1004 hPa
93 %
0 °C
Скопје - Чет, 22.01.2026 21:00

Со речиси пет милиони жители и сè поплитки извори на питка вода, Кабул е на пат да стане првиот модерен град што би можел целосно да остане без вода до 2030-тата година. Во главниот град на Авганистан – земја со која од 2021-та година повторно управуваат талибанците – пресушија повеќе од половина бунари, а 80 проценти од подземните води се загадени, соопшти невладината организација Mercy Corps на почетокот на јуни годинава. Нивото на вода во градските водоводи во последниве десет години опаднало за дури триесет метри, како резултат на климатската криза, неконтролираната урбанизација и отсуството на соодветно државно управување. Освен недостигот од вода, голем проблем претставува и контаминацијата на постоечките водни залихи. Градот сè уште нема основна инфраструктура, пред сè водоводен систем што би овозможил чистата вода директно да се доставува до домовите, заменувајќи го сегашниот систем на контаминирани бунари. Се проценува дека дури 80 проценти од подземните води во Кабул се загадени – со фекалии, сол, па дури и арсен. Причините за ваквата состојба се рударските активности, неконтролираното испуштање отпадни води од индустриските постројки и недостигот од сеопфатен канализациски систем.
.jpg)
Во последниве пет години, цените на водата во Кабул се зголемија двојно, а во некои квартови и тројно. Според истражувачите на Mercy Corps, во одредени делови од градот трошоците за вода понекогаш се поголеми од трошоците за храна. Жителите на Кабул се принудени да трошат и до една третина од своите месечни приходи на вода, а повеќе од две третини од домаќинствата во градот веќе се задолжиле за да ги задоволат основните потреби за вода. Притоа, неформалните кредити – единствени достапни за сиромашните граѓани – носат каматни стапки од петнаесет до дваесет проценти. Просечното дневно снабдување со вода во Кабул се проценува на дваесет литри по лице, што е четири пати помалку од препорачаниот минимум. Во отсуство на државна регулација и надзор, некои приватни компании дополнително ја експлоатираат состојбата и остваруваат профит. Приватните компании користат јавни подземни води за масовно испумпување, а потоа водата ја продаваат на жителите на Кабул по повеќекратно повисоки цени.
.jpg)
Како и во многу други метрополи во светот, бројот на жители во авганистанската престолнина значително се зголеми во поново време – дури седумкратно во последните дваесет и пет години. Демографскиот притисок си го прави своето, а географските услови не помагаат. Кабул се наоѓа во тесна долина на планинскиот венец Хиндукуш, далеку од природни водени површини. Главната артерија на долината е реката Кабул со двете притоки – Логар и Пагман. Сите три водотеци зависат од брзината на топење на снежната покривка на планините, што значи дека напролет протокот може да биде и до петнаесет пати поголем отколку во зима. Поради недостигот од вода, во особено неповолна состојба се наоѓа и земјоделскиот сектор. Намаленото производство ја зголемува цената на основните прехранбени производи, што дополнително ги оптоварува веќе задолжените жители на градот. Цената на пченицата е за четириесет проценти повисока од 2021-та година, а загрозени се и посевите во повеќе од четиристотини стакленици кои работат во околината на Кабул. Без итни и координирани инвестиции, Кабул навистина би можел да стане првата метропола во светот без вода – во регион каде што исцрпувањето на водните ресурси е исто толку реално колку што се и масовните миграции и можноста за воени судири. Индија и Пакистан веќе се борат за вода, а низ целиот Авганистан недостигот од вода доведува до потхранетост и ширење на болести што се пренесуваат преку вода, па сè почести се и миграциите во земјата и регионот. Рецептот за тешки политички превирања е веќе тука – а водата би можела да биде последната капка што ќе ја прелее чашата.
.jpg)
Фотографии: Atif Aryan
Извор: https://www.portalnovosti.com/