Мрежата за заштита од дискриминација oстро реагира на изјавите на премиерот Мицковски

04.07.2025 15:54
Мрежата за заштита од дискриминација oстро реагира на изјавите на премиерот Мицковски

За време на настанот „Демографски трендови, предизвици и можни решенија – Развој на стратешки документи за демографска отпорност“, Претседателот на Владата Христијан Мицковски изјави дека се разгледува можноста за воведување дополнителни даноци за неженети и немажени лица. Таквата изјава е длабоко загрижувачка и претставува закана за основните човекови права и принципите на еднаквост и слобода, реагираат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму оценуваат дека ваквата најава односно идна мерка не само што би била ретроградна, туку е и дискриминаторска, бидејќи, како што наведуваат оттаму, ги крши човековите права односно правото на избор, правото на приватен и семеен живот и правото на планирање семејство, животен стил, семејна состојба и иднина.

„Оваа изјава го стигматизира секој кој не живее во брачна заедница – било од избор, било од околности. Ги удира младите, самохраните родители, ЛГБТИ+ лицата и оние кои се социјално и економски ранливи. Не придонесува кон развој на општеството, туку отвора врата за нови поделби, стигма и нееднаквост. Потсетуваме дека со член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот“, се вели во реакцијата.

Како што се наведува, вонбрачната заедница е регулирана и заштитена со Уставот на Република Северна Македонија.

„Ваквиот предлог јасно кореспондира со идеите кои доаѓаат од авторитарни режими, кои преку ретроградни наративи имаат за цел насилно зголемување на наталитетот. Наместо казнување на личните избори преку даночен систем, потребни се политики кои ги поддржуваат младите семејства, достапни градинки, сигурно вработување, родова еднаквост и слободен избор на партнерство и родителство. Животниот стил не е основа за оданочување. Во демократска и современа држава, бракот треба да биде слободен избор, а не даночна обврска. Ја повикуваме Владата, како орган којшто е овластен предлагач на закони и политики, да се воздржи од иницијативи кои поттикнуваат дискриминација, а институциите – да застанат во одбрана на правата на сите граѓани, без разлика на нивниот брачен статус“, се наведува во реакцијата од Мрежата.

Извор: https://meta.mk/