Алчноста е посилна од совеста

29.07.2025 02:29
Алчноста е посилна од совеста

Кон крајот на јуни, американскиот деловен дневен весник Волстрит Журнал објави вест дека се подготвува „најголемата зделка во нафтената индустрија во генерацијата“ – аквизиција на британскиот нафтен гигант Бритиш Петролеум (БП) од страна на неговиот најголем ривал, англо-холандскиот Шел. Потпирајќи се на информации од доверлив извор, Волстрит Журнал соопшти дека преговорите помеѓу двете компании се во тек, дека адвокати и банкарски тимови веќе ги подготвуваат документите, и дека Шел со купувањето на БП ќе „стекне подобра позиција за да се справи со предизвиците од поголемите конкуренти, како што се Ексон Мобил и Шеврон“.

Бидејќи пазарната вредност на БП изнесува околу 80 милијарди долари, оваа зделка би можела да биде највредната од ваков вид по „мега-спојувањето“ вредно 83 милијарди долари, со кое во 1999-тата година беше создаден Ексон Мобил, што до ден денес остана најголемата западна нафтена компанија. Во наредната деценија, благодарение на тоа спојување, се случи револуција во црпењето нафта и гас преку хидраулично кршење на карпи (фракинг), што ги претвори САД во водечки производител и извозник на нафта, со огромни негативни последици по состојбата со климата.

Пазарната вредност на Шел изнесува 200 милијарди долари, значително повеќе од онаа на БП, кој е на последно место меѓу големите фосилни компании поради низа проблеми со кои се соочуваше последниве години. Меѓу тие проблеми, како најголем проблем се покажа одлуката на БП пред пет години да ја промени својата деловна стратегија така што ќе ги намалува инвестициите во производство на фосилни горива, а ќе ги зголемува вложувањата во обновливи извори. Покрај огромните трошоци за санација на катастрофалното истекување нафта од платформата Дипвотер Хорајзон во Мексиканскиот Залив, оваа одлука предизвика оперативни и управувачки проблеми, а пред сè и недоверба кај инвеститорите. БП попушти под притисоците и неодамна повторно направи пресврт, најавувајќи на почетокот од годинава дека ќе ги засили инвестициите во нафта и гас, а значително ќе ги намали вложувањата во обновливи извори.

Аквизицијата на БП ќе му овозможи на Шел да ја зацврсти својата доминација во секторот за производство на течен природен гас (ЛНГ) и да ги преземе нафтените операции на БП во Мексиканскиот Залив. Сепак, наодите од текстот на Волстрит Журнал набргу по објавувањето беа демантирани како „пазарни шпекулации“, како што ги нарекоа од Шел. Но, како и да заврши сето тоа, аналитичарите на фосилната индустрија веќе извесно време забележуваат засилен тренд на спојувања и аквизации (M&A, како што скратено се нарекуваат во медиумите), па така, ни оваа меѓу Шел и БП можеби не е неточна – туку само одложена. Трендот јасно сведочи дека нафтената индустрија не смета дека производството на фосилни горива ќе биде намалено во догледно време, а концентрацијата што неодамна се случува претставува очигледен пресврт од диверзификацијата што се случуваше изминативе две децении под влијание на глобалното климатско движење.

