1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 23:59

По Студената војна неколку истакнати мислители го насочија своето внимание кон обликот на светот што се создаваше. „Крајот на историјата?“ (1989) на Френсис Фукујама, „Судирот на цивилизациите?“ (1993) на Семјуел Хантингтон, „По ленинизмот: Нов светски неред“ (1991) на Кен Џавит и „Граѓански војни“ (1994) на Ханс Магнус Енценсбергер – сето тоа беа предвидувања за новиот светски поредок. Изминативе три децении, без оглед на точноста на овие прогнози, многу од нивните тврдења се вклопија во општиот политички дискурс.
Во нашата сегашна геополитичка реалност, визиите за иднината се заменети со аналогии од минатото. Размислувањето преку историски аналогии стана омилен начин на справување со анксиозностите на сегашноста. Едвај минува ден, а да не се навратиме на трагичниот меѓувоен период на Европа, на турбулентните (многу помалку трагични) седумдесетти или дури на времето на антиката. Илон Маск признава дека не може да престане да размислува за падот на Рим. „Рим падна зашто Римјаните престанаа да раѓаат Римјани“, повторува Маск. За него, падот на наталитетот во Рим во првиот век пред нашата ера ни кажува сè што треба да знаеме за денешната глобална состојба – имено, дека демографијата е судбина.
Некои аналитичари го замислуваат американскиот претседател Доналд Трамп како современа верзија на Ендрју Џексон, неговиот популистички пандан од 19 век. Низ Источна Европа, радикалниот пресврт во САД се споредува со горко-слаткото искуство од советските конвулзии што доведоа до крајот на Студената војна – па затоа многумина заклучуваат дека денешниот неред е одраз на кризата на американската моќ. Синолозите, се разбира, се опседнати со кинеските аналогии. Угледниот познавач на Кина, Орвил Шел, во февруари напиша дека, „иако Мао Це Тунг, кој ја покрена насилната Културна револуција, и Трамп имаат малку заедничко во поглед на географијата, идеологијата или фризурата, двајцата можат да се опишат како агенти на бунтот“.
.jpg)
Па, сепак, дали историските аналогии навистина се корисни за разбирање на сегашниот момент? И дали воопшто сме способни успешно да ги изведеме?
Политикологот Роберт Џервис одамна забележа дека креаторите на политики селективно избираат аналогии што им одговараат на нивните уверувања или претпоставки, што понекогаш води до погрешни одлуки. Беше во право. Неправилно изведените историски аналогии можат да имаат штетни последици. Претераната употреба на аналогијата со Вајмарската република од триесеттите, која го означува подемот на фашизмот, и аналогијата со нејзиниот историски сојузник во злосторството – Минхенскиот договор од 1938 година, обид за смирување на ситуацијата во Европа – одиграа важна улога во трагичните одлуки на Вашингтон во Виетнам и Ирак.
Но, аналогиите се заводливи не само затоа што покажуваат сличности, туку и затоа што ни помагаат да ги истакнеме разликите. Револуционерниот дух на програмата на Трамп очигледно се разликува од политиката на перестројката на советскиот лидер Михаил Горбачов, иако руската елита го доживува Трамп како фигура слична на Горбачов – како некој што ќе предизвика шокови во американскиот систем и ќе го забрза неговиот пад. Подеднакво е проблематично споредувањето на времето на Трамп со Културната револуција. Аналогиите едноставно не се секогаш корисни.
Популарната употреба на историските аналогии може да биде диктирана од околностите и не претставува само функција на нашето разбирање на минатото. Реакцијата на Западот на руската анексија на Крим во 2014 година веројатно беше под влијание на истовременото одбележување на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна во Европа. Поплавата на културни производи по тој повод поттикна интелектуална дебата во која некои тврдеа дека нашиот проблем не е пасивноста – туку претераната реакција.
.jpg)
Може да се дискутира дали, ако уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година не се совпаднеше со 200-годишнината од Француската револуција, нашето толкување на промените во Централна и Источна Европа ќе беше поинакво. Она што денес го сметаме за револуција, можеше да биде поинаку класифицирано ако се случеше, да речеме, во 1979 година: можеби како колапс на сојузите на држави, исцрпеност на една империја, па дури и како антиавторитарна општествена мобилизација. Но не нужно како револуција.
