Серж Алими: Стратегијата „помалото од двете зла“ не го запре подемот на екстремната десница

02.07.2025 00:51
Серж Алими: Стратегијата „помалото од двете зла“ не ја запре подемот на екстремната десница

Наш соговорник е Серж Алими, до неодамна главен уредник на францускиот месечник Le Monde diplomatique, каде што пишува за американската и европската политика и за медиумски прашања. Неговата највлијателна книга „Новите чувари на поредокот“, за француските медиуми, своевремено беше објавена и во Словенија. Во Загреб, на Субверзивниот форум во рамки на Субверзивниот фестивал, одржа предавање на тема: „Дали левицата треба да дозволи нејзините непријатели да ја дефинираат?“

Формулата на денешната левица во Франција е да се бори против екстремната десница, да се спротивстави на сè за што се залага таа и да поддржува сè на што ѝ се спротивставува. Но тоа би можело да значи влегување во сојузи со либералниот и конзервативниот мејнстрим. Под какви услови и во чиј интерес? Дали тоа треба да се направи по цена адутот на антиестаблишментот да ѝ се препушти на екстремната десница?

Кој формира коалиции со центарот во Франција и како?

Емануел Макрон во 2022-та повторно беше избран за претседател, но нема мнозинство во парламентот. Минатата година неговата партија претрпе тежок пораз на европските избори. Чудно, но бидејќи Макрон истовремено е арогантен и импулсивен, реагираше со распуштање на Националното собрание. Очекувано, гласачите го казнија и уште повеќе го намалија бројот на пратеници што ја поддржуваат неговата политика.

Сега три главни сили ја дефинираат француската политика, а ниту една нема мнозинство: партијата на Макрон од десниот центар во коалиција со традиционалната десница (партијата на Жак Ширак и Никола Саркози), радикалната десница и четири партии од левицата (по сила: „Непокорена Франција“ на Меланшон, социјалистите, зелените и комунистите). Сепак, првиот блок е стабилен, вториот зајакнува, а третиот се распаѓа. Војната во Газа предизвика лавина неосновани напади врз Меланшон поради наводен антисемитизам, а меѓу неговите критичари има и социјалисти и наводно прогресивниот печат.

Во исто време, партијата Национално обединување на Марин Ле Пен ги прекина поранешните врски со антисемитите и безусловно го поддржува Нетанјаху, како и етничкото чистење на Газа и Западниот Брег што го спроведува екстремно десничарската влада во Израел. Тие сега се далеку најпопуларната партија во Франција. Нивна грижа е тоа што Ле Пен ќе може да се кандидира на претседателските избори во 2027-та година само ако жалбениот суд идната година ја поништи пресудата против неа. Нејзиниот избран наследник, Жордан Бардела, е многу млад – има 29 години, неискусен е во ваков тип судири и делува премногу плитко, премногу „штреберски“ за таа функција.

Уривање на „санитарниот кордон“

Како и да е, „санитарниот кордон“, „републиканскиот свод“ под кој некогаш беше обединето мнозинството традиционални партии против радикалната десница — како објаснување зошто, на пример, во 2002-та година Жак Ширак успеа да добие 82 проценти од гласовите против Жан-Мари Ле Пен — се урна. Традиционалната десница и преостанатите приврзаници на Макрон веќе изјавија дека, ако мораат да изберат, никогаш нема да гласаат за Меланшон или кандидат што тој го поддржува, дури ни против Марин Ле Пен или Бардела.

Во меѓувреме, кога станува збор за имиграцијата, криминалот, исламот — прашања што сè повеќе се испреплетуваат во доминантниот политички дискурс и стануваат сè поважни со секое убиство или терористички напад во Франција — сега доминираат идеите на Националното обединување: против имигрантите и безмилосна борба против криминалот. Макрон сè уште е присутен, но е немоќен. Постојано е гласен и борбен, но сè помалку луѓе му обрнуваат внимание. Дури и политичарите кои му должат сè разбираат дека тој како претседател не успеа и дека треба да се дистанцираат од него, па дури и јавно да го критикуваат – и политички и лично.

Што претставува „помалото зло“ во политиката и што ѝ донесе тоа на левицата? Што се случува кога левицата ќе тргне самостојно?

За левицата, стратегијата „помалото од двете зла“ би значела прифаќање на моменталната изборна надмоќ на екстремната десница – која е поголема, пообединета и речиси насекаде има предност, освен во големите градови и кај најобразованите слоеви. Според таа логика, екстремната десница може да биде поразена единствено ако левицата успее да ја прошири својата ослабена коалиција така што ќе ги вклучи центрите и либералите. Социолошки, тоа би значело коалиција на средната и повисоката средна класа со поддршка од сиромашните мигранти, мобилизирани од стравот од екстремната десница. Верувам дека стратегија од таков тип, во најдобар случај, би овозможила само краток одмор.

Во секој случај, тој курс е во игра најмалку дваесет години и не го спречи подемот на екстремната десница – напротив. Таквата „стратегија“ ја презеде Макрон кога во 2017-тата година стана претседател. Тој беше министер за економија во мандатот на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд. Француската економска политика ја сврте кон десно, а по прашања како што се абортусот или правата на ЛГБТ-луѓето, тој е либерален. Веднаш стана миленик на The Economist и The New York Times, нов Бил Клинтон или Тони Блер.

По победата на изборите, стана „малиот принц“ на владејачката класа, одеше по вода со широкa насмевка и се „одмаздуваше“ за Брегзит и за неочекуваната победа на Трамп неколку месеци претходно. Во својата кампања постојано повторуваше дека новата политичка поделба повеќе не е на левица и десница, социјализам и либерализам на слободниот пазар, туку на напредни и конзервативни, либерали и екстремисти. Мнозинството социјалистички гласачи му го дадоа својот глас. Кога стана претседател, ги укина работничките права, ја зголеми старосната граница за пензионирање, го укина данокот на богатство и, многу брутално, го задуши пролетарскиот бунт на „жолтите елеци“.

Што се постигна со ова „помало зло“ во однос на екстремната десница? Макрон се фалеше: „Ако победиме на изборите, утредента таа ќе се сруши.“ Па, ајде да видиме: екстремната десница во 2017-тата доби 21 отсто од гласовите, минатата година околу 40, а за две години може да го освои претседателскиот мандат во Франција.

Понатаму, „стратегијата“ на помало зло ќе им овозможи на другите – кои се само малку „помалку зли“ од екстремната десница – да ни ја диктираат агендата: „демократијата“ против „популизмот“, Европа на Урсула фон дер Лајен против „национализмот“, дополнително вооружување на Украина во бесконечната војна против Русија. А понекогаш, за систематски да му се спротивставиме на десничарскиот популизам, оваа стратегија на помалото зло од нас ќе бара да застанеме зад слободната трговија против протекционизмот, зад ЦИА против „странско мешање“, зад цензурата на „нелибералниот“ дискурс.

Накусо, тоа нема да функционира и не е добра стратегија. Се плашам дека тоа само би значело одложување на злото и вообичаено дискредитирање на левицата секогаш кога ќе се обиде да настапи под поинакво знаме. Особено кога ќе стане јасно дека таа е дел од естаблишментот во време на пораст на трошоците за живот, влошување на јавните услуги и пад на животниот стандард. Како што знаете, социјалдемократската левица не ѝ се спротивстави на неолибералната глобализација во форма на слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе.

Исходот ни е познат. Во 2002-та година социјалдемократите беа на власт во 13 од 15 влади во Европската Унија. Дваесет години подоцна, тој сооднос беше 7 од 27. Денес, од тие седум влади, четири веќе свртеле надесно — во Германија, Португалија, Финска и Шведска. Само Шпанија, Малта и Данска може да се сметаат за некако левичарски. А од неодамна, и Словенија е вклучена во таа многу кратка листа.

Значи, таканаречената популистичка десница стана единствениот одговор на надменото „нема алтернатива“ (TINA) на Маргарет Тачер и нејзините неолиберални апостоли, било од десницата или од „левицата“. Дали треба да бидеме носталгични за периодот од 1985-тата до 2015-тата година, кога изгледаше дека TINA надвладеа, а радикалната десница беше многу послаба? Препуштајќи ѝ ја иднината на противничката страна, дел од левицата денес самата се уверува дека некогаш била многу поуспешна – иако и тогаш ситуацијата беше лоша.

Прашувате што е со левицата што настапува под своето знаме, онаа што за себеси вели дека е антикапиталистичка и радикална. За жал, во моментов не е во добра состојба. Делумно затоа што левицата воопшто стана претежно буржоаска и урбана, со факултетско образование, и ја губи поддршката од работничката класа. Тоа важи и за радикалната левица. Во Грција, кредиторите ѝ наредија на Сириза да ги заостри економските и финансиските мерки што претходно се заколна дека ќе ги укине, а кога неволно се согласи на тоа – ја загуби и власта и својата смисла.

Подемос во Шпанија и Ди Линке во Германија се ослабени, Џереми Корбин, кој ги предводеше британските лабуристи и се обиде да ги тргне од Блеровиот пат, беше отстранет од сопствената партија. Кога левицата не би се повлекла веднаш, не би била поразена со воен удар или со странска војска, туку би била задушена финансиски. Како што изјави поранешниот грчки министер за финансии Јанис Варуфакис: „Атинската пролет беше скршена, исто како Прашката пролет пред неа. Се разбира, не беше скршена со тенкови. Ја скршија банките.“

Да не заборавиме дека во 2015-тата година, само четири дена по победата на Подемос, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ги предупреди изборните победници: „Не постои демократски избор што е спротивен на договорите на ЕУ.“

Грчката левица беше немоќна пред еврото и ограничувањата на буџетскиот дефицит. Оваа структурна непроменливост на договорите на ЕУ – од кои некои беа наметнати на населението – чувството дека практично сè е невозможно, сега е длабоко вградено во законите на владите. Кога на францускиот министер за финансии му беше речено дека 90 проценти од граѓаните сакаат укинување на данокот за 50 основни производи, тој одговори: „За тоа би требало со години да расправаме со Европската комисија, затоа што според сегашните прописи тоа не е изводливо.“

Десничарските националисти со нетрпение чекаат такви изјави на немоќ. Бидејќи тие никогаш не велат: „Според сегашните прописи тоа не е можно.“ А најчесто сè уште не се извалкани со употреба на сила. И тоа e корисно.

Опсесии со демографијата

Во таков контекст, има ли смисла да се формира народен фронт за борба против радикалната десница?

Фронт? Со каква програма? Само против радикалната десница? Не е многу мудро да се борите на терен што го избрал вашиот противник, а уште полошо е ако дозволите тој да ве дефинира — да ве турне во некаков облик на непромислена пристрасност, поради која ќе се спротивставувате на сè за што се залага тој, а ќе поддржувате сè на што тој се спротивставува. Со оглед на тоа дека Трамп е за протекционизам, дали треба одново да ја разгледаме историјата на слободната трговија како да се работи за изгубени рај, и да копнееме повторно да се вратиме таму?

Кои се промените во социолошката структура на општеството и како се одразија врз левицата? Како демографските промени влијаат врз политичкиот пејзаж?

Меланшон со право пресмета дека десниот центар на Макрон ќе претрпи значителна штета на изборите и изјави дека во 2022-та година, со неколку илјади гласови повеќе во вториот круг, би можел да ја победи Марин Ле Пен. Факт е дека тој доби најмногу гласови од гласачите на возраст од 18 до 34 години и најмногу во Ил-де-Франс — поширокиот регион на Париз, департман со најмногу жители во Франција.

Во големите градови, каде што оствари одличен резултат, можеше да биде уште подобар ако успееше дополнително да ги мобилизира радикалните студенти кои не излегоа да гласаат, и да освои повеќе гласови во предградијата, каде исто така беше многу успешен. Овие две групи сочинуваат значаен дел од „новата Франција“, како што ја нарече Меланшон, за која се надева дека ќе доведе до тоа „старата“, пореакционерна Франција постепено да исчезне — и дека така ќе победи на изборите. Со други зборови, тој смета на сили кои сè уште не се мобилизирани, но од кои се очекува да растат и да ја поддржат левицата: поновите мигранти, младите. Оваа стратегија се потпира на демографската промена.

За радикалната левица во моментов не постојат ни најмали шанси Меланшон, или друг кандидат со такви убедувања, да стане претседател на Франција, но Меланшон мисли поинаку. Тој рече дека никој не претпоставувал дека во 2022-та ќе биде толку успешен. А изгледа дека верува во идејата дека демографијата е судбина. Други, вклучително и оние што повторно би гласале за него, по четврти пат, сметаат дека левицата мора да ги придобие руралните гласачи. А тоа нема да се случи ако поважни теми се проблемите на радикалните студенти (на пример „креолизацијата“) или ако се проблематизира исламот.

Не станува збор за тоа дека гласачите од руралните подрачја и помалите места нужно се против тие нешта – поважни им се дигиталната осаменост во која живеат, депопулацијата и затворањето на малите продавници, училиштата, болниците и другите јавни услуги. Во минатото гласале за левицата и би можеле повторно да го направат тоа, доколку им се понудат привлечни политички предлози. Затоа на нив не би требало да се гледа со потценување, како што Маркс гледал на лумпенпролетаријатот: како политички ненадежни, културно назадни и општествено заостанати групи.

Ова се случува речиси насекаде. Томас Франк, најистакнатиот американски историчар на популизмот, забележува дека во неговата земја постојат „разновидни опсесии со демографијата како изговор ништо да не се преземе, очекување дека апстрактната рака на историјата наскоро ќе ни го донесе целиот свет на тацна“. И нè потсетува дека „однесувањето на гласачите не е карактеристика што генетски се пренесува од една на друга генерација“.

Да не заборавиме дека за реизборот на Трамп најзаслужна не беше неговата традиционална база (рурални, евангелистички и бели гласачи), туку значаен пресврт во негова корист кај младите, Латиноамериканците, Американците со арапско потекло и, во помал обем, кај афроамериканските гласачи. Звучи депресивно? Да, но може да биде и поинаку. Многу нешта се можни кога се бориш, дури и кога шансите за успех се минимални. Тоа е добро: токму сега, нашите шанси очигледно се многу слаби…

Карикатури: Yassin Alkhalil

Извор: https://www.portalnovosti.com/