1003 hPa
52 %
18 °C
Скопје - Чет, 14.05.2026 20:59
.jpg)
Концептот на популизмот, како што истакнува Кас Муде, е предмет на дискусија не само во однос на тоа што претставува, туку и дали воопшто постои како концепт. Различни теоретичари него го дефинираат како идеологија, движење или синдром; дополнително, во различни делови од светот тој се врзува за разновидни феномени.
Лакло посериозно воведува во истражувањата на популизмот во книгата „Популистички ум“ (2005) и ја потенцира маргинализираната позиција на овој концепт во современата политичка наука во тој момент, отфрлен како нерационален и површен. Според него, кон тоа придонело и неговото невклопување во традиционалната дихотомија на левицата и десницата, што на традиционалните политиколози им делувало тривијално и несводливо. Имено, според него, „едно движење не е популистичко зашто во својата политика или идеологија изложува ‘содржини’ кои можат да се идентификуваат како популистички, туку зашто покажува одредена ‘логика на артикулација’ на содржините – без разлика какви се тие содржини“. [1]
Со доминацијата на десниот популизам, основните вредносни наративи на Европа како концепт се под закана. Десничарскиот популизам става акцент на стравот и на омразата кон Другиот, и отворено се противи на заедништвото кое трпеливо се гради последниве децении. „Популизмот е фундаментална закана за главните институции и вредности на либералната демократија, особено за правата на малцинствата, плурализмот и разделувањето на моќта.“[2]
Популистичкиот дискурс зема се’ поголем замав во Европа, а еден од главните негови елементи денес е евроскептицизмот. Концептот на евроскептичниот популизам може да се издвои како „особен вид на популизам што се поврзува со политички феномен што ги помешува анти-ЕУ сентиментите со популистичките интерпретации на светот.“ Евроскептичниот популизам е сет од идеи кои ја „изедначуваат ЕУ со ‘корумпираната’ елита која стои во силен контраст со ‘чистиот народ’“[4] Oвде ќе горазгледаме елементот на евроскептицизмот во популистичките наративи и распространетоста на овие ставови помеѓу граѓаните во Северна Македонија, преку преглед на реализирани истражувања во областа.
ШТО Е ПОПУЛИЗАМ?
Кас Муде е еден од главните теоретичари на десниот популизам. Тој го дефинира популизмот како „идеологија со тенок центар“, што подразбира дека тој адресира само еден дел од политичката агенда[3]. Според оваа идеологија „општеството во крајна линија е поделено на две хомогени и антагонистички табори - чистиот народ и корумпираните елити, и политиката треба да биде израз на општата волја на народот”.Поради ваквата структура, популизмот не се јавува како кохерентен светоглед, туку има потреба да се потпре на „поцеловити“ идеологии функционирајќи како нивно надополнување, притоа преземајќи ги нивните тенденции, карактеристики и вредности. Така, постои десен популизам, кој може да се залага зафискален конзервативизам, противење на миграцијата, национализам итн. но, постои и лев популизам, кој може да се залага за социјална правда, противење на глобализацијата, економска демократијаи сл. Идеологијата на која ќе биде прикачен популизмот и феномените по кои ќе биде препознаван ќе зависи од социоекономскиот и социополитичкиот контекст во кој се појавува. Притоа, на популизмот секогаш се јавуваат како спротивни концептите на елитизмот и на плурализмот.
Мудe е првиот кој идентификува три клучни концепти кои лежат во с’ржта на популизмот и што токму со својата нејасна определба ја обезбедуваат неговата приспособливост и широка атрактивност за различни општествени групи. Тоа се: народот, елитата и општата волја.Овие концепти се натаму преземени и разработени од други мислители, па во овој текст ќе ги потенцираме најзначајните аспекти за овдешната разработка.
Лакло забележува дека токму фактот што терминот „народ“ е празен означител, му ја дава моќта на популизмот да им се додворува едновремено на разновидни општествени групи, кои сите ќе се препознаат себеси како припадници на „народот“. Лакло го објаснува формирањето на „народот“ тргнувајќи од дискурсот, во чии рамки општествената потреба се операционализира најпрво како тврдење, кое потоа воспоставува еквиваленцијална релација со останатите незадоволени потреби. Еквиваленцијата не подразбира слевање на сите разлики, туку поинакво артикулирање на се’ уште активните разлики. Ваквата еквиваленција „ја овозможува појавата на народот“, откако тие ќе преминат во стабилен систем на означување. Внатре во таа диференцијација еден елемент ќе го преземе претставувањето на целината на потребите, и ќе ја кристализира „антагонистичката граница која го дели народот од власта“. Празниот означител е неопходен, бидејќи со зголемувањето на синџирот на еквиваленцијални потреби, слабее неговата врска со партикуларните барања кои го сочинуваат. Постигнувањето на еквиваленцијална хомогеност на силно хетерогените барања може да се оствари само со минимизирање на партикуларната вредност на популистичките симболи. Според Лакло, „Едно движење или идеологија – дискурс – ќе биде повеќе или помалку популистичко, зависно од степенот до кој неговата содржина е артикулирана преку еквиваленцијална логика.“ Партијата или заедницата носител на популистичката реторика својот легитимитет го заснова на тврдењето дека ги застапува барањата на народот. Народот, во оваа смисла, е конструкт кој се однесува на колективното тело-носител на политичка моќ.
Антагонизмот помеѓу народот и елитите е суштински во овој концепт – елитите како политичко, економско и културно малцинство кое му го одзема на народот суверенитетот за одлучување. Антагонизмот е во својата суштина морален – чистотата наспроти корумпираноста. Политиката е сфатена како „израз на општата волја“, што потекнува од теоријата на Русо. Сепак, додека Русо под овој термин ја подразбира волјата што една заедница ја утврдува преку јавен законодавен процес, популизмот неа ја базира на апстрактниот „здрав разум“, што му олеснува да ги обедини различните групи и да идентификува заеднички непријател. Таквoто право за одлучувањепопулизмот честопати ѝ го одредува на хомогена група граѓани, јасно издвоена од аутсајдерите. Ова, од своја страна, лесно може да легитимизира авторитаризам и нелиберални напади врз перципираните закани на таквата хомогеност. За МаргаретКанован, во популистичкиот дискурс постојат три обраќања кон народот: кон „обединетиот народ“, кој реферира на нацијата и е интегративен, кон „нашиот народ“ кој го разликува народот од странците, и е разделувачки, и кон „обичниот народ“, насротипривилегираните и високо едуцирани елити.[5]
Елементот на харизматична лидерска фигура е исто така клучен за препознавање на популизмот. Според дефиницијата на Вејланд, „популизмот е најдобро дефиниран како политичка стратегија преку кој персоналистички лидер бара или применува владина моќ базирана на директна, непосредувана, неинституционализирана поддршка од големи броеви главно неорганизирани следбеници“. Тој користи дискурс во кој јазикот го користи како оружје со цел да се поврзе со културата на обичниот народ и ја користи својата харизма за емотивно да се зближи со нив.[6]
Тезата на Шантал Муф[7] е дека десничарскиот популизам е последица на пост-политичкиот консензус: отсуството на ефективно политичко дебатирање за можните алтернативи. Таа се осврнува на потфрлањето на либералната демократија, која заборава на концептот на народен суверенитет, односно самата суштина на демократијата, и со тоа широко го отвора патот за развој и успех на популистичките партии. Имено, кризата на оваа идеологија се состои во се’пораширеното чувство дека граѓаните, народот, не учествуваат во донесувањето на одлуките. Токму со тоа, десните популистички движења, заклучува таа, поентираат и ја добиваат наклонетоста на масите. Политичките партии се неспособни да влезат во политички антагонизам за да артикулираат алтернативи и поинакви форми на идентификација. Притоа, денешниот е контекст во кој неолибералната форма на глобализација се претставува како единствена опција во доминантниот дискурс. Тоа разбирливо, ги отвора граѓаните за пораките на популистичките партии кои ветуваат дека ќе го афирмираат „гласот на народот“.
Според Муде, структурни причини за раст на популизмот се: растот на недемократскиот либерализам, промена во врската помеѓу владеачите и владеаните и демократизацијата на медиумите.
