Грета Тунберг - девојката што го потресе светот со збор, став и храброст

29.07.2025 23:20
Грета Тунберг

Не е инфлуенсерка, не е политичарка. Не е ниту медиумска конструкција. Грета Тунберг е девојка што го потресе светот со збор, став и храброст.

Грета е шведска климатска активистка која, на само 15 години, сама започна штрајк пред парламентот во Стокхолм со натпис: Школски штрајк за климата. Од тогаш, нејзиниот глас стана глобално движење – Fridays For Future, со милиони млади луѓе што излегоа на улица барајќи климатска правда. Таа има Аспергеров синдром, ОКР и селективен мутизам – нешто што не го сокрива. Напротив, самата за себе знае да каже дека нејзините мани ги претвара во супермоќи и дека има состојба која ја спречува да лаже.

„How dare you?“ – Обраќање до светските лидери во ОН „I want you to panic. I want you to act as if your house is on fire.“ „Our house is still on fire – and you’re still pouring gasoline on it.“ се само дел од нејзините изјави кои не се украсени и замотени во целофан, туку се аларм за делување, и токму затоа ги вознемируваат тие што сакаат тишина и удобност додека природата умира а планетата гори.

Се обидов да истражам зошто во одредени кругови Грета е омразена личност. Дојдов до заклучок дека ја мразат затоа што не е послушна, не молчи и не се плаши. Ја презираат политичари, нафтени компании, конзервативни новинари, па дури се ангажирани и бот-мрежи. Ја омаловажуваат бидејќи е вистинска, бидејќи им смета тоа што млада девојка кажува работи кои тие немаат храброст да ги изговорат или заради профит не смеат да ги изустат. Бидејќи не се продава и затоа што секогаш потсетува дека немаме „планета Б“. И кога ништо не можат да и најдат и накалемат, ќе кажат дека е „марионета“, „психички болна“, „платена“, „сатанист“ (да, и тоа го прочитав во коментари). Но вистината е дека ја мразат, затоа што не можат да ја контролираат.

И да, огромна чест и големо задоволство е тоа што пред два дена беше на нашите барикади, затоа што има избор да биде каде било, но избра да биде овде, да биде со нас. Тоа не е само поддршка. Тоа е историја. Во море од светски неправди – таа го избра токму нашиот мал отпор, за да покаже дека ова што го правиме вреди. Затоа што малата планина може да биде голема борба и затоа што малите народи, понекогаш, имаат најголемо срце. И не само таа. Гордост се и сите луѓе што секој ден се на Кожуф. Гордост се тие што го оставија комфорот, работа, обврски, за да стојат таму каде што државата затаи – да бранат река која од профитерите не може самата да се одбрани. Токму тие се вистинските патриоти на денешницата и заслужуваат поддршка – не рамнодушност.

И на крај, едно просто но важно потсетување: Не подлегнувајте на дезинформации. Не верувајте на теории од Фејсбук, коментари од празноглави тастатура мрчатори и од ликови што до вчера пишуваа за чипирање со вакцини, а денес станале Грета експерти. Следете ја логиката и здравиот разум. Логиката вели дека најмногу ја напаѓаат токму оние кои највеќе профитираат од уништувањето што таа се обидува да го спречи, а здравиот разум прашува - Ако не ги зачуваме реките, шумите и воздухот, ќе остане ли нешто друго за чување?

Ние немаме резервна планета, немаме резервен Кожуф и немаме резервна природа. Имаме само една Дошница и една шанса да покажеме дека овие генерации не беа глуви, слепи и мрзеливи. Туку храбри, свесни и отпорни.

ОкоБоли главаВицФото