Трамп ја надигра Европа

06.08.2025 14:28
Трамп ја надигра Европа

На Виктор Орбан, пријателот на американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, може многу да му се замери. Но унгарскиот премиер не погреши кога истакна дека бевме сведоци како Трамп „ја изеде (претседателката на ЕК) Урсула фон дер Лајен за појадок“. Впрочем, нацртот на трговскиот договор што Европската Унија сега го склучи со Соединетите Држави предвидува царина од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз во САД, додека царината на американскиот извоз во Европа е 0%. Јасно е дека Трамп го доби мечот, 15 спрема нула.

Оваа очигледна асиметрија е далеку од она што Европа го бараше, а тоа се речиси нулти царини од двете страни. За да биде работата уште полоша, рамката исто така предвидува принудно купување американска енергија во вредност од 750 милијарди долари, 600 милијарди долари европски инвестиции во САД, како и дополнителни нарачки на американска воена опрема.

Се разбира, Европската Унија може да тврди дека 15% е значително помалку од царината од 30% што Трамп првично ја бараше. Освен тоа, обврските во врска со енергијата и инвестициите сè уште се само недефинирани ветувања, бидејќи ниту Европската комисија ниту земјите членки на ЕУ не можат да им наредат на европските компании што да купуваат или каде да инвестираат. Европејците исто така можат да најдат утеха во фактот дека нацрт-рамката сè уште не е потпишан договор. Многу детали допрва треба да се утврдат, но Трамп тие нема многу да го интересираат.

Сепак, од негова гледна точка, овој исход е извонреден. Европа никако не може да тврди дека „победила“. Во најдобар случај, успеала да ја ограничи штетата. Фон дер Лајен во Шкотска дојде слаба и загрижена; си замина уште послаба, но барем растоварена.

Европската Унија можеше да постапи поинаку, бидејќи не е никакво ниту економско ниту политичко џуџе. Таа е една од водечките трговски сили во светот, како и главен американски трговски партнер и снабдувач. Околу 20% од американскиот увоз доаѓа од Европа, што е приближно еднакво на уделот на увозот од Кина. Покрај тоа, овие трговски текови ги опфаќаат сите области на американската економска активност. Спротивно на она што некои од потсмевливите следбеници на Трамп можеби мислат, увозот од Европа не се сведува само на луксузна стока и вино. Американското индустриско производство, на пример, е многу позависно од европскиот индустриски сектор отколку што е случајот во обратна насока.

Европа имаше многу карти на располагање, а можеше дополнително да ја зајакне својата позиција со координација со уште две земји од Г7 кои се соочуваат со американски притисоци: Јапонија и Канада. И тоа не беа сите опции за ЕУ. Уште еден силен адут е Инструментот против принуда (АЦИ механизам), кој е осмислен за ситуации во кои „трета земја настојува да изврши притисок врз Европската Унија или врз некоја од нејзините членки со цел да преземе одредени мерки кои би влијаеле на трговијата и инвестициите“. Токму тоа сега се случува.

Но од самиот почеток, Фон дер Лајен ги игнорираше советите на експертите од Комисијата и одби да се повика на АЦИ дури и како средство за одвраќање. Да го стореше тоа, САД не би ја сфатиле лесно таа закана, имајќи предвид дека се веќе заплеткани во скапа трговска војна со Кина. За разлика од Европа, Кина на секоја американска ескалација одговараше со контрапотег, што доведе до ситуација која самиот министер за финансии на Трамп ја опиша како „неодржлива“. Под притисок на пазарот, Трамп веќе се откажа од својата поранешна позиција, што Фон дер Лајен добро го знае.

Но, Европа никогаш не ни се обиде да постигне рамнотежа на силите во однос на Трамп. Да покажеше подготвеност да ризикува понатамошна ескалација во моментот кога Кина го правеше истото, Трамп би се нашол во многу послаба позиција. Наместо да се однесува како Кина, Европа се однесуваше како Јапонија, уште еден голем трговски партнер кој зависи од Америка кога станува збор за безбедноста.

Договорот до кој се дојде е катастрофа, бидејќи потврдува дека ЕУ во крајна линија ја движи стравот од губење на американската заштита во денешниот опасен геополитички контекст. Имплицитната порака е дека секој облик на продолжување на трансатлантското усогласување, колку и да е понижувачки, е попожелен од неизвесната независност.

Од оваа перспектива, би било длабоко неправедно овој исход да се припише исклучиво на одлуките што ги донесе Фон дер Лајен. Таа сама е ограничена со две црвени линии: одбраната на германските интереси по секоја цена и избегнување на раскин со САД. А кога сте подготвени нешто да постигнете „по секоја цена“, нема таков степен на понижување на кој нема да се согласите.

Во меѓувреме, се чини дека повеќето други европски лидери се целосно затечени од моменталната состојба на работите. Сложеноста на денешниот свет очигледно им е премногу, па се покоруваат на сè што се бара од нив. Заборавиле на предупредувањето на Бенџамин Френклин дека „народ подготвен да жртвува малку слобода заради малку безбедност не го заслужува ни едното ни другото – и на крајот губи обете.“

Карикатури: Tjeerd Royaards

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото