1003 hPa
65 %
5 °C
Скопје - Вто, 17.02.2026 23:59

„Приказни од ѕунливото море“, Билјана С. Црвенковска, Чудна шума
Шлап-тап, шлап-тап, шлап-тап, правеа брановите додека удираа во малиот бродосплав (реши да го вика така). Морето имаше тиркизносина боја, а секаде околу него од водата скокаа бели делфини и го поздравуваа со тивки извици. Некои од нив се смееја, весели што го гледаат. Галебот Герман надлетуваше над бродосплавот и предупредуваше:
- Полека, полека! Полека со кормилото. И не туку зјапај, симни го едрото, зар не гледаш колку дува! Ееееј, облаци, темни облаци на хоризонтот. Алене, се спрема бура, треба да свртиме, да одиме во друг правец, накај архипелагот, слушаш ли?
- Каде смe? - праша збунето Ален. Сѐ уште не се снаоѓаше добро во овие ненадејни авантури.
- Сред среде Тиркизното Море, како каде? Онде десно е Бисерниот Архипелаг и најдобро ќе биде конечно да ме послушаш и да го насочиш бротчево натаму, оти лошо ни се пишува. Ќе нѐ здогледа и ќе нѐ збрка, бурана морска. Слушаш ли?
- А... а каде е Ѕунливото Море? И што се случи со оној страшен вртеж? – Ален ги избрбори набрзина овие прашања.
- Ти што мислиш, дека секој ден ќе одиш во Ѕунливото Море? Првиот пат беше случајност. Почетничка среќа. Којзнае кога пак ќе стигнеш таму. Ај сега, врти кормилото, не дреми, момчеее, не спиј!
Ален беше разочаран . Тој гореше од желба да се врати во Ѕунливото Море. Не дека Тиркизново не беше убаво, но имаше нешто волшебно во ѕунењето на виолетовите бранови. Нешто што го влечеше како магнет и не му даваше мир.
Герман како да му ги читаше мислите.
-Не грижи се, ќе се вратиш, кај и да е. Ќе се вратиме, двајцата – тивко му гракна, а потоа здогледа нешто во далечината, се возбуди и се разграка. – Ајде Алене, побрзај, оти ене ја... види, тоа е... аиии, не е која било од нив, туку кралицана, од глава до пети сосе сите светски молњи и громови. Да му се школкоса! Оф, да ме јадат морски ајкули, кај испаднав ваков несреќник! Алооо, таа јури навака, а ти зјаеш! Врти кормилото!
Ален погледна во далечините, во правецот што му го посочи Герман. И имаше што да види...
Косата ѝ беше направена од густи облаци, обоена во сите нијанси на сива, од наjсветла до најтемна. Очите ѝ беа две златести молњи. Фустанот, пак, ѝ беше направен од огромни , пенливи бранови. Додека јуреше како фурија меѓу морето и небото, рикаше и виеше, грмеше и фучеше, се закануваше и ликуваше. Беше прекрасна и застрашувачка, величествена и смртоносна. Кралицата на морските бури не оставаше никого рамнодушен.
Ален подзинато се џареше во неа, како опчинет, за гласот на Герман да го врати во реалноста:
-Тргни напред, оти лошо ни се пишува! Таа не е обична бура,туку бура над бурите. Слушаш лиии!?
По оној вител, немаше намера да поминува низ уште една бура - а уште помалку Кралицата на бурите!
Ален брзо го заврти кормилото и поита накај Бисерниот Архипелаг.
Герман се вивна угоре да извиди, а Ален накратко се заврти да погледне зад себе. Кралицата на бурите ги следеше во чекор, но растојанието меѓу нив сега беше исто како и претходно. Ален цврсто го држеше кормилото , а бродосплавот леташе преку брановите.
Нејзините раце се подаваа кон малиот бродосплав, а молњите светкаа сѐ почесто и почесто. Нејзиниот страшен лелек грмеше преку морската шир. Брановите околу неа се креваа толку високо, што можеа да го поклопат бродот дур речеш „школка“.
Ален го затегна едрото, го сврти кормилото, зеде здив и во себе си рече „школка“. Кралицата на бурите од нив ја делеше само една морска милја (а тоа беа точно 1.852 метри), но тоа за една морска бура (особено бура-кралица) беше навистина смешно растојание. Сепак, Ален сѐ уште успеваше да ѝ бега.
„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2024 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.