ОД и ЗА љубовта: Осврт кон романот Три Марии на Оливера Ќорвезироска

21.07.2025 00:50
ОД и ЗА љубовта: Осврт кон романот  Три Марии на Оливера Ќорвезироска

Романот Три Марии на Оливера Ќорвезироска е роман за љубовта, или, како што таа самата ќе запише, извајан е „исклучиво од тешко обработливата и леплива глина на љубовта“, и дека „спас од ... љубов нема...“

Но, оваа глина не е обликувана во јасни форми на среќа и несреќа, успех и неуспех, туку во контури на љубовта сфатена и манифестирана како преданост, постојаност, непопустливост и безусловност. Љубов што не подлежи на каква било пресметливост и не е заробена во констриктивни норми од кои зависи добрата разрешница или среќниот крај. Фокусот на Ќорвезироска е многу повеќе на создавање амбиент во кој читателите ќе може да се задлабочат во психологијата на љубовта на трите Марии која се манифестира како свесна и самостојна определба на умот, како дејствителен чин на срцето и како отелотворено сведоштво на животот.

Ваквата љубов е нишката што ги поврзува трите жени со исто име – Марија. Секоја од нив е приказна за личносен субјект кој љуби своеволно, со својот глас, со својот молк, со своето тело и со сето свое битие. Животите на овие три истоимени жени Ќорвезироска не ги гради за публиката да ги „суди“. Во нејзината проза овие три жени не се ставени пред моралниот стандард „спакуван“ во општествените очекувања по прашање на љубовта.

Три Марии е психолошки роман во кој текот на свеста е вистинското дејство, а наративната динамика се остварува пред сѐ преку осцилации, преку фрагменти, преку говорот на телото и преку рушењето на стереотипи. Дејството, заплетот, расплетот и завршницата не се центарот на раскажувањето. Тие се само носители на амбиентот — мапа која се „чита“ и од она што не е кажано; од тишината, од она што не е целосно, од фрагментите и од она што останало или не останало во меморијата.

Секој психички гест на ликовите е вклопен во конкретни ситуации. Секој став, гледиште и аргумент е одлично профилиран заплет. Но, заплетот не е поставен за потоа да се оди кон некаква зададена разрешница. Преку него, Ќорвезироска ги осветлува и ги нијансира скриените претпоставки, предрасуди и воспоставени општествени норми кои ненадејно се појавуваат пред очите на читателите.

Приказните на трите Марии по својата структура се различни. Единственото нешто што ги поврзува е еден ист стан. Но, овие ликови се поврзани на начин кој им е дополнително познат на читателите на Ќорвезироска. Во Три Марии Ќорвезироска вткајува автоинтертекстуални и интертекстуални нишки и ги поврзува главните женски субјекти со ликови и со мотиви од нејзиниот претходен роман Аб’т, кратките раскази (С)плетени раскази, или пак, со делата на Фјодор Федчешин Собрано дело и Срдечен болен.

Таквите врски не се само (авто)референти показатели кон нејзиниот книжевен универзум. Во нив, Ќорвезироска ја архивира колективната женска историја на искусените трауми и на обезгласеноста. Ова особено се однесува на „баластот“ на поимот љубов натоварен врз плеќите на жената без притоа да се влезе во замката на баналната женска тема – „кој пере, кој чисти, кој е жртва“? Ќорвезироска не се задоволува со жената како социјална категорија, туку ја прикажува како онтолошко присуство на активен субјект кој љуби. Трите Марии оставаат телесен отпечаток, но не како некаква телесна објектификација. Нивната телесност е лично автономно слободно дејство. Тие едноставно се! Затоа и нивната љубов е лична, автономна и слободна. Нивната љубов едноставно е!

Дезенот на наративната басма вклучува и книжевен наклон на Ќорвезироска кон Славко Јаневски. Најпрвин преку очевидното реферирање на неговиот роман Две Марии, а потоа и со именување машки лик според него што е своевиден омаж и критичка рефлексија. Ќорвезироска забележува дека Три Марии „не е класична посвета, ниту римејк на конкретно дело“, туку чин на книжевно препознавање за неговиот севкупен придонес во македонската литература. „Ниедна книжевна генерација,“ вели Ќорвезироска „не почнува од почеток, дури и тогаш кога така ѝ се чини и кога самата е убедена во тоа.“

Марија како архетип: библиски и книжевни нишки

Она што остава силен впечаток во романот Три Марии не е само препознатливиот прозен печат на Ќорвезироска – нејзиниот суптилен, а сепак, мелодичен и акустичен сензибилитет за траекторијата на свеста, за внатрешниот дијалог и за неискажаното или ненапишаното што се исчитува од згуснатата проза. Особен впечаток остава тројното име Марија. Не како етимолошка или лингвистичка ознака, туку како архетип, како носител на цивилизациска, библиска, културна и книжевна меморија.

Стожерот на оваа меморија се наоѓа во Новиот завет поточно во четирите канонски евангелија. Во нив се споменуваат повеќе жени со тоа име, но три од нив имаат значајно место во нарацијата: Марија, мајката на Исус; Марија од Витанија, сестрата на Лазар и Марта; и Марија од Магдала – Магдалена. Ниедна од нив не е епизоден лик. Секоја има важна улога во објавата на централната порака на евангелијата дека Исус Христос е отелотворениот Божји Син.

Ликовите во романот не можат да се сведат на едноставни паралели со фигурите во евангелијата. Тие се повеќе како фрагменти од еден архетип распослани во три тела, три гласа, три животни тека. Не ги поврзува само името, туку и сѐ што името симболично и историски го претпоставува, имено отстапување од општествените норми и нивните последици.

Освртот кон романот на Ќорвезироска е поставен во теолошка рамка за да може во неа потоа да се разгледа паралелата меѓу Мариите во романот и во евангелијата.

Троедината структура и женскиот поглед

Романот на Ќорвезироска е раскажан во трето лице на сезнаен наратор, потоа во второ лице и конечно во прво лице. Обработената тема е љубовта: невозвратена, проникната, радосна, страствена, болна, трагична и над сѐ, автентична.

Иако нарацијата изобилува со дејство, Три Марии е тивко речиси исихастичко четиво. Романот изобилува со дејство, со бучава, со незауздена страст и со јавно рушење на стереотипи, а сепак како четиво тој е невообичаено тивок, интроспективен и созерцателен. Тивок не по интензитет, туку по длабочината на интроспективноста и созерцателноста на женскиот субјект како двигател на дејството.

Во прозата на Ќорвезироска, женската субјективност не е теоретизирана, туку е конкретизирана низ „гласната тишина“ на дејствителното присуство. Таа „тивка гласност“ соодветствува со поетиката на обредноста – конкретно народните басми, кои самата традиција ги чува во обредно неразбирливо шепотење. Трите Марии мислат, зборуваат и дејствуваат сообразно со магичниот говор низ басмите. Многу од она што тие го мислат, го кажуваат и го прават е енигматично, нецелосно разбирливо и заличува на баење. Исходот од овој пристап, исто како и кај баењето, не може да се земе еднозначно. За ова сведочат баењата на пророчиштето на Аполон во Делфи познати по можноста да бидат толкувани на различни дури и противречни начини. И кај Ќорвезироска не се работи за еднозначни формули за љубовта. Се работи за љубов која не поставува услови и не се заснова врз реципрочност што само по себе исклучува каква било можност да биде врамена во чиј било друг „хабитус“, освен на субјектот кој љуби.

Оваа тријада на гласови – Марија Пребирлиева, Марија Зара и Марија Деспотовска-Солев – ја гради троедината Марија, која станува параикона на трите библиски Марии: Марија мајката на Исус, Марија од Витанија и Марија од Магдала. Троедината Марија не е алегорски пандан за ниту една од новозаветните Марии. Таа е книжевно-егзистенцијален одек. Преку набојот кој го носи името „Марија“, Ќорвезироска ја потенцира женската телесна, духовна и егзистенцијална субјективност.

Имајќи го предвид горенаведеното, паралелата со библиските Марии не е наративна или споредбена, туку теолошко-антрополошка. Како во случајот на трите Марии на Ќорвезироска, трите новозавенти Марии не се избрани за да се означат три жртви на тогашниот патријархат, туку за да бидат сведоци на Божјото влегување во историјата. Важноста на ова „именување“ не може да се преувеличи. Овие жени во евангелијата не се само статисти, туку се лични, автономни и слободни учесници во опишаните дејства.

Секоја од нив има сопствена улога во објавата на Божјата промисла за светот. Во нив може да се видат паралели со Трите Марии на Ќорвезироска. Првата паралела е искуство на телесна болка што е поврзано со отелотворувањето и раѓањето на Божјиот Син. Втората е Христовото „кенотичко“ самоиспразнување од неколку клучни божествени атрибути. Третата е пасхалното искуство со кое почнува излегувањето од ропството во Египет, преминот преку море и пустина и воведување во ветената земја.

