Нивниот глад, наш срам

27.07.2025 23:58
Нивниот глад, наш срам

Израелскиот план за етничко чистење на Појасот Газа напредува добро, можеби и подобро од очекуваното. Кон значајните достигнувања забележани досега во систематското убивање и уништување, последниве денови се придодаде уште едно важно средство: изгладнувањето. Гладта брзо се шири, а бројот на починати од неа се приближува до бројот на луѓе убиени со оружје додека чекале храна. Кој не бил убиен додека стоел во ред за храна, веројатно ќе умре од глад.

Изгладнувањето како средство за војување веќе даде резултати. Американската ГХФ, агенција за „помош“ на Газа, исто така постигна „успех“. Не само што стотици жители на Газа беа убиени во редовите за пакети со храна, туку има и такви кои умираат од глад дури и пред да застанат во редот, најчесто деца и бебиња. Само вчера од глад умреле десет лица (завчера 15), меѓу кои и три деца и бебе старо шест недели. Од почетокот на војната починале 111 лица, од кои 80 се деца, а бројот на жртви секојдневно расте.

Израелските криминални медиуми ни ги кријат тие слики. Нивното молчење за случувањата во Газа никогаш нема да биде простено и заборавено. Но тие слики стигнуваат до остатокот од светот. Тоа се слики од музелмани (еврејски затвореници во нацистичките логори), сцени од Шоа. Да се кријат значи да се негира дека се случуваат. Скелети на бебиња и мали деца, живи или мртви, со коски што ѕиркаат низ изеденото масно ткиво и исчезнатите мускули, со широко отворени очи и усти, со мртов поглед. Положени на болнички подови, на голи кревети или носени на запреги со магариња. Тоа се слики од пеколот. Во Израел повеќето ги негираат или се сомневаат во нивната веродостојност. Други пак изразуваат радост и гордост заради изгладнетите бебиња. Да, дотаму стигнавме.

Претворањето на гладта во легитимно и прифатливо оружје од страна на Израелците, било преку отворена поддршка или преку рамнодушност, е најмонструозната фаза на војната што Израел ја води против Газа. За ова не постои оправдување, изговор или објаснување. Тоа нема да може да го оправда ниту семоќната израелска пропаганда.

Гладта стана легитимно оружје зашто претставува средство за постигнување на целта етничко чистење. Тоа треба да се разбере и во таа смисла да се согледа понатамошниот тек на војната. Како што е „добро“ за Израел илјадници Палестинци да бидат убиени од страна на неговите вооружени сили, така е „добро“ и стотици да умрат од глад. Само така Појасот може да се претвори во место неподносливо за живот и само така тие „доброволно“ ќе го напуштат. Прво во некаков „хуманитарен град“, а потоа во Либија или којзнае каде.

Во Газа гладуваат сите. Палестинските новинари што сè уште не се убиени велат дека не ставиле ништо во уста два-три дена. Дури и странските лекари страдаат од недостиг на храна. Канадска докторка во болницата Насар последниве два дена јадела само мала чинија со леќа. Таа е премногу слаба за да се грижи за ранетите и болните. Тоа е добро за Израел.

Екипа на Ал Џезира следеше еден млад татко во потрага по брашно. На пазарот најде тезга со две вреќи израелско брашно и едно шише масло. Цената по вреќа беше стотици шекели и тој со празни раце се врати кај своите изгладнети деца. Во студиото детално ги опишуваа трите фази на умирање од глад. Неговите деца се во втората фаза.

Гладта ја претвори оваа војна во најстрашната од сите израелски војни, и секако најзлосторничка. Никогаш досега не сме изгладнувале два милиони луѓе. Постојат само две нешта пострашни од тоа: рамнодушноста со која тоа е прифатено во Израел, на само час и половина возење од местото каде што вчера почина бебето Јусеф Ал-Сафафи, старо шест недели. Неговото семејство не успеало да обезбеди замена за мајчиното млеко. Во моментот кога почина, на Канал 12 се емитуваше кулинарската емисија „Победничка кујна“. Гледаноста беше голема.

Карикатури: Silvano Mello

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото