1024 hPa
93 %
9 °C
Скопје - Чет, 05.03.2026 11:59

Повеќе од една четвртина од светската популација, односно 2,2 милијарди луѓе, секојдневно се соочуваат со проблемот на недостиг на безбедна вода за пиење. Овој предизвик, поради исцрпувањето на традиционалните ресурси како реките и езерата, како и поради климатските промени, станува сè посериозен.
Истражувачи од престижниот Масачусетски институт за технологија (МИТ), со помош на соработници од други институции, имаат своевиден одговор на недостигот од вода: уред со големина на прозорец што произведува вода од – воздухот.
Земјината атмосфера содржи милијарди и милијарди литри вода, пред сè во форма на водена пареа. Доколку таа пареа би можела ефикасно да се „фати“ и претвори во течна агрегатна состојба, тоа би обезбедило вода за населението на кое не му се достапни вообичаените извори.
Американски научници направија нов уред за собирање атмосферска вода што изгледа како црн, вертикално поставен панел. Во внатрешноста на стаклената комора се наоѓа посебен хидрогел што ја впива влагата од воздухот.
Како што се наведува во соопштението, самиот хидрогел наликува на пуцкава најлонска фолија со мали куполести структури што отекуваат кога ќе впијат вода. Кога пареата ќе испари, овие куполи повторно се намалуваат, а нивната трансформација потсетува на оригами – јапонската уметност на виткање хартија. Потоа доаѓа до кондензација на пареата на стаклото на уредот, а добиената чиста вода се спушта низ цевка и се собира.
За разлика од другите слични решенија, овој иновативен уред работи целосно автономно, без потреба од батерии, електромрежа или соларни панели, а неговата ефикасност во производство на вода ги надминува досегашните алтернативи.
Во текот на една недела, тимот го тестирал уредот во најсушната област во Северна Америка – суровата и жешка Долина на смртта во Калифорнија. Дури и во услови на многу ниска влажност на воздухот, успевал да произведе околу 160 милилитри вода дневно, што е приближно две третини од една шолја.
Авторите на експериментот оценуваат дека со повеќе вакви исправени панели, поставени во помал редослед, едно домаќинство би можело да обезбеди доволни количини вода, дури и во пустински услови. Секако, со пораст на влажноста на воздухот, производството на вода би се зголемувало.
„Направивме уред со големина од еден метар за кој се надеваме дека ќе може да се поставува во средини со ограничени ресурси, каде што дури ни соларните ќелии не се лесно достапни“, истакнува Шуанхе Џао, професор по машинство, градежништво и еколошки инженеринг на МИТ. „Ова е тест за одржливоста во насока на зголемување на обемот на оваа технологија за собирање вода. Сега луѓето можат да го изградат и во поголеми димензии или да постават повеќе панели во низа, за да обезбедат вода за пиење и да постигнат реално влијание.“
Џао и неговите колеги ги претставиле деталите од новиот дизајн на уредот за собирање вода во труд кој неодамна беше објавен во списанието Nature Water.
Но, како што нагласуваат авторите, ова е само концептуален прототип и постои уште многу простор за унапредување. Меѓу другото, работат и на следна генерација материјали, со цел дополнително подобрување на основните својства на уредот.
Во време на глобално затоплување, предизвиците со достапноста на вода сè повеќе растат: пореметувањата на врнежите, топењето на глечерите и сè почестите суши дополнително ги исцрпуваат и онака ограничените водни ресурси. Овие промени ги загрозуваат животите на милијарди луѓе – и бараат храбри, иновативни решенија. Технологиите што извлекуваат вода од воздух отвораат нови можности, нудејќи надеж дека чиста вода ќе биде достапна и во најсушните краеви на светот.
Сепак, ниту едно решение не може да ја замени потребата од намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина. Без ублажување на климатските промени, проблемите ќе стануваат сè потешки – а приспособувањето сè поскапо.
Извор: https://klima101.rs/