1004 hPa
62 %
11 °C
Скопје - Пон, 16.02.2026 15:59

Неодамна една млада жена ми се пожали дека најголем бес во неа не предизвикува постоењето на злото во неговата чиста форма, туку фактот што луѓето и институциите што би можеле да направат добро – не прават ништо, со што го загрозуваат целото човештво. Тие зборови ме потсетија на Карл Маркс. Неговиот проблем со капитализмот беше од слична природа. Експлоататорскиот карактер на капитализмот за Маркс беше помалку важен од дехуманизацијата и отуѓувањето што ги создава, и покрај тоа што капитализмот, севкупно земено, бил прогресивна сила.
Во претходните општествени системи имало повеќе репресија и експлоатација отколку во капитализмот. Но само капитализмот целосно нè отуѓи од производот на нашиот труд и од средината, нè оддалечи од трудот и нè лиши од последната трошка контрола над она што го мислиме и правиме. Особено откако влеговме во технофеудалната фаза, капитализмот секоја индивидуа ја претвора во некаква верзија на Калибан или Шајлок – монада што лебди во архипелаг од изолирани поединци, чиишто животни услови се обратно пропорционални на изобилството од пронајдоци со кои нè затрупува новонастанатата машинерија.
Во Лондон неодамна зборував на конференцијата Марксизам 2025, заедно со бројни други политичари, автори и мислители. Едно од прашањата што ме преокупираат е начинот на кој младите денес очигледно го чувствуваат притисокот на отуѓувањето за кое зборуваше Маркс. Но бурните реакции околу приливот на мигранти и политиките на идентитет – да не ги спомнуваме алгоритамските фалсификати на нивните гласови – практично ги парализираа. Маркс има добри совети за излез од таа парализа – но тие совети се затрупани под песокот на времето.
Да го земеме за пример аргументот дека малцинствата што живеат на Запад мора да се асимилираат за да не завршиме како општество на странци. Кога имал 25 години, Маркс прочитал книга на Бруно Бауер, мислител кого инаку го ценел, а кој предлагал од Евреите во Германија да се бара да се откажат од јудаизмот за да се квалификуваат за државјанство.
.jpg)
Маркс бил бесен. Во младоста немал многу трпение за јудаизмот, ниту за која било религија, но неговиот жесток одговор на аргументите на Бауер е мелем за напатени очи:
„Дали императивот на политичката еманципација ни дава право да бараме од Евреите да се откажат од јудаизмот, или од сите луѓе да се откажат од верата?... Како што државата, всушност, и проповеда... кога го прифаќа христијанскиот став кон Евреите, така и Евреите настапуваат политички кога ги бараат граѓанските права како Евреи.“
Маркс покажува дека посветеноста на заштитата на верските слободи на Евреите, муслиманите, христијаните и другите може да се усогласи со принципиелно отфрлање на идејата дека во едно класно општество државата може да биде застапник на општиот интерес. Да, Евреите, муслиманите, луѓето од сите вери на кои можеби не припаѓаме – и за кои можеби немаме многу симпатии – треба да бидат еманципирани. Да, жените, црните луѓе и ЛГБТК+ лицата морало да добијат еднакви права, многу пред на хоризонтот да се појави социјалистичката револуција. Но за слободата е потребно многу повеќе од тоа.
Што се однесува до темата за доселување странски работници со цел да се забави растот на платите на локалната работна сила – што за денешните млади луѓе претставува уште едно минско поле – Маркс, во писмо од 1870 година упатено до двајца негови соработници во Њујорк, нуди блескави предлози за тоа како да се справиме не само со Најџел Фараж и нему сличните, туку и со левичарите кои се фатиле на јадицата на антимигрантската реторика.
Маркс во писмото потврдува дека американските и британските работодавци смислено ја експлоатираат евтината работна сила од ирските имигранти и намерно поттикнуваат конфликти меѓу нив и домашните работници, ослабнувајќи ја на тој начин работничката солидарност. Но, Маркс смета дека вртењето на синдикатите против ирските работници и застапувањето антимигрантски ставови е погубно. Не, решението не е протерување на доселените работници, туку нивно организирање. А ако основниот проблем лежи во слабоста на синдикатите или во мерките на фискална штедливост, тогаш жртвувањето на доселените работници како жртвени јарци нема да донесе решение.
.jpg)
Маркс има одлични совети и за синдикатите. Да, многу е важно да се зголемат платите за да се намали степенот на експлоатација на работниците. Но, не паѓајте на бајките за „праведна цена на трудот“. Единствениот начин правдата навистина да стигне до работното место е укинување на ирационалниот систем што строго ги одвојува оние што работат, но немаат, од малубројната елита што има, но не работи.
Со негови зборови: „Синдикатите добро функционираат како точки на отпор против новите напади на капиталот. Но, нивниот проблем е што се ограничуваат на герилска борба против последиците од постоечкиот систем, наместо да се обидат да го сменат самиот систем.“
Да го сменат во што? На пример, во нова корпоративна структура изградена врз начелото: еден работник – една акција – еден глас. Тоа е програма што навистина би можела да ги инспирира младите луѓе жедни за слобода – слобода од државна контрола и од корпорации што се грижат единствено за билансите во интерес на приватните акционери или отсутни сопственици кои можеби и не знаат дека поседуваат дел од компанијата во која работат младите.
Најпосле, свежината на Марксовиот пристап блеска со полн сјај кога ќе се обидеме да навлеземе во технофеудалниот свет што тивко го градат големите технолошки компании, со поддршка од големите финансиски актери и државниот апарат. За да разбереме зошто ова е фаза на технофеудализам – нешто многу полошо од фазата на надгледување и контрола – мора да се обидеме да размислуваме за нашите паметни телефони, таблети и друго, онака како што Маркс би размислувал за нив. Мора да се обидеме да ги согледаме како мутација на капиталот – како „капитал во облак“ – мутација што директно го менува нашето однесување. Само така можеме да разбереме како блескавите научни откритија, фантастичните невронски мрежи и програмите за вештачка интелигенција што ја надминуваат имагинацијата создадоа свет во кој, паралелно со процесот на приватизација и акумулација на сето физичко богатство, капиталот во облак ги приватизира и распродава и нашите умови.
Тоа можеме да го разбереме само преку Марксовата оптика: за да го сочуваме сопствеништвото над нашите умови како поединци, мора да се избориме за сопствеништво над капиталот во облак како заедница.
Карикатури: Marian Kamensky
Извор: https://www.theguardian.com/