Вештачката интелигенција го расипува интернетот

23.07.2025 23:54
Вештачката интелигенција го расипува интернетот

Автомобил што повремено забрзува наместо да кочи не е подготвен за на пат. Чешма од која наместо ладна вода понекогаш тече врела, не треба да се наоѓа во вашиот дом. Фактот што некоја технологија функционира најчесто правилно едноставно не е доволно добра – особено кога луѓето во голема мера зависат од неа. Две и пол години по појавата на ChatGPT, генеративната вештачка интелигенција станува токму таква технологија.

Дури и без намера да користат чет-ботови, милијарди луѓе денес се принудени да стапуваат во интеракција со вештачката интелигенција кога пребаруваат на интернет, проверуваат е-пошта, користат социјални мрежи или купуваат онлајн. Повеќе од 90 проценти од компаниите на листата Fortune 500 користат производи на OpenAI, универзитетите обезбедуваат бесплатен пристап до чет-ботови за милиони студенти, а американските разузнавачки служби користат програми со вештачка интелигенција во својата работа.

Кога ChatGPT беше недостапен неколку часа кон средината на јуни, секојдневни корисници, студенти што се подготвуваат за испити и канцелариски работници очајуваа: „Ако набргу не проработи, шефот ќе ме праша зошто ништо не сум сработил цел ден“, напиша еден корисник на веб-страница што следи прекини во онлајн-услуги. „Утре имам интервју за работа за која практично ништо не знам – кој ќе ме подучува сега?!“, се пожали друг. Истата вечер, на 10 јуни 2025, сервисот AI Overview на Гугл ми напиша дека всушност е 18 јуни 2024.

И покрај големите ветувања, овие алатки сè уште се лоши. Во раните денови на бумот на вештачката интелигенција имаше многу инциденти – чет-ботот на Bing му кажа на еден новинар да ја остави сопругата, ChatGPT отворено промовираше расизам – но сето тоа беше убедливо претставено како грешки од раната фаза на развојот. Иако вкупниот квалитет на генеративната вештачка интелигенција драматично се подобри, суптилните грешки и понатаму се присутни: погрешни датуми, неточни решенија на математички задачи, непостоечки книги и лажни цитати. Google Search сега ги бомбардира корисниците со AI преглед на врвот од страницата, над вистинските резултати од пребарувањето или доверливите извадоци од Википедија; прегледот понекогаш содржи грешки, за што Google предупредува со одрекување од одговорност напишано со ситни букви на дното од екранот. Фејсбук, Инстаграм и Икс се преплавени со ботови и AI-ѓубре. Амазон е полн со лажни книги генерирани со вештачка интелигенција. На почетокот на годинава, Епл ги исклучи AI-нотификациите за вести откако алатката неточно ги сумираше написите. На тоа треба да се додадат и честите прекини, како паѓањето на ChatGPT во јуни.

Секако, дигиталните услуги и производи никогаш не биле совршени. Гугл пребарувањето отсекогаш било преполно со бескорисни реклами, а алгоритмите на социјалните мрежи одамна поттикнуваат радикализирачки дезинформации. Но, како основни услуги за пронаоѓање информации или поврзување со пријатели, до неодамна функционираа. Во меѓувреме, додека воведуваат нови видови грешки и дефекти, чет-ботовите, кои требаше да ги надминат слабостите на стариот веб, всушност ги влошуваат проблемите. Примери за тоа се непромисленото унапредување на пребарувањето со вештачка интелигенција од страна на Гугл, апсурдната изјава на Марк Цукерберг дека вештачката интелигенција може да ги замени човечките пријатели, и тврдењето на Илон Маск дека неговиот чет-бот Grok се бори против дезинформации на платформата Икс. Она што е уште поважно, обемот на новите амбиции на индустријата за вештачка интелигенција – да се преработи не само интернетот, туку и економијата, образованието, па дури и начинот на кој функционираат нашите влади – ги зголемува сите недостатоци до истиот обем.

Изворите на проблемите со генеративната вештачка интелигенција не се некаква мистерија. Големите јазични модели, како оние на кои се заснова ChatGPT, работат така што предвидуваат симболи во низата, мапирајќи статистички врски помеѓу делови од текстот и идеите што тие делови ги претставуваат. Но, предвидувањето, по дефиниција, не значи сигурност. Чет-ботовите се одлични во пишување текст што звучи уверливо, но не носат одлуки врз основа на она што е факт. Наместо тоа, тие ги редат зборовите по обрасци според кои „звучат“ точно. Во меѓувреме, внатрешните алгоритми на овие производи се толку големи и сложени што нема надеж истражувачите некогаш целосно да ги разберат нивните можности и ограничувања. И покрај сите дополнителни безбедносни мерки што технолошките компании ги воведоа за да ја направат вештачката интелигенција попрецизна, овие ботови никогаш не можат да гарантираат точност. Непријатните грешки се постојана карактеристика на производите базирани на вештачка интелигенција, а сега стануваат и карактеристика на интернетот во целина.

