1004 hPa
93 %
0 °C
Скопје - Чет, 22.01.2026 21:00

„Капињера“, Гордана Такец, „Сакам книги“
Луна Ароести
Неговата прва и голема љубов
Девојката со долга кадрава и густа коса која ѝ досегаше до половината.
Имаше само 16 години кога за првпат сосема случајно се сретнаа во Битолскиот парк
„Кога ја видов, не знам што најпрво ми се допадна кај неа“, расклажуваше старецот.
„Мислам дека сепак ме привлече нејзината црна коса со чуден сјај на капинка. Па така и ја нареков. Капињера.“
Луна живееше со своите родители и двете сестри и братот во скромна мала куќа на два ката на местото од денешниот Ат-пазар.
Татко ѝ беше занаетчија. Работеше од утро до мрак во малиот дуќан на приземјето од семејната куќа.
Времињата беа тешки и уште потешко се живееше од една мала бакалница во која соседите и останатите муштерии купуваа на рабуш. Но мајка ѝ на Луна, работлива и штедлива жена, полничка со бело лице и јасно црвени образи постојано беше растрчана низ куќата, горе во катот во кој живееја и долниот кат во кој нејзиниот сопруг Леон остануваше до доцна во ноќта.
Децата одеа на училиште.
Скромни, секогаш одмерени во своите потреби, без желби за неостварливи нешта, беа гордост за Леон и Сара.
Се живееше тивко, мирно, едноставно.
Важно бешше да се има леб и нешто покрај лебот. Дури и во времињата кога работата не им одеше, Леон секогаш успеваше да засолни по некоја пара на страна. За не дај Боже. За лоши денови кога ќе се нема. За црните денови.
Беа домаќини, еснафи, семејтсво со две женски деца. А тие еден ден ќе треба и да се омажат.
Еден ден, една сосема случајна средба во паркот ќе ги вкрсти судбините на двајцата млади.
Таа убава, белолика црноока девојка, стасана во својата зрелост за првото заљубување.И црнокоса. Срамежлива до толку, што со предните долги прамени од косата ги покриваше едрите гради.
Врз тенката половина секогаш носеше колан. Забите бели, бисерно наредени, а усните... та какви усни може да има девојка на шеснаесет години?
Срамежлив поглед втеренчен во момчето кое полека станува маж.
Таа шеснаесетгодишна девојка, а тој штотуку започнал да се бричи.
„Се засакавме од прво“, раскажа старецот. „Но тогаш ќерко, животот не беше како овој сегашниот“, ми вели. „Поинаков беше. Битола беше во тоа време голем град, трговски, дуќани и дуќанџии на секое ќоше и народорт работен. Имаше и такви кои знаеја да безделничат, но градот пред војната... беше жив. Многу жив, динамичен. Еснафски се живееше.
А ние со Луна од првото видување како да си бевме ветени еден на друг. Не се делевме никогаш. Ја чекав по часовите и заедно атени з араце шетавме по ливадите во околината. Најубаво ни беше среќавањето во бавчите, беше тоа убаво залено засадено пространство на местото каде денес се наоѓаат зградите од населбата Карпош.
Честопати легнувавме меѓу израстениот зеленчук врз самата земја и читавме. Луна многу сакаше да ѝ читам.
***
„Раѓањето на Илија“, Зоран Стојаноски, ПНВ Публикации
Австралија, 2012 година
По пристигнувањето во Сиднеј нашата врска со Мустафа прерасна во интернет врска. Скоро секојдневно разговаравме по два –три пати преку апликации за видеоврска. Додека јас бев преокупирана и насочена со мојата дипломска работа, Мустафа покрај изработката на својот дипломски труд се запишал на некој шестмесечен курс за програмирање.
Кога го прашав „а што ќе ти е таков курс, зарем не знаеш да работиш со компјутери?“
„Тоа не е обичен курс.Тоа е курс каде се учи програмирање. Тоа ќе биде следната
најбарана професија и нуди нови можности. Тоа е професија на иднината!“ – ми рече.
Во доцните вечерни часови Мустафа ми зборуваше за неговите емоции кон мене. Како што поминуваше времето се повеќе го запознавав Мустафа и уште повеќе се заљубував во него. После неколку месеци добив впечаток дека тој поседува античка убавина. Во месец декември дипломирав на факултетот и истата вечер ми рече дека сака да се ожени за мене.
„Сериозен си во својата намера?“ – го прашав.
„Да! Најсериозен!“ – ми одговори.
Се договоривме нашиот свадбен ручек да биде на половина пат, на четиринаесетти февруари во Коломбо, главниот град на Шри Ланка.
После два дена му се јавив на татко ми да му кажам дека ќе се омажам за Мустафа.
„За тој Турчинот ли ќе се мажиш? Па, како може да си ја промениш верата? Ти си крстена во катедрала од католички свештеник!“ – ми рече.
„Не, татко! Јас сум атеист. Безбожник! А, тоа што си ме покрстил кога сум имала нецела година, тоа било твоја желба. Се сеќаваш ли дека на десет години престанав да доаѓам на миса во црквата!? Знаеш ли како ми се смееја другарките затоа што само јас бев единствена што доаѓав на миса без мајка, или си заборавил? Кај беше твојот Бог да ја спаси мајка ми од смртта? Јас нема да променам и да примам ничија вера!“
„Во ред, така нека биде!“ – тивко прошепоте и го затвори телефонот.
„Нема да дојдат моите родители, како што се договоривме! Татко ми има страв од летање. Ќе дојдам сам на неколку дена и потоа заедно ќе се вратиме во Истанбул“. Ми рече Мустафа следниот ден.
Заради процедурата со вадењето на виза, наместо на четиринаесетти февруари Мустафа пристигна доцна во ноќта на шести март. Го пречекав во големиот хол од аеродромската зграда. Го здогледав и со брзање појдов кон него. Кога ме виде ги остави куферите и тргна кон мене.
„Калина! Калина!“ – извика два пати и ги рашири рацете. Се прегрнавме и почна да ме бакнува. Бев среќна заради него и од возбуда срцето силно ми биеше.
„Мустафа, не верував дека ќе поминеш толкав пат заради мене. А, кога си веќе тука, добредојде во Сиднеј!“
Ме погледна и тивко ми шепна:
„Ти реков дека се вљубив во тебе заради тоа што си поинаква од другите. Ме привлекуваш со твојата скромност, запомни го тоа!“
Излеговме прегрнати со по еден куфер на тркала во една рака и се качивме во стариот олдтајмер Ford Falcon Futura во небесно сина боја, кој дедо ми Стив и го подарил на мајка ми за нејзиното полнолетство. Кога стигнавме во станот сонцето полека почна да се појавува од зад хоризонтот. Седевме на терасата пиевме бело вино и гледајќи ја инспиративната глетка на изгрејсонцето разговаравме за нашата љубов и нашата заедничка иднина.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.