1016 hPa
94 %
14 °C
Скопје - Нед, 09.11.2025 17:00

Македонската влада, уште од првиот ден од својот мандат, започна да носи серија одлуки кои немаат никаква економска логика, но имаат далекусежни штетни последици по државата и граѓаните. Станува збор за политики кои не водат кон развој туку кон системско назадување, зависност од странски интереси и зголемено задолжување кое ќе го плаќаат идните генерации.
Првиот удар беше позајмувањето милијарда евра од Унгарија за финансирање општини и приватни компании, без јасна анализа на исплатливост и поврат на инвестицијата. Уште пострашно е што каматите на овие заеми ќе се плаќаат од државниот буџет, со пари на граѓаните, а не од корисниците на кредитите. Со ова Владата ја претвори државата во обичен гарант за туѓи приватни профити, на сопствена штета и штета на нејзините граѓани.
Во областа на енергетиката, наместо да вложува буџетски или позајмени пари во развој на сопствени производствени капацитети како што се ветропаркови, хидро или гасни централи, Владата донесе одлука најдобрите локации за ветерна енергија да ги предаде на странскиот фонд „Алказар Енерџи“. Истовремено, наместо изградба на државна гасна централа, таа ја доведува компанијата „Казанџи груп“ како наводен „стратешки инвеститор“, иако нејзината фирма-ќерка „АКСА Енерџи“ е инволвирана во корупциски скандал со подмитување државни чиновници во Гана. Се поставува прашањето: дали и зошто македонските политичари од власта би им отстапиле македонска земја, ресурси и пазар на субјекти со сомнителна репутација, без да добијат нешто во замена? Дали такви отстапки, што се туркаат со сила, се прават заради обично пријателство или алтруизам? Дали чесни луѓе би фатиле работа со докажани белосветски измамници?
.jpg)
Најтрагично е што, од овие нови енергетски капацитети, државата ќе купува електрична енергија по берзански цени, односно исто како да ја увезува. Тоа значи дека иако производството се случува на македонска територија, граѓаните нема да имаат никаква ценовна корист од тоа. Владата не обезбедува енергетска сигурност, туку напротив, им ги предава енергетскиот пазар и профитот во рацете на странски играчи.
Покрај тоа, Владата планира да се задолжи за дополнителни 2 милијарди евра за изградба на брза пруга, иако самата линија е нерентабилна, со докажана економска неисплатливост. Наместо транспарентна јавна дебата и стручна анализа, на граѓаните им се нудат лажни маркетиншки тврдења, самоволни политички одлуки и манипулации. Наместо инвестирање во профитабилниот и исплатлив енергетски проект „Вардарска Долина“, парите ќе бидат вложени во брзата пруга, која претставува чист трошок, што не може никогаш да се отплати. Доволен пример ни претставува пругата од Куманово до границата со Бугарија, која ни после 25 години не е изградена, ќе чини најмалку 565 милиони евра за 88 километри, а нема да донесе никаква корист, туку само долгови што не можат да се отплатат.
Со Владата на Велика Британија е потпишан договор за некакво „стратешко партнерство“, чиј главен елемент претставува договорот на „безбедносна соработка“ (во Руанда под тој термин требаше да бидат депортирани илјадници одбиени азиланти од Велика Британија), но и можност за задолжување со дури 6 милијарди евра преку британската агенција за поддршка на британскиот извоз UKEF. Во моментов, државата практично нема никаков фискален простор за нови задолжувања, ниту капацитет за нивна отплата. Затоа опасноста од должничка несолвентност е реална, бидејќи тие заеми ќе бидат вложени во слични, економски неодржливи проекти, кои нема да можат никогаш да се вратат и ќе доведат до крах на јавните финансии.
.jpg)
Сето ова со голема веројатност укажува дека македонската влада не работи во интерес на граѓаните, туку во интерес на тесни политичко-бизнис елити и странски компании и фондови. Одлуките се носат без стратегија, без транспарентност и без реална анализа на трошоците и користа. Наместо да гради државни капацитети што ќе создаваат вредност и вработувања, Владата ја користи државата како инструмент за гарантирање на профитот на приватни субјекти.
Ова се типични примери на зделки без економска логика, што во сите држави каде што владее правото палат црвен аларм за корупција. Ова не се изолирани случаи, туку системска практика на неодговорно и коруптивно управување. Парите од заемите не се вложуваат во проекти со долгорочна вредност – како што се електроенергетски капацитети или високотехнолошки развој на домашното земјоделство, туку се пренасочуваат во договори без транспарентност, често со сомнителни странски партнери. Без буџетски приходи од профитабилни инвестиции, државата ќе мора да се лиши од изградба на здравствени капацитети или научноистражувачки центри, бидејќи сите пари ќе се трошат на плаќање камати на заемите.
Граѓаните мора да разберат дека ваквите политики не претставуваат развој, туку задолжување за туѓ профит. Тоа е како да се купи скап автомобил на кредит, но да го користат други – а вие да ги враќате ратите. Или, како да се изградат објекти со јавни пари, но користа да оди кај приватни компании, а ризикот и долговите да останат на државата.
