Промоција на играта „Добро прашање“ на фестивалот „Друга приказна“

14.07.2025 14:23
Промоција на играта „Добро прашање“ на фестивалот „Друга приказна“

 

На книжевниот фестивал Друга приказна на 11 јули во Јадро беше промовиран вториот сет, Фамилија, на психолошката игра со карти Добро прашање. Сетот се состои од три кутии (три нивоа), секоја со по 60 карти. Сетот го промовираа Ива Михајловска, социјална работничка и активистка, и четири писател(к)и: Николина Андова Шопова, Симона Јованоска, Стефан Алијевиќ и Никола Гелевски, кој беше модератор. Во весела и ослободувачка атмосфера, пред педесетина луѓе, петмината играчи одиграа неколку кругови од играта, одговарајќи на извлечените прашања. На крајот и неколку доброволци од публиката се приклучија во одговорањето на интересните прашања од типот: Опиши ја фамилијата со еден збор. Или: Најдобар совет добиен од родителите? Или: Од кого, кога и како прв пат дозна за сексот?

Забавни и поучни игри со карти - тоа е целта на играта ДОБРО ПРАШАЊЕ: да се поттикнат креативни разговори и поврзувања меѓу играчите; низ осмислено дружење, во атмосфера на искреност и доверба, без оглед дали играчите се стари пријатели или нови познаници, да се откријат важни работи за себе и за другите, отаде површните муабети.



Во повеќето од нас се кријат интересни приказни (понекогаш моќни, фантастични, скандалозни, потресни) кои чекаат да бидат отворени и слушнати, за да добијат нова смисла низ соочувањата, ехата и одблесоците. Тоа беше една од причините зошто токму писател(к)и беа избрани за промотори.

Првите три сета „Добро прашање“ ги создадоа Никола Гелевски (уредник и писател), Емилија Георгиевска Наневска (психолог и терапевтка), Љупка Евроска (лекторка) и студиото за графички дизајн КОМА.

Во продолжение пренесуваме триесетина фотографии од настанот направени од Небојша Гелевски.



Слични содржини

Општество / Фотографија / Култура / Настан
Фотографија / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Општество / Активизам / Фотографија / Култура
Општество / Активизам / Фотографија / Култура
Општество / Активизам / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото