногу гласа за ФН, но што на крајот резултира во севкупно избегнување на прашањето. Потенцирајќи ја важноста на постоењето на еко-систем кој го создава и овозможува расизмот, односно дека индивидуалните ксенофобни ставови извираат од и ги репродуцираат општествените нееднаквости на системот, Фаури го објаснува својот пристап дека „гласот за ФН не треба да се третира како изолирана или интринзична карактеристика на дадената индивидуа, туку како дел од општественото позиционирање во рамки на расизиран општествен простор. Гласањето за крајната десница е сфатено како начин за сигнализирање на сигурното припаѓање кон доминантната група, а со тоа одржување или симболично издигнување во рамки на локално перципираните расни хиерархии.“[24]
Радикалната десница ги формулира своите пораки врз основа на дискурзивни синџири на еквиваленција: општествената потреба се операционализира најпрво како тврдење, кое потоа воспоставува еквиваленцијална релација со останатите незадоволени потреби. Еквиваленцијата не подразбира слевање на сите разлики, туку поинакво артикулирање на се’ уште активните разлики. По таа логика, радикалната десница не ја промовира единствено темата на имиграцијата, туку ги толкува врските на овој феномен со останатите општествени, економски и политички прашања, па тие во јавното мнение почнуваат да функционираат заедно.
Фаури открива дека иако гласањето за ФН најчесто се поврзува со растот на невработеноста, гласачите ретко гласаат поттикнати од сопствениот страв од губење на работата, туку повеќе поттикнати од гневот поради потпирањето на социјалните бенефиции што го согледуваат околу себе, а финансирани од неправеден систем на одданочување. Поради ваквата перципирана „фискална неправда“, тие гневот го насочуваат кон најниските социјални класи кои сметаат дека таквата поставеност ја злоупотребуваат, а потоа се прелева и во поотворена ксенофобија, односно се преклопуваат сликите на неработникот и на имигрантот. На таа линија на критиките против социјалните политики се надоврзуваат критиките против имиграциските политики, засилувајќи ги. Сепак, сомничавоста во однос на зависноста од социјалните примања е изградена врз основа на невидливоста на прекарната работа на имигрантските работници, која најчесто се базира на експлоатација. Ова го отсликува механизмот на создавање на расните малцинства кој вклучува селекција на димензиите кои се гледаат и оние кои (се одбира да) не се гледаат.
Интересно е и дека „странците“ најчесто се идентификуваат врз основа на нивните видливи карактеристики, односно се расно идентификувани, а не врз фактичкото познавање на нивната националност или државјанство. Расизирањето на различните луѓе се оформува преку четири комплементари операции: фиксација, есенцијализација, подруготнување и хиерархизација.[25] Актот на доделување на одредени луѓе или групи луѓе статус на малцинство, преку видливи маркери, е она што ги одредува како такви - а не објективно идентификувачки карактеритики. Тоа, за возврат, таквите афилијации ги прави само претпоставени од страна на оние кои им ги доделуваат.[26] Оттаму, Фаури забележува, дека „овде расизмот функционира како дискурзивен режим кој се натпреварува со општествените науки. Иако социологијата документирала бројни форми на дискриминација во дистрибуцијата на социјалните примања кои работат против расните малцинства, овде улогите се превртени: разликите се сфатени како нешто што им оди во прилог, а не што ги оштетува“.[27] Од оваа гледна точка, „промовирањето на националната преференција и` овозможува на ФН да користи легитимен концепт во современата француска демократија додека едновремено праќа расизиран сигнал до своето гласачко тело.“[28]
Заклучок
Етничкиот национализам как централен концепт на радикалната десница без кој таа не би имала стабилна вкотвеност е особено изразен кога е перципиран дека е под закана. Поради тоа, како главен непријател е одреден мигрантот, кој се заканува да го уништи општественото ткиво на нацијата. Национален Фронт, како една од главните радикално десничарски партии во Европа, миграциските политики ги смета за централни во своите залагања. Притоа, ставовите на ФН не се значајно сменети низ годините, и повикуваат на етнички чиста Франција и заштита од „неконтролираната имиграција’ и „исламската инвазија“.
