1025 hPa
56 %
6 °C
Скопје - Вто, 10.03.2026 21:59

Иако во некој момент од животот развив страв од летање и гледам да го избегнам, сепак, по желба на син ми, кој никогаш претходно не побарал ништо, отидовме на почетокот од јули со авион до Братислава, па оттаму во Виена. На враќање, од причини што не се важни за овој текст, место со авион, се вративме со комбинација од воз, комбе и автобус.
На ова патување увидов многу повеќе работи од она што може да се каже со неколку зборови за местата што ги посетивме – на пример, дека Виена е фасцинантно убава и чиста.
Увидов, меѓу другото, каква привилегија е летот со авион. Но тоа што не гледаме што се случува на земјата не го брише фактот дека се случува.
Дека пристапот до Скопје е потежок отколку што претпоставував. Речиси непостоечки, ако не си со свој автомобил. „Ne vozimo Skoplje“ е одговорот по SMS на моите напори на сите страни да најдам превоз за дома. И тоа, одговор од агенција на чиј сајт пишува дека возат до Скопје. А можам да замислам колку не возат до таму оние на чиј сајт не го пишува тоа. Други агенции возат во Грција, и поминуваат преку македонска територија, но не одат во Скопје. Трети агенции од различни земји на Балканот и во негова околина возат до речиси сите дестинации, освен до Скопје. Дури и на Фликсбус, којшто имам впечаток дека е згодна опција за да се стигне до секаде, му требаат 23 часа од Будимпешта до Скопје, на пат што со автомобил може да се помине за десетина часови. Толку време му треба бидејќи не оди директно за Скопје и најчесто треба да се направи трансфер. Досега немав претстава дека Скопје е толку изолиран град. Добро, има автобуси од Белград, но од место што е подалеку не може да се стигне малку побрзо и малку подиректно до Скопје, како што може да се стигне до други европски главни градови.
.jpg)
Што кажува тоа за нашиот однос кон нас самите? Често зборуваме за разни недостатоци во системот кои непосредно зависат од многу други работи. Но, сѐ повеќе сум уверена дека посредно во голема мера зависат од нашата поврзаност, во буквалната смисла на зборот, сообраќајна, инфраструктурна, поврзаност со другите делови од Европа и светот. И дека кога протокот на возови и автобуси ќе стане пофрекфентен, ќе стане поинтензивен и протокот на идеи и решенија.
А возот е превозно средство на иднината и Македонија не може да си дозволи да нема железничка врска со своите соседи. Може, очигледно, само не знам како си дозволува.
А оние огромни редици на граница кои често сме ги доживеале секогаш одново се преживуваат како првпат. Кој би рекол дека толку може да те изнервира нешто што толку пати си го искусил и го очекуваш. Сѐ на граничните премини е уредено за да предизвика понижување. И секој регион што нема гранични премини има голема придобивка од нивното непостоење. Брод од Братислава до Виена поминува словачко-австриска граница. Никој никаде не бара пасош – ни при влез во ни при излез од бродот, ни при преминување на границата. Воз од виенска железничка станица, која личи на модерен трговски центар, стигнува до Минхен преку австриско-германската граница и назад преку германско-австриската. Не мора воопшто ни да носиш пасош, никој никаде нема да го побара. Нема да го побара ни на австриско-унгарската, иако возот таму не запре на главната железничка станица, туку на тесна платформа меѓу шини по која треба да се пооди некое време за да се стигне до куќичка што ја одбележува железничката. Добро, сепак, и првпат да си во Будимпешта, мапата на јавен сообраќај е толку јасна што веднаш ќе се снајдеш како со автобус и метро брзо да минеш преку десет километри до својата дестинација. А во Скопје и по четириесет и девет години тешко се снаоѓам во јавниот сообраќај.
.jpg)
И потоа следува унгарско-српската граница. Тука граничарот не пушта лесно да се помине. Првпат од почетокот на патувањето се бара да се покажат пасоши. Освен тоа, треба да се паркира на страна и да се чека нешто. Да се чека некоја проверка на еден од патниците кој останал подолго од три месеци во Европската Унија и да се казни. Затоа што јасно мора да се стави до знаење дека тоа е казниво. Да се чека тој да најде доказ за својата продолжена виза. Се разбира, знам дека постојат правила и дека една од причините поради кои железничката во Виена личи на модерен трговски, и поради кои возот до Минхен е совршено пријатен и чист, има интернет и тргнува точно на време е постоењето на тие правила. Но самата поставеност на тоа како функционира преминувањето граница, отвореното изразување надмоќ кон аутсајдерите тешко се проголтуваат. А има и нешто што нема врска со правилата – да речеме, тоа што не смееш да одиш во тоалет затоа што тој бил пред границата, на педесет метри од тебе, а ти веќе си ја преминала границата, а пак од оваа страна каде што си преминала нема тоалет. Самата ваква поставеност на конструкцијата „тоалет“, со премолчена претпоставката дека од оваа страна на границата на човек не смее да му се моча, е исконструирана за да понижи.
