1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 23:59

Фашизмот личи на чмар. На сите можеш да им го видиш, ама својот - не!
За градот
Градот не е прост збир на инфраструктури и дијаграми со човечки движења. Тој е во постојан процес на создавање; се обликува од односите што ги живееме, вредностите што ги поддржуваме и конфликтите што одбиваме да ги избегнеме. Тој е простор каде што преговараме како да живееме заедно, како да се разликуваме, како да се движиме и како да се грижиме. Затоа тој е политички простор. Надвор од односите, градот, па и самиот простор, не постојат.
Градскиот простор денес е преоптоварен. Реликвии од минатото со застрашувачка брзина минуваат низ нашата сегашност за да станат иден отпад. Просторот ни го натрупуваат инстант производи. Брзината со која пазарно-материјалните добра се појавуваат и исчезнуваат, ги одредува и обрасците на општествените односи. Нашиот простор станува изобличена мрежа на јалови и напнати односи што се шират во двата правци низ времето. Во градот сè повеќе доминира логиката брза, експлоаторска, комерцијализирана, непријателска и на штрек. Јавниот простор се стеснува, се купува, се оградува и идеолошки се чисти. Движењето се насочува, нормира и наплатува. Се менува сеќавањето. Грижата се отуѓува. Дури и самиот јазик на солидарност и отпор се испразнува или се третира како симптом.
Но, градот сепак претставува терен на можности. Тој не е даден еднаш засекогаш. Тој се создава преку гестови на взаемна помош, преку акти на одбивање, преку тивката работа на одржување и ненасилно замислување. Да се живее нефашистички во градот не претставува некоја морална формула. Тоа всушност е сосема практично прашање: како да си ги повратиме просторот, времето и односите од силите што сакаат да ги избришат или контролираат?
Нашата живеачка во градот колку што е одредена од условите толку и ги одредува, расформира и реформира тие услови. Јасно е дека не постои суштинска форма што еден град мора да ја има, ниту сценарио по кое мора се движи. Градот е постојано постанување, кревко, реверзибилно, обликувано од безброј поголеми и помали дејства. Секоја урбана форма е талог од претходни одлуки, компромиси, желби и откажувања. Во таа смисла, градот никогаш не е неутрален. А ниту сме ние.
Често ни се случува, во нашата секојдневна пракса, да учествуваме во создавањето услови на кои во принцип им сме спротивставени, понекогаш свесно, понекогаш од навика, умор или удобност. Често со самото прилагодување на условите кои ги сметаме за неправедни - им го продолжуваме животот. Со тоа што молчиме пред насилството, просторно, симболично, економско, и му дозволуваме на насилството да се вгради во архитектурата на секојдневниот живот. Дури и рамнодушноста има последици. Дури и рутинските движења, улиците кои ги избегнуваме, ѕидовите кои ги игнорираме, луѓето кои ги поминуваме без да ги видиме, стануваат дел од континуираното создавање урбан простор.
Зборувањето за нефашистички начин на живеење во градот не е повик за утописко повлекување. Сосема спротивно, инсистира дека просторот што го живееме може да се трансформира, а за трансформација нужно е дејствување. Ако просторот се создава преку пракса, тогаш прашањето е: чија пракса, за кого, со каква цел? Градот е сплет од односи, а секој однос е можност, за оградување или ослободување, за нормализација или прекин на континуитетот на угнетувањето.
Во таа смисла, да се живее нефашистички не значи само да се дава отпор на потиснувањето. Тоа е повик да научиме, да забележуваме како просторот се обликува околу нас, и да се обидеме да го обликуваме поинаку, заедно.
.jpg)
И покрај отпорот: живеењето на нефашистички начин
Јазикот на отпорот често е гласен, декларативен, се стреми кон надворешноста. Се изјаснуваме против нешто: фашизам, национализам, репресија, неправда. Но, истовремено, важен предизвик, можеби малку потивок, е поинтимниот гест: како да не живееме во секојдневието на начин кој го повнатрешнува она што нè угнетува преку не-препознавање или преку активно посакување. Следствено, не е само прашање како да се стане антифашист, туку и како да се живее нефашистички – формулација што ја пренасочува тежината од непријателот надвор, кон структурите, поривите и навиките во нас.
