1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Саб, 17.01.2026 00:59

Uncensored Library, своевидна дигитална библиотека во рамки на Minecraft, е проект на Репортери без граници во соработка со креативниот колектив BlockWorks. Minecraft, иако не е првата политизирана игра, е првата што во толкава мера му дава целосна слобода на играчот да го обликува зададеното опкружување според сопствено убедување и затоа служи како совршена платформа за виртуелен активизам и политичко дејствување. Земјите со авторитарни практики (сѐ уште) не го препознаваат Minecraft како вид медиум и политичка алатка, па така играта и понатаму е достапна за голем број луѓе. Дополнително, поволна е за ваков тип еманципаторска активност бидејќи, покрај можноста за мрежно поврзување на сервер, мапата може да се покрене и локално, без пристап до интернет.
Џејмс Дилејни, одговорен за дизајнот и концептот на проектот, ја опишува библиотеката како класична и формална по стил, со архитектура слична на Њујоршката јавна библиотека. Концептот е замислен така што играчот чекори низ ходниците на објектот, посетувајќи простории од кои секоја е посветена на одредена држава чии граѓани немаат слободен пристап до информации. Во првото издание на оваа мапа/сервер, во март 2020-тата година, играчот можеше да чита содржини од Русија (ажурирана во 2023-тата), Виетнам, Египет, Мексико и Саудиска Арабија. Бразил, Белорусија и Еритреја беа додадени во 2021-вата година, а Иран во 2023-тата.
.jpg)
Секоја просторија посветена на одредена држава е внимателно осмислена и декорирана со симболичен споменик. Просторијата каде што играчот дознава за цензурата и репресијата врз дисидентите во Виетнам нуди искуство на минување низ лавиринт на вистината до информациите; Мексико раскажува приказна за корупцијата и играчот се соочува со надгробни споменици на дванаесет убиени новинари; Саудиска Арабија прикажува книги заробени во огромна црна кафезна конструкција и дел посветен на убиениот новинар Џамал Кашоги; Египет пред играчот поставува огромна вага што го прикажува дисбалансот и овозможува читање текстови од независниот портал Mada Masr, кој е блокиран во земјата; Русија содржи текстови за војната во Чеченија, нападите врз новинари и корупцијата, а во центарот на просторијата се наоѓа кракен опкружен со бинарни податоци чии пипала излегуваат од водата.
Освен просториите во кои играчот чита неконтролирани, нецензурирани текстови, во централниот дел на библиотеката се наоѓа импресивно дизајнирана просторија што овозможува увид во индексот на медиумска слобода на RSF (Reporters Without Borders), кој Босна и Херцеговина ја рангира на 86-то место во 2025-тата година, што значи дека спаѓа во категоријата каде што состојбата со медиумските слободи се опишува како проблематична. Во иста категорија се наоѓа и Хрватска, додека Србија е ставена во категоријата каде што ситуацијата е означена како тешка за слободата на медиумите, а Црна Гора во категоријата задоволителни.
.jpg)
Се работи за олицетворение на игрификацијата (англ. gamification) на отпорот и важно е да не се гледа редукционистички, само низ призмата на техничката иновативност и прилагодување на околностите, туку да се согледаат сите потенцијали што ги носи и начинот на кој тие можат да се искористат. Авторитарните центри на моќта ја користат цензурата како активна политичка функција, а молчењето од другата страна претставува услуга. Инсистирањето на политичките димензии на она што на прв поглед не изгледа политичко е посакувана акција во ерата на глобалната хипокризија. Големите технолошки корпорации на Западот (Google, Meta и други) во голема мера играат по диктатот на профитот, па така не се сите содржини достапни во сите држави — со други зборови, ги задоволуваат барањата што ги поставуваат авторитарните држави. Јасно е дека не станува збор за спорадични грешки, туку за стратешка продажба на молк. Minecraft, чија основна цел е забава, почнува да се користи како средство за политички отпор, образование и активизам, и станува нов вид дигитален азил за информации. Тоа упатува на мислата дека институциите веќе немаат примат во обезбедувањето на слободата, значајна улога преземаат приватните иницијативи и технолошките можности.
.jpg)
Поминаа пет години од првото јавно објавување на мапата/серверот, и се поставува прашањето за функционалниот успех на проектот во заедниците на кои навистина им е потребен. Дали се работи само за слободарски истрел во празно? Ваквата опција имплицира дека мапата/серверот е нешто монументално, создадено од Западот за Западот, за да се восхитуваат оние на кои не им е потребна, за кои пораките што се испраќаат не се од суштинско секојдневно значење. Сепак, важно е што е поместена границата на можноста, па ваквите, неконвенционални акции на отпор би можеле да станат почести.
Се поставува и прашањето зошто во дискурсот на овој проект не се вклучени информации за геноцидот во Газа — дали навистина станува збор за универзален дигитален отпор, ако се прескокнува вакво жариште на неправда? Израелската војска и власта ги ограничуваат човековите слободи, новинарите работат во исклучително тешки и опасни услови, а темата за геноцидот е минимизирана во дел од медиумите — сето тоа создава чувство на селективна политичка неутралност, имајќи го предвид недостатокот на информации за состојбата во Палестина на овој сервер/мапа.
Извор: https://tacno.net/