Со боја против бактериите

16.07.2025 00:28
Со боја против бактериите

Во морето лоши вести понекогаш се провлекува и по некоја добра. Вест што буди надеж дека работите можат да станат подобри, макар и во мал обем. Таквите вести најчесто доаѓаат од светот на науката. Во него илјадници луѓе посветено работат на најразлични теми, од кои некои се сосема апстрактни и разбирливи само на јазикот на високата математика, додека многу други се од области што се во допир со нашиот секојдневен живот.

Една од тие области е медицината. Напредокот што е постигнат последниве триесетина години е речиси неверојатен. Не само што се откриени бројни нови лекови, хируршки постапки и вакцини, туку медицината дојде до нивото на молекулите. Денес геномите се читаат рутински и се вршат интервенции на ДНК молекули. Истражувањата со матични клетки отвораат патишта за лекување различни болести, па дури и оние поврзани со разни типови дегенерации на мозокот. Она што денес е само најава на лабораториски резултати, најчесто добиени преку работа со разни видови глувци, веќе за неколку години може да стигне до клиничко тестирање.

Сепак, не е сè розово и идеално. Одењето во болница носи ризик од инфекција со бактерии што се отпорни на сите видови антибиотици. Станува збор за тоа дека брзината со која се делат бактериите овозможува, откако некој антибиотик ќе ги уништи речиси сите освен неколкуте што поради којзнае кои причини мутирале, токму тие многу брзо да станат доминантен сој. Огромната употреба на антибиотици доведе до тоа бројот на резистентни бактериски соеви постојано да расте – и тоа многу побрзо отколку што се создаваат нови антибиотици. Тоа создава и големи проблеми во болниците, каде што се населиле некои од тие соеви.

Еве неколку од најчестите: Staphylococcus aureus (златен стафилокок, вклучително и на метицилин отпорниот Staphylococcus aureus – MRSA), Escherichia coli, Klebsiella, Pseudomonas, уропатогена E. coli, Klebsiella pneumoniae, Enterococcus faecalis и Candida.

Хигиената е најефикасната стратегија во борбата против пренесувањето на овие бактерии на пациентите. Воопшто не треба да се сомневаме дека хирургот и целокупниот персонал вклучен во интервенциите одржуваат максимално можно ниво на стерилност – како на салите и инструментите, така и на личните заштитни средства, како што се мантилите, маските и ракавиците. Сепак, колку темелно и да се стерилизираат површините во болниците – што ги вклучува ходниците, собите и сите други површини со кои доаѓаат во контакт пациентите и персоналот – на подолг рок не е можно да се одржи висок степен на стерилност. Ако некогаш сте биле во болница, сте виделе колку луѓе минуваат низ ходниците или чекаат пред амбулантите. Ѕидовите, подовите и сите други површини се прекриени со најразлични ситни честички, од кои многу се бактерии и вируси. Понекогаш е доволен само еден допир за од загадена површина – на пример од масата за јадење – бактеријата да се пренесе на рана или преку устата во телото. Особено се опасни местата што често се допираат, како што се рачките од вратите, тастатурите, оградите на креветите, ѕвоната на вратите и слично. На суви површини бактериите што ги наведовме погоре, како и многу други грам-негативни бактерии, можат да преживеат со денови, недели, па дури и месеци. Ќе наведам само два примери: прочуениот вирус SARS-CoV-2 (предизвикувачот на ковид) на нерѓосувачки челик живее 48 часа, а на пластика до 72 часа, додека златниот стафилокок на нерѓосувачки челик може да преживее до шест недели, а на пластика цели три месеци.

Персоналот што се грижи за пациентите лесно може со допир на таква површина да пренесе бактерија на своите заштитни ракавици, а потоа директно на пациентот или на некоја површина во негова близина. Сегашните методи за чистење едноставно не се доволно моќни ниту долготрајни за целосно да ги решат овие проблеми. Сето тоа претставува голем проблем. Постојат бројни различни истражувања за да се најдат вистински и долготрајни решенија.

Едно од нив предизвика голем интерес откако неодамна беа објавени резултатите во списанието Scientific Reports. Група истражувачи од Универзитетот во Нотингем додале chlorhexidine digluconate (CHX) во индустриски произведена епоксидна смола. CHX е биоцид со многу широк спектар што, со разорување на мембраната на бактеријата, предизвикува нејзина смрт. Тоа дејство не е ограничено само на едноклеточните организми. Во споменатото истражување е испитана делотворноста и трајноста на дејството против Staphylococcus aureus, Escherichia coli, Pseudomonas aeruginosa и Candida albicans – најчестите болнички бактерии.

Се покажало дека овој епоксиден премаз, со кој практично можат да се бојадисуваат сите ѕидови и подови, е многу отпорен на абење и притоа ги задржува биоцидните својства, дури и против бактерии што развиле отпорност на самиот CHX. Оваа смола може многу долго да се чува во резервоари без да ја загуби антимикробната ефикасност. Кога ќе се нанесе на површина, ги уништува сите испитувани бактерии – всушност, и сите грам-негативни и грам-позитивни бактерии, како и патогени габи. Тоа својство го задржува онолку долго колку што трае и самиот епоксиден премаз, а тоа е прилично долго, како што многумина од нас знаат од искуство. Поради тоа што се користи индустриски произведена смола, овој премаз може да биде широко достапен и во посиромашни средини.

Значи, ефикасноста, долготрајноста и цената го прават возбудливо ова потенцијално решение во борбата против болничките инфекции од опасни бактерии и габи.

Слики: Elin Thomas

Извор: https://www.portalnovosti.com/