1025 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 23:59

„И јас сум Сирма“, Зоран Спасов Ѕоф, „Арс Ламина“
Кога: некој март, 576 година
Каде: зад Карпатите, денешна Полска
Студена зимска ноќ. Минус триесет. Ме разбудија длабоки машки гласови и зачадена атмосфера од огнот што гореше среде големата колиба. Воопшто не им беше грижа дали ќе ме разбудат и дали ќе бидам во состојба да работам утре во бавчата. Се преправав дека спијам пикната во најоддалеченото ќоше од ова земјено здание, но и подзамижана ги препознав гласовите и силуетите на татко ми, дедо ми, вујко ми, тетин ми, стрико ми и моите тројца постари браќа. Седеа на дрвени клупи околу запалениот оган, глодаа исушена дива свиња, џвакаа некоја комбинација од суви тревки и пиеја некое кисело, црвено вино. Племенскиот водач, како и секогаш, седеше на чело, мудруваше, мрмореше нешто сам за себе и постојано кимаше со големата глава. Негова одговорност беа стратешките племенски одлуки.
- Веќе не се издржува овде – рече чичко ми. Никогаш не сме имале толку студена
зима. Измрзнавме како пилци. Ќе умреме сите ако ова потрае уште малку и потоа ќе нѐ
снема како племе. Затоа, овде се собравме најпаметните од целото племе и ноќва мора да одлучиме што да правиме. Како што знаете, лани ништо не роди, жетвата потфрли, стоката пцовиса и како што стојат работите, нема шанси да преживееме. Имаме резерви во
храна за максимум уште еден месец и не знаеме што нѐ чека потоа.
Знаев дека ситуацијата е лоша, но не до толку. Со своите единаесет години бев многу позрела од половина од роднините.А ги имаше безброј, педесет и кусур први братучеди, снаи, внуци, правнуци, чукун-внуци... фамилијата личеше на глутница во која, во една определена временска рамка, еден од синовите беше постар од татко му.
-Да одиме на југ? Таму барем има сонце, храна, езера, мориња... Ќе си најдеме убаво парче земја и ќе си живееме среќно и бериќетно, а? Што мислите? – праша татко ми Перун и чекаше реакција од другите.
-Далеку е бе брат, две илјади километри... - одговори вујко ми. Ќе треба да пешачиме цела година, со деца, жени, старци, пљачки, магариња...
-А, што се тоа километри? – праша тетин ми, на што татко ми му одговори: - Ти да ќутиш, не си од нашиот род и со самото тоа си глупав како тиква. Тетин ми ја наведна главата и продолжи да гледа вземи.
-Немаме друг избор, добри луѓе. Сме заслужиле да живееме чесно и среќно, само не знам како да ги поминеме Карпативе? Ќе нѐ најдат замрзнати по илјада години – рече главатарот и погледна кон татко ми очекувајќи нешто паметно од најмудриот во племето.
- Ќе одиме одоколу, колку трае – нека трае, но тоа е патот до благосостојбата, сите сме ги слушале бајките за прекрасната област што се протега од Големата река до Најубавото Море.
Настана неколкуминутен молк, како некој облик на одобрување и поддршка за идејата и татко ми. Тој, пак, ѝ се развика на мајка ми со неговиот баритон:
-Севдо, буди ја Сирма и пакувајте се! Тргаме рано наутро!
***
„Љубов, море и лимончело“, Татјана Кацарска Станоевска, „Топер“
Веќе сум во тренинг - центарот и сечам босилек. Колку убаво мириса! Се заразив со босилекот. Храната што ја нарачувам во рестораните сакам да биде со basiliko. Толку е силна неговата миризба што се чувствувам како да сум во некоја зелена шума или да мирисам свежо искосена трева. Неговиот вкус е толку доминантен во храната, што никако не смее да се претера со него. Тоа нема да биде праведно за другите намирници. Тие нема ни да се почувствуваат, ќе бидат целосно запоставени. Значи кога се готви мора да се внимава на сѐ. И не залудно, босилекот го нарекуваат крал на сите намирници. Тука научив многу работи. На пример, кои намирници одат заедно, а кои никако не смеат да се комбинираат. Јас не правам вакви необични комбинации, ама добро е да се знае само заради доброто на желудникот.
