1002 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 04:02

Пластиката претставува „сериозна, растечка и потценета закана“ за здравјето на луѓето и планетата, се наведува во новиот извештај на група експерти. Светот, како што се истакнува, се наоѓа во средиштето на пластична криза што предизвикува болести и смрт од најрана возраст до старост, со годишна штета од најмалку 1,5 билиони долари поврзана со влијанието врз здравјето.
Главната причина за кризата е експлозивниот пораст на производството на пластика, кое од 1950-тата година е зголемено повеќе од 200 пати, а се очекува до 2060-тата година да се зголеми речиси за трипати – на над една милијарда тони годишно. Иако пластиката има многу корисни намени, најбрзо расте производството на пластика за еднократна употреба, како што се шишињата за пијалаци и амбалажата за брза храна.
Како резултат на тоа, загадувањето со пластика експлодираше – дури осум милијарди тони пластика моментално ја загадуваат планетата, од врвот на Монт Еверест до најдлабоките океански ровови. Помалку од 10 проценти од пластиката се рециклира.
.jpg)
Според извештајот, пластиката го загрозува здравјето на луѓето и планетата во секоја фаза од својот животен циклус – од ископувањето фосилни горива, преку производството и употребата, до нејзиното отстранување. Тој процес предизвикува загадување на воздухот, изложеност на токсични хемикалии и влегување на микропластика во човечкото тело. Дури и пластичниот отпад придонесува за ширење на комарци што пренесуваат болести, бидејќи водата заробена во фрлената пластика создава идеални места за нивно размножување.
Извештајот е објавен во водечкиот медицински журнал The Lancet, непосредно пред шестиот и веројатно последен круг преговори за глобален, правно обврзувачки договор за пластика. Овие преговори се одбележани со длабок конфликт меѓу повеќе од 100 земји што поддржуваат ограничување на производството на пластика и петро-државите како Саудиска Арабија, кои се спротивставуваат на сето тоа. The Guardian неодамна откри дека овие земји, заедно со пластичната индустрија, ги попречуваат преговорите.
„Имаме доволно сознанија за размерите и сериозноста на влијанието од загадувањето со пластика врз здравјето и животната средина“, изјави професорот Филип Ландриган, педијатар и епидемиолог од Boston College и главен автор на извештајот. „Неопходно е договорот за пластика да содржи конкретни мерки за заштита на здравјето на луѓето и планетата.“
Тој нагласи дека најранливи групи се токму бебињата и децата, дека последиците по здравјето се огромни, а дека општеството поднесува огромен економски товар.
.jpg)
Нафтените држави и индустријата за пластика инсистираат фокусот да се стави на рециклирањето, а не на ограничување на производството. Сепак, за разлика од хартијата, стаклото или алуминиумот, пластичните материјали се хемиски комплексни и тешко се рециклираат. Извештајот јасно порачува: „Светот не може да излезе од пластичната криза само преку рециклирање.“
Повеќе од 98 проценти од пластиката се создава од фосилни горива – нафта, гас и јаглен. Процесот на производство е енергетски интензивен и придонесува за климатската криза, со годишни емисии од околу 2 милијарди тони јаглерод диоксид, што е повеќе од емисиите на Русија – четвртиот најголем загадувач во светот. Дополнително, повеќе од половина од нерегулираниот пластичен отпад се согорува на отворено, дополнително влошувајќи го загадувањето на воздухот.
Во пластиката се користат повеќе од 16.000 хемикалии, вклучувајќи бои, адитиви, забавувачи на горење и стабилизатори. Многу од нив се поврзани со штетни последици по здравјето во сите фази од животот, но сѐ уште постои голема нетранспарентност околу точниот состав на пластичните производи.
.jpg)
Анализата покажала дека фетусите, новороденчињата и малите деца се особено чувствителни – изложеноста на пластика е поврзана со поголем ризик од спонтан абортус, предвремено породување, мртвородени деца, вродени аномалии, намален развој на белите дробови, детски карцином и проблеми со плодноста во возрасната доба.
Пластичниот отпад се распаѓа на микро и нано честички кои навлегуваат во телото преку вода, храна и вдишување. Тие се пронајдени во крвта, мозокот, мајчиното млеко, плацентата, спермата и коскената срцевина. Иако долгорочните ефекти сѐ уште не се целосно истражени, тие се поврзуваат со мозочни и срцеви удари, поради што истражувачите повикуваат на претпазлив пристап.
Пластиката често се смета за евтин материјал, но научниците тврдат дека е крајно скапа кога ќе се пресметаат здравствените последици. Само три хемикалии од пластиката – PBDE, BPA и DEHP – годишно предизвикуваат здравствени штети од 1,5 билиони долари во 38 земји.
Овој извештај е прв во низата анализи што ќе го следат влијанието на пластиката. Маргарет Спринг, правничка и коавторка на извештајот, порача дека овие анализи ќе служат како независен извор на податоци за носителите на одлуки ширум светот кои работат на политики за справување со пластичното загадување.
.jpg)
Фотографии: Mandy Barker
Извор: https://www.theguardian.com/