1006 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Пет, 23.01.2026 12:32

„Не ѝ верувај на баба ти“, Натали Спасова, Н. Славковска
Разбудете се луѓе! До кога вака?
Кога прв пат јас прогледав, вистински, имав четириесет и една година. Некој би рекол дека е предоцна, но тоа е планот што го имал Господ за мене.
Во фабриката, каде што работев цел живот, нѐ отпуштија како кучиња. Не ни кажаа ништо. Се појавив на работа како и секој друг ден и ги видов сите мои колеги како викаат пред заклучените порти.
-Останавме на улица – ми рече Перо додека Иги ги влечеше гневно вратите стегнати со синџири и катанци, упатувајќи псовки кон управата, која, сигурно, не беше никаде во близина за да ги слушне.
Работев таму дваесет години. Платата не беше идеална, но беше доволна да ја покрие ратата што ја отплаќав за новиот телевизор, да го наполни фрижидерот, за неколку кафани месечно и за пиво на пауза, од работа. Сметките и годишниот одмор ги покриваше пензијата на мајка ми.
Никогаш не бев лаком човек, никогаш не сакав голема слава или пари. Кога завршив средно, соседот ме праша дали сакам да влезам кај него како чирак, и јас веднаш прифатив.
На старата не ѝ беше баш мило. Собираше пари цел живот. Аманет од татко ми што прерано замина беше да одам на факултет. Но, тоа не беше за мене - книгите никогаш не ми беа пријатели. Да се седне под сенка во летните горештини со другарите, да се врти прасе и да се пие пиво – така отсекогаш изгледаше мојот живот.
Даре беше тој – со книгите. Од деца се дружевме. И кај го однесоа тие него? Сите другари од детство ги изгуби. Кога запиша медицина, за никој од нас немаше веќе време. На крајот, сите го баталивме, па замина во Шведска, од мака. Следам по социјалните мрежи: постојано објавува слики со некои бледи нови луѓе, спортува, качува карпи и планини. Е, сега, што е поубаво, да се пентариш по карпи на жешкото или да седиш под сенка, да пиеш пиво и да мезиш свинско? Ќе речам дека го одбрав правилниот пат.
Мајка ми се помири, па мислам и се израдува кога ја донесов Маре дома. Реков, парите место за факултет, за свадба ќе одат, беља направивме, и таа веднаш се смири. Супер се сложуваа со Маре.
Свадбата не цела ја памтам. Толку виски - во живот не сум испил. Да не претерам, ама околу четрстотини луѓе имаше. За јадење – од пиле млеко. На Маре не ѝ беше право што толку пари трошиме за свадба, но таква беше ситуацијата за неа, со стомак до заби и со отечени нозе, плус не смее да пие алкохол – ја разбирам зошто не ѝ беше толку убаво.
Ама сите гости беа пресреќни. Свадбата на векот – ја викаа. До ден - денес заборуваат - таква свадба не виделе никогаш, а најверојатно нема ни да видат повеќе. Прашајте ги ако не верувате!
Маре ми роди син, плукнат на мене. Го крстивме Жарко, по татко ми. Како што растеше, така повеќе личеше на мене.
Среќни бевме, среќно растевме. Мајка ми помагаше колку можеше. Маре се запиша и на факултет едно време, мерак ѝ беше, но не го заврши. Сакаше да проба, ете, а и јас немав ништо против. Потоа се вработи во сметководство во една фирма за телекомуникации и земаше плата приближно колку мене. Со тие приходи, одевме на одмор и надвор од државата, на море.
На еден одмор отидовме заедно со нејзина колешка, разведена. Жарко имаше шест години, а нејзиниот син имаше седум. Така одлучивме – за да има Жарко другар, на одмор, а и нејзе да ја дружиме зашто со разведени не сака никој да се дружи.
Што се случи таму, се случи. Јас до ден- денес тврдам дека цел одмор ме провоцираше таа, со тело како никогаш да не родила, во костим за капење што не ѝ доликува на една мајка ...Седум дена парадираше пред мене. Таа, пак, тврди дека повеќе сум се однесувал како нејзин сопруг отколку како на Маре. Сум му купувал на син ѝ сладоледи и жетони за флипери и затоа потфрлила.
Како и да е, глупост направивме, и таа инсистираше дека мораме да ѝ кажеме на Маре. Не сакам да зборувам за сѐ што следеше ... На крајот, Маре ме остави.
***
„Возот“, Филип Скуманов, самостојно издание
Осознавајќи ја вистината за постоењето и носен од вербата во „чудото“ на постоењето на Големиот Архитект на вселената, како и за неговата моќ да го самоорганизира хаосот во нов поредок и форма, го дофатив моментот кога хаосот доаѓа до својата кулминација на деструкција и кога кривата на негативните сили се свива во тенденција на „самоизолација“ и уништување на битието – нешто како кога змијата, свивајќи се во клопче, си ја јаде сопствената опашка.
Сета година помината во пости, молитви и самоодрекување, предизвика во мене да се појави механизмот за активирање на прогресот кој, внесувајќи ја вистинската информација во мојата душа, иницираше прогрес на „нов“ еволутивен циклус на личноста која дотогаш се наоѓаше во деструктивен хаос и во духовен колапс.
Во еден неврзан муабет, што го водевме пред почетокот на велигденските пости, од браќата во манастирот дознав дека ако отидам сам да го минам четириесетдневниот пост во пештерската црква, што се наоѓа во непосредна близина на Трпејца, ќе можам 0да ги согледам моите претходни инкарнации (доколку постоеле) и дека може да ми биде претскажан денот на моето астрално телепортирање, или како што ние милуваме да го нарекуваме – смрт.
Набргу по овој разговор, токму кога почнуваа постите, еден од мештаните со кајче ме однесе до карпестата стрмнина, која веднаш од водата се издигаше кон отворот на пештерата. Освен по воден пат, друга патека не постоеше до испосничката ќелија.
На ѕидовите во пештерата имаше насликани неколку фрески, сега избледени, а во централниот портал, каде што беше сместена ќелијата со поглед кон езерото, од таванот висеше дрвено распетие. „Ентериерот“ и сета покуќнина се состоеја од една рогозина и бардак за вода, кои некој претходен испосник ги оставил зад себе.
Со себе имав понесено посна храна, колку што во нормална прилика стасува за еден месец, два бирлака македонски Вранец - подарок од винарот Антонио, а вода имаше во изобилство од изворот кој се цедеше низ една од карпите во пештерата. Покрај кибритот и дузината свеќи, најбитните реквизити кои ги имав завиткано во ленена крпа, беа Библијата и Зохарот и, се разбира, цигарите од кои никогаш не се откажав.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.