Дополнително, податоците на аналитичката компанија Енверус покажуваат дека во 2023-тата година е поставен рекорд кога станува збор за вредноста на аквизициите и спојувањата (M&A); таа изнесувала дури 190 милијарди долари, додека лани сепак дошло до забавување, па вкупната вредност достигнала 105 милијарди. Најголемата аквизиција минатата година изнесувала 60 милијарди долари – Ексон Мобил ја купил тексашката компанија специјализирана за истражување на јаглеводороди, која воедно е и најголем индивидуален сопственик во проектот на Пермскиот басен – нафтено поле на југозападот на САД. Со експлоатацијата на нафтата во тој регион, САД пред неколку години го срушија сопствениот рекорд за дневно производство на нафта со над десет милиони барели дневно – најмногу откако федералната влада води евиденција, односно од дваесеттите години на 20-тиот век. Во една студија објавена во 2022-рата година во списанието Scientific American се наведува и дека компаниите во претходните години толку интензивно бушеле во Пермскиот басен, што изградбата на нафтоводната инфраструктура не можела да го следи тој ритам. Поради тоа, растело испуштањето и согорувањето природен гас како помалку вреден нуспроизвод од бушењето нафта. Авторите наведуваат дека 3,7 проценти од произведениот гас се испуштал во атмосферата – количина еквивалентна на снабдување седум милиони домаќинства во Тексас. Меѓу значајните лански аквизиции е и онаа во која тексашката компанија Дајмондбек Енерџи за 26 милијарди долари ја купи другата тексашка компанија што исто така работи во Пермскиот басен. Покрај тоа, петтиот најголем нафтен гигант во светот, американскиот Шеврон, веќе извесно време се обидува да ја финализира аквизицијата на американската корпорација Хес за 53 милијарди долари. Но, тоа не му оди од рака зашто Ексон Мобил, втората најголема фосилна компанија во светот, ја доведува во прашање законитоста на договорот помеѓу Шеврон и Хес.

Ексон минатата година се спротивстави на намерата на Шеврон да ја купи Хес, повикувајќи се на договори што ги има со владата на Гвајана, кои се однесуваат на истражувањата. Имено, токму Ексон Мобил во 2015-тата година откри наоѓалишта на нафта во водите на оваа карипска држава, кои се проценуваат на 11 милијарди барели. Компанијата верува дека благодарение на тие наоѓалишта, до 2030-тата година Гвајана ќе стане најголемото експлоатациско поле на Ексон и еден од 20-те најголеми производители на нафта во светот воопшто. Тогаш Гвајана ќе се трансформира од јаглероден резервоар во таканаречена „јаглеродна бомба“ – термин со кој се означуваат фосилни проекти со потенцијал за испуштање повеќе од еден гигатон јаглерод-диоксид во атмосферата.

Но во плановите на Ексон се вмеша Шеврон со намера да ја купи Хес, која поседува 30-процентен удел во нафтените резерви на Гвајана, чија вредност се проценува на 40 милијарди долари. Тоа би била најголемата зделка на Шеврон досега, а спорот помеѓу двата фосилни гиганти ќе се решава на приватна арбитража во Лондон кон крајот на летото. Шеврон неодамна започна и два големи проекти за проширување на фосилните операции – еден во Казахстан, а друг во Мексиканскиот Залив.

Ваквите деловни одлуки на петте водечки западни нафтени компании – покрај наведените американски и британски, петта е и француската Тотал Енерџис – имаат огромно влијание врз климатските промени, бидејќи 36-те најголеми фосилни компании произведуваат дури половина од глобалните емисии на стакленички гасови. Сите освен БП – кој и самиот се откажа од претходниот курс – последниве години доследно се држат до својот основен бизнис, производството на фосилни горива, и вложуваат во нови фосилни проекти, што им донесе огромни приходи: секоја од последните три години, инвеститорите во најголемите нафтени компании заработувале повеќе од 100 милијарди долари.

Како што наведува непрофитната организација Environmental Defense Fund, карактеристика на најновите спојувања и аквизиции е и тоа што сè повеќе јавни компании преминуваат во рацете на помали приватни субјекти, кои – за разлика од најголемите – дури ни на хартија немаат никакви обврски поврзани со заштитата на животната средина. Истовремено, поголемите приходи им овозможуваат на големите компании повеќе средства за лобирање со цел понатамошна дерегулација и забавување на инвестициите во обновливи извори. За тоа најдобро сведочи офанзивата врз доктрината за социјално и еколошки одговорно инвестирање во САД, која изминативе дваесетина години беше прилично вкоренета. Иако таа политика најчесто се сведуваше на корпоративен „гринвошинг“ – односно создавање лажен еколошки имиџ што им овозможи на компаниите, со дозвола на јавноста, да продолжат да работат на ист начин – нападите врз неа, кои се засилија по доаѓањето на администрацијата на Доналд Трамп, покажуваат дека компаниите повеќе ни не се обидуваат да се претстават како „зелени“.

Терминот ESG (Environment, Social, Governance – Животна средина, Општество, Управување), што означува вклучување еколошки, социјални и управувачки фактори во корпоративните политики, е измислен на почетокот на 2000-тите во Обединетите нации со цел да се мотивира деловната заедница да создава впечаток дека придонесува за „поголема одржливост на пазарите“ – без притоа да вложи голем труд. Колку ѝ одговарала оваа рамка, најдобро сведочи фактот дека наскоро најголемите инвестициски фондови во Америка почнаа да вложуваат во компании што формално ја прифатиле таа политика – па дури и озлогласениот Блек Рок, најголемата светска компанија за управување со капитал и воедно најголемиот инвеститор во фосилната индустрија. Според податоците на порталот Блумберг Интелиџенс, во 2022-рата година вредноста на вкупните глобални инвестиции поврзани со ESG достигнала дури 30 билиони долари, со силна тенденција на раст. Но, како што се наведува во една неодамнешна анализа на списанието Атлантик, „политичкиот отпор кон ESG се претвори во организирано движење“, а најголемите компании, банки и инвестициски фондови брзо ѝ го свртеа грбот на својата до вчера прокламирана ESG-политика. Некои од нив во своите деловни планови веќе дури не го ни спомнуваат зборот „клима“.

Сè започнало, пишува Атлантик, во јануари годинава, кога група поранешни и сегашни републикански функционери, менаџери од фосилната индустрија и конзервативци од други сфери се собрале на приватен остров во Џорџија за да се договорат како ќе ја уништат, како што ја нарекуваат, „екстремно левичарска агенда што ги уништува демократијата и слободниот пазар“. Трамп веќе претходно во својата кампања ги напаѓаше ESG-законите како „фундаментално неспоиви со целта на администрацијата (негова) да ја ослободи американската енергија“, а меѓу предводниците на движењето против ESG е организацијата The Federalist Society (Федералистичко друштво), во чии редови оваа борба е осмислена како дел од поширока културна војна против „либералната доминација“. Федералистичкото друштво започна кампања за лобирање во федералните институции, а државните обвинители во републиканските сојузни држави започнаа организирана кампања со цел да докажат дека инвестирањето според ESG-насоките претставува кршење на законите на тие држави. Прво се насочија кон пензиските фондови што ги бојкотирале инвестициите во нафтената и гасната индустрија. Од 2022-рата година до денес се отворени такви истраги во 23 сојузни држави, а покренати се и постапки против инвестициски фондови и организации за заштита на животната средина поради наводно картелско здружување со цел заговор против фосилната индустрија.

Кампањата се води и на федерално ниво, каде што истрага покрена и Конгресниот одбор за правда, барајќи од 60 различни субјекти да достават информации за наводно координирана акција против инвестирањето во фосилната индустрија. На сослушувањето биле повикани и директорите на најголемите инвестициски фондови, вклучително и на Блек Рок, а притисокот, како што наведува Атлантик, на крајот вроди со плод, бидејќи поголемиот дел од високопрофилните компании се повлекоа од иницијативите насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови. „Американските инвестициски фондови специјализирани за климата во 2021-вата година добиле 70 милијарди долари, но до 2023-тата година трендот се промени – сега повеќе пари истекуваат од фондовите отколку што се вложуваат во нив“, пишува Атлантик, наведувајќи дека минатата година од тие фондови биле повлечени речиси 20 милијарди долари. Со други зборови, корпоративните климатски политики во САД се уништени со укинување на климатските стратегии кои, иако немаа значително реално влијание, на симболично ниво ја одржуваа свеста за потребата од борба против климатските промени.

Слики: Joel Daniel Phillips

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото