Во јатката, во љубовта, во човекот, доаѓа новиот оган (шест песни)

07.07.2025 10:41
Во јатката, во љубовта, во човекот, доаѓа новиот оган (шест песни)

 

ДВА СВОДА
На Оливера

Ќе се фатиме за раце.
Рацете ни се два свода оѕвездени со сништа.
Свод ќе грее кон свод.
Ќе биде тоа предел на штедроста.

Тој предел не ќе личи на никој друг.

Ако од едниот свод се срони ѕвезда,
ќе запре и ќе светли на другиот.

Ако на едниот свод загине птица,
ќе ја оживее другиот.

Ќе биде тоа предел на преобразувањето.

Тој предел не ќе личи на никој друг.

 

 

МОЖЕБИ ВО ТОЈ МИГ

Можеби во тој миг земјата ќе нé помириса
и ќе нé тупне благонаклонето по рамо,
и ќе нé чита како приказна нова.
Ќе научи ли нешто од нас, таа старата,
или ќе се исплаши од нас како од свој тромбоцит?
Ќе се зарази ли од некоја наша недоследност
или ќе ни ги побара ордените за нашата храброст.

Можеби ќе посака да беседи долго со нас,
да извлече некое искуство заради својата иднина,
или ќе нé разглоби како играчки
за да го открие навреме сопствениот пораз.

Преземајќи нé пак во својата лабораторија
можеби ќе си спомне кога одевме по неа,
кога ѝ бевме далечни со нашата наперченост,
и - според својата желба за игра палава
или според некој договор со ѕвездите -
можеби ќе нé претопи во бор или риба,
во мрамор, во џунџуле, во облак, во руда,
можеби ќе нé претопи во нов човек?

 

ЈАТКА

Сé што се родило
си има своја јатка
за пак да роди.

Јатката е во семката,
семката е во плодот,
а плодот минува.

Минува јаболкото,
подлутува оревот,
и човекот заминува.

Јатката останува
ако ја издржи мувлата,
ако се спаси од гладта.

Доаѓа новиот оган,
доаѓа будилникот ветер
во јатката, во љубовта, во човекот.

И пак цути јаболкницата,
и пак заврзува оревот,
и човекот е даруван со човек.

Тешко се влегува во јатката,
а сé и секој е во неа:
на малку простор - големи нешта!

Таму сé е густо и збиено,
како смола, алкохол ил' злато
за да трае со години.

И сé е таму расчленето
како боја, сок и ритам, и насмевка,
за да биде убавина.

Штом еднаш ќе влеземе
во јатката сопствена
- голема работа таму нé чека.

 

 

ПРЕД ВЛЕГУВАЊЕ

Да влеземе
или да останеме надвор?

Ако влеземе
знаеме што нé очекува:

Румено јаболко на масата,
а црв древен одгледува
во топлото срце.

Празни рамки по ѕидовите,
што одамна смислиле
да сме им портрети;

Ќе станеме плен на
на шупливите погледи
од живите маски;

Во златните пајажини
ќе ни се раскости
даденото време.

Од прозорот нечија рака
нé кани за внатре, велејќи:
„Добредојдовте, збогувачи!"

Сто врати за влегување!
А една за надвор
ќе се најде ли?

За верба ли е
дека во тој шарен напрсток
ќе ни биде широко?

Да влеземе
или да останеме надвор?

Да останеме ли,
вртејќи го околу прст
девствениот прстен на утрото?

 

УТРО

Утро е.
Со каква надеж ќе го скорнеш светов?
Ќе те полази ли скокотот
на онаа пеперуга
живеачка што се вика?

Ќе најдеш ли босоног сопатник
со убава, јасна лика,
необележан ни со најмала лузна?

Ќе му ја слушаш ли шурката
како морница, речта негова,
како барана виделина?

Ќе му ја откриеш ли сенката
што ти се склопчила
во гнездото од дамнина?

Утро е.
Со каква надеж ќе го скорнеш светов?
Ќе ти рече ли сопатникот:
јас и ти - две планини
што иста вода ги скокотка
и - поткопува.

 


БРОДОВИТЕ

Ќе пристигнат бродовите,
а ние ќе бидеме неспремни.

Ќе пристигнат можеби утре
или задутре - а кај сме ние?

Изморени во сопствената кожа,
од дамките, од мрежите.

Помодрени од зборови отровни,
од плашење еден со друг.

Барајте го мускулот здрав
што ќе ги пристане бродовите.

Ќе пристигнат бродовите
што ја преживеаја човековата зима.

Ќе дојдат со ветрот
од питоми пазуви излезен.

Мислете на гласот, на овошјето,
со кои ќе ги пречекаме.

Фрлете го каменот од рацете
за да видат како им мавтаме.

Како им мавтаме и повикуваме
со гласот на пречиста душа.


Цртежи: Jon Carling

Избор: П. Вулкански

Белешка за поетот
Цане Андреевски, кој почина пред два дена на 95 години, и Оливера Николова, која почина на 4 ноември 2024 на 88 години, со децении беа најпознатиот македонски писателски пар. Иако Николова беше попознатиот дел од парот, Андреевски зад себе остави исто толку импресивно творештво. Запаметени ќе останат неговите поетски збирки за деца: „Сончева порака“ (1951), „Што има ново“ (1959), „Планета со петел“ (1976), „Шинато уво“ (1989); расказите за деца „Јаготки“ (1955), „Нашите први учители“ (1982), „Дарби“ (1990), „Белата мечка, синиот кит и другите“ (1998), „Малата голема точка“ (2005)... Од поезијата за возрасни ги издвојуваме „Добрина“ (1956), „Свечености“ (1964), „Сребрен поток“ (1969), „Врски’ (1982)... Во 2007 ја објави брилијантната хаику збирка „Дождот“. Посебно се издвојуваат и неговите биографски разговори со Блаже Конески и Илија Милчин.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото