Греса Хаса: Еколошките движења може да го обединат регионот

15.07.2025 00:49
Греса Хаса: Еколошките движења може да го обединат регионот

Греса Хаса

Греса Хаса е активистка и политиколог, магистер по студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац и Централноевропскиот универзитет во Виена, каде подготвува и докторска дисертација. Таа е коосновачка и уредничка на првото албанско феминистичко списание Shota, а повеќе од една деценија учествува во организирање на граѓански движења и работи како независна новинарка и истражувачка. Во своето пишување се занимава со политика, социјална правда и култура, со фокус на авторитаризмот, национализмот и надворешната политика во Југоисточна Европа.

По растењето во Тирана и завршените додипломски студии, заминавте на постдипломски студии во Австрија. Зошто се одлучивте за студии во странство и дали имате желба да се вратите во Албанија?

Иако моето образование по политички науки и долгодишното искуство со активизам на локално ниво ми овозможија практичен увид во Албанија и социополитичките предизвици на регионот, почувствував потреба од посистематизирана, компаративна и интердисциплинарна академска перспектива. Во Тирана бев длабоко вклучена во активизмот, бидејќи бев дел од Студентското движење за Универзитетот, па така за време на студиите сè се вртеше околу протести и отпор, никогаш околу обично, мирно и лесно студирање. По тоа искуство, почувствував потреба да студирам во меѓународна, а особено демократска академска средина за да ја проширaм својата критичка перспектива и методолошките алатки кои не чувствував дека ми ги нуди Универзитетот во Тирана во мера во која ми беа потребни или сакав да ги имам.

Што се однесува до можноста за враќање во Албанија, би рекла дека во многу аспекти никогаш и не сум заминала навистина, бидејќи иако веќе не живеам таму, сè уште активно сум ангажирана во јавната сфера преку критички осврти на актуелни политички прашања и останувам во близок контакт со активистички групи и независни новинари во земјата.

 

Сè започна со гневот

Кога за првпат почувствувавте потреба јавно да проговорите за некој општествен проблем и како се развиваше вашата политичка свест?

Би рекла дека сè започна со гневот, се разбира. Гнев поттикнат од сведочењето на неправдите и од тоа што одговорните не сносеа никакви последици. Се сеќавам дека пред повеќе од десет години, три дена по ред на вестите слушав за три различни жени кои биле убиени во чин на фемицид, а притоа немаше никаква јавна реакција. Тоа длабоко ме погоди и се прашував: какво е ова општество во кое убиството на жени се пречекува со тишина и на таков начин се нормализира? На Фејсбук повикав луѓе да протестираме, што никогаш претходно не сум го направила и не знаев што правам, но имаше активисти од ЛГБТК+ заедницата кои ми понудија помош, па заедно го организиравме протестот. На протестот се појавија сите медиуми и тие злосторства конечно станаа тема на јавна дебата, па имавме чувство дека нешто сме постигнале, иако, се разбира, ништо не може да ги врати тие жени во живот.

Што се однесува до развојот на мојата политичка свест, морам да кажам дека растењето како девојка на Балканот само по себе е формативно искуство. Патријархатот не е нешто уникатно за овој регион, но особено во недемократски и конзервативни општества, каде што владеењето на правото е слабо, а економската експлоатација е распространета, тој често добива особено агресивни и репресивни облици. Во таква средина, родовата нееднаквост е структурално зацврстена, а како жена во општество доминирано од мажи, рано сфаќате дека она што се смета за „нормално“ често работи против вас – и тоа сознание со време станува политичко. Тоа сознание нè учи дека, ако сакаме да живееме во слобода и достоинство, мораме да ги предизвикаме и срушиме тие норми. Но реалноста станува уште потешка ако воедно припаѓате и на ЛГБТК+ заедницата или на друга малцинска група, како што се Ромите и Египќаните во Албанија.