Важно е да додадеме уште една карактеристика на популизмот, која воедно е важна за дистинкцијата помеѓу десниот и левиот популизам. Вклучувачкиот популизам, каков што е левиот, се залага за политичка интеграција на општествените групи кои ги смета за исклучени од демократскиот систем, и преку тоа вклучување го конституира народот. Наспроти тоа, исклучувачкиот популизам главно се фокусира на одредена социокултурна група и неговиот антагонистички однос не се задржува само на елитата, туку се однесува и на малцинствата, т.е. додава дополнителна хоризонтална оска на поделба. Според Дани Флиц, колонијализмот е важна призма за разликување на овие две форми на популизмот, бидејќи, според него, вклучувачкиотпопулизам е покарактеристичен за колонизираните земји, а исклучувачкиот- за колонизаторските.[8] По слично заклучување, Кас Мудеевропскиот популизам го карактеризира како исклучувачки, за разлика од оној во Латинска Америка.[9]
ЕВРОСКЕПТИЦИЗМОТ ВО ПОПУЛИСТИЧКИОТ ДИСКУРС ВО ЕВРОПСКИ КОНТЕКТС
Европската интеграција се продлабочува уште од нејзиното воспоставување во 1950-ите. Сепак, низ годините јазот помеѓу гласачите и политичарите се продлабочувал и тоа довело до ситуација гласачите потешко да ги препознаваат своите интереси во општите начела поврзани со интеграцијата. Преголемото нагласување на европската интеграција во сите аспекти, кое изгледа довело до раст на анимозитетот, и растечкото незадоволство и разочараноста помеѓу гласачите се јазовите што популистичките партии ги искористуваат за ефективно да се спротивстават на мејнстрим партиите.
Од доаѓањето на популистите на сцената во 1990-ите, кои дотогаш биле сметани само за маргинални субјекти во политиката, денес тие се доволно оснажени за нивниот дискурс да навлегува и во мејнстрим политиката. Популистичките партии меѓусебно се доста поврзани, и тоа се отсликува во нивниот дискурс, во меѓусебните реферирања и преземањата на идеи и фрази. Секоја од нив си има сопствена агенда во сопствената држава, но сите заедно „се надополнуваат и сочинуваат мета-наратив за Европа и европјанството“[10].
Терминот евроскептицизам се дефинира како „променливо или ограничено спротивставување како и инкорпорирање на директно и неограничено спротивставување на процесот на европска интеграција“.[11] Концептот на евроскептичниот популизам може да се издвои како „особен вид на популизам што се поврзува со политички феномен што ги помешува анти-ЕУ сентиментите со популистичките интерпретации на светот.“ Евроскептичниот популизам е сет од идеи кои ја „изедначуваат ЕУ со ‘корумпираната’ елита која стои во силен контраст со ‘чистиот народ’“[12] Понатаму, во овој сет на идеи ЕУ е сфатена како антидемократска организација бидејќи не ја претставува волјата на народот и нејзините постапки и одлуки се неправедни и дури и дискриминирачки за некои од нејзините членки.[13]
Притоа, отпорот се движи од целосно инсистирање да се одбие ЕУ, доподдржување на општата идеја, но со многу песимизам и критичност. Оние кои во теорија и во пракса ја поддржуваат европската интеграција се евроентузијасти, додека они што не ја одобруваат европската идеја ниту нејзината реалност се европротивници. Оние кои се позиционирани некаде помеѓу се политичките актери кои ја поддржуваат европската интеграција но ја одбиваат нејзината моментална форма, и тие се нарекуваат евроскептици.
Десничарските верзии на популистичките партии најчесто се исклучувачки и нативистички и поддржуваат етничка дефиниција на народот, додека левите се вклучувачки и се застапуваат за дефиниција на „вистинскиот народ“ кој е социо-економски маргинализиран. Сепак, субјектите на крајните делови од идеолошкиот спектар - и левицата и десницата - го делат скептичниот став кон Европската Унија и процесот на евроинтеграција. Сличноста завршува тука, бидејќи суштината на нивниот евроскептицизам силно се разликува според мотивациите: десните ја опишуваат ЕУ како наметната структура која го нарушува суверенитетот на државите, а левите како неолиберален проект кој ги разорува работничките услови и социјалната поставка на општеството. Видливо е дека отпорот кон евроинтеграциите што го делат двата типа на партии е поврзан со технократската и елитистичка природа на процесот на донесување одлуки во ЕУ.