Кој би рекол дека јас, на која пред еден месец ѝ требаше водич со инструкции како да преживеам во кујната, како да не се изгорам или да не ја уништам плотната на шпоретот, сега учам во кој правец треба да го сечам зеленчукот и овошјето. Досега не знаев дека во готвењето било важно дали се сече попречно, во дијагонала или, пак, на ленти.
Времето во мојот живот го делам на период пред обуката во Италија и по неа. Откако стигнав тука, дефинитивно, сум друга личност. Открив многу работи за мене. Учам како да уживам во животот и, најважно од сѐ, полека заздравувам од раните што ги понесов со себе од Америка. На крајот од денот и не е важно колку е бавно моето заздравување, важно е дека го чувствувам напредокот. Сигурна сум дека на крајот ќе стигнам до целта, макар се движела со мали и тешки чекори по најмали скалички. Најважно е дека одам во вистински правец.
Чувствувам како вибрира телефонот. Најверојатно му требам некому. Знам дека се препорачува да не се користи мобилен за време на обуката, ама морам скришно да видам кој ми пишува во овој момент. Можеби му требам на Рикардо, а можеби е и мајка ми. Од Мони е.
„Јави се, многу е итно!“
Штом Мони пишува дека е итно значи навистина е итно. Морам да излезам и да се јавам за да видам што се случува.
„Франческо, морам да примам еден многу итен повик. Ќе ја напуштам салата за обуки на кратко!“ го информирам со доза на загриженост.Се надевам дека сѐ е во ред со Мони.
Франческо потврдно ми кимнува со главата и продолжува со предавањето. Мене нозете ми се потсекоа. Што може да се случило? Мора да е нешто многу сериозно. Се надевам дека сите се живи и здрави. Брзам да се скријам на место каде што никој нема да ме слушне и најбрзо што можам го вртам бројот на Мони.
„Здраво Елени, како си?“ одговара весело.
Од старт можам да заклучам дека не е ништо трагично. Ми олесни кога го слушнав нејзиниот весел глас. Како некој голем товар да симнав од мене.
„Здраво Мони, добро сум. Како си ти? Што се случува? Ме загрижи многу, дури малку и ме преплаши“.
„Bella утре доаѓам во Италија и тоа потешка за четириграмски, дваесет и четири каратен прстен со скапоцен камен на врвот“, одговара смеејќи се.
Ја чувствувам нејзината среќа. Сѐ уште сум збунета и не ми е јасно што се случува.
„Само што ти пратив фотографија, те молам отвори ја веднаш!“ не може да дочека да ја сподели среќата со мене.
Ја отворам фотографијата што ми ја прати и веднаш ја препознавам раката на Мони. На домалиот прст има еден преубав прстен. Тоа се тие класични свршенички прстени, со голем камен на средината.
Мони е запросена? Кога? И од кого? Том, мора да е Том, нема кој друг! Но да не избрзувам со заклучоците, ќе почекам таа да ми го соопшти среќникот.
„Мони прстенот е прекрасен! Честитки, пресреќна сум за тебе!“ одговарам и јас возбудено.
„Том ме запроси утрово. Сфатил дека сум вистинската личност за него и решил дека сака да остариме заедно. Јас нормално дека реков да! Знаеш дека никогаш не успеав да го заборавам и избришам од мојот мозок“, пресреќна е, а јас сакам да ја гледам среќна.
„Колку прекрасно Мони, од срце се радувам за тебе! Знаев дека ти и Том на крајот ќе бидете заедно. Секогаш ве замислував седнати покрај каминот како им читате приказни на вашите деца“.
„Ти благодарам, Елени, и тебе те чека истата среќа со Рикардо, моја мала Италијанке“, повторно се смее.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.