1034 hPa
85 %
-8 °C
Скопје - Вто, 20.01.2026 03:59

Илан Папе е израелски историчар и политиколог, од 2009 година вработен на англискиот Универзитет во Ексетер, каде што дојде откако беше протеран од Израелскиот универзитет во Хаифа поради критикување на ционистичките политики. На Универзитетот во Ексетер го основа Интердисциплинарниот Европски центар за палестински студии (ECPS). Проблемите на Папе ескалираа кога поинтензивно почна да предава за периодот на основањето на израелската држава во контекст на етничкото чистење на домородното население и да го поддржува меѓународното движење за бојкот на израелските универзитети. Во Кнесетот тогаш беше прочитана своевидна обвинителна постапка против него, во која му се ставаа на товар клевета на државата, недостаток на патриотизам и велепредавство, а и денес му е забрането да предава во израелски образовни институции. Во Ексетер, вели, може слободно да работи, но повремено се случуваат случаи на цензура во држави како Германија, Италија, Франција и САД. Со него разговараме за државната идеологија на Израел и нејзиното влијание врз тамошното општество.
.jpg)
Долго време академски се занимавате со темата на ционизмот, кој во неговата сегашна форма го нарекувате неоционизам. Каква е таа идеологија и во што се разликува од претходните варијанти?
Ционизмот се формира во 19. век како одговор на два основни импулси. Прво, настанува како нешто за што се верувало дека ќе биде универзален лек против растечкиот антисемитизам во Европа, а второ, како израз на желба за модернизација и национализација на еврејскиот начин на живот. Идејата дека овие два импулси можат да се задоволат со тоа што во срцето на арапскиот свет, односно во Палестина, ќе се воспостави еврејска држава по европски стил, беше поддржана од интересна мешавина на сојузници. Едни од тие сојузници беа евангелистичките христијани и нивните важни претставници ширум западниот свет, кои ваквото решение го гледаа како дел од божјиот план што ќе доведе до Судниот ден. Други беа евреите од естаблишментот, кои се плашеа дека антисемитизмот ќе протера милиони Евреи од Истокот во западните земји каде што живееја. Трети беа британските империјалисти, кои го гледаа проектот како начин за воспоставување своја база на Блискиот Исток, и најпосле, еврејските интелектуалци кои веруваа дека Евреите во Европа никогаш нема да бидат прифатени, па затоа развија сопствена верзија на европскиот романтичен национализам.
Кога стана реалност на теренот, а особено откако доби поддршка од новите владетели на Палестина, Британците, ционизмот стана проект на доселенички колонијализам. Неговата основна логика беше елиминирање на домородното население, односно Палестинците, со цел да се создадат услови за воспоставување европска еврејска држава во срцето на арапскиот свет. Ционизмот беше прифатен како идеологија со која се оправдува овој проект, а кога стана јасно дека не може целосно да се спроведе, прерасна во идеологија која ги оправдува другите форми на контрола и прогон на Палестинците. Тоа вклучува воспоставување два мега-затвори, од кои едниот е Западниот Брег, а другиот Појасот Газа, како и полуапартхејд систем за контрола на Палестинците во Израел. Палестинскиот отпор на оваа парадигма на крај доведе до распад на системот, а нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година ја соголи такавата пропаст. Одговорот на актуелната политичка елита на тој неуспех беше заменување на системот на етничко чистење и апартхејд со геноцид, како што гледаме во Појасот Газа. Тоа е неминовен историски развој на проектот на доселенички колонијализам каков што е ционизмот. Тој не може да биде ниту либерален, ниту социјалистички или прогресивен. Во неговата ДНК е уверувањето дека Палестинците се главна пречка за успехот, поради што тие мора да бидат отстранети по секоја цена – на овој или оној начин.
.jpg)
Улогата на социјалдемократијата
Како би го опишале современото израелско општество кога станува збор за ставовите кон Палестинците? Како функционираат методите на системска индоктринација и манипулација, за кои велите дека се составен дел од државната политика?
Мислам дека израелското еврејско општество денес е мнозински расистичко во своите ставови кон Арапите воопшто, а особено кон Палестинците. Покрај тоа, тоа е и општество кое е изразено поделено на секуларни и клерикални Евреи — групи што сè потешко наоѓаат заедничка основа, освен кога станува збор за расизмот кон Палестинците, вклучително и оние во самиот Израел. Порелигиозниот дел од населението е порасистички и помалку заинтересиран за демократските вредности. Подемот токму на тој дел од општеството е резултат на индоктринацијата низ која Израелците поминуваат од најрана возраст. Таа индоктринација се спроведува преку образовниот систем, медиумите и армијата, а се темели на манипулација преку страв од Палестинците, при што тие се прикажуваат како некој вид нови нацисти, решени повторно да извршат геноцид врз еврејскиот народ. На тоа се додадени и месијански вредности, поради кои општеството сè повеќе се движи кон теократско-фашистичка форма на држава.
Во своите книги се занимавате со различни политички групации кои придонеле за појавата на ционизмот каков што денес го познаваме. Една од нив се социјалдемократските партии во Европа и САД. Можете ли да кажете нешто за улогата на социјалдемократијата во подемот на радикалниот ционизам, а исто така и како гледате на однесувањето на тие партии денес во врска со геноцидот во Газа? Рековте дека не ве изненадила израелската офанзива во Газа, но дека ве изненадила реакцијата на европските политички елити.
