1028 hPa
87 %
3 °C
Скопје - Нед, 14.12.2025 11:59
Како да престанаа чеканите на летото
и во есенското пладне лесно се лизгаше
ситниот механизам од предење девствено,
што личеше на работа врз деталите.
На чело на спокојната трпеза
сонцето цедеше густ сок
во бокалот преполн светлина и миризба.
Во таков час на хармонија заситена
меѓу она што создаваше и веќе создаденото
еден орев ја тупна тревата, се истопори,
треслото зелено му се отвори како скафандер
и здивна низ лушпата влажникава
како да стасал до целта.
Не го зедов в раце како орев, како плод.
Оти тој допир ќе беше без точката
на вистинското вкрстување.
Го гледав како изнурнат дар од друг свет,
кој не го познаваме толку доволно
за да си речеме дека дарот му го заслужуваме.