1025 hPa
93 %
-2 °C
Скопје - Пет, 16.01.2026 00:59

Меѓународното признавање на Палестина претставува награда за Израел. Израел треба да им се заблагодари на сите тие држави, бидејќи признавањето е замена за вистинскиот потег што треба да се преземе сега – воведување санкции. Признавањето е лажна замена за санкции и казна што ѝ следува на земја која врши геноцид. Тоа е неискрен и празен гест преку кој неодлучните и слаби влади на европските земји сакаат да им покажат на своите незадоволни граѓани дека не седат со скрстени раце и дека преземаат нешто. Но, признавањето на палестинска држава која не постои и веројатно никогаш нема да биде воспоставена, всушност е срамен облик на молчење. Газа гладува, а Европа ја признава нејзината држава. Ќе го спаси ли тоа гладниот народ на Газа? Израел може да ги игнорира сите овие најави сè додека САД се на негова страна. Се зборува за бран признавања како за некакво цунами, иако е јасно дека тоа нема да ги удри бреговите на Израел – сè додека со признавањето не дојде и цена што ќе треба да се плати поради геноцидот.
Британскиот премиер Кир Стармер, веднаш по претседателот на Франција, беше меѓу првите што најавија признавање. Тој брзаше тоа да го прикаже како (условена) казна за Израел, само за да си ја исполни должноста. Но, ако Израел се однесува добро, Стармер вети дека неговото „не-не“ ќе биде повлечено. Зошто е тоа казна, господине премиер? Ако според вас признавањето на палестинската држава придонесува за решавање на конфликтот, зошто тоа би било казна? А ако е казна, во што се состои? Ова го добиваме кога заканата од постоењето на Трамп ја парализира Европа и кога е јасно дека оној што ќе воведе санкции против Израел, ќе биде казнет. Во меѓувреме, ќе мрмориме нешто. Санкциите се добро решение за руската инвазија, но не и за израелската.
Потегот на Стармер охрабри многу други земји, што во Израел се претставува како политичка катастрофа. Тоа нема да го сопре геноцидот. Тоа е невозможно без конкретни чекори од меѓународната заедница, кои стануваат сè поитни, бидејќи убивањето и гладта во Газа се интензивираат. Исто така, признавањето нема да создаде држава. Што рече десничарската активистка Даниела Вајс по претходниот бран признавања?„Кога ќе го отворам прозорецот, не гледам никаква палестинска држава.“ И нема да ја види ни во догледно време.
.jpg)
На краток рок, Израел има корист од новиот бран признавања, бидејќи тоа е замена за казната што ја заслужува. На подолг рок, можеби признавањето на имагинарна држава ќе ја зголеми потребата од некакво решение. Но, потребна е голема доза наивност и оптимизам за да се верува дека признанијата во моментов имаат некакво значење. Никогаш немало понеповолен момент за тоа. Признавањето сега е само свиркање во темнината.
Палестинците се без раководство, а Израелците имаат власт која направи сè за да го спречи воспоставувањето на нивната држава – и тоа успешно. Ако Даунгинг број 10 сака држава за Палестинците, тоа е убаво, но сè додека тоа не го посакаат Ерусалим и Јицар, и сè додека Вашингтон слепо го поддржува Израел, таа држава нема да биде воспоставена. Додека израелската радикална десница е на врвот на својата моќ, а политичкиот центар во Кнесетот гласа за анексија на Западниот Брег и против палестинска држава; додека Хамас е најсилното палестинско политичко тело, а доселениците и нивните поддржувачи се најсилната израелска сила, за каква палестинска држава зборуваме? И каде би била таа?
Признавањата се бура во чаша вода. Светот ги заташкува своите обврски, Израел продолжува да уништува, изгладнува и го спроведува планот за етничко чистење во Газа. Не можам да замислам полоши услови за реализација на соништата за палестинска држава. Каде би се воспоставила таа држава? Во тунелот што ќе се ископа помеѓу нелегалните населби Јицар и Итамар? Дали постои сила што некогаш ќе ги отстрани стотиците илјади израелски доселеници? Кој би бил тој? Дали постои политички блок што би се залагал за тоа?
Подобро е најпрво да се преземат практични казнени мерки што ќе го принудат Израел да ја прекине оваа војна, а Европа располага со такви средства. Потоа, на дневен ред треба да се постави единственото преостанато решение: демократија „од реката до морето“, еден човек – еден глас. Апартхејд или демократија – трет пат, за жал, не постои.
.jpg)
Карикатури: Tjeerd Royaards
Извор: https://www.haaretz.co.il/