Славење на животот во име на смртта

16.07.2025 00:23
Славење на животот во име на смртта

 

(Книгата Danse Macabre ќе биде промовирана во Охрид во сабота на 19 јули во 19.30. во Ликвид кафе.)

 

Белетристичкиот опус на Иванова се збогатува со еден жанровски исчекор кој колку што подлегнува на конвенциите, толку и им се противи. Како што милува авторката да не дозволи да биде вцврстена во некој категориски фах и со нејзините претходни остварувања, односно како што ѝ пркосеше на формата со Кругови или се држеше до можноста за љубовта во апокалиптичното доба во Се чини, сè уште постои љубов. Danse Macabre на Иванова прави пресек на вечната сегашност на едно Скопје кое си има свои мани, ама има и свои убавини, а авторката знае да направи чекор надвор од градот до збиднувања во едно италијанско селце, за да не може да се каже дека книгата е комплетно за Скопје.

Иванова е во постојана љубовна спрега со градот. Знае да ја пронајде убавината во улицата Максим Горки после дождец и ширењето на пријатните мириси низ неа, па дури може да најде хармонија во неделно попладне на скопската пеколна жега во јули на Партизанска; меѓутоа, кога граѓаните ќе одлучат да го запостават градот тогаш го преименува во Скапан град, кому не му личи да се однесува како Скопје, со отпадот насекаде, заедно со смрдеата од сендвичарите, сообраќајниот хаос, асфалтните дупки во бетонската џунгла кои не успеваат да ги промашат автобусите на ЈСП на распаѓање. Меѓутоа, како и во Кругови, така и во Danse Macabre градот има способност да се препороди, да се преобрази во првичното руво, во тоа од спомените, ако му се даде внимание.

Авторката се послужува со доктрината на стравичните прикази на готскиот расказ, односно на доцноромантичарската бунтовната природа и со сеприсуството на смртта во животите на ликовите. Но нејзиниот танц со смртта е неизбежен, неопходен, за да ја демистифицира нејзината стравичност, до тој степен што еден од ликовите е задоволен од животните достигнувања и не се плаши кога и да дојде смртта на прагот.

Тоа значи дека во рамките на жанровските нормативи Danse Macabre е поблиска до опсесиите во расказите на Едгар Алан По, привиденијата кај Гогољ и духовите кај Хенри Џејмс, отколку до тековите во хорор расказот од модерното перо на Пол Трембли, Грејди Хендрикс, Џо Хил или пак екстремистичките Wrath James White и Кристофер Триана.

А сепак случувањата не се одвиваат во некакви си гротескни замоци, туку лоцирани се во денешницата, на скопските улици, што даваат соодветен белег на авторскиот израз на Иванова. Секако, проникливиот читател ќе ги пронајде гробиштата врз кои е изградена филхармонијата од Стивен Кинг, додека пак хотел Бристол за неа ќе ја добие димензијата која ја има хотелот „Оверлук“ во „Сјаење“ од Кинг, заедно со духовите кои роварат низ него.

Доколку осумте раскази ги толкуваме како осум композиции од албум на бенд, тогаш втората на албумот е условно кажано мелодраматична балада, односно „Книгите на Софија Белмондо“ демонстрира способност за прераскажување на една семејна трагедија, а при тоа да се овековечи постојаниот афинитет кон чуварките на книжевниот еликсир на тезгите за книги на плоштадот. Самотијата е присутна во животитена повеќето ликови кои можеби ќе ги сретнете и вечерва, на клупа пред Буњаковец, додека поминувате покрај книжарниците на плоштад, пред Бристол или тие ќе ве гледаат со љубопитство со нивниот двоглед, од дома. Во овие ликови се опеани живототворени универзуми, кои најчесто завршуваат трагично, како статистика во блокот вести на телевизија, во црната хроника, меѓу блокот политика и временската прогноза.

Ќе се согласам со Прокопиев дека лексички авторката не копа во архаизми и дијалектизми, но остава јазикот да биде сочен; ќе додадам дека јазикот е рафиниран и редуциран, ем кохезивен ем конзистентен да соодветствува на вечното модерно доба, без барокно да ги кити речениците, а сепак да бидат смисловно сосредоточени и урбани, што и да значи тој термин.

Секако дека не може да се зборува за дело на Иванова а да биде заобиколено влијанието што меѓу страниците го оставила музиката. Тоа е евидентно уште во првите пасуси каде Иванова не може да се воздржи и ги реферира флејтите на високите фреквенции на Збигњев Прајснер, панкерскиот љубовен пар Виктор и Маја, а не ни мора да дојдеме до реферирањето на Камиј Сен-Санс во проколнатата филхармонија, ниту мора да ја отвориме книгата, оти неговата маркантна композиција Danse Macabre е еден од мотивите за именувањето на книгата.

Како автор на стотици хорор раскази, морам да ви сугерирам дека ако одлучите да земете жанровска книга во вашите раце како Danse Macabre мора да се помирите дека смртта ќе тропне на вратите на ликовите со кои ќе се запознаете во овие осум раскази. Вештината на авторката е да скрои течение на дејствието во кое пристигнувањето ќе биде очекувано, како круна на еден исполнет живот или ќе биде нагло и неочекувано, иницирана од краткотрајна небрежност или наплив на агонија и лудило, кога луѓето одлучуваат да подлегнат на животинскиот инстинкт и на прималните нагони и да одземат живот, со нож или автомобил. Ако сте подготвени да се збогувате со сите ликови штом се запознаете со нив ќе можете да осознаете што крие смртта во себе, која ќе го акцентира скратеното постоење и ќе му даде дополнително значење на дотогаш преживеаното, односно уништувањето ќе го слави создавањето.

Низ светогледите на авторското јас може да се евидентира и ангажираната димензија на Иванова во поглед на односот на консументите со уметноста, особено во непрепознавањето на нејзините квалитети, кога се квалификуваат како ѓубре од стари книги, кога треба да се отстрани книжарницата од плоштад, за да се прошири фестивалската прослава, демек книгите го грдееле изгледот на градот, според неуките, се разбира, или пак присуството на лажната елита која презира уметност, а се појавува на сите изведби во Филхармонијата, се неколку бодежи во вербалната акупунктура која авторката ги забодува за да му укаже на читателот каков однос не смее да се допушти со уметничките творби. Но во нејзините дела секогаш ќе постојат ликови кои целат на духовно збогатување и занемарување на околината. Можеби ги нема Иги Поп и Бетовен на клупа пред Соборен храм, но затоа има две старици на клупа пред Буњаковец. Дури би се осмелил да направам паралела со потребата за пишување која ја има воајерката Милица Овчарова и пишувањето како терапија на протагонистката Марта во Кругови и нивните заплеткувања во психичките јами.

Смртта во овие осум раскази не се најавува, но доаѓа во различен облик, со сета нејзина величественост, таа згодна девојка на која сите ние се плашиме да ѝ пријдеме, додека таа непречено се шета низ Скопје, го прави тоа моментално и затропува на нечија врата, за последен пат. Затоа не плашете се да танцувате со неа, повремено, барем колку да се запознаете, за да не бидете странци еден со друг кога ќе се разминете на скопските улици, опишани во Danse Macabre на Тина Иванова.

Слики: Niklaus Manuel (околу 1510 г.)

Сроден прилог