И поттикнува на размислување – земја што се грижи за своите граѓани поупорно ќе бара начини да им овозможи слобода на движење, достоинствено движење, колку и да е тоа тешко остварливо.
.jpg)
Веројатно нема потреба да се опишуваат прекрасните замоци, палати и катедрали од минатото во Виена. Тие архитектонски чуда секогаш ќе бидат дел од местата каде што биле изградени. Она што е чудесно и може да го има и кај нас во сегашноста, а го нема, се многубројните прекрасно уредени паркови, со стотици луѓе кои шетаат, џогираат, возат точак, седат на тревата и се гушкаат, или разговараат, или читаат книги, или пијат пиво, или пишуваат или гледат нешто на лаптоп. Или седат на клупи. Нема да се осмелам да направам претпоставка за бројот на клупи, ама ги има насекаде, а еден од парковите има патеки што се целосно обрабени со клупи, кои пружаат одмор на секој уморен пешак. Трамваи, автобуси поминуваат не секоја минута и секогаш има места за седење затоа што поминуваат често. Сѐ изгледа пријателски настроено кон човековите потреби.
За разлика од јавниот сообраќај во Скопје, каде што нема алтернативен јавен сообраќај освен автобусите, каде што поради тоа што нема толку автоби на една линија ниту толку автобуски линии колку што има потреба, гужвата често е неподнослива. Не можам да се сетам на посилен збор за ова, иако „неподнослива“ би требало да е доволно силен за да го илустрира тоа што им се случува на децата кои секојдневно ги користат автобусите за да стигнат до училиште и сите оние кои секојдневно ги користат за други потреби.
Се обидувам да ги разберам состојбите онакви какви што се, зашто ако не ги разбираме, не можеме ни да ги менуваме.
.jpg)
И средените земји, оние во кои обично сѐ е предвидливо и стабилно, кои со тоа даваат чувство на сигурност, се претвораат во заканувачки, непријателски настроени земји кога во нив ќе останеш повеќе од очекуваното, повеќе од планираното. Одеднаш сфаќаш дека за сите тие убавини се потребни пари, дека во секој дополнителен непланиран ден скапотијата те ишмукува и те сплескува во дводимензионална човечка фигура. Одеднаш сфаќаш дека таа предвидливост не признава непредвидливост, што и да ти се случило, не признава откажување на карти или сместување кое веќе си го платил затоа што од сите страни ти се појавува поимот “non-refundable”. И почнуваат нерационални стравови. Хотел во пуста улица со шарена фасада како да е дел од некој Луна-парк и неговиот домаќин, кој не стои зад рецепција бидејќи не постои рецепција туку чудно извртени ходници, се претвораат во закана по живот. Таксистот кој навечер те носи на погрешна локација станува потенцијална опасност. И сосема рационални нервози: еден Мекдоналд овозможува да се вклучиш на wi-fi, но само 30 минути, и во паника брзаш да организираш цело патување во рок од тие 30 минути. А зошто 30 минути? Се плашат некој од жителите кои најверојатно имаат свој интернет да не им го злоупотреби нивниот? Или дека ќе се појави некој турист и, додека јаде, ќе потроши многу интернет за да побара хотел или превоз?
Почесто, таа предвидливост носи сигурност и чувство на пријателска настроеност. Кај нас тешко може да се најде нешто што е пријателски настроено кон човековите потреби. Ни клупи, ни пријатен јавен сообраќај, ни железнички линии што нѐ поврзуваат со светот. Добро, има по нешто – можеби патоказите на автопатите кои обично даваат јасни насоки за градовите. Или аеродромот и авионските врски. И може човек да лета со авион и да не знае што се случува на земјата, на меѓуграничните премини или во скопските автобуси. Ама тоа не го менува фактот дека се случува.
.jpg)
Слики: Andrew McIntosh