Слобода на говор, понекогаш

17.07.2025 00:29
Слобода на говор, понекогаш

Во октомври 1989 година, Муслиманскиот институт организираше собир за случајот со Салман Ружди во градскиот совет на Манчестер. Тоа се случи осум месеци по издавањето на фатвата од иранскиот ајатолах Хомеини, со која повика на убиство на Ружди поради неговиот „богохулен“ роман Сатански стихови, што го натера писателот да се крие со децении.

На бината беше основачот на Институтот, Калим Сидики, страствен поддржувач на иранската теократија. Фатвата, им рече на присутните, е праведна и Ружди мора да умре. Го праша присутниот народ дали се согласува со тоа. Повеќето ги кренаа рацете. Продолжи со прашањето колкумина од нив би биле подготвени да го убијат Ружди? Повеќето ги задржаа рацете во воздух. Тоа беше разгорувачки, застрашувачки момент, снимен со камери и прикажан во вечерните вести, а потоа и предмет на расправа во парламентот.

Меѓународниот комитет за одбрана на Салман Ружди, формиран по издавањето на фатвата, разгледуваше дали да побара од властите да го обвинат Сидики за повикување на убиство или, пак, сами да покренат приватна тужба. Претседателката на комитетот, Френсис Д’Соуза, беше против таков чекор. Ниту Сидики ниту неговите следбеници, ми рече години подоцна, не биле „во позиција да ја спроведат фатвата... Немаа оружје, не знаеја каде се наоѓа Салман, ниту имаа непосредна намера да ги остварат заканите. Затоа, според познатата пресуда на американскиот суд за повикување на насилство, не постоеше ‘јасна и непосредна опасност’ дека зборовите на Сидики ќе прераснат во дело.“ Комитетот се согласи и реши да не покренува тужба.

Денес таква одлука би била запрепастувачка. Ставовите кон повикувањето на насилство значително се сменија во изминатите четири децении. Прагот на чувствителност за ова дело е многу понизок. А перцепцијата за повикување на насилство повеќе од порано зависи од конкретни политички ставови. Овие два трендови се видливи во два неодамнешни случаи што ја разбрануваа јавноста: Луси Коноли и Боб Вилан.

Луси Коноли беше осудена на 31 месец затвор поради поттикнување расна омраза во еден разгорувачки твит за време на антимигрантските немири во Англија минатата година. Немирите настанаа откако седумнаесетгодишниот Аксел Рудакубана уби три девојчиња од балетско училиште во Саутпорт, Англија. Некои учесници во немирите напаѓаа хотели каде што беа сместени мигранти, верувајќи во лажни гласини за потеклото на убиецот – кој, инаку, е роден во Англија. „Масовна депортација веднаш, запалете ги сите ебени хотели полни со тие ѕверови, баш ми е гајле“, напиша Коноли во твит кој подоцна го избриша, и додаде: „Ако тоа ме прави расист, нека биде така.“

Боб Вилан, англиско панк-рап дуо, предизвика бес кога на фестивалот во Гластонбери ја предводеше публиката во скандирање: „Смрт, смрт за IDF (Израелските одбранбени сили).“ Премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, го осуди скандирањето, некои коментатори го споредија со собирите во Нирнберг, полицијата покрена истрага, а Би-Би-Си беше критикуван што го емитувал настанот.

Ниту еден од овие два случаи не го достигнува прагот на повикување на насилство што го постави Д’Соуза во врска со Ружди, иако Коноли е многу поблиску до таа граница од Боб Вилан. Она што ваквите случаи го откриваат е начинот на кој проширувањето на значењето на повикувањето на насилство станува средство за засилена контрола врз слободата на говорот.

Сепак, многумина што се залагаа против осудата и затворањето на Коноли, ја поздравија истрагата против бендот Боб Вилан. Многумина што во последниве години ја осудуваа „културата на канселување“, го славеа тоа што други фестивали, концертни сали, па дури и нивниот агент го „канселуваа“ бендот. САД, кои инаку ја критикуваа британската нетолеранција кон слободата на говор, им ги поништија визите за закажаната турнеја во Америка. Како што забележа Брин Харис од Унијата за слобода на говор, овој случај „ја тестира толеранцијата на десничарите кон слободата на говорот, од кои многумина тврдат дека ја поддржуваат, но сега се однесуваат како Мери Вајтхаус (некогашна британска конзервативна активистка) на концерт на Sex Pistols“.

Постапувањето со Коноли и другите антимигрантски демонстранти доведе и до тврдења за „двојни стандарди во полицијата“. Всушност, како што веќе пишував, „историјата на полициското постапување е историја на двојни стандарди“. Со години, мета на прекумерен надзор беа речиси исклучиво црните луѓе, ирските републиканци или радикалните работници. Она што се промени е тоа што границите на таквата полициска практика се поместија. Властите станаа посензитивни за прашања поврзани со расата и идентитетот, додека надзорот над одредени делови од работничката класа стана подиректен.

Постои долга листа на луѓе што добиле строги казни за разгорувачки коментари кои биле оценети како повикување на насилство. На протест пред данската амбасада во Лондон во 2006 година, поради карикатурите на пророкот Мухамед, демонстрантите скандираа „Бомбардирај, бомбардирај ја Велика Британија“ и носеа транспаренти со натписи како „Уништете ги оние што го навредуваат исламот“. Тие слогани беа одвратни, но не полоши од твитот на Коноли. Четворица демонстранти беа осудени за „повикување на убиство“ и „расна омраза“ и добија казни од четири до шест години затвор. Таквите случаи ретко го привлекуваа вниманието на оние што сега ја критикуваат полицијата за двојни стандарди.

Исто така не е точно, како што некои тврдат, дека властите се благи кон пропалестинските протести. Новинари како Ричард Медхерст и Аса Винстенли беа уапсени поради она што го пишувале. Академикот Хајм Брешит, основач на Еврејската мрежа за Палестина, беше уапсен (и подоцна ослободен без обвинение) поради „говор на омраза“ за време на демонстрациите против израелската амбасадорка Ципи Хотовели. „Палестинска акција“ беше прогласена за терористичка организација поради организирање ненасилни протести, вклучително и на воени аеродроми.

Денес многу се зборува за двојни стандарди во работата на полицијата, но премалку за двојни стандарди во залагањето за слобода. Додека и понатаму сме подготвени да ги браниме слободите само на некои, а не на сите, оставаме простор да се загрози сечија слобода.

Слики: Lola Dupre

Извор: https://observer.co.uk/

ОкоБоли главаВицФото