1035 hPa
85 %
-8 °C
Скопје - Вто, 20.01.2026 02:59

„Италијанскиот ракопис“, Лепа Гештаковска Христовска, „Сакам книги“
Кејп Меј се наоѓа на полуостров во американската држава Њу Џерси. Познат е како најстариот приморски ресорт и по викторијанските градби. Всушност, тој е вториот град по Сан Франциско со најголема колекција на викторијански куќи. Изобилува со високо рангирани плажи, прекрасни ресторани, продавници и е број еден светска дестинација за набљудување на птици. Се сеќавам кога прв пат дедо ми ме однесе во паркот Поинт Стејт. Ги следевме насоките за да се движиме низ паркот, а потоа и во шумичката. Имаше премногу туристи кои беа дојдени за да ги набљудуваат птиците. Дедо ми ми кажа дека во Кејп Меј има повеќе од четиристотини различни видови на птици. Цел ден го поминавме паркот и на крај едвај ме убеди дека мора да си заминеме дома. Подоцна знаев и сама да одам и да се шетам по цел ден.
Лоцирано на најјужната точка во Њу Џерси, пристаништето на Кејп Меј е најпрометното пристаниште на источниот брег. Туризмот е доминантен во градот. Економијата е фокусирана на продавници, ресторани и туристички атракции. Во градот има и културни и уметнички музеи, а исто така познат е и како дом на таканаречените „Кејп Меј Дијаманти“ – чисти кварцни камчиња од реката Далавер.
Едно од моите омилени места за посета, кога сакав да бидам сама, беше светилникот на плажата.Само еднаш сум се искачила до горе од каде што има прекрасен поглед на заливот Далавер и Атлантскиот Океан. Често одев пеш до плажата каде што се наоѓа светилникот. Дедо ми знаеше каде да ме најде кога долго време ме немаше дома – или бев кај светилникот (доколку сакав никој да не ме вознемирува) или бев во „Ротациониот парк“. Кај светилникот одев кога бев тажна, а во паркот кога сакав да се релаксирам. Кога дозволуваа временските услови, таму си ја пишував домашната или читав книга. Станував порано наутро за да стигнам во паркот уште додека нема никој. Омилено место за седење ми беше клупата покрај фонтаната. Таму можев да седам со часови, додека не дојде дедо ми да ми каже дека е време за ручек или за вечера. Често ги гледав мајките како во колички ги шетаат нивните бебиња. Се прашував дали и мојата мајка некогаш ме возела во количка низ парк. Претпоставував дека одговорот на тоа прашање е негативен. Им завидував на децата кои дошле во паркот со нивните татковци за да научат да возат велосипед. Долго ги гледав како се обидуваат да држат рамнотежа, како паѓаат, плачат, а нивните татковци се тука за да ги бакнат, погалат по главата и скоро секогаш да им купат сладолед за да ја „ублажат“ болката и да ги убедат децата повторно да се качат на велосипедите. Ниту сум имала велосипед, ниту сум имала нормален татко кој би ме научил да возам.
Центарот на градот е оддалечен неколку минути од плажите. Најпрометна улица е „Вашингтон“. Само што зачекорувате на улицата, ве пречекуваат најзелените дрвја и најубавите цвеќиња. Послана е со црвени тули кои се идеален контраст со боите на растенијата. Од двете страни на улицата мирно стојат викторијанските куќи изградени пред стотици години кои се прекрасно сочувани. За нив времето како да застанало. Доколку седнете на некоја клупа и ја набљудувате околината околу вас, би се затекнале во една интересна слика – од една страна се куќите кои потсетуваат на едно друго време и гледајќи ги нив очекувате да видите луѓе облечени според викторијанската мода како се возат во кочии; а од друга страна околу вас гледате современи продавници, ресторани и кафулиња, автомобили и луѓе облечени во шорцеви и маици со кратки ракави.
