Емотивно течение на свеста: Кон изложбата Три приказни - Бернхард Холеман

03.07.2025 00:51
Емотивно течение на свеста: Кон изложбата Три приказни - Бернхард Холеман

Овој осврт е дел од изложбата „Три приказни Бернхард Холеман“ во уметничката галеријха на МАНУ.

Бернхард Холеман е уметник на емоцијата. Не на емоцијата како на антрополошки феномен, туку како на медиум преку кој сликарот „прикажува“ определени внатрешни човечки состојби. Сето тоа движење, немир, треперење и гестикулации на четката на Холеман се еден вид на „психолошки роман“ раскажан низ слики.

Гледајќи во циклусот направен во манастирот Св. Наум набљудувачот добива впечаток дека се работи за емотивно „течение на свеста“ на самиот автор. Како Холеман да сака да ги пренесе состојбите на својата свест, а не толку да ги долови физичките феномени кои го опкружуваат. Сликите
инспирирани од манастирските фрески, икони и архитектура говорат за внатрешните конфликти, за психолошките драми, за егзистенцијален страв, за изолација, за распаѓање и општо земено за кревкоста, за кршливоста и за распадливоста на човечката природа.

Истовремено во овие експресивни фигурации се наѕираат спротивни изблици од оние наброени погоре. Во сликите се крие или се наѕира човечкиот порив за преобразба и копнеж за смисла. Кон овој впечаток води симболичната апстракција во сликите кои визуелните „интровертни затвори“ на духот, на умот и на душата ги претвора во структури на космичка бесконечност. За тоа сведочат навидум хаотичните „колажи“ кои од определена византиска икона, фреска или столб создаваат метафизички пространства. Холеман ја користи архитектурата, иконописот и фрескоживописот како платформа за врз нив да изгради свој уметнички хибриден свет населен со разни „химери“ и да создаде една чудесна човечко-животинска митологија.

Едно суштество, поточно инсект е омилен мотив на овие слики. Тоа е богомолката. Во природниот свет овој инсект не е ништо поразличен од кој било друг. Соодветно со своите инстинкти и природни предиспозиции богомолката е предатор меѓу инсектите. Но во човечката имагинација
нејзиниот фенотип асоцира на нешто сосема друго. На молитва, на тихување, на созерцување, на понизност и на кроткост. Така, оваа до заби вооружена „машина за убивање“ станува апстрахиран духовен симбол за
односот на човештвото кон светото.

Во циклусот на овие слики често се гледа паунот кој е симбол на бесмртност и воскресение. Колажните композиции го надминуваат простото документирање и сликите ги претвораат во театар на симболи. Инсектот предатор е симбол на понизност при молитва, а гиздавото перје е симбол на Христовата победа над смртта преку неговата понизна жртва. На овие симболи Холеман ги надоврзува сопствените уметничко-филозофски „созерцанија“. Тие се несомнено нурнати во историски, религиозни, политички и општо „традиционални“ слоеви кои „Св. Наум“ ги пренесува преку илјада години.

Но колку подлабоко нурнал и досегнал до најголемите длабочини на индивидуалниот и на колективниот уметнички гениј направил толку повисок одраз преку метаиконографскиот постмодерен уметничко-херменевтички стил. Аналитичната „фисија“ на строгите богословски правила на византискиот иконопис и фрескоживопис под четката на Холеман се трансформира во фузија, во јадрено соединување на преданието, на меморијата, на имагинацијата, на социјалната критика, на еколошката свест и на човечкото достоинство.

Во време кое Грамши го нарекува време на чудовишта „зашто Стариот свет умира, а новиот сѐ уште не се родил“, Холеман покажува исклучителна перцепција за овој историски феномен кој маестрално ја илустрира преку
своите уметнички дела. Крајниот резултат е еден современ иконостас и визуелна литургија така што радикалните трансформативни пораки на Св. Наум од деветтиот и од десеттиот век стануваат пророчки глас за денешната постмодерна и постметанаративна генерација.