Ако ги погледнеме разликите меѓу евроскептичните партии по одделни области, може да видиме дека за десничарските партии европската интеграција претставува закана за националниот суверенитет и интегритет, додека левите се загрижени за економските последици. Од друга страна, постои силна хетерогеност и помеѓу партиите кои не се поларни опозити и поради тоа евроскептицизмот не треба да се гледа низ една статичка дефиниција, туку како континуум на позиции. Централни прашања кога се работи за реформите на ЕУ се транспарентноста, субсидијарноста, суверенитетот, демократијата. Според едно истражување на партиите во Европскиот Парламент[14], помеѓу 2015 и 2019 година, партиите од двете страни на спектарот се заинтересирани за овие прашања, но имаат различен став за нив: кога се работи за заштитата на суверенитетот на народот, радикално левите партии се посклони да поддржуваат директна демократија и оснажување на ЕП, додека радикално десните партии го приоритизираат националниот суверенитет и ренационализацијата на моќта.[15] Иако двата типа на партии се многу критични кон економските политики на ЕУ, тие имаат различен пристап: левите поддржуваат длабоки реформи на Еврозоната и на економските политики; десните,пак, бараат излез од Еврозоната и автономија на економските и социјалните политики. Што се однесува до прашањето на миграцијата, левите партии ги осудуваат политиките на „Тврдината Европа“, сметајќи дека отворените граници ја поддржуваат политиката на човековите права и дека тоа се одлуки кои треба да се донесуваат на над-национално ниво. Наспроти тоа, десните не само што ја гледаат имиграцијата надвор од ЕУ како закана, туку тие така ја гледаат и Шенген зоната, односно внатре-ЕУ миграциите, повторно, поврзувајќи го тоа со суверенитетот на земјите.
Општествените кризи силно влијаат врз односот на граѓаните кон Европската унија и после секоја криза недовербата кон ЕУ расте. Европската економска криза помеѓу 2009 и 2014 беше искористена од популистичките партии за политизација на прашањето на европската интеграција, кога просторот за маневрирање со социјалните трошења на одделните земји беше доста поограничен.[16] Бегалската криза во 2015 исто така го зголеми евроскептицизмот помеѓу десно ориентираните партии во Европа. Отпорот кон мигрантите е еден од средишните елементи во креирањето и туркањето на наративот „Европа на Европејците“ штитен од популистичките партии. Исламофобијата, антисемитизмот, сексизмот итн. се заеднички за сите десни популистички партии. И во теоријата за популизмот се наведува дека популистите цветаат во кризи; сепак, Кас Муде забележува дека тој ефект се појавува одложено, со што кризите ги одредува некако причини туку повеќе како негови катализатори.[17]
Државата-нација минува низ криза на легитимитет како резултат на европската интеграција.[18[ Евроскептицизмот почива на перцепцијата на ослабувањето на културолошкиот суверенитет на нацијата, кој е под закана на имигрантите. До 1990-ите миграцијата се сметаше за пожелна во Европа, пред популистите да ја превртат дискусијата во правец на заштита на европската култура. Последниве години, прераскажувањето на европскиот идентитет е главно доминирано од анти-имиграцискиот дискурс.[19] Десните популистички партии во своето настојување да ги бранат европските вредности преку дискутирање на правото на припаѓање и одлучување, ја гледаат ЕУ како пречка на патот, извор на цензура и ограничување. Според Милер, „популизмот секогаш е форма на политика на идентитет“. Заправо, онаа Европа што десните популистички партии ја бранат е вековната Европа, Европа од златното минато, која ги надминува границите на самата Европска Унија.
Една од структурните причини за растот на популизмот која ја наведува Муде е растот на недемократскиот либерализам, што подразбира деполитизација на многу од општествените прашања, односно нивно вадење надвор од политичката арена и нивно приватизирање. Во таа смисла, Муде го наведува процесот на евроинтеграциите како репрезентативен пример. Основната претпоставка врз која години наназад биле донесувани европските политики била дека за нив постои „допустлив консензус“ помеѓу европските граѓани. За илустрација, Банкарската унија, која како реакција на разновидните фискални политики во Големата рецесија ја издигна банкарската политика од национално на европско ниво, беше дискутирана надвор од демократската сфера. Како друг пример, тврдењетодека „не постои алтернатива“ на интеграцијата и глобализацијата исто така претставува деполитизирање на политичките одлуки.
Наративите кои доминираат помеѓу граѓаните а кои се основата на раширените евроскептични ставови се неколку.[21] Прво, ЕУ е обвинета дека ѝ недостасувалегитимитет, дека нејзините институции се дистанцирани од обичните граѓани, особено преку екстремната бирократизација.Понатаму, прашањето на губење на државниот суверенитет со наметнување на правилата и регулативите на ЕУ се перципира како закана и за државата-нација и за самата ЕУ. Вредностите на ЕУ исто така се перципираат како наметнати и како закана за националните култури, па од аспектот на десно ориентираните субјекти ЕУ насилно наметнува западни и левичарски вредности. Во однос на социо-економската димензија испитаниците главно се согласуваат дека ЕУ придонесува кон подобар квалитет на живот, но критичарите од двата краја на спектаротимаат негативни ставови во однос на економската димензија на ЕУ. На крајот, разочараноста од ЕУ поради неисполнувањето на дадените ветувања, и следствено, промоцијата на алтернативи, е силен наративво евроскептичните текови.
ПОПУЛИСТИЧКИОТ ЕВРОСКЕПТИЧЕН НАРАТИВ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
По стекнувањето на кандидатски статус на Македонија во 2005 година, општите насоки на развој на општеството беа евроентузијастични. Засилувањето на евроскептичните наративи се појави со растот на нелибералното владеење на ВМРО-ДПМНЕ (2006-2017), и истите беа промовирани од таа влада. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ популизмот во Македонија беше окарактеризиран како авторитарен. Авторитарниот популизам се одликува со харизматичен лидер кој тврди дека ја претставува волјата на луѓето, додека истовремено ги подрива демократските институции и ја концентрира моќта во себе. „Нелибералниот начин на владеење и воведувањето на поларизирачки елементи во општеството, што беше охрабрувано од тогашната влада создаде основа за намалување на чувството на општествена одговорност и воведе елементи поврзани со национални и идентитетски перспективи во јавниот дискурс.“[22]
Фрчковски во една своја анализа[23] наведува повеќе контекстуални фактори кои ја поттикнуваат појавата на популизмот во транзициските демократии:нелиберална општествена рамка, национализам, отсуство на културна и религиска разновидност, економска криза, корупција. Понатаму, наведува, политичките елити кои мобилизираат на основа на етничката припадност и нивниот манипулативен однос кон демократските вредности, ослабувањето на граѓанското општество, манипулативната димензија на медиумите - сите тие придонесуваат кон ефективноста на популистичките алатки.Во контекст кога земјите во транзиција на Балканот се стремат да бидат дел од Европската Унија, непроменливоста на таа дистанца отвора простор за разочараност, корупција и манипулација. Дополнително, „нејасната стратегија и тактика на европската дипломатија кон заштитата на сопствените вредности (особено Копенхашките критериуми) за време на процесот на проширување во транзициските земји и двоумењето да користи ’дипломатија на сила' (повеќе стапови отколку моркови)”[24] е исто така фактор. Следствено, појавата на различни популистички и евроскептични тенденции во земјата може да се толкува како последица на отсуството на волја за реформи и во ЕУ и во Северна Македонија.
Евроскептичните наративи во Северна Македонија денес не се промовирани од владата, туку од различни точки во општеството, кои главно се некои политички партии и субјекти во граѓанското општество. Денес владејачката партија (СДСМ) не е класично популистичка, иако повремено се користи со популистички техники. Поочигледно популистичка е релативно неодамна формираната партија Левица, која е склона кон десниот спектар на вредности и, уште повеќе,нејзини членови се самоидентификуваат како популисти користејќи ги дефинициите на Лакло.
Студија на ИДСЦ[25] спроведена во 2022 г. се фокусира на побарувачката за популизам помеѓу населението во Северна Македонија и ги мери изворите на популистичките тенденции на граѓаните и склоноста кон таквите наративи.Истражувањето идентификува три главни фактори кои придонесуваат до оваа состојба: неефикасноста на политичкиот систем да ги вклучи граѓаните во процесот на креирање политики и донесување одлуки;подложноста на теориите на заговор меѓу населението;и, конечно, силната недоверба во институциите од политичкиот систем.[26] Некои од податоците кои ги изложува е дека мнозинството испитаници, над 80%,имаат нагласена недоверба кон политичките елити и сметаат дека политичарите во земјата работат само за своите интереси, а не за општото добро. Идејата дека политичарите и народот се силно спротивставени е исто така распространета - дури 69% од испитаниците, а притоа, 89% од граѓаните би преферирале „човек од народот“ отколку политичар по професија. Според оваа студија „граѓаните доминантно изразуваат разбирање на политиката и политичкиот живот како борба на ’ние наспроти нив’, а помалку како дејност преку која треба да се овозможи решавање на општествените проблеми и наоѓање компромис во согласност со интересите на различните групи“. Понатаму, студијата покажува дека постои поврзаност на популистичките ставови со конзервативните авторитарни вредности, како и со верувањето во теории на заговор. Како најрелевантен предвидувачки фактор се истакнува перцепцијата на граѓаните за неефикасностана политичкиот систем во однос на вклучувањето на граѓаните во донесувањето одлуки.
