1003 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Пон, 16.02.2026 20:59

Демократска Република Конго повторно е во војна со Руанда. Повторно активираното проруандско Движење 23 Март (Mouvement du 23 Mars, M23) кон крајот на 2021-вата година, пролетва ја презеде контролата врз стратешките (рударски) подрачја на истокот на земјата – од поголемите градови Гома и Букаву до провинциите Северен и Јужен Киву. Поради борбите, стотици илјади луѓе се раселени, а илјадници се убиени. M23 ја обвинува владата на Конго дека не ги исполнила ветувањата од претходните мировни договори, вклучително и реинтеграцијата на поранешните бунтовници во националната армија и заштитата на конгоанските Тутси кои го зборуваат јазикот кињаруанда. И покрај бројните докази, претседателот на Руанда, Пол Кагаме и неговиот владејачки Руандски патриотски фронт негираат дека го поддржуваат M23. Тие тврдат дека нивната цел во источно Конго е единствено заштита на загрозеното малцинство Тутси, на кое му се закануваат Демократските сили за ослободување на Руанда (ФДЛР) – група поврзана со геноцидот врз Тутсите во Руанда во 1994-тата година, која сè уште е активна во регионот.
Претседателот на Конго, Феликс Чисекеди, тврди дека поддршката на Кагаме за движењето M23 претставува обид за реализирање на експанзионистичките амбиции на Руанда – со цел воспоставување „Голема Руанда“ или барем „тампон-зона“ за заштита на нејзините политички и економски интереси. Последната ескалација се случува по повеќе од три децении конфликти. Но, кои се нејзините основни причини? Некои коментатори укажуваат на слабоста на Конго и неспособноста на државата да ги брани своите граници, со особен фокус на неуспесите на нејзините власти во внатрешната политика. Сепак, за да разбереме зошто конгоанската држава е слаба, мора да ја согледаме пошироката слика – онаа што ни ја дава Џејсон Стернс во својот неодамнешен есеј, кога го разгледува односот помеѓу Конго и Руанда од глобална економска перспектива, при што Конго секогаш е на периферијата на случувањата, препуштен на милост и немилост на странските инвеститори и мултинационалните корпорации. Тука ќе се обидеме да ја прошириме анализата на подредената положба на Конго во рамки на глобалниот империјален поредок и да го објасниме влијанието на таа положба врз актуелниот конфликт со Руанда.
Белгија ја призна независноста на Конго во 1960-тата година под притисок на разни националноослободителни движења, но новата држава се сопнуваше под товарот на колонијалното наследство. Како колонија, Конго беше авторитарна држава со феудален однос кон селаните, ограничен пристап на локалното население до средно и високо образование, како и до јавната администрација. Белгиските колонизатори го поттикнувале формирањето етнички здруженија и партии кои на крајот и ја издејствуваа независноста на земјата. Независнио Конго брзо западна во вртлогот на Студената војна. САД ги поддржуваа тврдите десничарски воени фракции во земјата, настојувајќи да ги спречат левиот суверенизам и неврзаноста. Тоа доведе до севкупна институционална криза и до сецесија на две провинции, кога проамериканските актери, во борба за контрола над државата, го убија демократски избраниот премиер на земјата, Патрис Лумумба, во 1961-вата година.
.jpg)
Уште еден значаен дел од колонијалното наследство беше економијата на Конго насочена кон ископување минерали и извоз на земјоделски производи. Помеѓу 1920-тата и 1932-рата година, четири белгиски финансиски групи контролирале три четвртини од сите инвестиции во Конго, пред сè поврзани со рударството. Иако Конго можеше да се пофали со највисока стапка на индустријализација на подконтинентот по Јужна Африка, сопственоста врз индустријата до 1950-тите во голема мера била во рацете на колонијалното малцинство, кое претставувало само 1 процент од населението. Овој малцински слој контролирал неверојатни 95 проценти од вложениот капитал. Преку низа мерки – како експропријација на земјиште, ограничување на приватната сопственост, конфискација на производни добра, принудна работа и фиксирани цени – систематски се поткопувале животните шанси на локалното население.
Една од последиците на овој пристап е и акутната аграрна криза. Колонијалната политика насочена кон зголемување на земјоделските вишоци преку принудна култивација, со обезбедување постојана понуда на евтина работна сила за рудниците и плантажите, доведе до стагнација на руралната економија. Руралните области произведуваа храна за меѓународниот пазар под експлоататорски услови. Развојот на селото беше попречен, што го поттикнуваше иселувањето на луѓето во градовите. Конго не успеа да се осамостои од Западот. Формалната независност на земјата не ја смени нејзината положба во глобалниот предаторски систем.