Да се биде антифашист е неопходно, особено во времиња на отворено насилни режими и системска угнетеност. Но тоа може да стане и поза, ознака, дури и идентитет. Постојат ризици фашизмот да се гледа само како надворешна закана, фигура на Другиот, нешто што постои како крајност. Ги забораваме суптилните фашизми што се вгнездуваат во нашите гестови, институции, желби и повторувања. Фуко нѐ потсетува: проблемот не е само историскиот фашизам, туку фашизмот во секој од нас, во најмалите навики на хиерархија, покорност, чистење и контрола.
Живеењето нефашистички не подразбира само спротивставување. Исто толку важно е и непрекинато да се преиспитуваме. Постојано да ги преиспитуваме нашите привилегии, нашите приврзаности, нашите начини на говор, дури и нашите облици на отпор. Тоа би значело дека дури и кога се бориме во име на правдата можеби воведуваме механизми на моќ против кои ги репродуцираат неправдите. Таквиот живот баара внимание спрема тоа како посакуваме, како нормализираме, како се прилагодуваме.
Во урбаниот контекст, тоа значи не само да ги забележуваме симболите кои ги оспоруваме, туку и инфраструктурите на кои им се потчинуваме. Одиме на антифашистички протест во недела, а во понеделник активно учествуваме во бирократско насилство. Можеме да ја славиме јавноста во теорија, и да учествуваме во нејзината приватизација преку тишина или конзумеризам. Современиот фашизам е дисперзиран, и не секогаш доаѓа со знамиња. Сè повеќе тој делува преку навики на страв, удобност и откажување.
Нефашистичкиот пат е тежок. Тој не нуди јасни морални координати. Тој бара будност. Тоа е пракса на бавна етика, постојана, понекогаш исцрпувачка обврска да ги комплицираме сопствените улоги во системите кои ги критикуваме. Ова може да биде повик: да го гледаме просторот не само како одбрамбена територија, туку како процес кој постојано се прекројува преку внимание, односи и грижа.
Да се живее нефашистички во градот значи да се научи движење без доминирање, да се зборува без да се замолчи, да се гради без да се оградува. Одбивањето на угнетувачката моќ е со цел таа да не прерасне во наша втора природа. Кршливоста и неупехот се исто важен дел од учењето преку нефашистичкиот начин на живот во градот. Поинаков начин е можен, дури и ако е недовршен, нестабилен и полн со противречности.
.jpg)
Нефашистички белешки за Скопје
Ако живеењето на нефашистички начин е прашање на пракса, тогаш мора да погледнеме каде таа пракса теренски се одвива. Во нашиот случај, во Скопје. Град во прекршувања, меѓу сеќавањата и бришењето, меѓу фрагментацијата и спекулативното планирање, меѓу наследството на заедничките простори и иднината која сѐ повеќе се замислува како приватна и одделена.
Во контекст на современите теори за градот (Џејкобс), Скопје се наоѓа некаде меѓу слоевитата непредвидливост на Неапол и пресметаната стерилност на Франкфурт. Неапол, со своите порозни граници, густи релации и непредвидлив ритам, не е модел туку потсетник на тоа што се случува кога градот дише. Франкфурт, напротив, го претставува сонот за контрола и оптимизација, тоа е „послушен“ град. Скопје се ниша и осцилира меѓу овие две состојби, уште нефиксиран, уште во преобразби и грчеви. Неговата сложеност, културна и просторна, понекогаш изгледа непомирлива, втемелена во живи човечки противречности. Но, сè повеќе се потпира врз „менаџерската логика“ на измазнување, централизирање и „чистење“ на разликите, во име на „напредокот“. Во Скопје највидливи се (квази)логистичките приватњачки операции кои всушност не го менуваат кујзнае колку ориенталниот амбиент и табиет, и во неговата позитивна и во неговата негативна смисла.
Најважно е градот, т.е. ние, неговите жители, да препознаеме сè уште живата и стратешки најважна отвореност, која мора активно да се одржува, па и низ посериозни „логистички“ и инфраструктурни потези. Да не зборуваме за културната и политчката важност на таа отвореност. Плуралноста и шаренилото на Скопје мораат да се негуваат и чуваат. Односите кои на градот му даваат набој и слоевитост, меѓу различните генерации, различните економски и културни групи, меѓу формалното и неформалното – често се под удар на приватњачката или ситнополитичка свест од типот „завади па владеј“.
Слабоста на плурализмот е највидлива во стеснетоста и ограниченоста која почнува да доминира. Институциите на културата и науката, некогаш замислени како општо добро, сега стануваат оддалечени, формални, оградени. Ова не е само структурен туку и амбиентален проблем. Кога културните простори ја губат својата пропустливост, порозност, кога веќе не дозволуваат прекин, мал неред и несогласување, тие ризикуваат да станат ехо-комори на бирократијата. Во таков амбиент дури и граѓанското барање МКЦ да се врати во служба на потребите на заедницата, станува чин на отпор, не поради утописки пристап кон просторот, туку зашто неговата отвореност значи нешто важно за нас. Борбата за отворени институции е истовремено и борба за нарушување на бирократските стеги врз градот.
Логиката на исклучување зема замав и на теренот, значи, и во главите. Настаните кои треба да бидат впечатливи често економски се недостапни за посиромашните. Иницијативите што доаѓаат „од горе“ ретко допираат до оние што живеат на маргините на градот, до сиромашните млади, пензионерите со намалени приходи, заедниците избришани од урбаните мапи. Пристапноста не е само практичен проблем. Таа е предуслов за јавност, за Агора, која овозможува видливост, говор, преговарање.
.jpg)
Како одговор на слабата пристапност во последно време сè повеќе нови самоорганизирани иницијативи и групи успеваат да создадат некаков заеднички простор - без пари. Нивната отвореност кон не-привилегираните прави нешто повеќе од нудење алтернативна програма; тие моделираат поинаков начин на живеење во градот. За среќа, во градов имаме и барем еден независен и автономен социјален и културен (и вистински политички) ценатр во кој непрекинато се третира (анти-)фашизмот.
Во стремежот за вклучување една група е постојано прескокната. Во Скопје, пензионерите, носители на сеќавањата, сведоците на трансформациите, истуркани се на маргините. Нивното маргинализирање не е само економско, туку и симболично. Град што не наоѓа простор за своите постари жители веќе го има нарушено основниот принцип на солидарност. Тој станува стилизиран излог на прифатливи и претенциозни фигури и естетики.
Истата логика се рефлектира и во потрошувачката. Исчезнувањето на малите семејни продавачи не е проста последица на станувањето модерен град. Тоа е промена во начинот на кој градот се однесува спрема себе. Со секој нов супермаркет се сече по една нишка од урбаната интимност. Пазарот станува апстрактен, анонимен, оптимизиран, и сè помалку човечен. Изборот од каде купуваме не е неутрален. Тоа е начин да се потврди или да се прекине мрежата односи кои градот го прават функционална целина, исцедена од поетичноста на непосредноста.
Начинот на кој се движиме во просторот, најчестата пракса во градот, движењето, прецизно ни укажува како го опросторуваваме градот, како го култивираме заедничкиот простор. Доминацијата на агресивното возење, нормализацијата на брзината, стеснувањето на просторот за пешачење, сето тоа придонесува Скопје да стане град обликуван од страв и немир, а не од взаемност. Наспроти тоа, во потполна противречност, возењето точак создава друга временска рамка. Таа успорува. Бара внимание. Не создава бучава, не бара привилегија. Во самата нејзина механика има вградена тивка политика – нефашистичка чувствителност, на секој агол, на секој скршен бетон, асфалт и непотребна препрека. Исто толку важен е и јавниот, пристапен јавен транспорт. Во него секој ден живее пулсот на градот, и тој е најдобар показател за ритамот на случувањата.
Прашањето за движењето не е прашање исклучиво поврзано со превезување од една до друга точка. Има и едно друго важно прашање: дали градот уште дозволува скитништво - движење без цел, истражување без полза. Современиот живот го сведува движењето на минималното ниво на нужност: работа, градинка, шопинг мол, дома - и пак одново. Во таквата рута и рутина, се брише можноста за откритие, за влегување во непланирани населби, за налетување на разлика наместо следење иста истост.
.jpg)
Разликатата е важна. Град што не охрабрува истражување почнува да се затвора сам во себе. Хомогеноста не е само досадна, таа е политички ризична. Монолитноста, како просторна идеологија, отсекогаш му служела на фашизмот. Расеаноста, варијацијата и просторната љубопитност не се луксузи. Тие се нефашистички практики во просторот на градот.
Расеаниот начин на живот се заснова на внимание кон помалото, минорното, периферното кафуле, тивката улица, аголот каде разговорот уште служи за зближување. Тоа не се само детали. Тоа се местата каде ткаенината на градот се згуснува. Местата кои не се направени за фетишизирани комерцијални односи или нови градежни планови, потврдуваат дека Скопје е повеќе од своето видливо дејствие во неготото средиште. Тие места се под напад, заедно со нас, кои уште ги користиме.
Видливото и невидливото зборуваат негогаш на сличен а некогаш на различен начин. Видливите ѕидови низ Скопје се испишани со најразличен јазик. Фашистичките, националистичките, сексистичките и хомофобичните пораки не се само визуелен шум. Тие се декларации. Тие го присвојуваат просторот за одреден поредок. Но, ѕидот никогаш не е затворен. Одговорот е важен! Пораките за солидарност па дури и малите гестови на отстранување на наци срањата, не се само естетски гестови, туку се чин на контра-присвојување. Дискурсот е исто така просторен. Тој обележува како треба да се чуствувате кога се движите во одреден градски простор.
А кога властите непрекинато се обидуваат да ги затворат, стеснат или комерцијализираат последните заеднички простори, прашањето не е дали ќе бараме дозвола за да се спротивставиме според законски препишанот начин. Прашањето е дали сме подготвени тоа да го направиме заедно. Во време на растечки температури и сѐ помалку зелени површини, парковите и дрвјата не се веќе прашање на естетика. Тие се стратегии за преживување. Да се одбранат зелените површини значи да се одбрани иднина.
Градот, овој реален град, не е неутрална почва. Тој е бојно поле. А начинот на кој ќе решиме да продолживе да живееме тука, заедно, ќе одреди кои сили ќе добијат простор, а кои полека ќе бидат потиснати.
.jpg)
Градот кој живее самостојно
Не постои напишано упатство за тоа како треба да се живее нефашистички. Нема список. Градот, како и ние самите, секогаш е недовршен. Она што е важно е останувањето во движење, останувањето чувствителен за начинот на кој нашите секојдневни гестови, компромиси и тишини можат да го одржуваат, вака или онака, угнетувањето. Тоа се местата каде што удобноста станува соучесништво. Каде што прелесно се прилагодуваме. Каде што градот го оставаме да стане само позадинска слика, наместо однос.
Да се живее поинаку не значи да се стреми кон совршенство, туку да се остане немирен. Да се поставува одново прашањето: каков живот помагам да се изгради тука? Каков град се обликува околу моите гестови, моите отсуства, моите соучесништва?
Ова не е повик а ургентност, туку за внимание. Со доверба во бавното, тешко, но неопходно работење на само-организирање, на градење облици на живот што не чекаат дозвола, што не зависат од добрата волја на институциите, туку почнуваат од она што е веќе тука, што веќе постои. Градот кој живее самостојно не ја негира формалната структура, ама не се потпира исклучиво на неа. Тој ги впива нејзините неуспеси. Ја амортизира нејзината инерција. Создава простор за взаемност каде што токсичните политики не допираат, создава емпатија таму каде што бирократијата е бесчуствителна, и имагинација таму каде што плановите на планерите престануваат.
Законите и структурите само делумно се одговорни за фашизирањето на градот. Одговорни се и граѓаните, оие кои учествуваат со произведување услови за неправда и насилство. Затоа, овој текст може да служи и како повик да се стапи во допир со незгодното чувство за нашето можно соучесништво.
Оптимизмот е опција, дека градскиот простор суштински мора да биде слободен, и покрај границите и гентрификацијата. Заедништвото, отпорот и создавањето поинакви модели и пракси - тоа значи многу. Просторот не е неутрален. Иднината на градот не е однапред запишана.
Затоа продолжуваме, не толку со одговори, повеќе со прашања; повеќе со гестови отколку со слогани; некогаш и преку забава и игра. Градот не се спасува еднаш засекогаш. Тој се одржува жив, повторно и повторно, од оние што уште веруваат во неговиот недовршен потенцијал.
.jpg)
Слики: Bill Whitehead