Во 2020 година, во девет градови низ Албанија се бараше правда за 14-годишно девојче, жртва на силување, и се протестираше против широко распространетиот проблем на родово базираното насилство. Како организаторка, дали ви беше тешко да ги мотивирате луѓето да излезат на улица и да се борат за своите права, особено имајќи го предвид патријархалниот контекст?

Би рекла дека во Албанија историското наследство сè уште игра значајна улога. Земјата преживеа една од најсуровите диктатури во источниот блок, режим што го задуши секој простор за слобода, вклучително и самата способност да се замисли отпор. Како резултат, мобилизирањето луѓе – дури и денес, и тоа не само за феминистички цели – останува многу тешко. И тоа не е само поради историското наследство, бидејќи во 2011 година, лица од кабинетот на премиерот во Тирана убија четворица мирни демонстранти.

Сепак, во рамки на феминистичкиот колектив во Албанија, во тоа време успеавме да погодиме токму на болно место со случајот на 14-годишната девојка. Одлучивме да започнеме протест на периферијата, зашто централизираната држава и доминантните елити редовно ја занемаруваат, маргинализираат и угнетуваат таа средина. Тоа е место на најакутни искуства со неправда, сиромаштија и насилство, а со покренување протест токму таму, сакавме да ги насочиме оние чии гласови обично се замолчени и да ја предизвикаме основната динамика која ја одржува нееднаквоста. Тие протести станаа нешто големо – тоа беше првпат Албанија да биде сведок на феминистички демонстрации од такви размери, каде што сите беа на улица: и жени, и мажи, и баби и дедовци – река од луѓе што заедно бараа правда. За Албанија тоа е важно, зашто за разлика од некои други земји, никогаш немавме феминистичка или сексуална револуција, ниту пак толку слободи какви што имаа луѓето во Југославија.

Ги спомнавте и студентските протести од 2018 и 2019 година, кои го спречија покачувањето на школарините и доведоа до оставки во тогашната влада. Ги следите студентските, а сега и масовните граѓански протести што се случуваат во Србија и напишавте неколку статии за нив. Што можеме да научиме од студентите?

Мислам дека од студентите во Албанија и Србија може да се научи многу – од нивната бескомпромисна борба за правда, слобода и достоинство, од нивниот стратешки и професионален пристап кон политичката организација и отпорот во полуавторитарни контексти, од нивната упорна потрага по солидарност и, можеби најважно, од нивната способност да замислат поинаков, подобар свет. Тоа е особено клучно во нашиот регион кој сè уште не се соочил со многу свои проблеми. Секогаш постои простор за раст и самокритика во таквите движења, бидејќи тие не се хомогени: јасно гледаме дека како што движењето стануваше пошироко, така почна да вклучува и национализам и поединци поврзани со воените злосторства од деведесеттите. Не очекувам српското општество да го промени својот став кон национализмот за неколку месеци – за тоа ќе биде потребно многу повеќе време – но верувам дека еден од најсилните исходи на овие протести е токму тоа што се отвори простор за важни регионални разговори. Во тој контекст, новата генерација може да ни понуди надеж, затоа што нивната политичка имагинација, храброста и одбивањето на нормализацијата на неправдата претставуваат најдобрата гаранција дека тие разговори можат да се случат – и дека промената, колку и да е комплексна, е можно да се оствари.

Лири Кучи

 

На чекор сме до дистописка реалност

Заедно со Лири Кучи ја основавте Shota, првото прогресивно феминистичко списание во Албанија. Како се развиваше списанието од неговото основање? Кoја е улогата на независните феминистички медиуми во градењето солидарност и свест, како во Албанија, така и во регионот?

Долго време ја имавме таа идеја – и двете сакавме да направиме феминистичко списание, но немавме ресурси. Првично, сè започна како феминистички графити низ улиците на Тирана што ги правев под псевдонимот Shota, а подоцна тие првични скици ги претворивме во визија за феминистичко списание чија основна цел е да ги пренесе феминистичките идеи и дебати на албански јазик и да ги направи достапни за нашата заедница. Списанието, кое е достапно и онлајн, има посебен простор за теориски трудови – и преведени на албански и развиени од албански феминистки. Опфаќа теми како што се работничките права, сексуалноста, еколошката правда и слично. Нашиот последен број се занимаваше со деконструкција на војната од феминистичка перспектива, особено војната во Украина, но и балканските војни. За жал, веднаш по објавата следуваа и нови војни – геноцидот во Газа и неодамнешната војна помеѓу Израел, САД и Иран. Светот во кој живееме денес сè повеќе личи на дистописка реалност: обележан со таложење нуклеарно оружје, климатска криза, подем на радикално-десничарската реторика и авторитарни режими, страв и несигурност. Тоа дефинитивно е далеку од феминистичкиот идеал за светот кон кој тежнееме.

Помогнавте во создавањето на Shtëpia Publike, безбеден простор во Тирана за активисти и маргинализирани групи. Колку се важни токму таквите физички простори за интерсекцискиот активизам?

Мило ми е што вакви простори последниве години се повеќе се појавуваат во Тирана и неколку други градови во Албанија, зашто имаат посебна важност – особено кога станува збор за маргинализираните заедници, како што е ЛГБТК+ заедницата, која се соочува со повеќеслојно насилство и исклученост. Но, морам да кажам и дека покрај тие напори за создавање инклузивни и безбедни простори, Тирана станува сè „помала“ во смисла на достапен простор за живеење. Станува сè потешко да се најдат пристапни простори поради градежниот бум што се случува токму сега, бум што всушност поттикнува перење пари и е во тесна врска со политичките елити и организираниот криминал. Нерегулираните цени на кириите само го влошуваат проблемот, многу е потешко да се задржи простор, особено на подолг рок.

Историските згради и старите вили, како онаа во која претходно се наоѓаше нашиот друштвен центар, или стануваат прескапи за одржување или се уриваат за да се направи место за големи, бездушни градежни проекти кои се недостапни за повеќето луѓе. Таквата урбана трансформација на Тирана претставува закана не само за физичките простори, туку и за општественото ткиво, кое е клучно за заедницата и отпорот.

Пишувавте за албанската ЛГБТК+ заедница која и понатаму се соочува со дискриминација, и покрај напредокот. Колку се ефективни меѓународниот притисок, европските интеграции и финансирањето од странство во унапредување на правата? И дали тие процеси создаваат негативни реакции или зависност?

Сето тоа игра значајна улога во промовирање на ЛГБТК+ правата во земјата, затоа што обезбедува ресурси што можат да ги зајакнат локалните активисти или да поддржат правни реформи, а воедно и да ја подигнат јавната свест. Сепак, морам да кажам дека меѓународната средина се менува многу брзо – особено во последно време. На пример, доаѓањето на Доналд Трамп на власт директно влијаеше врз маргинализираните заедници во Албанија, зашто неговата администрација значително го намали финансирањето за развојна помош, па така и ефектот врз локалните заедници беше многу реален. Имаме случаи каде што млади луѓе се избркани од сопствените домови откако нивните родители ќе дознаат дека се хомосексуалци, бисексуалци, лезбејки или трансродови лица, и токму ненадејните повлекувања на финансирање во вакви ситуации можат да ги остават овие ранливи групи без клучна поддршка. Големата зависност од надворешно финансирање може да создаде форма на зависност, особено во средини каде што корупцијата е распространета, а државните институции слаби.

Исто така, потребите на заедницата и идеите што ги имаат меѓународните организации не секогаш се совпаѓаат, што претставува сериозен проблем. Перспективата за пристапување во Европската Унија служи како силен катализатор за унапредување на правата и реформите, но сметам дека ЕУ треба многу повеќе да соработува со чинителите на граѓанското општество и да гради мостови со нив, наместо да му се додворува на полуавторитарен лидер како Еди Рама. ЕУ тоа го прави со Рама, како што го прави и со Александар Вучиќ. Таквиот пристап всушност ги оддалечува луѓето од борбата за демократија.

 

Албанија може да се смета за еднопартиска држава

Бидејќи го споменавте Еди Рама – тој неодамна го освои својот четврти мандат по ред, и тоа среде корупциски скандали. Што значи тоа за албанската демократија и каква е состојбата со опозицијата?

Во моментов, Албанија де факто може да се смета за еднопартиска држава. Владејачката Социјалистичка партија на Албанија има речиси целосна контрола врз државните институции и политичките процеси низ целата земја. Ниедна партија во Албанија немала толку голема моќ од 1991 година наваму. Традиционалната опозиција, која ја претставува Демократската партија на Албанија и нејзиниот долгогодишен лидер Сали Бериша (кој неодамна беше пуштен од притвор каде се наоѓаше поради обвиненија за корупција), е ослабена уште од поразот на изборите во 2013 година и нејзината состојба се влошува со секои следни парламентарни избори. Нивното одбивање да спроведат внатрешни реформи и да се дистанцираат од проблематичните личности поврзани со криминал, како што е Бериша, сериозно го наруши нивниот кредибилитет и ефикасноста како одржлива алтернатива. Во моментов, за да го обезбеди својот политички опстанок, ДП отиде дотаму што ја прифати реториката во стилот на Трамп и се усогласи со западниот радикално десничарски дискурс – иако политичките партии во Албанија генерално немаат јасна идеологија и функционираат повеќе како картелски структури.

Од друга страна, новите политички партии кои произлегоа од движењата на теренот – како Lëvizja Bashkë („Движење Заедно“) и Nisma Thurje („Иницијатива со хаштаг“) – и покрај потенцијалот и нивниот прв влез во парламентот по изборите на 11 мај, остануваат слаби и не соработуваат меѓу себе. Во комбинација со намалениот граѓански простор, таквата фрагментација ја поткопува нивната способност ефикасно да му се спротивстават на политичкиот естаблишмент.

И покрај надежите за инклузивност и соработка, нашиот регион сè уште се соочува со популизам, национализам, патријархат и демократско назадување. Кои, според вашето искуство, се најголемите пречки за солидарноста и како можеме да ги надминеме?

Важно е да имаме на ум дека многу повеќе нешта нè поврзуваат отколку што нè разделуваат. Јадеме иста храна, пиеме исти пијалаци и имаме речиси иста култура. Но полуавторитарните и националистички политички елити сакаат да нè убедат во спротивното, затоа што замислете што би се случило ако почнеме да комуницираме и да градиме мостови едни со други – нашите напори и нашата борба би станале транснационални.

Голем потенцијал гледам во еколошките движења во регионот и тоа поради следнава причина: ако воздухот е загаден во Белград, ќе биде загаден и во Приштина, и во Тирана. Воздухот не познава граници – тој нè засега сите нас. Истото важи и за водите, шумите и животната средина воопшто. Живееме среде климатска криза која не познава граници, а еколошките движења можат да го обединат регионот, бидејќи тоа е навистина нешто што ни е заедничко – особено сега, со ужасните температури низ сите земји.

И покрај онлајн заканите, вознемирувањето и дискриминацијата на работното место – нешто што, за жал, често го гледаме кога млади жени јавно се борат за човекови права – што ви дава надеж да продолжите по истиот пат?

Активистите во Албанија постојано се соочуваат со закани и притисоци, но сепак продолжуваат да се борат. Снаоѓањето во полуавторитарен контекст, во кој институциите и медиумите се заробени, е далеку од лесно, но луѓето издржуваат. Како? Поради едноставното уверување дека борбата во која учествуваме е многу поголема од нас самите. Губиме, паѓаме, но секогаш повторно стануваме затоа што се држиме до вербата дека наградата е слободата. А слободата е процес во тек – таа не се случува преку ноќ.

Во такви услови, силната заедница е клучна – не само за одржување на надежта и инерцијата, туку и за заштита на менталното здравје. Заедниците што поттикнуваат надеж, за возврат стануваат темел на отпорноста и долгорочниот отпор. Најпосле, нашата долга борба е втемелена во љубовта: љубов кон слободата, кон демократијата и кон достоинствениот живот.

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото