1014 hPa
93 %
4 °C
Скопје - Саб, 24.01.2026 18:59

Чистата, здрава и одржлива животна средина претставува човеково право, а ако државите не преземат „соодветни мерки за заштита на климатскиот систем“, го кршат меѓународното право, соопшти неодамна највисокото судско тело на Обединетите нации (ОН).
Во револуционерна, долгоочекувана одлука, Меѓународниот суд за правда во Хаг нагласи дека климатските промени претставуваат „итна, егзистенцијална закана“, и дека земјите мора да ги исполнуваат своите обврски за ограничување на глобалното затоплување и намалување на штетните емисии.
Во спротивно, ќе се соочат со ризик од плаќање компензација на нациите кои се најсериозно погодени од климатските промени.
Историски гледано, богатите и индустријализирани земји ја сносат најголемата одговорност за штетните емисии и затоа треба да бидат предводници во борбата против климатските промени – беше една од пораките.
„Државите мора да соработуваат за да постигнат конкретни цели за намалување на емисиите“, изјави судијата Јуџи Ивасава, додавајќи дека непочитувањето на обврските предвидени со климатските договори претставува кршење на меѓународното право.
Судот за правда истакна дека земјите исто така се одговорни за активностите на компаниите кои се под нивна јурисдикција или контрола.
Неуспехот да се намали производството на фосилни горива и нивното субвенционирање може да доведе до „целосни репарации на оштетените држави во вид на реституција, компензација и сатисфакција, под услов да се исполнети општите услови од правото за меѓународна одговорност на државите“.
Според податоците на Институтот за климатски промени Грентам при Лондонската школа за економија, досега се покренати три илјади климатски судски случаи во околу 60 земји.
Иако мислењето на судот од Хаг не е обврзувачко, тоа има правна и политичка тежина и, како такво, веројатно ќе го одреди идниот тек на климатските акции, како и пресудите во климатските тужби.
„Ова е почеток на нова ера на климатска одговорност на глобално ниво“, оцени Данило Гаридо, правен советник на Гринпис, пренесе Ројтерс.
Малите островски држави и еколошките групи ја поздравија одлуката како правен чекор кон повикување на одговорност на големите загадувачи.
Задоволство од мислењето на Меѓународниот суд за правда изрази и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој порача дека ова потврдува оти целта на Парискиот договор мора да биде основа на сите климатски политики.
„Ова е победа за нашата планета, за климатската правда и за моќта на младите да донесат промени“, изјави Гутереш. „Светот мора да реагира.“
Мислењето на судот беше донесено по најголемото сослушување за климатските промени, кое се одржа од 2 до 13 декември 2024 година пред петнаесет судии на Меѓународниот суд за правда.
Судот имаше задача да одговори на две клучни прашања:
1. Кои обврски ги имаат државите според меѓународното право во однос на решавањето на климатските промени во корист на сегашните и идните генерации?
2. Кои се правните последици за државите кои не ги исполнуваат тие обврски и на тој начин нанесуваат сериозна штета на климата?
За време на декемвриското сослушување, Меѓународниот суд за правда ги сослуша претставниците на повеќе од 100 држави и организации, додека околу 150 поднесоа писмени изјави или коментари.
Министерот за климатски промени на Вануату изјави дека ќе ја достават одлуката до Генералното собрание на ОН со цел да покренат резолуција што ќе ја поддржи нејзината примена.
Во пресрет на објавата на мислењето, активисти се собраа пред судот држејќи транспаренти на кои пишуваше: „Судовите го кажаа своето. Законот е јасен. Државите мора веднаш да дејствуваат.“
Извор: https://klima101.rs/