Социјалдемократските сили на западот почнаа да го поддржуваат Израел во 1930-тите години, а претходно и ционистичкиот проект, од низа причини. Во раните години на израелската држава, таа поддршка беше клучна за идејата за воспоставување на Израел како една од социјалдемократските држави во светот, а социјалдемократијата се држеше до таа теза и покрај фактот што сè до 1966 година палестинските граѓани живееја под воена окупација, а потоа истото важи и за Палестинците на Западниот Брег и во Појасот Газа. Пораката на таквите партии тогаш, а и денес, беше јасна – во случајот со Израел, апартхејдот, окупацијата и воената управа не го исклучуваат режимот од заедницата на социјалдемократски цивилизирани нации.
На тој начин Израел не стана само европски проект, туку и европски, па и американски социјалдемократски проект. Една од причините зашто тоа се случи беше тогашната извитоперена слика за Израел како социјалистичка држава, најмногу поради кибуцизмот, односно колективистичкиот начин на живот, иако само три проценти од населението на Израел живееше на тој начин. Причините се и исламофобијата, арапофобијата и позиционирањето на Израел на страната на Западот во Студената војна, како и уверувањето дека со создавањето на израелската држава е решен проблемот со антисемитизмот. Фактот дека проблемот со антисемитизмот не е решен и покрај воспоставувањето на израелската држава, како и фактот дека тој проект предизвика неподнослива болка кај Палестинците, е причината поради која социјалдемократските елити во Западна Европа денес молчат и не сакаат повторно да го отворат тоа прашање, иако тоа, порано или подоцна, ќе мора да го сторат.
.jpg)
Неоционизмот има поддршка на сите страни од политичкиот спектар, па така сведочиме и на создавање сојузи со различни (екстремно) десни групации. На пример, непосредно откако Меѓународниот кривичен суд издаде потерница за него, премиерот Бенјамин Нетанјаху беше пречекан во Унгарија од страна на Виктор Орбан. Ако останеме поблиску, владејачката партија во Хрватска е водечки промотор на историскиот ревизионизам, а Хрватска истовремено е една од ретките земји што редовно гласа против резолуциите на ОН со кои се осудува Израел. Како го објаснувате тоа?
Фашистичките антисемитски групи во минатото ја поддржуваа идејата дека Евреите треба да ја напуштат Европа и да се населат во Палестина, а тој елемент го имаат и денешните такви сојузи, но тие имаат и некои нови компоненти. Тоа се пред сè исламофобичните тенденции на популистичките партии и нивните лидери, кои се во пораст откако, во пресрет на граѓанската војна во Сирија, започна масовното доселување луѓе од арапскиот свет. Во десничарските кругови Израел оттогаш се третира како пример според кој треба да се постапува во однос на муслиманите, без да се земе предвид фактот дека дел од бегалците што дојдоа во Европа не се муслимани, или дека некои Палестинци се христијани или се секуларни. Тие кругови се надеваат дека таквиот пристап ќе го прифатат и нивните држави, оправдувајќи го тој став со тезата дека сите имигранти се терористи или потенцијални терористи – исто како што тоа го прави Израел во однос на Палестинците.
.jpg)
Најнасилната фаза
Напишавте книга со наслов "Lobbying for Zionism on Both Sides of the Atlantic" („Лобирање за ционизмот на двете страни од Атлантикот“). Бидејќи Доналд Трамп неодамна нареди напади на иранските нуклеарни постројки, можете ли да кажете нешто за улогата на ционизмот во американската надворешна политика? Дали мислите дека одлуките на Трамп се идеолошки мотивирани или исклучиво стратешки?
Не сум сигурен дека Трамп воопшто е човек со идеологија. Неговите интереси се моќта и имиџот, а за да ги оствари тие интереси мора да склучува сојузи, па во таа насока ги користи другите што се идеолошки мотивирани и управува со нив за да му помогнат да ги спроведе неговите визии. Тие сојузи вклучуваат неоконзервативци кои сакаат тој да ја прошири американската вмешаност на Блискиот Исток, но исто така и изолационисти кои сакаат САД да се повлечат од Блискиот Исток, како и христијански фундаменталисти кои ја поддржуваат израелската десница и нејзината амбиција за создавање „Голем Израел“. Трамп, исто како и сите американски претседатели пред него, сега научи дека Нетанјаху прави што сака, а потоа ги користи Американците да го расчистат нередот што тој го предизвикал.
И покрај фактот дека, како што велите, оваа фаза на ционизмот е најнасилна, верувате дека таа би можела да биде и последна. Кои сили придонесуваат за тој процес?
Обично се случува ваквите политички проекти да станат особено жестоки и брутални кога се приближуваат кон својот крај. Тоа го видовме и со апартхејд режимот во Јужноафриканската Република. Постојат индикатори дека сме сведоци на почетокот на крајот на ционистичкиот режим, а еден од тие индикатори е внатрешната имплозија на израелското еврејско општество – сериозен судир помеѓу верските и секуларните фракции, речиси до точка на неподносливост. Меѓународната изолација само го засилува тој судир, а помладите генерации Евреи, вклучително и оние во САД, сè повеќе се дистанцираат од Израел и ционизмот. И економијата страда, како резултат на најдолгата војна во историјата на Израел, и таа не може да се извлече без огромна американска помош. Се случуваат и ќе се случуваат промени во соседните држави на Израел, исто како и во рамки на палестинското национално движење, а сето тоа може да придонесе за промена на парадигмата во насока на создавање деколонизирана и слободна Палестина.
.jpg)
Карикатури: Emad Hajjaj
Извор: https://www.portalnovosti.com/