Ова не претставува одлика само на актуелната Влада, бидејќи подеднакво недомаќински и расипнички се однесуваше и претходната. Тие луѓе никогаш не би дошле на власт, ниту би претставувале некаков фактор во државата, доколку граѓаните не поверувале во нивните лаги во предизборните кампањи и не гласале за нив, иако во стварност за својата пропаст.
.jpg)
Понатаму, особено важно е да се направи јасна разлика меѓу обичните странски директни инвестиции (СДИ), како фабрики за автомобилски делови или текстил, и инвестициите во енергетиката, кои користат домашни природни ресурси – ветер, сонце или вода. Овие два вида инвестиции не можат и не смеат да се третираат исто, без разлика што Владата цело време така ги убедува и дезинформира неинформираните граѓани. Башка што на Алказар им се доделуваат најдобрите локации без јавен повик, без тендер, без никаква конкуренција и наддавање. Газење на којзнае колку закони и процедури.
Странска фабрика за кабли, на пример, може да отвори стотина работни места, да извезува кабли, а по неколку години да се пресели во друга земја. Ако си замине, државата нема трајна штета. Но кога еднаш ќе се дадат концесии на најдобрите локации за ветерници, хидроцентрали или фотоволтаици, државата губи контрола над тие ресурси за 30, 50 години или дури засекогаш. Тоа се неповратни одлуки кои ја ограничуваат сувереноста и влијанието на државата врз клучниот сектор – енергетиката.
Дополнително, странските енергетски концесионери обично продаваат струја на државата преку берза по пазарни цени или по гарантирани цени, често над пазарната, како во примерот со неизградената гасна централа на Митилинеос. Тоа значи дека граѓаните немаат никаква корист од фактот што струјата се произведува во Македонија, бидејќи плаќаат исто како за увозна енергија, додека загадувањето и емисијата на ЦО2 (и плаќањето за нив!) остануваат тука. Во исто време, профитот заминува во странство, а ризиците и изгубената добивка остануваат во земјава. Ако има суша, прекин или дефект, тогаш граѓаните остануваат без струја, одговорноста ја сноси државата, а не приватниот концесионер.
.jpg)
Енергијата не е обична стока – таа е елемент на државен суверенитет. Како што никој не би дал странци да раководат со армијата, водоводот или царината, така и енергетиката мора да остане под државна контрола или барем под строга јавна контрола. Државата мора да вложува сама во енергетиката – не само од економски, туку и од стратешки причини.
Затоа, обидите на Владата да ги прикаже овие концесии како обични „странски директни инвестиции за кои не се потребни никаквио специјални закони“ се манипулативни и штетни. Штом се работи за користење на националните ресурси, потребно е повикување на Законот за јавно приватно партнерство или Законот за стратешки инвестиции. Не се работи за капитал што доаѓа и отвора фабрика – се работи за преземање на домашните ресурси за приватен профит, со минимална до никаква корист за граѓаните. Ако државата инвестира, добивката останува во земјата и може да се реинвестира, односно се појавува мултипликативен ефект на БДП. Освен тоа, граѓаните добиваат електрична енергија по предвидлива цена, независна од берзанските флуктуации.
Македонија во моментов не напредува – таа се задолжува и ја распродава својата независност. Губиме енергетска сувереност, ги распродаваме ресурсите и ја поткопуваме фискалната рамнотежа. Ако не се сопре оваа Влада веднаш и не се спречат овие трендови, државата ќе западне во уште поголема зависност, со малку можности за закрепнување и сопствен развој во иднина.
.jpg)
Одговорноста не е само кај политичарите, туку и кај граѓаните, медиумите и стручната јавност. Молчењето или, уште полошо, пропагандата, само го влошуваат проблемот. Мора да се зборува јасно: овие одлуки не се ни паметни, ни корисни, ни одржливи. Тие се погубни политики кои ја претвораат Македонија во земја без контрола врз сопствените ресурси, без економска логика, без визија и без иднина.
Секој што гласа за вакви партии треба да биде свесен дека гласа за сопствената пропаст и пропаста на идните поколенија. Подобро е да не се гласа за никого отколку за докажано штетни партии, кои не се реформирале и за кои знаеме дека немаат намера да работат за добро на граѓаните. Казнувајќи една партија со доведување на власт друга значи само замена на едно зло со друго.
Медиумите кои рекламираат вакви погубни политики треба да сфатат дека работаат за мала група луѓе која им нанесува долгорочна и непоправлива штета на државата и граѓаните. Никаков краткорочен профит на нивните сопственици не може да се мери со долгорочните штети што ги прават на целото општество. Најмалку што можат граѓаните е да престанат да ги следат тие пропагандистички медиуми и ментално да го затворат влезот на таквата пропаганда во своите глави, да не веруваат во сé што ќе чујат, да започнат да се информираат и од други извори и, што најважно - одлуките да ги донесуваат со своја глава.
.jpg)
Карикатури: Скот Хилбурн