1006 hPa
100 %
4 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 23:59

Не сум сигурна дали воопшто постои некоја друга задача во овој миговен живот освен задачата да се копнее, да се остварува и да се бара патот на љубовта која води до можеби најсонуваното но и најкомплексното значенско искуство на слободата.
„Кога некој јазик, или подобро мета-јазик, со сопствената силина е повлечен и насочен кон неактуелното (онака како што доминантната заедница ја чита актуелноста), тој е прогонет бидејќи не му припаѓа на ниту едно стадо. Така му преостанува да биде само место, па колку и да е незабележително, на афирмација. Таа афирмација, која е прогонета а која е единствено оправдан отпор кон чувството на неприпаѓање во нормираниот свет се нарекува место на љубовта и на слободата“, вели Ролан Барт.
Ќе се запрашате зошто го споменувам Ролан Барт, кој ќе речете нема никакви допирни точки со надреализмот, ама го споменувам токму заради тоа што во него и низ него се слеани сите клучни референцијални точки на надреализмот, кој ги опеа во својата книга Дискурсите на љубовта каде што ни ги претставува сите перспективи што ни ги дава радоста, но и темната страна на љубовта за да можеме да отпловиме кон сонуваната слобода. Атопос е еден од оние клучни поими кои ја одредуваат љубовта, ни вели Барт. Оној кој љуби го препознава љубеното битие како „атопос“ (така Сократ го нарекуваат неговие собеседници), односно како оној кому е невозможно да му се одреди местото, да се вреди, да се сврста, оној кој е секогаш непредвидливо автентичен/оригиналн/нов. Зар не беше тоа и сонот на заедницата која себеси се нарекуваше надреалистичка.
.jpg)
Зошто за надреалистите го врзуваме концептот за слободата, толку еден магловите концепт (кога не се во прашање декларациите за човекови права и слободи), но сепак силен порив кога станува збор за некои други регистри на емоционалното и интелектуалното живењње, па и на поимањето на општествените категоријалности. Затоа што нивното поле на дејствување е поле на правење отстапки, исчекори, поле на отпор, поле кое се бори против „логорот“ на нормираното. Слободата е сѐ само не идеја, според зборовите на Жан Лук Нанси. Таа е факт на егзистенција како сопствена есенција. Таа себеси се гради и го предочува искуството не низ историјата на слободата, низ теолошките и есхатолошките епопеи на откровение, туку низ самата слободата, низ ослободувањето на историјата, низ трансгресиите, низ постоењето во кое „времето излегува од зглобот“, како што вели Хамлет, и низ великодушноста на новото кое дава, споделува и солидарно се претопува во другиот, во заедницата. А ако слободата воопшто може да има дефиниција и ако таа, мораме да разбереме дека е нешто што не бара втемелување, би било парадоксално да бараме слободата да ја втемелиме. Тогаш на слободата ѝ ја одземаме самата слобода. Нашите драги надреалисти токму затоа толку грчевито се држеле за наративот на невтемелената слобода. А надреалистите – тоа сме сите ние кои сакаме да прескокнуваме граници со бодликави жици, кои сакаме да ризикуваме, да бидеме деца со политички и животни манифести, кои сакаме да го прекршуваме зададеното, и игриво да ја воспоставиме грешката како ултимативен пат во еден живот.
