1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 23:59

„Евацид“, Никола Радуловиќ, „ФЛИП БУК“
„Здраво, Сем“, Дин му се јави на Сем веднаш по добивањето на мејлот. Никој друг не знаеше за Gray Knight, мора да беше легитимно.
„Дин е. Имам некои... хм, новости?“
„Да, здраво, Дин. Какви новости?“
„Добив мејл.“
„Мејл? Од кого?“
„Не знам, но потпишан е од Gray Knight и во него има слика од мојот покоен татко. Со... некаква песна.“
„Хмм“, се замисли Сем. „Дали кажа некому за Gray Knight?“
„Не, никому!“
„Ок, ќе сакате ли да дојдете до полициската станица за да дадете изјава? Од овде ќе можете да се најавите на својата електронска пошта и да ни го покажете мејлот.“
„Секако. Но… Сем... Се плашам, Сем!“
„Слушајте, не грижете се, ќе поставам обезбедување околу вашата куќа ноќе.Само дојдете овде и ќе разговараме.“
„Ок“, Дин спушти и почна да се подготвува.
„Седни, Дин“, го покани Сем во неговата канцеларија. „Еве ви лаптоп, ќе можете ли да се најавите на вашата електронска пошта?“
„Секако“, одговори Дин и ја внесе својата електронска пошта и лозинката.
„Хм. Поштата е шифрирана. Ќе ја испратам до нашите информатички стручњаци, но се сомневам дека ќе успеат да ја следат“, рече Сем.
„Дали сум јас зајакот, Сем?!“, без здив праша Дин. „Дали ќе умрам?“
„Смирете се, Дин. Никој нема да умре.“
„Но, таму вели: „Зајакот го чека крај темен!“
„Да ве прашам нешто, Дин“, Сем го извлече столот и седна спроти Дин. „Дали некогаш сте имале контакт со наркотици? Не треба да ме лажете доколку сте консумирале, ова е истрага за убиство и ве прашувам за ваша сигурност.“
„Па, имам пушено трева во минатото. Не којзнае колку.“
„Дали сте имале контакт со дилери?“, праша Сем. „Ве советувам да бидете отворен со мене за ова, за да можете подобро да се заштитите од некој дилер кој можеби знае што се случува.“
„Не, се откажав од тоа срање пред многу години.“
„Најдовме одредени докази кои наведуваат кон тоа, во собата на Џени.“
„Какви докази?“
„Нема врска, можете да ја напишете вашата изјава овде“,Сем извади куп хартии и пенкало и му ги подаде на Дин. „Потоа можете слободно да одите. Добро направивте што ми се јавивте.“ Дин напиша кратка изјава и замина. Сем беше изгубен во сопствените мисли. Ја испечати песната што ја доби Дин и ја стави на таблата. „Кој е Gray Knight? Дали Џени си имала работа со некаква банда? Дали Дин знае нешто и не кажува?“ Џејн тропна на вратата на Сем и му ги прекинa мислите.
„Имаме резултати од обдукцијата“, му ги предаде документите на Сем. „Џени е чиста, кај Грегори има траги од марихуана. Нема никакви траги или други индиции освен прострелните рани од пукањето.“
„Ти благодарам, Џејн.“
***
„Време за желби“, Виолета А. Наумовска, самостојно издание
Оваа есен Огне и немаше многу време да мисли на изминатото лето и на сѐ што доживеа кај дедо му на село. Едно беше училиштето, другарите, но имаше и уште нешто. Огне доби сестриче.
-Малку почекавме ама нека ни е жива и здрава! – ги канеше баба Роса сосетките на мекици.
-Е, од кога не замирисало на мекици во селово! – жално додаде баба Рада, мислејќи си на своето единствено внуче во градот.
-Е па Радо да ти кажам право на мекици не замирисало од пред една недела, белки не заборави дека Неда ни пржеше! – ја потсети баба Оле и сите се смееја.
-Тоа е друго, јас си мислев на вакви мекици, за бебе – додаде бабичката.
-А како ќе се вика малечката? – љубопитни беа бабичките.
-Ела! - радосно рече баба Роса.
-Ела?!- се збунија малку бабичките.
-Ете така сакал Огне –весело додаде бабичката – а и многу е лично името. Ела, Елче бабино!
-Лично е, ама не е модерно! – додаде баба Рада.
-А, Радо, па ти си нешто во депресија! Е што мана му најде на имево?- се замеша баба Оле. –Ела, Елче, убавина, како елкана на крајот од ливадана!
-И да знаеш, така рекол и Огне! – радосно додаде баба Роса. – Како големата вита ела на крајот од ливадата на дедо.
А што да ви кажам кога овците од стадото на дедо Цане разбраа за новиот член на семејството. Сите се радуваа а особено Белка кога разбра за името. Таа беше сигурна дека по неа името го добила малецката, добро де недостига една – две букви, но другото е тука. Цел ден се топореше низ трлото, ете дури и залче не касна од возбуда.
-Ете, на мене Огне го крстил сестричето, Елче!- им велеше на другите.
-Е, како?! – се побуни Рогле. –Белче и Елче некако не ми е исто!
-Добро де, не е исто, ама скоро исто е!- горделиво одговараше Белка.
-А, ако е така тогаш може да се рече дека е по мене крстено!- се побуни Мелка. – Мелче и Елче исто е како Белче и Елче! - уште по горделиво додаде таа.
И нека ми рече некој дека на овците многу не им текнувало. Еве, овие две довчерашни пријателки за малку косата, упс, крзното ќе си го искорнеа во кавгата, да не се замешаше Мурџо.
-Ајде на работа, Белка, Мелка, Елка, или како и да кажете, зафатете се со работа и доста е празни муабети! – строго додаде тој.
И во градот Огне им објаснуваше на другарите зошто сестричето се вика Ела:
-Да ја видите високата вита ела на крајот од ливадата на дедо ми и вие ќе посакате да имате сестриче и да го викате Ела. Таа е една стројна убавица на која времето не ѝ може ништо. Таа, кое и да е годишно време, секогаш е иста во својата убавина.
Им се допадна објаснувањето на Огне, и сите се замислија за значењето на своите имиња.
-Еве за моево, мислам не ви треба објаснување – им рече тој.
- И ти личи да знаеш – му дофрли некој – кaко Огне си, нѐ
грееш, нѐ топлиш, а богами и нѐ потпалуваш понекогаш. Особено во врска со симпатиите!
-Е, тоа е, секој треба да си одговара со името - додаде Огне.
- А, па тоа и не е секогаш лесно – додаде Виктор – па не сме си ги дале ние имињата!
- Да, но тие се такви какви што нас нѐ замислувале нашите родители, според значењето на името, или пак според карактеристиките на некој кој така се викал – појаснуваше Огне.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.