Отелотворување и кревкост: библиска паралела

Паралелата со отелотворувањето – што според Новиот завет е космички и историски настан чие дејство се случува во телото на млада немажена девојка по име Марија – има одек и во наративната структура на Три Марии. Кај Ќорвезироска, телото на жената не е симбол или метафора, туку место на вистинско искуство, на љубов и на слободен избор. Жените во романот се телесни, сензуални, кревки, но и одлучни – личности „од крв и месо“. Тие не се митолошка категорија, туку конкретни личности . Ниту се патетични во современата смисла на зборот. Ќорвезироска, како учен книжевен теоретичар, секоја од трите Марии ги става во контекст на конкретен патос – сфатен во класичното разбирање на терминот – кој води во конфликтни односи, предизвикува болка и се соочува со загуба.

Марија, мајката на Исус, своеволно прифатила да учествува во чин кој никако не можел да се вклопи во тогашните општествени норми заради што доживеала страшна болка. Мариите на Ќорвезироска исто така одат спроти очекувањата на општеството и против системските и систематските нормативни стеги заради што доживуваат болка.

Особено силен е моментот кога Ќорвезироска, користејќи средства на магичниот реализам, ја претвора смртта на Пребирлиева во магиска и есхатолошка сцена: по нејзиното загинување, невидливо за светот, се појавуваат чудни суштества – не сосема човечки, но не ни нечовечки – кои ѝ шепотат, „Мамо, мамо, мамо“. Овие привиденија не се само алузија на абортираните деца, туку се и симбол на отелотворена болка заради љубов која во конечност не е возвратена, но сеедно останува безусловно стварна. Марија Пребирлиева се откажува од можно дете, кое длабоко го посакува – не еднаш, туку повеќе пати – прифаќајќи ја загубата како дел од процесот на посветеноста на безусловната љубов. Во евангелијата, при распнувањето и Марија ќе остане без син што е буквално резултат на нејзината безусловна љубов кон Бог.

Љубовта на Марија во евангелието е страдање зашто е реализирана во паднат свет. Љубовта на жените во Три Марии е љубов која не се препознава во рамките на светот кој е неумолив и не простува. Тоа е свет кој ја презема улогата на обвинител и на судија. Жените љубат – и затоа страдаат. Но, токму затоа, тие стануваат сведоци на нешто повисоко од љубовта разбрана како реципроцитетна „трансакција на добра“. Нивната љубов е безусловно самоподарување. Во овој чин лежи тајната на отелотворувањето и во Новиот завет и во Три Марии.

Кенозис и жртвување: љубов како самоиспразнување

Ќорвезироска никогаш не морализира. Таа не држи предавања, не носи суд и не сака да нормира туѓи животи преку својата проза. Таа набљудува – тивко, внимателно и клинички прецизно. Со прецизност на писател што ја разбира реалноста на овоземниот живот, таа не сака да се вовлече во тривијалноста на деталите. Според Ќорвезироска. „Љубовта им е единствената професија на ликовите“ ... Сите можеме да бидеме ова или она, ама сите живееме ОД и ЗА љубовта.“

Со оваа реченица, Ќорвезироска го сумира своето дело. Сè почнува и завршува со љубовта – состојба и дејство - која не трпи никакво условување и однапред програмирање. Љубовта е или слободен неусилен избор или воопшто ја нема!

Според христијанската теологија љубовта не е бог, но Бог е љубов. Тоа е единствениот атрибут кој е наизменичен со Неговото битие. Токму затоа, исклучиво заради љубовта, Бог е подготвен да дозволи на човештвото да му се случат незамисливи нешта. Како што пишува Дејвид Бентли Харт, „Или некој ја прифаќа мистеријата (дека) ... Бог на љубовта е нешто толку прекрасно што моќта на созданието да се пороби себеси во смрт мора да биде дозволена. ... или пак, да расудува ... (дека) не е вредна за ризикот од космички пад и ужасната неправда на последиците што произлегуваат од него.“ За да се случи автентична љубов, Бог „ризикува“ човечка слобода. Од човештвото се бара непроценлива цена. Но, тоа претпоставува дека и самиот Бог е подготвен да плати уште поголема цена за ризикот на љубовта. Цената е Христовото тело распнато на крст.

Во паралела со отелотворувањето – она Божјо влегување во смртноста – трите Марии на Ќорвезироска ризикуваат автентична љубов заради која поднесуваат жртва. Без разлика на светогледот кој произлегува од Новиот завет и од Три Марии, „осудени“ сме на љубов и за неа вреди да се ризикува и да се изгуби сѐ. Што и да се случи на овој свет, од љубовта не се бега. Тоа е јасно дури и во миговите кога мразиме, или особено тогаш.