После поштата од десната страна на улицата се наоѓа зградата на Општината. Во 1917 година тоа било средното училиште во Кејп Меј, но во 1961 година било пренаменето во седиште на градската власт. Првата општинска зграда се наоѓа на аголот помеѓу улиците „Франклин“ и „Вашингтон“ каде што е денешниот Историски музеј на пожарникарите.
***
„Тајната на монахот“, Далибор Трајков, „Сакам книги“
2012 година
Не ѝ преостануваше ништо друго, освен тивко да се прикраде и незабележано да помине покрај влезот на манастирот. Тоа всушност беше една од последните, а веројатно и најлесната задача која си ја зададе Искра. Целосниот мрак кој го беше обвил ѕвезденото небо, животинските звуци од кравите кои се пробиваа низ манастирската фарма, како и блеењето на селските овци, ѝ беа доволни за да ја охрабрат набрзина да помине пред манастирската порта. Најпрво, внимателно го разгледа осветлениот простор во дворот на манастирот. Не забележа никој. Го немаше дури ни младиот монах со кој разговараше пред само десетина минути.
Успешно се оддалечи од манастирот.
Без оглед на тоа што мракот штотуку ја беше распослал својата прекривка, во селото Лесново и неговата околина ноќта веќе беше необично глува за ова време од годината. На широкиот паркинг, доволно оддалечен од манастирот, сѐ уште ја чекаше ќелавиот шеесет годишен таксист. За разлика од Искра, тој воопшто не беше дискретен. Стоеше пред автомобилот, лежерно потпрен на хаубата и пушеше цигара. Искра побара од него да ја почека и го замоли да не ја следи. Му кажа дека нема да се задржи повеќе од половина час и си стоеше на зборот. Дури се врати и побрзо од максималниот временски период кој си го одреди.
Пред да влезе во жолтата опел корса уште еднаш погледна наназад. Сакаше да се увери дека никој не ја следи.
Таксистот веќе си го имаше облечено тенкото пролетно палто. Обично, ноќите во селото Лесново беа значително посвежи отколку во Пробиштип. Така беше и овој пат. Вечерната тишина ја нарушуваше ледниот ветрец кој струеше низ воздухот, донесувајќи притоа освежување од топлината на денот. Но никаква свежина не можеше да го излади телото на Искра. Иако на себе носеше само кратки фармерки и тенка летна маица, леплива пот ѝ го облеваше целото тело.
„Јас завршив. Може да тргнеме!“ рече набрзина додека се сместуваше на задното седиште.
Таксистот, без воопшто да ја погледне, ја фрли недопушената цигара и веднаш влезе во автомобилот.
Искра не можеше да го поднесе затворениот простор, имаше чувство како да се гуши. Го отвори прозорецот од својата десна страна, не водејќи сметка дали тоа му пречи на таксистот со кој првпат се возеше. Всушност, и намерно го одбра него за да ја превезе дотука. Беше повозрасен од другите двајца кои стоеја до своите такси возила на постојката и искрено се надеваше дека не ја познава. А ако постоеше и најмала можност да ја препознае поради силувањето, очекуваше, пред сѐ поради неговата возраст, дека ќе се однесува професионално и нема да ѝ поставува љубопитни прашања. Едноставно не сакаше никој да се посомнева во неа и со тоа да ја одврати од својата мрачна намера.
Свежиот воздух кој влегуваше преку прозорецот ѝ го ладеше само лицето. Телото сѐ уште ѝ гореше. Се чувствуваше беспомошно. Ништо не можеше да ѝ го смири немирот и да ја намали болката што ја раскинуваше. Целосно беше исчезната и последната нишка надеж дека ќе може да се рехабилитира после пеколот во кој се најде по прославата на матурската вечер. Затоа, денес донесе одлука и не смееше да дозволи некој да ја предомисли. Веќе никој и ништо не можеше да допре до неа, затоа што никој друг не беше жртва како неа.
Нозете ѝ беа згрчени, исто како и пред точно еден месец, утрото кога беше пронајдена по силувањето. Оттогаш нејзината душевна болка постојано растеше.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.