Зошто надреалистичката дружина се фундира врз оваа тријада. Бидејќи сонот, љубовта и слободата се ризици. Тие можат да убијат, да усмртат но и одново и одново да родат. Слободата, љубовта и сонувањето не се помирољубиви и помалку ризични од револуционерните политики. Затоа, ги поврзувам со панкот а не со хипи движењата. Затоа ги прогласувам за субкултурни а не контракултурни. Бидејќи, вистината не е нешто што се создава во цветна и миризлива рајска градина (да не заборавиме на Гетсиманиското искуство, кое нѐ соочува со вистината за човековата порозна природа... таму, со бакнежот во образот, со парадигмата за љубовта, беше извршено предаство, беше најавена нечија смрт, која е указ за големата вистина за човекот – а тоа дека му е насушно предавството). Таа има свој систем на контрадикции и жестокости. Таа е побуна. Побуна која има внатрешна драматичност која не ја дефинираат нужно концептите за постоење на непријател, туку често е водена од идентитетскиот нагон во конфликт со разликата. Љубовната и слободарската драма е најчистото искуство на конфликтот помеѓу идентитетот и разликата. (а токму така јас го читам надреализмот – конфликт, постојан конфликт помеѓу идентитетот и разликата).
.jpg)
И тука, на еден необичен начин, ќе дојде до израз онаа важна димензија на авангардните движења кои сакаат да го срушат бастионот помеѓу уметничкото и политичкото, помеѓу уметничкото и општествената одговорност, а во кои секако спаѓа и надреализмот со сите свои наличја. Има два политички концепт, или филозофско-политички концепти, кои можат да се приближат на едно наполно формално рамниште на дијалектиката присутна во љубовта. Прво, во зборот „комунизам“, многу важен за надреалистичките манифести, соништа, движња е содржана идејата дека колективот е способен да ги интегрира сите вонполитички разлики. Тоа што луѓето можат да бидат вакви или онакви , дојдени од некаде или родени тука, што го зборуваат тој и тој јазик, што се обликувани во рамките на оваа или онаа култура сето тоа не би требало да го спречува нивното учество во политичкиот процес од комунистички тип, како што идентитетите сами по себе не се препрека за љубовната креација.
Пол Клодел, како човек на театарот и љубовта е целосно посветен на ова прашање. Тој забележува: Оддалечени, не престанувајќи да се оптоваруваме взаемно, ќе мораме ли да ги поденсуваме нашите намачени души.“ Клодел е посветен на верувањето дека вистинската љубов ја совалдува точката на неможното. Љубовта не како една можност туку како надминување на нешто што можело да изгледа како невозможност.
Но да се обидеме малку и критички да гледаме на потребата од употребата на зборот љубов, како во религијата така и во политичките наративи, па и во уметничките артикулации кои ги поддржуваат и подражаваат политичките наративи. Љубовта, моќта на љубовта, често се искористува од страна на трансцеденцијата. Тоа не е веќе онаа божеска, туку партиска и преку Партијата, трансцеденција на нејзиниот врховен водач. Изразот „култ на личноста“ прилично добро го изразува тој тип на колективно насочување кон една политичка личност. Поетите на надреализмот и тоа те како го прават тоа: да ја погледнеме одата на Пол Елијар за Сталин, поемите на Арагон за враќањето на Морис Торез после болеста... Интересен и е и култот на Партијата сама по себе. Арагон е поприлично проблематичен, се извинувам вака што си дозволувам за Арагон да прозборам, со сета моја должна почит кон творештото, но сакам да укажам на опасноста, на ризикот од идолатријата која неретко оди рака под рака со љубовта, слободата и сонот односно со сонувањето за љубовта и слободата. „Мојата Партија ми ги врати боите на Франција“, вели Арагон! Во овој исказ се препознава љубовниот тоналитет. Интересно е да се види како една партиска форма, за која би помислиле дека не е ништо друго освен инструмент на работничката и народната еманципација, преку поетскиот исказ станува фетиш. Поетика на фетишот. Се разбира, мораме да имаме на ум дека тоа е епоха на една политичка острастеност која не може веќе да ја продолжиме, чија критика мора да ја прифатиме, но која е интензивна и чии актери се бројат со милиони, вклучувајќи ги и возбудливите гении на уметничките и соци-културните движења како што е надреализмот. Но она за што би сакала да укажам како разликовност во однос на мешањето на политиката и љубовната страственост кон слободата е тоа што предмет на политиката и на поетиката во еден миг не е повеќе љубовта туку контролата на омразата!
.jpg)
„Љубовта без ризик е како војна без мртви – нема средби, нема случајност.“ - ризикот и авантурата како одбрана на љубовта и слободата од конфорот и сигурноста. Бидејќи тие водат кон нејзината смрт. А таа на смртта ú се спротиставував токму со љубовта. (нестабилност! Конфронтација) Љубовта како ризик, отстапка и пат кон слободата го ткае политичкото и поетичкото битие. Љубовта е таа која ја води во исцртувањето на слободата, на мапата во која се промислуваат и впишуваат стратегиите на слободата. Љубовта овозможува слобода но и цезура во движењето на мислењето. Вака сфатена, таа ја прекинува историјата и отвора нова историска можност, која го опросторува и ситуира во сегашноста времето во поинаков од општоприфатениот код Слободата исто како и љубовта се вонисториски категории.
Слободуљубивите сонувачи кои ги креират местата на љубов не се плашат од нурнувањето во темното политичко и уметничко битие. Отсекогаш најважната страна на уметноста е да изнајде „нестабилни ситуации“. Уметноста има задача да создава „конфликтни ситуации“, во една аристотеловска смисла. Конфликтност која води до ослободување, до катарза. Уметникот е одговорен да нè води по еден таков макадам, инаку не е уметник. Оние кои ги сонуваат и живеат љубовта и слободатавсушност нужно ги реизмислуваат ризикот и авантурата борејќи се против сигурноста и конфорот. Тие се своевидни активисти, а еднаш во една друга прилика реков дека вистинскиот активист, треба да биде посветен љубовник, а тоа значи да влегува во ризик, да експериментира, да нуди нови светови. Уметничкиот отпор, налик на политичкиот, мора да подразбира љубов, лудило, храброст, бескомпромисност, метод, знаење, структура, копнеж по праведен подобар свет. Страст по различните наличја на вистината.
Приказната за надреализмот е приказна која упатува на тоа дека постојано и секогаш одново мораме да развиваме наша сопстевна естетика, политичка естетика и политички систем. Мораме да бидеме преведувачи на една во друга стварност, кројачи кои ќе исцртуваат шнитови за постојана мобилност на вредностите, кои ќе создадаваат идеолошко критичко опкружување, што ќе биде наспрема владејачкиот вредносен систем, па кој и да е.
Доколку љубовта и слободата не се сфатат како проста реципрочна размена на погодности, или како рентабилна инвестиција, тогаш навистина станува збор за доверба дадена на ризик. Тие се суштинското искуство на она што е разлика и на крајот, дека можеме да го искусиме светот од гледната точка на разликата.
.png)
Љубовта е она што во филозофскиот жаргон се нарекува постапка на вистината, односно искуство околу кое се ткае рафинираното поимање на вистината. Таа вистина е вистина за различноста како таква. Вистина за другоста, вистина за двојноста. Љубовта е она што го нарекуваме „сцена за Двајца“.Тие двајца ќе се качат на сцената и ќе го доживеат светот на нов начин, тоа може да земе случајна и непредвидлива форма. Непредвидливоста е она кое љубовта низ својата релационост ќе го обликува во сон за искуствата на слободата. Таквата дејствителност на љубовта која ја содржи во себе семантиката на слободата е всушност онаа средба со себе и со другиот за која толку копнееме, и која е единствено посилна од смртта. Која ја победува смртта, особено онаа која ни се случува за време на животот. На таа средба ѝ даваме метафизички статус кој добива елементи на реалното, но не влегува во непосредниот закон на нештата. И тоа е всушност конститутивниот елемент за секој уметнички, естетски двиг кој го содржи во себеси отпорот кон зададените закони, норми во културата, пишани или не пишани – љубовта е всушност трансгресија, отстапка, обезаконетост со која ѝ се дава шанса на слободата а со тоа и на сонувањето. Таа создава простори во кои непостоечкото има право да постои. Книжевните примери кои ја покажуваат таквата појдовна точка се безбројни. И она што сметам дека би требало да се нагласи е дека љубовта сфатена како сон за слободата, која минува низ најмоќни дуалитети и најрадикални раздвојувања е миг на еманципациско раздвојување кое е едно искуство на светот. Таа не е средба на затворена релација туку е живот, во постојана изградба, не веже од позиција на еден туку од гледна точка на Двајца. Затоа сите „кружоци“ од Романтизмот преку надреализмот до панкот се токму тоа, живот во спротиставување и отпор кон нормираното преку сонот за љубовта кон слободата!!!Кога имав 20 години и кога кај професорот Урошевиќ полагав Романтизам (како правец во книжевната историја), решив на испитот „револуционерно да се прозинесам со ова мое откритие за ваквата релација. Професорот само уредно ме отслуша со тишината на своите очи и ништо не рече. Јас продолжив понатаму да одговарам на зададените три прашања. И завршив. Но никогаш не завршив со темата која само во една реченица за загатнав на тој за мене најзначаен испит. Романтизмот како парадигма за радикален отпор, сите оние луѓе кои еден викенд, близу Женева го сонуваа Франкештајн, кои ги смислуваа чудните патувања на Чајлд Харолд, кои ја согледуваа болката на светот и сака да ја приначат во соочувачка визија, утопија ако сакате за еден инаков свет, се втакени во битката за отстапката, за анфант терибл, за спојот помеѓу уметничкото и политичкото кои се иманентни на надреализмот и на панк движењето... на субкултурните формации во уметноста и во културата. Не станува збор само за книжевни правци, ту станува збор за социо-културни формации, елементи кои преку уметничкото пенетрираат далбоко во политичкото, боејќи го со сензибилноста на сите еманципаторски мислечки наративи.
.jpg)
Но не станува збор за некоја дихотомија на отпор кон реалниот, сегашниот свет, од една страна и некаква далеку од сегашното настанување поместена утопија од другата страна. Станува збор за вистински чекори изодени по некој навидум нов терен, поставен врз стариот терен, чекори кои се изодуваат како борба против стариот терен но едновремено го ползуваат истиот за да го претворат во нешто друго. „Крикот против“ и „движењето на креативната моќ“ треба да водат кон оние облици на отпор и борба кои тежнеат во својата форма да не репродуцираат структури и практики против кои се борат, туку да воспостават нови општествени односи. Токму помеѓу таквите хетерогени облици на отпорот треба да се одвива експерименталното испробување на она што се посакувало како преведен свет. Можеби во овој дел потфрлија надреалистите....
Повеќемина од нас сонуваат за антагонистичка и агонистичка форма на креативната моќ. За еманципација на креативната моќ, за радикална анти-моќ, за која говори Антонио Негри.
Надреалистичката возбудливост се состои во екцесноста, експерименталноста, интермедијалноста. Во утописко-револуционерен концепт за пресврт на уметничкото и општественото, во деструкцијата на обичајните, клишеизирани и поетички и идеолошки норми Слом на утописки визии и побуни. Аномалија и екцес во доминантната култура. Автономност во рамки на јасно омеѓена заедницасо огромна продукција на значења и вредности, која развива еклектичи и плурални стратегии на преобразбата. Преку неа се преместуваат и премостуваат историските текстови и модалитетите на дејствување.
„Имам уште само малку слобода. Ги собрав сите паднати ливченца од цветови и им дадов замав да пливаат. Во некои ставив дождовни капки. Тука ќе ставам светилник... А сега ќе го занишам темниот леген за моите бранови да тргнат по брановите. Некои ќе потонат. Некои ќе се разбијат од гребенот. Еден плови сам. Тоа е мојот брод. Бродот на љубовта“
Вирџинија Вулф
.jpg)
Слики: René Magritte