Револуцијата на Трамп пристигнува во Европа

04.07.2025 01:18
Револуцијата на Трамп пристигнува во Европа

Кога американскиот претседател Доналд Трамп беше реизбран по вторпат, тој започна политичка револуција која фундаментално ги трансформира идентитетите на цели држави. За само шест месеци, САД преминаа од застапување на либерална демократија и слободна трговија кон промоција на нелиберализам и протекционизам. Сега таа револуција пристигна и во Европа и го менува нејзиниот поглед на светот – и нејзиното место во тој свет.

Врз основа на разговори со 16.000 луѓе од 12 европски земји, нашата организација Европски совет за надворешни работи (ECFR) утврди дека победата на Трамп ја промени природата на внатрешната европска политика и нејзината геополитичка положба. Речиси преку ноќ, европската радикална десница, која отсекогаш го бранеше националниот суверенитет од заканата на европскиот федерализам, стана авангарда на транснационалното движење што застапува некој вид цивилизациски национализам. Од друга страна, многу мејнстрим партии, поранешни глобалисти, се преобразија во суверенистички партии, бранејќи го националното достоинство од нешто што го доживуваат како идеолошко мешање од Вашингтон.

Приврзаниците на европските популистички партии веќе не се т.н. протестни гласачи. Според нашите податоци, мнозинството од оние што ги поддржуваат десетте радикално десничарски партии опфатени со ова истражување сметаат дека реизборот на Трамп е добар за САД, а неговите постапки ги оценуваат со симпатии и возбуда. Слично се однесуваат и лидерите на европската радикална десница, кои ги копираат неговите политики – од имиграцијата до намалување на државната бирократија.

Се чини дека како последица на тоа се јавува нов идеолошки трансатлантски однос, кој веќе не ја дели Европа на проамерикански и антиамерикански земји, туку на политички партии кои се или за или против Трамп. На пример, за разлика од поделбата што ја предизвика војната во Ирак 2003-тата година, источна Европа сега е подеднакво наклонета кон Америка како и западна, но не поради силен проамерикански општествен консензус, туку поради зајакнати радикално десничарски партии.

Меѓутоа, останува нејасно дали европската радикална десница ќе биде главен добитник или жртва на Трамповата револуција.

Од една страна, како што беше случајот со Брегзит, реизборот на Трамп ѝ покажува на десницата дека власта ѝ е на дофат. Но, ако граѓаните се свртат против Трамп и неговата политика, овие партии ќе бидат најголемите губитници. Нивната поддршка зависи од американскиот лидер на ист начин на кој поддршката за западноевропските комунистички партии зависеше од тоа како луѓето го доживуваа Советскиот Сојуз и неговата политика за време на Студената војна.

На другата страна од спектарот, неколку традиционално атлантистички партии во Европа, како што е германската Христијанско-демократска унија, се репозиционираат како бранители на националниот суверенитет од Америка на Трамп. Нашето истражување ја потврдува оваа промена. Земјите кои денеска изразуваат најголем скептицизам кон Америка до вчера беа нејзини најголеми атлантисти – како Велика Британија, Германија и Данска.

Во Данска, 86 проценти од испитаниците веруваат дека американскиот политички систем е пропаднат. Тоа е добар пример за радикален пресврт на јавното мислење во Европа против САД, но не кога Трамп ја напаѓа цела Европа, туку кога се заканува на суверенитетот на Данска.

Во меѓувреме, се случува подеднакво драматична трансформација на европскиот геополитички идентитет, при што реизборот на Трамп ја принуди Европа конечно сериозно да се посвети на сопствената безбедност. Иако стравот од руска агресија претежно владее во земјите што се граничат со Русија, нашите анкети укажуваат на јасно присуство на паневропски страв од нуклеарен конфликт и нова светска војна.

Гледајќи ги овие резултати, се забележува дека мнозинството од испитаниците се залагаат за зголемување на трошоците за одбрана, продолжување на поддршката за Украина доколку САД се повлечат, а во некои земји дури и за воведување задолжителна воена служба. Во многу земји – освен во Италија и Унгарија – повеќе од 60 проценти од испитаниците го поддржуваат развивањето европски нуклеарен систем за одвраќање, додека некои се залагаат за истото и на национално ниво.

И покрај големиот пресврт, Европејците сè уште се сомневаат во способноста на ЕУ да се вооружи доволно брзо за одбрана без Вашингтон, особено на краток рок. Главниот парадокс што го откривме во анкетите е во тоа што Европејците, иако се свесни за ризиците што ги носи политиката на новата американска администрација, сè уште веруваат дека Трамп нема да ги повлече американските трупи од Европа и дека трансатлантските односи ќе се подобрат со следниот американски претседател.

Се поставува прашањето: дали Европејците ја сфаќаат Трамповата револуција премногу лесно или пак се реални во однос на краткорочните цели на Европа?

Додека европските лидери на самитот на НАТО во Хаг гласаа за историско зголемување на буџетот за одбрана на 5 проценти од БДП, одговорот на претходното прашање би можел да биде спротивен на очекуваното. Јакобинскиот водач на Француската револуција Сен-Жист наводно рекол дека „денешниот поредок е утрешен хаос“. Европа моментално се наоѓа во самото средиште на таа идеја.

Карикатури: Paolo Calleri

Извор: https://www.politico.eu/

ОкоБоли главаВицФото