Кенозис: телесен и духовен

Во Посланието до Филипјаните, апостол Павле пишува за Исус Христос, „Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга... послушен сѐ до смрт, смрт на крст“, (Фил. 2:6–8). Оваа кенотичка формула, која претставува самооткажувачка љубов, е централната матрица и во романот на Ќорвезироска. Жените страдаат не затоа што се слаби, туку затоа што љубат. И нивниот кенозис е буквален, не само метафоричен.

Ќорвезироска го опишува кенотичкото дејство на разни начини, но специфичен пример е сечењето на дел од дланката на неколку жени во книгата вклучувајќи ја и Марија Зара. На овој начин тие продолжуваат да бидат целосно човечни во својата суштина, но заради љубов, доброволно се откажале од еден свој орган кој е клучен за секојдневно функционирање. Нејзината баба Алинка си ја исекла дланката, една жена со име Стана исто така, и конечно Марија Зара си го пресекува палецот. Телото е топосот од кој се делка љубовта.

Покрај физичкиот кенозис на отсекување на дел од телото, Ќорвезироска загадочно алудира и на духовен кенозис. Тоа е случајот со бабата на Марија Зара, Алинка. Марија неа ја познава како своја баба која воопшто не сака книги. Но, за една пригода Алинка ќе добие книга на подарок со забелешката „дека не знае дали ѝ ја погодила книгата, тешко е на професорка по книжевност да ѝ погодиш книга“. Алинка категорично негира, „Ма, каква професорка по книжевност ... Не сум никаква професорка“. Каква и да е целата приказна околу оваа „тајна“, одлуката да се пресече каква било врска со книгите и книжевноста, во дадениот контекст, е поврзана со севкупниот став на Алинка во врска со прашањето за љубовта. Во име на љубовта таа пресекла клучни делови од телото, од умот и од душата. Толку ѝ е важна љубовта, онаа автентичната и вистинската за неа, што не сака да се залажува со какви било сурогати и компензации.

Поентата на Христовиот кенотичен акт е токму одбивањето на Бог да импровизира и да компензира. Семоќниот, сезнајниот, вечниот, бесконечниот и сеприсутниот Бог се овоплотува во распадливо, смртно, ограничено, кревко, ранливо тело. Поинаков пат за вистинската љубов нема!

Марија од Витанија: смела љубов

Во таа истата логика, евангелскиот лик на Марија од Витанија станува силен пример за љубовта како кенотичко дејство. Таа не е мажена. Живее со сестра си Марта и брата си Лазар. Седи до нозете на Исус – и слуша, го помазува со скапоцено миро, му ги мие стапалата со солзи и ги брише со својата коса. Марија љуби и токму затоа страда.

Во романот на Ќорвезироска, ова се пресликува низ ликот на секоја од трите Марии, но особено во нивната готовност да платат највисока цена за љубовта.

И затоа, во крајна линија, Ќорвезироска не мора да романтизира, да морализира и да поставува нормативи. Таа напросто верува во љубовта и во нејзината сила да нѐ ослободи од прангите на минатото и да доведе до исцелување дури и кога љубените од една или од друга причина се недостапни.

Опседнатост, демони и можноста за катарза

Кај Ќорвезироска, првите две Марии – Пребирлиева и Зара – немаат среќен крај. Во нивните случаи, љубовта за која тие живеат не станува љубовта од која живеат. Но, токму во тие трагични искуства се дестилира содржината на љубовта како отелотворување и кенотичко самоиспразнување – љубов што не бара ништо за возврат и дава ништо помалку од сѐ.

Третата Марија, Марија Деспотовска-Солев, е поинаков лик. Во неа се манифестира моќта на љубовта за преобразување. Нејзиниот пат почнува со шокантно кршење на општествените норми во јавност. Таа се однесува како опседната – во состојба на транс, лудило или психоделична екстаза. Нејзините постапки се во директна спротивност со сѐ што би ѝ обезбедило општествено прифаќање како жена.

Потенцијалот за преобразба кај Марија Деспотова би можел да биде сличен со примерот на Марија Магдалена која, откако ќе биде ослободена од седум демони, станува еден од најверните ученици на Исус. Таа е присутна при распнувањето, стои под крстот, оди на погребот, наутро тргнува на гробот и станува првата личност која го гледа воскреснатиот Христос! Не се кажува од кои и какви седум демони е ослободена, но имајќи го предвид статусот на жената во тоа време може да се претпостави дека значителен фактор кон нејзиното „лудило“ се општествените предрасуди на патријархатот. Ако се земе предвид дека во најголем дел од случаите кога Исус некого исцелува духовно, душевно или физички, Тој со тоа ѝ дава или ѝ го враќа општествениот статус на личноста, голема е веројатноста дека тоа е случај и со Марија Магдалена,

Во паралела, Марија Деспотовска-Солев минува низ сопствена опседнатост, низ внатрешен мрак и духовна парализа. Но, таа не останува таму. Љубовта во неа би можела да ја доведе до пасхално искуство, до премин. Марија Пребирлиева и Марија Зара ќе го изнајмат, но нема да престојуваат во истиот стан. Марија Деспотовска-Солев ги има сите предиспозиции за да живее во него. Станот што го изнајмува од Славко не е само простор, туку симболичен премин кон нов избор. Слично како со пасхалното искуство да се премине „низ морето по суво“ и „низ пустината кон ветената земја“.