Иако историските аналогии се ризични и можат да бидат произволни, тие се важни интелектуални алатки за мапирање на одлуките со кои се соочуваат креаторите на политики. За разлика од други аналитички инструменти, тие ни помагаат да го разбереме односот на креаторите на политики кон конкретната криза. Тие го мерат нејзиниот интензитет. Споредбата на сегашната ситуација со 30-тите или 70-тите години укажува на одредено ниво на анксиозност и вознемиреност во општеството.
И додека сомнителните аналогии се виновни за безброј лоши одлуки, тие се клучни за надминување на кризата во политичката ориентација. Историските аналогии обезбедуваат когнитивна рамка за организирање на информациите и за разбирање на светот. Тие им помагаат на креаторите на политики да ја поврзат сегашноста со минатото, нудејќи начин сложените ситуации да се поедностават и полесно да се разберат. Тие им овозможуваат на креаторите на политики непознатото да го видат како нешто познато.
.jpg)
Тие можат да ни го осветлат сегашниот момент. За разлика од разните пророштва за светот по Студената војна, историските аналогии не се толку евроцентрични и се потпираат на разновиден сет од национални истории. По Студената војна, западните либерални демократии беа сметани за модел на идниот свет. Никого не го интересираше како се снаоѓаат луѓето надвор од Европа и Америка. Денес постои поголема свест за историските аналогии што се користат во разни делови од светот. Не можеме да го игнорираме фактот дека, додека многумина на Запад кризата на меѓународниот поредок ја гледаат како враќање на фашизмот, во Кина таа се доживува поинаку – како добредојден и конечен крај на продолжениот „век на понижување“ на оваа голема земја.
Исто така, историските аналогии се помалку подложни на групно размислување отколку идеологиите или теориите. Политикологот Јуен Фенг Хонг проникливо го опишува донесувањето одлуки во САД за време на Виетнамската војна како „војна на аналогии“. Креаторите на политики и стратезите ги застапувале своите ставови мобилизирајќи различни историски аналогии. Размислувањето преку историски аналогии го поттикнува демократското донесување одлуки, бидејќи ја зајакнува политичката комуникација. За разлика од апстрактните аналитички концепти, историските аналогии го исполнуваат просторот на одлучување со историски личности и детали, и на тој начин расправите стануваат разбирливи за јавноста.
Во тој контекст, предизвикот на сегашниот момент не лежи во пронаоѓањето „точна“ аналогија. Проблемот е да се разбере како се спротиставуваат различните аналогии и како тие влијаат врз процесот на донесување одлуки. Аналогиите треба внимателно да се испитаат, како да ги седнуваме на психоаналитички кауч.
.jpg)
Ако кинескиот претседател Си Џинпинг верува дека „во моментов се случуваат промени какви што не сме виделе 100 години“, тогаш веројатно се обидува да го разбере Трамповиот свет споредувајќи го со анархичниот период на војните што доведоа до комунистичката револуција во неговата земја. Ако Путин ги споредува актуелните превирања на Западот со она што се случи во комунистичкиот блок пред 35 години, ќе дојде до заклучок дека колапсот е неизбежен. Ако источноевропејците ја толкуваат денешната криза врз основа на сопственото искуство, ќе ни биде полесно да разбереме како тие ја замислуваат иднината на Европската Унија. Токму упорното споредување на ЕУ со Советскиот Сојуз од страна на Орбан барем делумно го објаснува неговото тврдење дека распадот на блокот е неизбежен и дека Унгарија треба да се подготви за таа имплозија.
Во свет во кој зад големите геополитички актери повеќе не стојат големи идеологии, историските аналогии нудат можност за надминување на површинскиот надворешнополитички реализам. Најпосле, аналогиите се повеќезначни исто како и самата историја.
Затоа експлозијата на резонирање со помош на историски аналогии може да се сфати и како позитивен доказ дека она што го гледаме во САД всушност е револуција. Во Трамповата имагинација, глобалната супремација на САД ќе се сочува само ако се уништи либералниот поредок што го предводи Америка. Само антикапиталистичка револуција предводена од милијардери може да го спаси капитализмот. Фактот дека Трамповата револуција најдобро се објаснува не преку повикување на утописки визии, туку преку историски аналоги, го оправдува нашиот впечаток дека сме сведоци на револуција во духот на романот „Гепардот“ од Џузепе Томази ди Лампедуза, водени од согледувањето дека „ако сакаме сè да остане исто, сè мора да се промени“.
.jpg)
Карикатури: Zach
Извор: https://foreignpolicy.com/