Кога Мобуту со помош на Белгија и САД ја презеде власта во 1965-тата година, ја централизираше земјата и започна репресија врз политичките противници. Преименувана во Заир, земјата беше подложена на краткорочна државна иницијатива за индустријализација, поддржана од поволната економска коњуктура. Меѓутоа, политиката на Мобуту не успеа да ги реши структурните проблеми наследени од колонијалниот период. До средината на седумдесеттите, тие проблеми беа дополнително влошени од лошото управување, падот на цените на бакарот, нафтениот шок и растечкиот надворешен долг. Со малку преостанати опции, владата тргна по патот на структурното прилагодување, откажувајќи се од соништата за независност и продлабочувајќи ја зависноста на Заир од глобалниот капитализам.
Под надзор на ММФ и Светската банка, Заир во наредните години беше подложен на програми за штедење и намалување на бројот на вработени, што предизвика хаос во јавниот сектор. Под паролата „пазарна ефикасност“, беа десеткувани здравствените и образовните услуги, кои беа приватизирани и принудени да се самофинансираат. Со повеќе од десет рунди заеми и преговори за долгови до крајот на осумдесеттите, Заир финансиски едвај се одржуваше на површината, но политичките последици беа катастрофални – затоа што САД и другите кредитори, во соработка со ненаситната домашна елита, имаа само една цел: репродукција на своето рентиерско богатство. Таа динамика му овозможи на Мобуту да се претстави како гарант на локалната и регионалната стабилност, како лидер кој ги разбира меѓународните финансии. Успеа да си обезбеди политички опстанок задоволувајќи ги своите меѓународни покровители.
.jpg)
Крајот на Студената војна го поткопа ова несигурно решение, бидејќи заирскиот режим ја изгуби својата дотогашна геополитичка вредност за САД. Соочен со силна домашна опозиција, Мобуту во 1990-тата година формално го укина еднопартискиот систем, но успеа да остане на власт поголемиот дел од следната деценија, по страшна цена за земјата. Производството на бакар нагло опадна по колапсот на рудникот Камото во 1990-тата година, како резултат на години недоволни вложувања во одржување, како и поради социјалните немири во провинцијата Катанга. Донаторите ја укинаа развојната помош. Остатоците од административниот апарат беа уништени од хиперинфлацијата и масовните нереди. Државните институции беа испразнети, а државните службеници турнати во економија на преживување. До 1996-тата година, кога избувна Првата конгоанска војна, Заир веќе беше на раб на распад.
По геноцидот во Руанда и масовниот прилив бегалци, долгогодишниот дисидент Лоран Дезире Кабила застана на чело на бунтот со поддршка од различни регионални актери, пред сè од Руанда. Во востанието што следуваше, Мобуту беше соборен од власт, а Заир укинат. Сепак, наклонетоста на Руанда брзо заврши. Се покажа дека Кабила е помалку флексибилен отколку што се претпоставуваше, па ги протера силите на својот некогашен регионален покровител, што ги сврте Руанда и Уганда против него. Овие држави потоа ги поддржаа новите бунтовнички групи кои се обидоа да го урнат режимот на Кабила, заземајќи притоа огромни делови од територијата на Конго. Кабила имаше поддршка од неколку регионални држави, меѓу кои Ангола и Зимбабве, што му помогна во борбата против бунтовниците. Сепак, за време на конфликтот тој сè повеќе тонеше во изолација, за на крај да биде убиен во 2001-вата година, во околности кои сè уште не се разјаснети. Овој период на насилство, познат како Втора конгоанска војна, траеше од 1998-мата до 2003-тата година, а го поттикнуваа и бунтовнички групи и држави од регионот, привлечени од можната добивка од богатото минерално богатство на Конго: злато, дијаманти и колтан.
Синот на Лоран Кабила, Џозеф, ја презеде претседателската функција по смртта на својот татко и започна со нормализација на односите со потенцијалните регионални сојузници, како и со процесите за склучување мировни договори со бунтовничките сили. Под притисок на Западот, Конго тргна по патот што се опишуваше како „тристрана транзиција“ – кон мир, демократија и економска либерализација. Последната точка од оваа агенда се засноваше на наративот кој за економскиот колапс во 1990-тите ја обвинуваше слабата управа на државата Конго. ММФ и неговите сојузници тврдеа дека, за да се избегне реприза на тоа сценарио и за рударскиот сектор да може да напредува, сопственоста врз минералните ресурси на земјата мора да премине во приватни раце. Бидејќи колонијализмот и економската зависност ја задушија изградбата на кoнгоанска капиталистичка класа, не постоеше домашна елита што би ја презела контролата над тој сектор – па тој премина во рацете на транснационални рударски корпорации.
.jpg)
Иако на истокот од земјата мирот не беше целосно воспоставен, војната беше ставена под контрола, додека актерите од вооружените групи беа вклучени во привремената влада што управуваше со земјата од 2003-тата до 2006-тата година, на чело со Кабила. Главни меѓу нив беа Конгоанското собрание за демократија (RCD-Goma), под водство на Азаријас Руберва, и Движењето за ослободување на Конго (MLC) на Жан-Пјер Бемба. И двајцата беа именувани за потпретседатели на владата. Во тој период беа забележани неколку привремени победи: хиперинфлацијата беше потисната, повторно започна економски раст и се продолжи со инвестиции во социјалните сектори, а голем дел од долговите на Конго беа отпишани во 2010-тата година.
Сепак, многу суштински противречности останаа. Економското закрепнување на Конго се темелеше на моделот на раст од ерата на Мобуту: интеграција во светскиот систем во улога на извозник на минерали, но без сериозна програма за земјоделска реформа или кохерентна стратегија за диверзификација на економијата. Бидејќи рударскиот сектор сега беше во рацете на странски корпорации, од земјата беа извлечени милијарди долари, што ја лиши државата од витални средства. Западните финансиски институции помогнаа голем дел од тој капитал да заврши во офшор даночни рајови.
Додека богатството се одлеваше од Конго, внатрешната политика се заоструваше. Корупцијата растеше – од сомнителни договори за рударски концесии, преку економски клиентелизам до поткуп на политички сојузници – а сето тоа го толерираа меѓународните актери што ја надгледуваа наводната транзиција на Конго, вклучително и ЕУ и државите-членки на Советот за безбедност на ОН. За нив, севкупната цел беше одржување пристап до економијата на земјата. Западните сили (САД, Обединетото Кралство, Белгија, Франција) ги признаа официјалните резултати од претседателските избори во Конго во 2011-тата и 2018-тата година, и покрај добро документираните неправилности и докази за изборна измама. Во првиот случај, Кабила го победи опозицискиот лидер Етиен Чисекеди, кој нудеше суверен национален проект, непријателски настроен кон странските интереси. На следните избори, поранешниот извршен директор на корпорацијата Ексон Мобил, Мартин Фајулу – кој покажа намера да ги преиспита рударските договори и односите со странските инвеститори – беше поразен од синот на Чисекеди, Феликс. Многу граѓани на Конго тогаш сфатија дека системот е наместен против суштинските интереси на Конго.
.jpg)
Надежите за вистински демократско и суверео Конго сега изгледаат како далечно сеќавање. Логиката на конгоанската политика останува: победникот зема сè. Државата е изградена врз систем на ограбување што е можно поголем плен, додека економијата во голема мера зависи од приходите од рударството, без домашна капиталистичка класа доволно силна за да ја оспори нејзината ориентација кон странство. Чисекеди користи многу од алатките на Кабила за да го одржи мрачното статус кво – од управување со политички коалиции до злоупотреба на државните институции и сомнително финансирање политички кампањи. Бидејќи е претпазлив кон она што го смета за постојано влијание на Кабила врз неговите команданти и генерали, Чисекеди ја заобиколи редовната армија и склучи сојуз со парадржавни вооружени групи и странски платеници – сојуз што се покажа како немоќен да обезбеди безбедност и стабилност во земјата.
Денес, додека војната на истокот ѝ се заканува на стабилноста на процесот на експлоатација на бакар и кобалт во регионот Катанга – рударското срце на земјата – расте загриженоста во империјалните и корпоративните кругови. Кина, чии компании поседуваат мнозинство од индустриските рудници за бакар и кобалт во Конго, обично ја задржува политиката на немешање, но неодамна ја повика Руанда да ја прекине поддршката за М23 и го поддржа усвојувањето на резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се осудува вмешаноста на Руанда во конфликтот.
Демократска Република Конго – родена под белгиска колонијална власт, повторно осмислена на фронтот на Студената војна, а денес обликувана според интересите на глобалните финансиски текови – опстојува без вистински суверенитет. Меѓународните донатори ја режираа транзицијата на земјата по конгоанските војни и нејзиното повторно вклучување во светската економија под услови кои не се суштински различни од оние што ѝ беа наметнати на почетокот. Таа останува извозничка на евтини минерали за капиталистички развој на некое друго место. Иако многу аналитичари ја посочуваат слабоста на конгоанската држава како главен фактор што придонесува за сегашниот конфликт, тие често не ја контекстуализираат таа слабост во пошироката рамка на долгата историја на империјални интервенции и попречувања. Наместо тоа, експлицитно или имплицитно, ја префрлаат вината исклучиво врз Конго. За да се развие подлабоко разбирање на трагедијата што се одвива, од суштинско значење е да се признае долготрајната улога на империјализмот во создавањето толку слаба конгоанска држава. Без суверен национален проект за обединување на Конго преку некаква комбинација на борба одоздола и водство одозгора, тешко е да се замисли подобра иднина за оваа земја.
.jpg)
Фотографии: Hugh Kinsella Cunningham
Извор: https://newleftreview.org/