Што се однесува до состојбата со евроскептичните наративи помеѓу населението, ако ги погледнеметенденциите во јавното мислење (според годишните истражувања на јавно мислење спроведени од граѓанскатаорганизација Евротинк[27]), ставовите во полза на членството во ЕУ помеѓу македонските граѓани помеѓу 2014 и 2021 г.се во пораст, со тоа што во 2021 изнесувало 70%, што е пораст за 11% процентни поени во споредба со 2014 година. Одговорот, пак на прашањето „Дали ЕУ е најдобрата опција за Македонија“ варира низ годините, но во 2021 изнесувала 57%. Од друга страна, евроскептичниотстав дека „Македонија треба да најде друг модел за развој надвор од ЕУ“ помеѓу 2014 и 2016 варира, додека од 2017 до 2021 има благ пораст од 35% на 38%.
Една регионална студија[28] укажува дека евроскептичните наративи во Северна Македонија се главно одредени од заморот од долгиот и несигурен процес на влез во ЕУ. Главните наративи кои се идентификувани, преку фокус групи со граѓани и преку интервјуа со водачи на евроскептични партии,поврзани со евроскептицизмот се поврзани со прашањето на националниот идентитет и со прашањето на суверенитетот. Европскиот идентитет е перципиран како позициониран наспроти националниот, како закана, особено преку условеноста на процесот за членство што придонесува за губење на националниот идентитет преку процесот на придружување кон европската унија. Губењето, пак, на суверенитетот на земјата во донесувањето одлуки е исто така една од главните перципираниточки на проблем. Во таа смисла се предлагаат опции за регионална интеграција како што е наклонетост кон Русија и евро-азиската унија.
ЗАКЛУЧОК
Од доаѓањето на популистите на сцената во 1990-ите, кои дотогаш биле сметани само за маргинални субјекти во политиката, денес тие се доволно оснажени за нивниот дискурс да навлегува и во мејнстрим политиката. Клучните концепти кои е прифатено дека се во центарот на популизмот се: народот, елитата и општата волја, како и харизматичната лидерска фигура. Муде како една од структурните причини за раст на популизмот го посочува растот на недемократскиот либерализам, што подразбира деполитизација на многу од општествените прашања, односно, оддалечување на дискусијата од заедничката народна сфера - меѓу тие прашања го вбројува и процесот на евроинтеграциите. Елементот на евроскептицизмот е присутен и кај десно и кај лево ориентираните партии во Европа.
