1021 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 23:59

Пред еден век, Мао Це Тунг остро праша: „Кои се нашите непријатели? Кои се нашите пријатели? Ова прашање е од врвно значење за револуцијата.“ Денес, еден револуционер со поинаква идеолошка определба, Кевин Робертс, претседател на фондацијата Херитиџ, блиска до Трамп, тврди дека „се наоѓаме во процес на втора американска револуција.“ Овој пресврт на стариот континент инспирираше севкупно политичко престројување меѓу космополитските либерали и радикално десничарските националисти. Второто доаѓање на Трамп го промени американското сфаќање на пријателите — и непријателите — во Европа. Водечките американски политичари сега се дружат со европските лидери од радикалната десница, додека застапниците на либералната демократија на континентот ги третираат како противници. Многу Европејци реагираат на тоа така што почнуваат да ја доживуваат Америка како закана.
Како што покажа најновото истражување на Европскиот совет за надворешни односи (ECFR), иако поголемиот дел од Европејците веруваат дека Трамп е лош за Америка, за нивната земја и за светскиот мир, поголемиот дел од приврзаниците на европската радикална десница целосно ја прифаќаат Трамповата револуција. Тие тврдат дека американскиот политички систем функционира, додека европскиот е расипан.
Односот помеѓу радикално десничарските европски партии и Трамп би можел да почне да наликува на односот помеѓу западноевропските комунистички партии и Советскиот Сојуз за време на Студената војна, каде радикалната десница се чувствува обврзана да го брани Трамп, но и да го имитира. Воодушевени од случувањата во САД, европските трамписти сонуваат за масовни депортации на мигранти, но главно молчат за Трамповата трговска војна против Европа.
.jpg)
Но, што точно може да постигне европската десница со тоа што ќе го имитира Трамп, а што добиваат европските либерали со тоа што му се спротивставуваат? Сојузот меѓу европските националисти и Трамповиот МАГА-проект тешко дека е идеален брак. Додека лидери како Виктор Орбан во Унгарија делуваат воодушевено од поддршката на Америка, национализмите на овие две земји имаат малку заеднички нешта. Во канцелариите на радикално десничарските лидери низ стариот континент висат застарени мапи на кои нивните земји се прикажани со проширени граници од одамна минати времиња; во Трамповата канцеларија стојат ретуширани семејни фотографии. Европските националисти се посветени на Историјата; американскиот претседател е посветен на Трамп.
Трамповиот национализам е национализам без историја. Кога се повикува на своите претходници, тоа го прави за да порача дека е подобар од нив. Кога зборува за претворање на Газа во луксузно летувалиште, настапува како магнат за недвижности што ги третира нациите како закупци. За европските националисти на крвта и тлото, секој дел од територијата на континентот е божји дар за белите Европејци и нивните потомци. Традиционално, партиите на европската радикална десница себеси замислуваа како бранители на националниот суверенитет и националната традиција против граѓаните без татковина во Брисел. Денес се пресоблекуваат во припадници на транснационално револуционерно движење и ја преземаат реториката на христијанскиот фундаментализам и цивилизацискиот судир, што добива гласови во Америка, но не мора нужно да успее во Европа.
.jpg)
Се трансформираа и европските либерали. Сега се обидуваат да се прикажат не како глобалисти од Давос, туку како бранители на националните интереси од американско мешање. Победата на Марк Карни во Канада, на бран од патриотски гнев, ги инспирираше лидерите на ЕУ, кои се соочуваат со идентитетска криза, да поверуваат дека отпорот кон Трамп е најдобриот пат за реизбор. Но тоа нема да функционира секаде. Само кога Трамп ќе ја повлече иредентистичката карта, како што тоа го направи со Канада, либералните лидери може да се надеваат на масовна мобилизација. Така, Данците, поради фантастичната Трампова закана дека ќе го анектира Гренланд, денес се најголеми антитрамписти меѓу Европејците, но ефектот на Карни не се прошири и во другите земји од ЕУ. Трамп можеби е лицемерен партнер, но поголемиот дел од Европејците се подготвени да живеат со него, бидејќи се сомневаат во способноста на ЕУ самостојно да се одбрани. Како пар што е во брак со децении, не можат да замислат да живеат сами.
„Трамповиот ефект“ врз политиката на Европската унија е исто толку непредвидлив колку и самиот Трамп. По Брегзит, европската радикална десница беше маѓепсана од брегзитовскиот назионализам за „враќање на контролата“. Многу евроскептици бараа референдуми за излез од ЕУ. Но, Брегзит брзо стана товар, па така и имитацијата на Британците излезе од мода. Значи, кои ќе бидат добитници, а кои губитници на „втората американска револуција“ ќе зависи не само од поразите и успесите на Трамп на домашен терен, туку и од способноста на европските лидери да го искористат трампистичкиот момент за создавање нови политички идентитети.
.jpg)
Карикатури: Paolo Calleri
Извор: https://www.ft.com/