1028 hPa
81 %
4 °C
Скопје - Нед, 14.12.2025 12:59

„И ѕирка и проѕирка“, Огнена Никуљски, „Антолог“
Многу долго време се чувствував постојано потиснувана надолу. Можеби тоа се должеше на немањето потреба да се истакнувам, да ме фалат, да ми ги препознаваат успесите. Веројатно затоа што бев трето дете. Третите деца се приказна за себе.
Првото ја потврдува плодноста на родителите, способноста да се размножуваат, често несвесно присутна потреба. Ако и ја продолжува лозата – блазе си му. Сите патишта кон љубовта, приврзаноста и пофалбата на родителите му се отворени. Можеби нема да биде нежно гален, но сигурно ќе биде ставен на престол. Првороденчето!
Второто дете служи за родителите да покажат дека научиле да бидат родители како што треба, да ги подобрат чекорите што ги презеле со првото дете, особено ако првото не се покажало толку лесно за пофалба. Се разбира, второто дете е таму и за да го слуша првото, затоа што тоа е постаро. Мора да го слуша и само поради тој критериум на возраст, без оглед на тоа што го носи во себе или тоа што на првото му недостасува како доблест. Постаро е!
Третото дете, пак, може да биде центар на нештата и тоа само затоа што е трето, какво и да е. Ако, пак, им се погоди на родителите, станува безрезервен миленик.
Но, што правиме ако по третотo дојде и четврто? Тоа е сериозен проблем. Ја изместува воспоставената состојба. Има нов претендент на престолот.
Првото го има четвртото како жива играчка. Му служи да ги истера сите ѓаволштини што умот може да ги смисли. Да му се крие по плакари за да го вади од памет, да го насанкува со божемни вистини што треба насекаде да ги обзнанува за тој настрана да се насладува со збунетоста и лутината на родителите.
Второто не го сајкали многу четвртото, има попаметна работа. Треба да се бори со првото за да се измолкне од неговата сенка. Третото треба да го дисциплинира за да може да му користи за изигрување на правилата на родителите.
Четвртото дефинитивно царува. Го истуркува третото од местото на миленик и суверено владее со родителите. Галеничето е мало и треба да се чува.
Третото... Третото мора да се снаоѓа. Да преболи што не е веќе галениче, да го прифати новото галениче, да не им дозволи на првите двајца да го искористуваат за свои потреби. Тешко нему!
Е па, јас сум трето дете. Затоа живеев и живеам во свој свет, далеку од првите двајца, заштитнички настроена кон она што ми го презема местото на галениче.
Затоа што многу рано сфатив, на почетокот, сосема несвесно, дека ниту можам да се истуркам на прво место ниту да го истуркам четвртото од статусот на галениче.
И не ми беше лошо. Ама родив само три.
Одвреме – навреме ќе се судрев со стварноста дека никој од моето семејство не ме познава, ниту, пак, се погрижил нешто особено да ме запознае. Донеле свој суд за мене од она што им дозволував да го видат и ми требаше и мене и на животот многу време за да ме видат и посериозно да размислат за мене. Многу долго време.
Ќе речете, претерувам. Можеби.
Мислам дека денес сум ваква каква што сум благодарение на таа рана свест за својот статус во семејството и опкружувањето во кое живеев.
Си создадов свет за себе, само мој, некогаш осамен и темен, некогаш исполнет и светол. Но, мој. Во него јас бев најважната. Но, за да можам да си живеам во него, морав да направам штит околу него, да го направам невидлив и непробоен за другите. Така научив да не се туркам да споделувам, да си ја гледам работата и да не паѓам во очи. Долго време ми успеваше. Денес, повторно си го возобновив, по своја волја, за да не ми тежи тоа што немам многу луѓе околу мене, што немам некој особено да се грижи за мене, да бидам сама.
***
„Зад маските“, Ксенија Николова, „Шеринг ис керинг“ – Здружение за создавање на подобро општество за сите
Беше топла вечер, па Елен ги насочи кон градината каде ја имаше поставено масата.На сите им се допадна идејата да вечераат надвор и неколку мига подоцна, сите четири седеа околу убаво декорираната маса во градината под големиот даб.
„Се надевам овој пат ќе уживате во моето јадење“, Елен се насмевна од уво до уво.
„Секако“, рече Тина, додека Елен ја ставаше храната на масата.
„Ќе ги отвориш ли сега подароците?“, праша Лили нетрпеливо.
„Можеби малку подоцна? Ајде да вечераме на раат.“
„Што пиеме?“, праша Лили кршејќи ги прстите.
„Бело вино? Мислам, јас не пијам поради лековите и сето тоа, но за вас има доволно вино“, Елен отиде во кујната и се врати со две шишиња вино и две шишиња вода, минерална и обична. Ги стави на масата и почна да го отвора виното.
„Ти треба помош со тоа?“, праша Лили.
„Не, можам.“
„Чекај, уште си на лекови?“
„Лили, секако дека е. Потребно е време за такви работи, а тоа се случи пред само
еден месец“, рече Тина затресувајќи со главата поради незнаењето на Лили.
„Во ред е. Да, сум и ќе бидам уште некое време. Знаете, битно е дека функционира, нели?“. Елен ја извади тапата од шишето. „Уф, ова беше тешко“, почна да става вино во чашите.
„Но, успеа! Браво,mi amor, добро е, не си заборавила како се отвора вино“, навиваше Барбара со својот колумбиски акцент додека ја палеше цигарата што ја извади од малата, црна чанта од марката диор.
„Ух, од кога пушиш?“, праша Лили зачудена.
„Душо, пушењето е голема работа меѓу нас, моделите, па си помислив да се потсетам на мојата стара навика, макар еднаш“, рече таа и долго повлече од цигарата, оставајќи трага од црвениот кармин на неа.
„О, не, пушењето е лошо за тебе, мила! Сме имале многу пациенти кои имале проблем со компикации предизвикани од пушење, барем додека работев во болницата“, рече Тина со тажен глас гледајќи ја Барбара.
„Па, пушењето е најмал грев, зар не? Треба да видиш колкави количества кокаин користат луѓето во таа индустрија секој ден.“
„Бљак! Одвратно е. Плус,таа цигара ќе ти ја уништи скапата облека! Грозно мириса“, рече Лили со израз на гадење.
„Па, што можам да кажам: грозна сум, зар не Елен?“, Барбара ѝ намигна на Елен со значаен поглед. Елен ѝ ја возврати насмевката, малку ѝ беше непријатно.
„Во ред, ајде сите да наздравиме. Многу сум среќна што сте сите тука, за уште многу вакви денови!“, се насмевна Елен и ја крена чашата со вода.
По неколку шишиња бело вино и два прекрасни домашни оброци, разговорот почна да се продлабочува.
„Рижото беше неверојатно“, рече Тина, очигледно задоволна, гледајќи во стомачето.
„Треба да внимаваш на тежината, госпоѓо – фустанот ќе ти експлодира“, се закикоти Лили.
„Ин-витрото ми го прави ова – не е само храна“, Тина го допре стомакот со разочарување.
„Аха, секако. Една работа научив од мајка ми, на времето кога бев дебелка, а тоа е дека ако постојано си бараш оправдувања за тежината што си ја ставила, само ќе продолжиш да се дебелееш“, рече Лили со подбив, прекрстувајќи ги рацете и гледајќи во Тина.
„Чекај, ти си била дебелка?“, праша Барбара.
„Како тинејџер, да. Но, си ја научив лекцијата, очигледно“, Лили сѐ уште гледаше во Тина која ја смени темата.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.