И самата Ќорвезироска во едно интервју ќе забележи, „Првите две Марии се обидуваат и не успеваат, а третата Марија можеби ќе направи нов избор. Мораше да има и малку оптимизам.“ Оптимизмот не доаѓа од надеж во среќен крај, туку од можноста за внатрешна преобразба преку љубовта. Нешто слично како крајот на Злосторство и казна каде што нараторот на крајот заклучува, „Но, тука почнува веќе нова приказна — приказната за постепеното обновување на човекот, приказната за неговото постепено преобразување, неговото преминување од еден свет во друг, за постепеното запознавање на новата реалност...“

Интересна е и играта со името Марија, кое Ќорвезироска го вклопува и во спореден лик. Тоа е Мери, пријателка на Марија Деспотовска-Солев, која станува првиот очевидец на воскреснатото срце на Марија. Мери е таа што ќе ѝ го препорача станот на улицата „Народен фронт“ број 28 – како некој што го сведочи новиот почеток.

Евхаристија: љубовни гозби околу трпезата

Отелотворувањето, кенотичкото самоиспразнување и преминот се трите клучни паралели меѓу троедината Марија на Ќорвезироска и трите библиски Марии од евангелијата. Но, во книгата се јавува уште една, подеднакво важна, паралела со Новиот завет: евхаристијата.

Деталните и сликовити описи на зготвената храна во романот упатуваат на централната важност на трпезата – како место на заедништво чија претпоставка е љубовта. Колку и да не се реализираат овие јадења како вистинска евхаристиска агапе-гозба – како леб и вино што ги симболизираат Христовото тело и крвта – нивното симболичко и потенцијално евхаристиско значење останува живо и силно. Присуството на љубов, готвењето како чин на грижа, и самото седење заедно на трпеза, отвораат простор за преобразба.

Во раното христијанство, како што сведочат и текстовите од вториот век, евхаристијата не била сведена на стилизиран ритуал со ронка леб и капка вино. Тоа биле вистински љубовни гозби – агапе – во кои гозбата му претходела на причестувањето. Во тој дух може да се чита и Ќорвезироска: нејзините сцени на готвење не се анегдотски, туку литургиски; тие се структурирани како песни во проза, како текстуална евхаристија. Храната не е само потреба или желба – таа е средство за споделување, за заедница, за љубов.

Верувам дека кулинарскиот интерес на Ќорвезироска во нејзината книжевност има слична функција како и самата проза. Не се работи само за храна или само за зборови како средства за преживување. Храната и говорот надалеку ги надминуваат нужните егзистенцијални потреби. Внимателно подготвената храна и раскажаната приказна се насушни дејства кои го хуманизираат и го облагородуваат човештвото. Таков пример е дејството во филмот „Гозбата на Бабет“ во кој една мала стриктна протестантско-пуританска заедница ќе доживее духовна преобразба преку гозба на која готвачката која ја подготвила потрошила сѐ што имала. Долго-очекуваното духовно „будење“ се случило преку еден екстравагантен чин на дарување. Заедницата навикната на стриктни правила сомнежлива кон уживање во вкусна храна, и секакво друго телесно уживање, гозбата на Бабет ја доживува сакраментално, како света тајна преку која се пренесува божествена благодат. Трпезата станува олтар, а гозбата мистична епифанија. Старите рани се зацелуваат, грешките од минатото се простуваат и прекинатите врски се обновуваат.

Раскажувањето на Ќорвезироска ја има истата моќ да понуди когнитивна гозба чии деликатни вкусови го отклучуваат човечкиот дух

Љубовта: двигател на човештвото

Со ова дело Ќорвезироска раскажува праисконска приказна за љубовта – онаа која, без разлика на нечиј светоглед, останува основен двигател на човештвото. Била таа безвременска и исконски вткаена во човечката душа и божествено онострана, или пак, временска, случаен производ на еволуцијата и физички овострана – ЉУБОВТА е она од и за што се живее.

Слики: Prudence Flint