[1]Laclau,E. Populism: What’s in a Name? во Populism and the Mirror of Democracy, ed. Panizza, F., Verso, 2005
[2] Mudde, C. Populism in the Twenty-First Century: An Illiberal Democratic Response to Undemocratic Liberalism,
Дигитален извор:https://amc.sas.upenn.edu/cas-mudde-populism-twenty-first-century
[3]Николовски, Д., Демири, М.„Справување со нелиберални и евроскептични наративи“,Евротинк, 2022
https://eurothink.mk/2022/10/30/spravuvanje-so-neliberalni-evroskepticni-narativi-oddolu-zbirka-polisi-brifovi/
[5]Akbaba S.Re-narrating Europe in the Faceof Populism: An Analysis of theAnti-immigration Discourse of Populist Party Leadersin Insight Turkey , Vol. 20, No. 3 (Summer 2018), pp. 199-218
[6] Akbaba S. Re-narrating Europe in the Face of Populism: An Analysis of the Anti-immigration Discourse of Populist Party Leadersin Insight Turkey , Vol. 20, No. 3 (Summer 2018), pp. 199-218
[7]Mouffe, C. The 'End of Politics' and the Challenge of Right-wing PopulismвоPopulism and the Mirror of Democracy, ed. Panizza, F., Verso, 2005
[8]Inclusionary Populism, ECPShttps://www.populismstudies.org/Vocabulary/inclusionary-populism/
[9] Mudde, C. and Rovira Kaltwasser, C.Exclusionary vs. Inclusionary Populism: Comparing Contemporary Europe and Latin America, Government and Opposition, Vol. 48, No. 2, pp. 147–174, 2013 https://www.cambridge.org/core/services/aop-cambridge-core/content/view/AAB33C1316BE16B8E4DE229519362E27/S0017257X12000115a.pdf/exclusionary_vs_inclusionary_populism_comparing_contemporary_europe_and_latin_america.pdf
[10]Akbaba S. Re-narrating Europe in the Face of Populism: An Analysis of the Anti-immigration Discourse of Populist Party Leaders in Insight Turkey , Vol. 20, No. 3 (Summer 2018), pp. 199-218
[11] Tagart, P. „A Touchstone of Dissent: Euroscepticism in Contemporary Western European Partu System“,1998
[12]Николовски, Д., Демири, М. „Справување со нелиберални и евросептични наративи“, Евротинк, 2022
[13]Николовски, Д., Демири, М.„Справување со нелиберални и евросептични наративи“, Евротинк, 2022
[14] Brack, N. Towards a unified anti-Europe narrative on the right and left? The challenge of Euroscepticism in the 2019 European elections, во Research and Politics, 2020
[15]Brack, N. “Towards a unified anti-Europe narrative on the right and left? The challenge of Euroscepticism in the 2019 European elections”, in Research and Politics, 2020
[16] Ongaro, Е. et all, “How the European Union responded to populism and its implications for public sector reforms”, in Global Public Policy and Governance, 29-109, 2022
[17] Mudde, C. Populism in Europe: An illiberal deocratic response to undemocratиc liberalism, Government and Opposition (2021), 56, 577–597
[18]Akbaba, S. Re-narrating Europe in the Face of Populism: An Analysis of the Anti-immigration Discourse of Populist Party Leaders, Insight Turkey , Vol. 20, No. 3 (Summer 2018), pp. 199-218
[19]Akbaba, S., Re-narrating Europe in the Face of Populism: An Analysis of the Anti-immigration Discourse of Populist Party Leaders, Insight Turkey , Vol. 20, No. 3 (Summer 2018), pp. 199-218
[21]Николовски, Д., Демири, М. Справувањесонелиберални и евроскептичнинаративи, Евротинк, 2022
https://eurothink.mk/2022/10/30/spravuvanje-so-neliberalni-evroskepticni-narativi-oddolu-zbirka-polisi-brifovi/
[22]Николовски, Д., Демири, М.„Справување со нелиберални и евроскептични наративи“, Евротинк, 2022
https://eurothink.mk/2022/10/30/spravuvanje-so-neliberalni-evroskepticni-narativi-oddolu-zbirka-polisi-brifovi/
[23] Frckovski, Lj. Authoritarian Populism in Transitional Democrasies of Western Balkans, South-East European Journal of Political Science, Vol. II, No. 1, 2014
[24]Frckovski, Lj. Authoritarian Populism in Transitional Democrasies of Western Balkans, South-East European Journal of Political Science, Vol. II, No. 1, 2014
[25]Поповиќ, М. Близнаковски, Ј., Речица, В. Популистикиотграѓанин: Зошто граѓаните поддржуваат популистички лидери и политики во Северна Македонија?, ИДСЦ, 2022
[26]Поповиќ, М. Близнаковски, Ј., Речица, В. Популистикиот граѓанин: Зошто граѓаните поддржуваат популистички лидери и политики во Северна Македонија?, ИДСЦ, 2022
[27]Серија годишни истражувања на јавното мислење „Еврометар“ https://eurothink.mk/%d0%bf%d1%83%d0%b1%d0%bb%d0%b8%d0%ba%d0%b0%d1%86%d0%b8%d0%b8/
[28] Николовски, Д., Демири, М.„Справување со нелиберални и евроскептични наративи“, Евротинк, 2022
https://eurothink.mk/2022/10/30/spravuvanje-so-neliberalni-evroskepticni-narativi-oddolu-zbirka-polisi-brifovi/