Хашката група против геноцидот

17.07.2025 23:48
Хашката група против геноцидот

Во главниот град на Колумбија, Богота, во вторникот на 15 јули започна дводневна конференција за Палестина во организација на Хашката група — асоцијација на повеќе од триесет земји од глобалниот Југ, чија цел е поддршка на одлуките на меѓународните институции во однос на израелскиот геноцид во Палестина. Хашката група е основана во јануари годинава по иницијатива на Прогресивната интернационала — глобално здружение на левичарски партии, синдикати и организации. Конференцијата во Богота ја координираат Колумбија и Јужноафриканската Република (ЈАР), а една од говорничките е и специјалната известувачка на ОН за Западниот Брег и Појасот Газа, Франческа Албанезе. Целта на конференцијата е да се изнајдат мерки со кои ќе се принуди меѓународната заедница да го запре геноцидот во Газа, во согласност со одлуките на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Меѓународниот суд на правдата (МСП), како и Советот за безбедност и Генералното собрание на ОН. Сите овие институции донесоа низа резолуции и советодавни мислења во кои се бара итен прекин на израелските воени дејства и укинување на незаконската окупација на палестинските територии. На отворањето на конференцијата зборуваа претставници на Колумбија, Палестина и ЈАР, а присутни се и претставници на низа земји од Латинска Америка, Азија и Африка, вклучително и важни држави како Бразил, Мексико, Кина, Индонезија и Турција. Присутни се и функционери од неколку агенции на ОН, додека од Европската Унија учествуваат Ирска, Португалија и Шпанија.

Делегатите изјавија дека се собрале за да договорат конкретни правни, дипломатски и економски мерки за спроведување на одлуките на меѓународните институции во врска со Палестина, но и нагласија дека нивна цел е да го заштитат меѓународниот правен поредок во поширока смисла, бидејќи Израел тој поредок го поткопува со постојано кршење на обврзувачките резолуции, со што се промовира неказнивост. Потенцијалните мерки против Израел вклучуваат санкции и прекин на дипломатските односи со таа земја. Така, Колумбија ги прекина дипломатските врски и го суспендираше извозот на јаглен во Израел, ЈАР покрена тужба против Израел пред МСП, а Малезија им го забрани пристапот на израелските товарни бродови на нејзините пристаништа. Во пресрет на конференцијата, колумбискиот претседател Густаво Петро за британскиот Guardian напиша дека кампањата на уништување на Газа претставува „непромислено предавство на меѓународното право“ и дека државите „имаат избор — или цврсто ќе ги бранат правните принципи со кои се спречуваат војни, или беспомошно ќе гледаат како меѓународниот поредок се распаѓа под тежината на неконтролираната политика на сила“.

Од американскиот Стејт департмент порачаа дека „силно се противат на мултилатерални блокови кои го користат меѓународното право за својата антизападна агенда“ и дека ќе ги „бранат агресивно“ своите интереси и интересите на своите сојузници, вклучително и на Израел. Тензиите помеѓу САД и Колумбија започнаа на почетокот на мандатот на Доналд Трамп, поради одбивањето на Петро да прифати депортирани имигранти од Америка. Претседателот на некогаш најважниот јужноамерикански сојузник на САД тогаш на социјалната мрежа „Икс“ напиша: „ние сме на спротивната страна од нацистите“, а на почетокот на јули двете земји ги повлекоа своите амбасадори. Минатата недела, американскиот државен секретар Марко Рубио најави воведување санкции против специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе, поради нејзините „нелегитимни и срамни обиди“ Меѓународниот кривичен суд да преземе активности против САД и Израел, како и поради нејзиното залагање за прекин на дипломатските односи и воведување санкции против Израел. Самата Албанезе во Богота изјави дека таму „сè поголем број држави имаат можност да го прекинат молкот и да го променат курсот на законитоста така што ќе кажат: доста е. Доста е од неказнивоста, доста е од празната реторика, доста е од исклучивоста и соучесништвото. Време е да дејствуваме за правда и мир, засновани на права и слобода за сите, а не на привилегии на некои по цена на уништување на другите“.

Карикатури: Mohammad Sabaaneh

Извор: https://www.portalnovosti.com/