Ако ова е ера на вештачката интелигенција, тогаш живееме во времиња на дефекти. Па сепак, Сем Алтман ChatGPT го нарекува „пророчки систем што може да направи сè што може разумно да се замисли“ и тврди дека неговата компанија OpenAI „создала системи што на многу начини се попаметни од луѓето“ (нешто што е отворено за расправа). Марк Цукерберг повеќепати изјави дека Мета годинава ќе создаде алатки на вештачката интелигенција за програмирање што ќе бидат рамноправни со инженерите од „средно ниво“. Амазон објави интерен меморандум во кој се наведува дека компанијата очекува намалување на вкупната работна сила како што ќе се имплементираат повеќе алатки на вештачката интелигенција.

Аномалиите на вештачката интелигенција понекогаш се чудни и сериозно загрижувачки. Последните ажурирања направија ChatGPT да стане агресивно услужен, додека Grok – чет-ботот на платформата Икс е опседнат со теоријата на заговор за „геноцид над белците“. (Икс го припиша проблемот на неовластени измени на ботот, што потоа беше коригирано.) Истражување на Њујорк Тајмс неодамна опиша неколку случаи во кои AI чет-ботови предизвикале психотични епизоди кај корисници. Исто така, овие модели се ранливи на разни видови едноставни сајбер-напади. Повеќепати сум бил сведок како напредни AI модели заглавуваат, вртејќи една иста секвенца додека не бидат рачно исклучени. Силиконската долина верува во иднина на интернетот што се темели на технологија што неочекувано се расипува, багува на најосновни задачи и загрижувачки лесно може да се злоупотреби. Интернетот се враќа во бета-режим.

Не велам дека генеративната вештачка интелигенција е измама или дека е бескорисна. Овие алатки се навистина корисни кога се користат промислено и со човечка проверка; многу пати сум известувал за научни пробиви благодарение на оваа технологија, вклучително и вистински револуции во невронауката и откривање нови лекови. Но, тие успешни приказни немаат многу врска со начинот на кој многу луѓе и компании ја сфаќаат и ја користат вештачката интелигенција; маркетингот одамна ги надмина иновациите. Наместо насочена и внимателна примена, многумина ја користат генеративната вештачка интелигенција за каква било замислива задача, со благослов на големите технолошки корпорации. „Сите користат вештачка интелигенција за сè“, е типичен новинарски наслов. Токму тука лежи проблемот: генеративната вештачка интелигенција е технологија што функционира доволно добро за корисниците да станат зависни од неа, но не и доволно добро за навистина да биде доверлива.

Пренасочувањето на интернетот и општеството кон несовршени и релативно неиспробани производи не е неминовен резултат на научен или технолошки напредок – туку е свесен избор што Силиконската долина го прави секојдневно. На интернетот на иднината, повеќето луѓе и организации ќе зависат од вештачката интелигенција за извршување на поголемиот дел од задачите. Тоа ќе биде интернет каде секое пребарување, секоја насока, препорака за вечера, синопсис на настан, резиме на говорна пошта или е-пошта, стануваат сомнителни; каде што дигиталните услуги кои до неодамна работеа нормално, станаа поневеродостојни. И додека ситните непријатности на поединечни корисници можеби и не се толку страшни, дури и можат да бидат забавни, тоа сигурно нема да важи кога AI-бот ќе запише погрешни белешки за време на преглед кај лекар или ќе генерира погрешен план за лекување.

Производите на вештачката интелигенција треба да се третираат како решенија од гранична зона. Можеби не прават грешки толку често за да бидат целосно отфрлени, но нивните грешки не се ни толку ретки за некогаш да можеме целосно да им веруваме. Засега, недостатоците на технологијата релативно лесно се откриваат и коригираат. Но, како што луѓето сè повеќе се навикнуваат на вештачка интелигенција во својот живот – на училиште, на работа, дома – би можеле да престанат да ги забележуваат тие недостатоци. Сè поголем број истражувања ја поврзуваат постојаната употреба на вештачката интелигенција со опаѓање на капацитетот за критичко размислување; луѓето стануваат зависни од вештачката интелигенција и неволно ја проверуваат нејзината работа – или пак не знаат како. Додека чет-ботовите ги исполнуваат сите дигитални пукнатини, тие постепено ќе продолжат да го уништуваат интернетот. Она што денес ни изгледа лошо и невешто, уште утре може да стане вообичаено.

Карикатури: Derkaoui Abdellah

Извор: https://www.theatlantic.com/

ОкоБоли главаВицФото