[1] Пример: Rydgren 2005b; Backes 1996; Kitschelt & McGann1995, реферирано во Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 2018
[2] Mudde, C. The Far Right in America , Routledge, 2-3, 2018
[3] Heywood, A. Political Ideologies: An Introduction, Palgrave Macmillan, 2021
[4] Хејвуд националистичките традиции, според способноста на другите политички доктрини и идеи да го апсорбираат национализмот и со него да се спојат, на либерален, конзервативен, експанзионистички и антиколонијален и постколонијален национализам.
[5] Mudde, C. Populist Radical Right Parties in Europe, Cambridge University Press, 2007, 19
[6]Ibid, 20
[7] Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 44
[8] Betz & Johnsin цитирани во Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 2018, 26
[9] Traverso, The New Fascism, p. 33
[10] Траверсо, Баучите на фашизмот, стр. 12
[11] Fennema цитиран во Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 2018, 45
[12] Мигрантите ја помагаат државата-домаќин преку пополнување на недостатокот на работна сила, донесување вештини, донесување капитал (вклучително и за социјалниот буџет) и зајакнување на националната економија. Во фазата на привремена миграција државата на благосостојба е нето-бенефициент, бидејќи мигрантските работници повеќе плаќаат во даноци отколку што користат услуги.
[13] Cas Mudde, Populist Radical Right Parties in Europe, Cambridge University Press, 2007
[14] Cas Mudde, Populist Radical Right Parties in Europe, Cambridge University Press, 2007, 79
[15] Traverso, E., Islamophobia: The New Western Racism во The End of Jewish Modernity , Pluto Press, https://www.plutobooks.com/blog/islamophobia-the-new-western-racism/
[16] Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 2018, 44
[17] Kitschelt цитиран во Rydgren, J. The Oxford Handbook of the Radical Right, 2018, 615
[18] CONTRÔLER L’IMMIGRATION https://rassemblementnational.fr/documents/projet/projet-controle-de-limmigration.pdf
[19] https://www.lemonde.fr/en/opinion/article/2024/06/30/national-preference-the-rassemblement-national-s-unconstitutional-key-promise_6676168_23.html
[20] Патрик Савидан, професор, го сковал терминот „изборна солидарност“ за да ја потенцира селективноста во ваквото сфаќање на концептот. Извор: https://www.lemonde.fr/en/opinion/article/2024/06/30/national-preference-the-rassemblement-national-s-unconstitutional-key-promise_6676168_23.html
[21] https://www.lemonde.fr/election-presidentielle-2022/article/2022/01/20/presidentielle-2022-la-droite-et-l-extreme-droite-impriment-leurs-idees-sur-l-immigration-et-l-identite_6110249_6059010.html
[22] CONTRÔLER L’IMMIGRATION (Програмски документ) https://rassemblementnational.fr/documents/projet/projet-controle-de-limmigration.pdf
[23] https://www.lemonde.fr/en/opinion/article/2024/06/30/national-preference-the-rassemblement-national-s-unconstitutional-key-promise_6676168_23.html
[24] Félicien Faury, Des électeurs ordinaires: Enquête sur la normalisation de l'extrême droite, SEUIL, 2024
[25] Félicien Faury, Des électeurs ordinaires: Enquête sur la normalisation de l'extrême droite, SEUIL, 2024
[26] Félicien Faury, Des électeurs ordinaires: Enquête sur la normalisation de l'extrême droite, SEUIL, 2024
[27] https://www.lemonde.fr/en/opinion/article/2024/06/30/national-preference-the-rassemblement-national-s-unconstitutional-key-promise_6676168_23.html